Погребот на Старец Пантелејмон во манастирот „Свето Преображение“, Бостон, САД

Во четвртокот, на 29 декември 2016 година, се одржаа опелото и погребот на Старец Пантелејмон (Метропулос) во манастирот посветен на Светото Преображение, во Бостон, САД. Опелото го отслужија девет епископи и тринаесет свештенослужители, во присуство на монасите од манастирот, сестрите од манастирите што се под негово духовно раководство, како и повеќе од 350 верници од сите краишта. Согласно желбата на Старец Пантелејмон, опелото беше отслужено како за обичен монах, а не како за свештеномонах. Додека верните, облеани во солзи, чекаа во редот за последен целив, сестрите од манастирите ги пееја Воскресните стихири, кои всушност беа и најприкладни. И покрај многуте солзи пролеани на погребот, духот на мирот и радоста преовладуваа од самиот почеток, па сѐ до крајот.

Нека му е вечен споменот, успокоение во Севишниот!

boston311220161 boston311220162

 

„Мое возљубено чедо Пантелејмон, те благословувам и ти посакувам сѐ добро…

Бог, дете мое, го создал човекот од земја. Он ги создал сите созданија како градина: ги создал ѕвездите, ги украсил и ги утврдил, месечината да управува со ѕвездите во ноќта, како светило со поголеми и помали светилки да ги украси небесата; земјата со изобилие од големи и мали дрвја, животните и влекачите, птиците што летаат на небесата, домашните животни за потребата на човекот; морињата со сите свои видови риби, за човекот да ги јаде и да им се восхитува.

А, пред сѐ, Он го создал големото светило да управува со денот, да грее и да утешува сѐ со својата топлина, и сѐ да направи светлозрачно и прекрасно со својата светлина.

Човекот го создал на крајот, како цар на сѐ – како гледач поканет во театар. О, чудо! Каква чест за човекот! Сѐ што дише нека Го слави Создателот. Еден со својот глас, друг со движењето на своето лисје, сѐ има свој глас…

Како бил создаден човекот? Он зел земја, најскромното градиво, зашто не постои ништо поскромно од земјата. Он направил мало живеалиште, и со Својот здив ја создал душата на човекот, како што вели Светото Писмо.

Значи, во четири калливи ѕидови Бог го вдахнал Својот здив. Го вдахнал Својот здив! О Небесно Величие! Каква чест и слава за човекот! Тој е скромна кал, но исто така, е и здив Божји. Тој е распадливо градиво, но и здив Божји!

Ќе дојде миг кога земјата ќе се промени: земјата ќе се врати во земја и словото на нашиот Бог ќе се исполни. Но, што ќе се случи со здивот Божји? Како што правта се враќа во прав, така и душата, која е здив Божји, ќе се врати кај Бог…

Значи, разбра ли, мој Пантелејмон? (…) Срцето не дозволува поделби. Љуби Го само својот Бог, само Него слави Го. А, тогаш! Тогаш Христос ќе се всели во тебе, каде што живеат Словото, и Отецот, и Светиот Дух, каде што Он ни вети дека ќе нѐ направи едно, и ќе станеш храм каде што молитвата ќе владее и ќе го направи умот послушен.

О, Радост! О, Радост за оваа бедна кал! Какви добра ни дава нашиот Бог!“

извадок од писмото на светиот Старец Јосиф Спилеот до неговото духовно чедо отец Пантелејмон

boston311220164 boston311220166 boston311220167 boston311220168

Преземено: http://mpc.org.mk