На 08.12.2016 година, кога нашата помесна Црква го прославува денот на свети Климент Охридски, Неговото блаженство, Архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан претстојателствуваше на света архиерејска литургија во соборната црква Свети Климент Охридски, во Скопје.
На Архиепископот му сослужуваа митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, митрополитот Струмички г. Наум, митрополитот Повардарски г. Агатангел, митрополитот Брегалнички г. Иларион, митрополитот Тетовско – гостиварски г. Јосиф и митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф, заедно со многубројно свештенство и ѓаконство.
(Во прилог, следува беседата од Митрополитот г. Петар, изговорена на празникот Сите Македонски Светители, во црквата Света Софија – Охрид, по повод 1100 годишнината од празнувањето на Св. Климент)
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух
Ваше Блаженство, Ваши Високипреосвештенства, Ваше Преосвештенство, Високопреподобни и преподобни оци, претставници на државната власт, на дипломатскиот кор, на медиумите, браќа и сестри:
Денес празнуваме голем јубилеј, 1100 год. од блаженото упокојување на Св. Климент архиепископот Охридски, „вториот Павле“ како што вели блажениот Теофилакт Охридски. Имено овој Божји угодник и патрон на нашата Света Црква, според изворите кои ги имаме, а тоа се: „Пространото житие“ напишано токму од Теофилакт врз основа на некое словенско житие напишано од некои од учениците на св. Климента и од „Краткото житие“ напишано од Димитриј Хоматијан и од светите Богослужби; тоа се изворите од кои црпиме извори за животот на нашиот патрон. Оскудни се материјалите, но доволно може и од нив да се види дека станува збор за горостас на нашата Црква и општо за Православието. Зашто, овој Божји уготник, како што вели еден научник на Црквата „уште од мали нокти бил со својот образец, св. Методиј“ , кого го следел уште кога овој бил управник на една провинција во Македонија и во другите мисии особено во Херсон кај Хазарите, каде што било најдено светото тело на св. Климент Папа Римски, кој бил трет епископ римски после Лин и Анаклит.
Според многумина, името свое, Климент, што значи „милостив“, го зел според името на св. Климент Папа Римски. Потоа ги придружувал и св. Кирил и св. Методиј и во другите мисии: во Моравија, во Панонија, Рим каде што св. Кирил го повикал и според едни таму бил хиротонисан за епископ, а други мислат дека е хиротонисан во Моравија од Св. Методиј, а трети мислат дека неговата хиротонија е после завршувањето на делата на св. Браќа во Моравија и Панонија, дошол преку Дунав кај болјарот Боритакан, кој ги упатил заедно со светите Ангелариј и Наум во престолнината Плиска или Преслав, кај царот Борис, од каде што овој бил испратен во Кутмичевица, областа околу Охрид и денешна Албанија, каде што развил една огромна мисија на верата наша света Православна, односно организирал генерации и генерации на т.н. Охридска школа, од која произлегле и свештени лица и ѓакони за сите словенси земји од она време. Св. Климент почнува да проповеда најнапред како учител, подготвувајќи ги не само малите деца, туку и младите и возрасните и старите, зашто тој, кога доаѓа тука, луѓето Македонци, кои некои ги нарекуваат Словени, жедно го примале неговото слово. Па и словени да сме биле, не одрекуваме, ама и не отстапуваме од тоа дека сме биле Македонци засекогаш. Тука имало прекрасна почва за делото и мисијата на св. Климента, зашто се покажал како прекрасен пастир„ кој душата своја си ја полагал за овците свои“, за паствата, за верните што му биле доверени и затоа уживал голема почит. И таа почит што ја стекнал со својата светост, со своето достоинство, со својата ревност за Црквата, за верата, и денес е присутна, не само локално овде во Охрид и Охридско, туку и пошироко. И не само во Македонија, туку ев,е и руските научници кои го испитуваат и испитувале делотото и животот, почнувајќи од Ундолски, кој прв открил едно дело на св. Климента во 1840 година, а понатаму и други учени луѓе, еминентни слависти, меѓу кои Лавров и особено Туницкиj, потоа Миклошиќ во Чешка и Полска, потоа учени луѓе во Бугарија, па и кај нас по Втората светска војна, затоа што предходно и не сме имале услови и можности ние нешто повеќе да дадеме и да направиме, бидејќи не сме имале своја држава и не сме имале зад себе кој да нè штити и поткрепува, за да го расветлуваме и ние делото на св. Климента.
