Од Писмата на отец Серафим (Роуз) / Писмо 31-во

19 Март / 1 април, 1970

Маченици Хрисант и Дарија

Драг во Христос, отец Никита,

Благослови нè, оче! Радувај се во Господа!

Секогаш се радувам на вашиот одговор. Чувствувам дека се затегнува јамката со која „официјалната“ црква ќе се обиде да задушува, и уште повеќе го ценам секој контакт со истомислените души кои го сакаат вистинското православие. Не слушнавме ништо за Митрополијата, но општата слика е јасна: дали сега или подоцна, дали Јаков ќе се придружи сега или по некоја година-две, „автокефалната“ црква дејствува, и секој кој нема љубов за вистинското православие ќе побрза во неа да се приклучи, а против нас ќе започнат војна – не затоа што сме ние некаква надоворешна закана (само неколку си заминаа од нив), туку затоа што нивната совест не е чиста, а Синодот ја претставува нивната совест. Мислам дека 1970 г,. е кризна година за американското православие: нашиот однос кон Митрополијата, кон Грчката Епархија и т.н., сеуште не е целосно определен, но сега се обидуваат да не одделат од нив, што е добро. Неколку од нивните приврзаници, кои можеби би продолжиле со нив и постепено би ја изгубиле својата православна вера до степен, што не би можеле повеќе да се вратат, сега ќе отстапат од нив. И сè ќе биде добро ако Синодот сега (како во 1927) ги екскомуницира и ги информира сите, дека нивните епископи не се епископи, нивните свештеници не се свештеници, нивните светињи – не се светињи, а ако Јаков им се придружи, тој потпаѓа под истата забрана. Сè до сега, нашите постари свештеници ја немаа разбрано грчката ситуација, но сега (ако Јаков им се придружи) ќе сфатат – бидејќи ја имаат разбрано ситуацијата на советската црква. Еден од нашите свештеници од соборната црква во Сан Франциско кој се однесуваше благо спрема Митрополијата, сега истапи кон нив со доста строг став, бидејќи како што вели тој, што се однесува на Москва, ситуацијата е сосема јасна, нема простор за ниедно друго толкување, освен нашето.

Добивме еден интересен коментар од една монахиња од Ново Дивеево: целиов скандал настана, бидејќи Митрополијата не сака да го канонизира отец Герман! Мислам дека, сосема е можно причините да се нешто такво. Од историјата на островот Спрус знаеме дека Отец Герман бил строг кон оние кои недостојно му пристапувале, и тој дефинитивно беше на страната од отец Герман! Ако (како што изгледа сега) канонизацијата беше наменета од страна на раководството на Митрополијата како дел од политичка измама (Маендорф вели дека само „локалната“ црква може да канонизира светители), отец Герман ќе направи нешто и веќе прави. Отец Давид Блек ни пишува дека има двајца монаци за островот Спрус – едниот го знаеме како несериозен, а другиот веројатно е јеромонахот Серафим (Бобиќ) од манастирот Св. Тихон, кој само што ни напиша дека ја напуштил Митрополијата заради Синодот и ќе оди во Света Гора – тој вели дека тие сакале да го испратат на островот Спрус,  но тој одбил, затоа што така ќе треба да остане во Митрополијата. Сега последните од најдобрите, ја напуштаат Митрополијата, и со тоа полесно ќе може да се постигне долгопосакуваното обединување. Патем, епископот Теодосиј одговори учтиво на нашиот апел (преку отец Давид), иако доста формално, и ни испрати икона од Св. Теодосиј, која без оглед на намерата, длабоко нè трогна. Ако некој дел може целосно да се спаси од Митрополијата, тоа е Алјаска – која што веќе е на истиот пат на отпаѓање заедно со остатокот од Америка, и покрај тоа што има подлабоки корени и го има Отец Герман, и како изолирана  епархија, таа сепак, сè уште може да оживее со примање на вистинското Православие. Отец Николас Харис во Енкориџ ни пишува со барање на 5 копии од изданието за отец Герасим – за него не знаеме ништо. Како и да е, ние усрдно се молиме, особено за Алјаска, и ако може да биде спасена тогаш Шмеман и Јаков  може да го зачуваат Атлантикот и Пацификот и Месечината ако сакаат!

Мора да започнеме со печатење. Ова издание, после подолго доцнење оди добро, и се надеваме дека ќе го испратиме до крајот од наредната недела. Пролетта е тука и почнуваме со засадување на неколку растенија, кои немаат потреба од многу наводнување. Мило ни е што слушнавме за закрепнувањето на попадијата – прати ѝ ги нашите поздрави. Што се однесува до статијата за посетата на отец Пантелејмон, можеби нема да биде премногу доцна да ја ставиме дури во изданието за мај – јуни. Приближни рокови се: за март – април, една недела пред Велигден, за мај – јуни, 5 – 10 јуни.

Со нетрпение ја очекуваме статијата за еволуцијата на Каломирос. Што е со останатите негови статии кои започнавте да ги печатите за Синодот и т.н.?Ако не излезе наскоро во „Сведок“, дали може одделно да добиеме копија? Подоцна оваа година сакаме да испечатиме издание за 50-годишнината на Синодот, со главна статија за Владиката Јоан,

и бараме уште една статија за мисионерството од грчка гледна точка – имаш ли некоја идеја? Мислевме да го прашаме Каломирос да напише една статија ако до сега нема напишано нешто погодно.

Моли се за нас.

Со љубов во Христа, нашиот Спасител,

Евгениј.

Превод: Елена Богдановска