Вечно богатство – Расказ

Сиропиталиштето за него беше местото кадешто помина дванаесет години од неговиот живот. Тоа беше место на безброј радости, но и горки солзи и неискажливи соништа за подобар живот. Неговото име беше Кристијан. Се верува дека уште додека бил мало и беспомошно новороденче, мајчината прегратка ја заменил со онаа на негувателките од сиропиталиштето познато под името “Мајско цвеќе.” Препознатлив по својот динамичен темперамент и палаво однесување, но и по својата длабока ранливост – Кристијан беше миленик во очите на негувателките и воспитувачите во оваа установа. Но, ваквото мислење не го делеше и управникот по име Светозар, човек кој беше познат по неговата строгост.

Беше 5-ти јануари. Во сиропиталиштето беа во тек подготовките за претстојната Бадникова вечер, која традиционално се одбележуваше со скромна приредба и заедничка вечера на децата и дежурните вработени. После неколку безуспешни обиди правилно да го каже драмскиот текст на редовната проба, Кристијан се налути и ја напушти сцената трчајќи низ ходникот. Како што сè повеќе се доближуваше до излезната врата, позади него одекнуваа зборовите на управникот: “Неблагодарнику, внимавај да не те стигнам!“ Кристијан силно се втурна низ вратата и трчаше сè побрзо, како да сакаше засекогаш да побегне од тоа место.

Доаѓањето на Божикните празници, за многу од децата во сиропиталиштето беше причина за среќа. Но не и за Кристијан. За него овој период беше причина сè повеќе да размислува за семејството кое тој, како и мнозина, никогаш не беше го запознал. Со солзи во небесно сините очи, се прашуваше зошто неговата судбина била токму таква и чувствуваше длабока тага, но и гневење. Како што неговите чекори стануваа побавни, зјапајќи зачудено во украсните светилки кои го исполнуваа плоштадот по кој врвеше, пристигна до влезот на една малечка книжарница. Таму го пречека срдечната насмевка на дедото, кој грижливо преместуваше дел од книгите од една полица на друга. Тоа беше дедо Никола. Кристијан го познаваше овој човек подолго време и навраќаше во неговата книжарница секогаш кога имаше потреба од добар совет и пријатно друштво. Откако ја забележа детската вознемиреност, дедо Никола го поведе со себе во неговиот скромен стан и го покани на топла вечера. Таа се состоеше од вкусно лепче, бел грав и нешто што дедо Никола го викаше “свири пиле” (суви пиперки потпечени на топлото шпоре и изронети во масло и оцет). Но, не вечераа сами. Дедо Никола накратко излезе и се врати во друштво на десетгодишниот Јован и неговата слепа бабичка со која заедно живееа во станот отспроти оној во кој живееше дедо Никола.

– Ние често заедно вечераме. Дедо Никола споделува со нас сè што има, а највеќе неговата грижа и љубов – рече малечкиот Јован во разговор со Кристијан.

Таа вечер пред Бадник, Кристијан имаше свое семејство – макар и привремено. Оттогаш, поминаа повеќе години и дедо Никола го немаше, а Кристијан веќе беше возрасен млад човек. Во неговото срце засекогаш остана да гори пламенот на таа посебна зимска ноќ од која научи дека: Само она што го даваме, останува вечно наше. Таа ноќ, дедо Никола трајно ги избриша солзите на едно дете.

 

Автор: Влатко Стојковски