Се наметнува прашањето дали св. Климент бил само пастир? Секако дека бил прекрасен пастир, за тоа сведочи и неговата паства, неговото свештенство, кое било далеку на повисоко ниво од било која друго паства и свештенството од другите епископи, во другите Цркви и битно е тоа дека е првиот писател, првиот што пишувал на Балканот на наш македонски јазик, именуван тогаш словенски. Тој е првиот словенски епископ и така се потпишал на 16 негови дела, уште 24 дела се неспорни дека се негови, а покрај нив со сигурност може да се тврди и му се препишуваат уште 39 дела на св. Климент, Охридскиот Чудотворец. Знаејќи го сето ова, ние знаеме дека станува збор за еден прекрасен учител на Црквата Христова тука, прекрасен пастир и не само пастир и учител, туку и лекар кој лекувал од разни болести, пред сè духовни, душевни, па и телесни, а се смета дека формирал и болница. Тој е, исто така браќа и сестри, оној што се занимавал со полјоделство, со овоштарство, и во тоа ги научил и другите. Но сега, повеќе внимание ќе посветиме на неговата доктрина, искажана во неговите дела.
Св. Климент е догматичар. Кога ќе ги читате неговите дела ќе видете дека се работи за еден прекрасен догматичар и тоа на толку едноставен јазик, на јазикот на кој на луѓето им ја проповедал верата, но никогаш не испуштал да говори за Светата Троица, за Отецот и Синот и Светиот Дух, презирајќи го она погрешно учење што било дотогаш присутно и за тријазичниците, против кои се борел. Останал доследен за верата наша света православна. Св. Климент, меѓу другото, говори во неговите дела, најнапред за мудроста Божја, која е дар, браќа и сестри, а извира од љубовта Божја, зашто поинаку не може да се замисли тоа. А сето ова мора да се потврди преку верата, дека не може да се сака Господ, а да не се сака ближниот. Оттаму, заедницата со Бога се воспоставува само преку заедницата со ближниот, зашто нема заедница со Бога како што вели св. Климент, ако нема заедница со ближниот свој. Понатаму, браќа и сестри, св. Климент зборува и за верата, а таа е основата, заедно со љубовта Божја, од која извираат сите добродетели. И наспроти овие три најголеми добродетели: верата, надежта и љубовта, свети Климент ги поставува уште и: молитвата, постот и милостината. Тој, прв ги става овие три добродетели наспроти верата, надежта и љубовта, со цел да покаже дека ниту мудроста Божја, ниту љубовта кон Бога и луѓето може да постојат, ако се нема вера во Бога, зашто се знае дека не може да му се угоди на Бога без вера.
И понатаму, исто така ќе се задржиме на неговото учење кое го развива св. Климент преку неговите дела. Тој за молитвата вели: „таа треба да биде секаде и на секое место“, за тоа покажува и преку неговиот личен пример, и на само се молел и пред другите се молел. И не само да се молиме секаде, туку и во секое време. По прашањето на молитвата тој вели: „треба да се создадат и извесни услови за молитвата“. А условите се: треба да има покајание кај нас и заедно со покајанието и молитвата, треба да има и аскетски живот.
Некои пак велат дека св. Климент не бил аскет зашто бил епископ. Не е точно, зашто за свети Климент, особено оние кои го истражувале неговиот живот, велат дека бил ангел во тело. Што значи, уште потешка била неговата улога, да се биде меѓу верниот народ од кој ги гледал сите работи што не се во согласност со учењето на Црквата и верата, и да се остане доследен и ревносен во Црквата и верата. Покрај овие услови за молитвата, меѓу другото, свети Климент прашува: „Што треба да бараме во молитвата?“
Пред сè, треба да бараме очистување на нашите срца, зашто без да ги очистиме срцата, без да ги просветлиме умовите, (ако дозволуваме во нашите умови да влегуваат грешни, мисли и помисли и фантазии, а во нашите срца да влегуваат грешни желби, похоти, страсти, и правиме грешни дела), не може да се постигне онаа молитва за која зборувавме.
