Од Писмата на отец Серафим (Роуз) / Писмо 36-то

19 април /2 мај 1970 година

Саботата во Светлата Седмица по Велигден

Драг отец во Христа, о. Пантелејмон!

Христос Воскресна! Благослови нè, оче!

За време на твојата посета кај нас, минатиот ноември ти изрази желба да ни помогнеш со купување на малку посовремена опрема за печатење, од оваа што ја имаме сега. Дојде време да ја искористиме твојата помош, ако сè уште има можност за тоа.

Додека бевме во Сан Франциско за Пасха, го посетивме нашиот пријател отец Алексиј Пољектов, кој учеше во семинаријата, заедно со Глеб. Тој многу се интересира за печатарската работа и неодамна купи цела печатница. Тој ќе ја пресели наскоро опремата во неговата “колиба” на Руската Река, а нам ни понуди да ни го продаде својот линотип (бр. 5 – најмалиот модел), кој го видовме како работи. Видовме и други линотипови истиот ден, но тие беа поскапи и покомплицирани отколку што ни е потребно.

Што се однесува до трошоците: само линотипот е 600 долари, што е сосема разумна цена, а пак главниот котел за греење работи на гас (лесно прилагодлив на гас во балон) со што ќе заштедиме на трошоците (и ќе се намали бучавата) на вториот мотор. Трошокот за поставување на машината е 300 долари. Превозот, механичкото склопување (ако е потребно), спојувањето на гас: 200 долари или можеби повеќе. Сè на сè, ќе чини околу 1200 долари. Имаме 300 долари заштедено, специјално за линотипот и може да се најдат уште 200 долари, со што ќе требаат уште 700 долари. Ние ќе бидеме многу благодарни на помошта,  колку што можеш да ни додадеш, за да ја собереме оваа сума.

Ти приложувам едно писмо до нас, од јеромонах Серафим од манастирот Св Тихон. Тој е добар монах, но очигледно слаб човек, а епископот Кипријан очигледно се обидува да ја искористи неговата понизност до таков степен што го прави да се откаже од своето чудесно, борбено писмо,  од сосема погрешни причини. Ако тој наскоро не замине од таму, стравуваме дека може да го задржат. Ние само што му пишавме, молејќи го да замине од таму, па дури и го поканивме да дојде тука, иако немаме место. Веројатно тој се плаши од “наметнување” на нечие гостопримство. Ако имаш слободно место можеби ќе можеш да го поканиш директно, или барем да му испратиш охрабрувачки зборови, ако не си веќе во контакт со него. (Те молам да го испратиш неговото писмо до нас.)

Поминавме пет дена во Сан Франциско и Монтереј, од кои имавме доста полза и кога се вративме, летното време веќе почна, при што ни претстои многу работа до август. Молете се за нас.

Со љубов и почит во Христа, нашиот Спасител,

Евгениј.

 

Превод: Елена Богдановска