Воведение на Пресвета Богородица во храмот – Архиерејска Литургија во Прилеп

На 04.12.2016 г., на празникот Воведение на Пресвета Богородица во храмот (Пречиста), Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Божествена Литургија во храмот Свето Благовештение, во Прилеп.

На Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Поздравното празнично слово на Владиката, го пренесуваме во целост:

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,

„Марто Марто ти се грижиш и се трудиш за многу работи ама само едно е потребно, Марија го избра добриот дел кој нема да и се одземе“ (Лк. 10, 38-42)

Денес е браќа и сестри Воведение на Пресвета Богородица во Храмот, овој празник се нарекува уште и Пречиста. Зошто? Затоа што Пресвета Богородица е Пречиста, не само чиста туку Пречиста, Најчиста. Немало почисто човечко суштесто од Пресветата Мајка на нашиот Христос, Бог и Спасител. Токму и заради тоа Господ ја избрал да биде Богомајка, Богородица, да биде Мајка на целиот човечки род. Таа не е зачната од похот телесна, туку испросена со горешти молитви од нејзините родители Јоаким и Ана кои биле престарени и немало физичка можност за раѓање на деца во нивната старост. Но Идјеже бо хоштет Бог, побеждајутсја естетства чин, и еве овдека е победен законот на природата.

Мајката Божја била испросена со горешти молитви  од нејзините родители и Господ во нивната длабока старост им дал чедо, кое го именувале Марија, што значи „солза на онаа што солзи рони“. Пресвета Богородица се родила во градот Назарет, кој бил оддалечен од Ерусалим околу три дена одење, исто како што патувале нејзините родители Јоаким и Ана придружувани од нејзините другарки и врснички, девојчиња со нивните родители, кои се упатиле во храмот Соломонов во Ерусалим, за да биде Пречистата предадена во храмот, според ветувањето кон Господа од нејзините  родители. И стигнале во Ерусалим токму на овој ден, и тогаш Пресвета Богородица, како тригодишно девојче, облечена прекрасно како царица, која всушност е по царски род од едниот родител, а по свештенички род од другиот родител, застанала пред храмот кој имал петнаесет скалила, и другарките нејзини со запалени свеќи заедно со родителите нејзини ја отпратиле до првото скалило, држеќи ја нејзината мајка за рака, а потоа Пресветата трчајќи сама се искачила до петнаесеттото. Тогаш света Ана му рекла на Светиот пророк Захариј, „Пророку, прими ја оваа која ми е подарена од Бога нашиот Спасител и внеси ја во Светињата над Светињите“, а на својата ќерка, на Пресветата Богородица ѝ рекла: „Ќерко, која си ми подарена од Бога, поитај во прегратките на првосвештеникот Захариј, ти која си Врата на царот Христос, нашиот Бог.“ А светиот Захариј како избезумен веднаш ја зел и ја однел, не само во храмот, туку во најсветото место, во олтарот и понатаму од тоа –  во Светињата над светињите. Таму немал право никој да влезе освен првосвештеникот и тоа еднаш во годината, зашто таму стоеле најсветите работи: ковчегот на заветот, стомната со мана, жезолот Аронов што ја претставувал Пресвета Богородица и камените плочи на заветот, и таму Пресвета Богородица била хранета од ангелите со небесна храна, зашто била Најсвета,  Најчиста и Пречиста и зашто таа се удостоила во својата утроба да Го прими Носителот на светот, Христа нашиот Бог и Спасител.

Се вселил во неа  Оној што слегол од прегратките на Отецот, Оној Кој што не може да го опфати ни целата вселена, за да стане човек,  да прими човечко тело, да се изедначи со нас луѓето во сè, освен во гревот и ете на тој начин, браќа и сестри, Христос нашиот Бог, заради нас грешните слезе и се свесли во неа, живееше, пострада, беше осуден на смрт, беше распнат, погребан, воскресна,  се вознесе на небесата и вознесувајќи се со Своето свето и Пречисто тело, всушност Тој го вознел нашето човечко тело и го положил од десно на Отецот.

Ете ова се случило на денешен ден, т. е., е воведена Пресвета Богородица во храмот, онаа која е наречена Животворен Ковчег, Кивот. Зошто? Зашто што во Ковчегот на Заветот била стомната со мана, а овдека Христос е небесниот леб, Синот Божји кој се всели во неа, Тој Небесен Леб кој се всели во Нејзината света утроба, затоа Таа стана животворен ковчег или кивот на Синот Божји и наш Спасител.

Браќа и сестри, кога го внесувале во храмот кивотот или Ковчегот на Заветот, царот Давид, пред ковчегот, скокал, играл и пеел од радост, а овде ангелите пееле на небесата и всушност тие велеле дека ова е животворниот кивот или живото обиталиште, зашто во неа се вселил Најсветиот,  Синот Божји Спасителот наш, Господ Исус Христос. Затоа се вели во црковните песни дека ангелите кога го видоа влегувањето на Богородица во храмот, тие се восхитуваа: „како е можно во Светињата над Светињите да влезе оваа Пречиста, која е кивот животворен?“ А сето ова се случило заради нас и нашето спасение.

И  денес се поставува прашањето, каде сме ние во времето споредено, времето кога Пресвета Богородица била воведена во храмот? Зар не значи тоа дека и ние треба да бидеме следбеници на она што се случувало тогаш? Зар не треба денес на овој празник Воведение на Пресвета Богородица во храмот, да биде внесување и на сите дечиња во храмот и не само на женските, туку и на машките, во храмовите наши свети, православни? А денеска, слободно може да речеме дека на прсти се бројат присутните дечиња. Се нарекуваме христијани, само по име, а не по живот и дело, а треба најмногу да се нарекуваме, не по име туку по живот и дела. Имено, ако нам ни е образец на девственост, на чистота Пресвета Богородица, тогаш треба тој образец да го следиме сите ние, треба да го следат родителите, носеќи ги тие своите деца во храмот и не само на овој ден, туку на сите празници и секоја недела.