Тој инсистира на молитвата на заедницата. Имено, молитвата кога сами се молиме е приватна молитва, а молитвата на заедницата е онаа, браќа и сестри, кога ние ќе се молиме заедничките богослужби. Особено потенцира во секоја недела и во секој празник, дека верните треба да бидат на светата Богослужба – Литургијата, зашто вели: на Светата Литургија се случува најголемото чудо на светиот престол, каде што се коле Јагнето Божјо – Агнецот, Христос нашиот Спасител, а ние ако се молиме за време на Евхаристичката молитва, односно времето кога благословениот леб се претвора во Тело, и благословеното вино се претвора во Крв Христова, тогаш е најсилна молитвата. Нема посилна молитва од таа на која, на Литургијата Божествена се претвораат благословениот леб во Тело и благословеното вино во Крв Христови. А преку нив, ние ако подготвени пристапуваме, ние се лекуваме од секакви болести, се разбира ако претходно длабоко сме влегле во нашите души и срца и сме ги пронашле и сме ги ископале оние грешни мисли и помисли, грешни наши дела, браќа и сестри.
Во духот на ова, за кое сега зборуваме, свети Климент, накратко, бил оној кој што сметал, дека најважна работа во животот е неговата смислат. Без смислата на животот, животот не е вистинското нешто. Затоа и тој вели, дека ако некој мисли дека може да живее благочестив живот ,без да ја знае верата наша света православна, тој е како човек, што има и раце и нозе, ама нема очи и не знае кај да стигне. И обратно, ако некој ја знае верата наша света православна, а не ја практикува, односно не живее благочестив живот тој е како човек што има очи, ама нема раце и не може да стигне никаде, иако гледа дека каде треба да стигне. И токму овие се битните нешта во учењето на свети Климент, Охридскиот Чудотворец. По прашањето на овие нешта, меѓу другото, сакам браќа и сестри, да нагласам: свети Климент, Охридскиот Чудотворец толку го возљубил Бога што оставил и татко и мајка, и сè што тој правел, правел да му угоди на Бога и да го спасува верниот свој народ. Тој покажал и тоа, дека никогаш не лакомел за богатството, па затоа и својот имот го подарил, половина на епархијата, половина на манастирот во кој тој живеел, свети Пантелејмон на Плаошник. Исто така, свети Климент, браќа и сестри, цврсто стоел на становиштето, дека треба да се описмени народот и да ја практикува верата.
По прашањето на свети Климента Охридскиот чудотворец, што се однесува и за другите битни работи во верата наша света православна, се вели дека тој никогаш не им давал дремка и сон на своите очи, затоа што постојано се грижел за својот верен народ и така, доживувајќи осумдесетгодишна возраст, тој оди во престолнината на Царството Бугарско, да побара оставка од царот. Според некои научници се мисли, дека, затоа што царот подготвувал на просторите меѓу Ромејската држава и Бугарија да отвори нова војна, а за такво нешто не бил согласен свети Климент, односно бил против пролевање на крв. Неговата оставка не била прифатена, но не се случила ни војна, додека тој бил жив.
И токму заради сите овие нешта бил толку почитуван, сметан за свет уште за својот живот, сам си го ископал гробот, каде што и денес, кај неговиот гроб се положени овие свети мошти, што денеска ги целиваме.
Доказ дека е големо светило се, пред сè, светите мошти, браќа и сестри, кои ни ги разграбаа многумина, ама со тоа разграбување само покажаа до каде е Македонија и до Егејот и до Пирин и до Софија итн,итн. Сите тие нешта само говорат за големината на свети Климента. Исто така, да нагласиме, меѓу другото, браќа и сестри, дека свети Климент Охридскиот Чудотворец, секогаш се трудел да продолжи неговата мисија, неговото дело.
И денеска се прашуваме, дали ние, во денешно време, вистински ги преточуваме неговите пораки во живот и дело. Не, браќа и сестри, ако сакаме да ги преточиме, тогаш треба во сите установи кои го носат неговото име и на Светите Браќа, Кирил и Методиј, да биде застапено сето она, што било застапено во времето, кога тој ја основал Охридската Школа и како што таму постапувал, така треба да се постапува и ваму, а не формално само да се именуваат институциите Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, итн. И не ние да бидеме само формални верници, како што вели свети Климент, не само христијани по име, туку да бидеме христијани и по живот и дела.
Преку молитвите на сите свети и на свети Климент, Архиепископот Охридски и патрон на нашата Света Црква, Господи Исусе Христе, Сине Божји помилувај нè и спаси нè нас грешните! Амин!
Извор: http://www.spe.org.mk