Некој пак рече, децата се малечки што ќе научат тие во храмот? Браќа и сестри, да тргнеме од нас кога сме биле мали, дали ние кога сме влегле првпат во храмот не сме забележале, што се има во храмот? Дали не сме виделе дека иконостасот е исполнет со икони, со иконата на Христа нашиот Спасител, на Мајката Божја, со иконата на Претечата, на празникот на кој е посветен храмот и со иконите на другите светители. И ние како деца сме ги забележале, и денешните деца ако ги носите во храмот и ако им покажете која икона што значи, ќе им покажете дека животот наш треба да го усогласиме со животот на овие светители и дека треба таков  да ни биде животот на нас православните. Денеска се прашуваат многу родители, зошто се оставени од своите деца и нема кој да ги погледне во нивните стари години? Во Стариот Завет се вели „Кој ја жали прачката,  го мрази сина си“ (Изрек. 13, 25). Тука не се вели за физичко тепање, туку за оној што не знае да ги воспитува децата, оној што не знае да ги поучи, да ги искара децата кога ќе згрешат за да разбираат што е добро, а што лошо, оние родители, баба, дедо, оние старатели на децата кои нема да направат нешто правилно за да ги научат децата, тие не се ни добри родители, ни дедовци ни баби ни пак старатели. Некој ќе рече тоа е многу строго? Не е браќа и сестри, колку повеќе се грижите за децата, ги поучувате, ги советувате и ги карате кога се малечки и ги научите на правиот пат, тогаш знајте дека во вашите возрасни, стари години вашите деца ќе ве пригледнат и нема да ве остават. Но, не може некој да рече ги воспитував децата, а тие не примија ништо од мене. Зашто децата се многу почисти од нас и гледаат како живееме. Не може таткото да рече – немој ти да крадеш, а тој краде или немој ти да пушиш, а тој пуши, или немој да лажеш, а тој лаже или немој ти да пиеш, а тој е пијаница. Значи примерот на секој родител, не треба да биде само со зборови, туку потврден со живот и со дела. Ако родителите го потврдат својот живот со дела како вистински христијани, тогаш тие правилно постапиле со своите деца.

Денес, браќа и сестри, се поставува прашањето, зошто децата се тргнати по ло[и патишта? Зашто немаат доволно семејно воспитување. А немаат, оти родителите отишле толку далеку правилно, да не ги воспитуваат децата. Имено, сакаат сè да им обезбедат – само што се родило детето, веднаш го делат од себе, нова банкарска сметка, каса за него и што уште не, посебна соба, сè посебно; децата не треба да се делат во своја соба додека се мали, до 3 или 4 год., па и понатаму, зашто тие сакаат да живеат со таткото и мајката, а штом ги делите и им отворате нови сметки, им давате каси, соби, ги делите од себе. Вие постарите, сеќавајќи се, еве како јас или г-дин Штаргоски, ние не сме биле делени. Сите од едно место јадевме, како што и од исто место се причестуваме – никогаш не сме биле делени. Ама сега сите имаме посебни чинии и сè посебно се дели. И така се исподеливме и пределивме толку, што никој никого повеќе не почитува. Ако ова е мое, тогаш ова е твое и тогаш сме поделени, а ако сме поделени тогаш не сме заедница, а Христос нашиот Бог и Спасител рекол дека Бог е Љубов. Пред сè,  Бог е заедница, Отецот и Синот и Светиот Дух се Троица Света, Заедница и така и ние сме заедница, во семејствата така треба да бидеме едно, да владее едномислие во сè.

А зошто едномислие? Зашто е еден нашиот Бог и Спасител. Па така, во тој дух, децата правилно да се воспитуваат во семејствата, правилно да се образоваат во училиштата, да инсистираме сите да се воведе Веронауката во училиштата, од предшколска возраст, заклучно со средна возраст, како што е тоа во Република Србија и Република Српска, Бугарија, Романија, Црна Гора, Грција, Русија и многу други земји, а кај нас само во една година, поранешно петто, денешно шесто одделение. И тоа не е само веронаука, туку и други две дисциплини што од Запад ни ги наметнаа. А чија е вината што децата не учат веронаука? Наша, Ваша на сите. На нас, архиереите со свештенството, и на вас верниците, родителите, што не инсистираме по секоја цена да се воведе веручението и во деветтолетката и во средното образование. Зашто искуствата се овие, дека децата што почнаа да учат веронаука, ги натераа и своите родители да размислуваат за верата, кога ќе седнеа на трпеза родителите научени предходно од комунистичкиот систем, веднаш почнуваа да јадат, а децата им велеа: Чекајте тато и мамо, прво да се помолиме, после ќе јадеме“. Замислете децата станаа коректори на животот на родителите, зашто почнаа правилно да се воспитуваат. И  додека веронауката не се внесе во училиштата и немаме здраво воспитување во семејството не можеме да имаме напредок во верата.

Да се помолиме на Мајката Божја, Пресветата и Пречиста Богородица, преку Нејзините свети молитви, Спасителот наш Господ Исус Христос, да ги просветли умовите наши, да ги очисти душите и срцата и да нè воведе во Царството Небесно!

Амин!

Нека е честит празникот, на помош и за многу години!

(според записот на Емилијан Зелнички)

p1350668 p1350685 p1350695 p1350733

ПРЕМИНИ КОН ГАЛЕРИЈА