Исцеление во земјата Гадаринска – Беседа на Митрополитот Петар на 23-та Недела по Педесетница

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух

„Оди си од нас Господи“ (Лк. 8, 37). Вака браќа и сестри жителите на гадаринскиот крај на Гадара Му се обратиле на Господа Исуса Христа, откако направил едно големо чудо. Имено, во нивниот крај имало еден човек којшто бил опседнат и измачуван од нечисти духови и тој живеел необлечен во гробиштата, бидејќи демоните биле во него. Силата што тој ја покажувал не била негова, туку нивна и  тој иако бил врзуван со синџири, истите ги кинел.  И при ова прилика, кога Господ Исус Христос нашиот Спасител минувал низ овој крај, излегол овој човек и извикал на сиот глас: „ Исусе Сине Давидов, зошто си дошол предвреме да ме мачиш“, а Господ Му рекол: „ Како ти е името“ и тој одговорил „ Легион“, што значи илјадници демони-ѓаволи се собрале во него вгнездени и токму затоа тој покажувал таква сила. А Господ пак ги истерал овие нечисти сили – демоните од овој човек и тој паднал пред неговите нозе, смирен,  очистен од духовите и почнал да го следи Господа Исуса Христа. Тогаш демоните побарале од Христа нашиот Спасител, ако е можно да влезат во свињите што паселе тука на ридот и паселе крај езерото и откако влегле во нив, се стрчале по стрмнината, скокнале во езерото и се издавиле. А тоа откако го виделе свињарите, отишле кај гадаринците и им кажале што се случило, дека Христос го излекувал бесомачниот кој бил опседнат од нив и сека смирен крај него седи, а откако влегле демоните во нивните свињи се стрчале по стрмнината и се издавиле во езерото. Тогаш Го пресретнале гадаринците Господа и Му рекле: „Оди си од нас Господи!“ А Господ не им се спротивставил, и си заминал тивко преку езерото (Лк. 8, 26-39).

Браќа и сестри, ова чудо, што се случило при оваа прилика, говори и за тоа дека Господ нашиот Спасител дошол во овој свет за да ги спаси грешните од гревот и смртта и да ги прибере при Бога. Но тоа не зависи од Христа нашиот Спасител, зашто Бог никого насила нема да спаси, туку за спасението секој човек е должен самиот да си донесе одлука, дали ќе се спаси или не. Еве и при оваа прилика гадаринците, наместо да го послушаат Христа, и да постапат според Неговите совети, тие го направиле спротивното. Зошто се случило тоа? Заради две нешта. За кои вредности денес луѓето се определуваат? Дали се определуваат за духовните или за материјалните вредности? Во конкретниот случај, луѓето се определиле за материјалните вредности.  Тие се определиле за она што е земно, материјално и преодно, а не за она што е вечно. И кога ќе ја поставиме споредбата, се прашуваме што повеќе вреднувале? Дали чудото коешто Господ го направил кога го излекувал овој болен човек опседнат од демоните од ѓаволите за потоа да биде смирен и да го следи Христа нашиот Спасител и за него да се радуваат или за загубата по свињите.

Очигледен бил нивниот избор, по загубата од свињите, нечистите животни од кои Евреите не смееле да јадат месо и дури им било забрането да чуваат свињи. Ама иако ги имале овие забрани, тие повеќе ги посакувале нив отколку Христа нашиот Бог и Спасител. Затоа што Христос дошол, не за праведниците туку за грешните и еве имаме сега поделба едни за Христа, едни против Христа. Исто како овде, во овој случај, гадаринците против Христа, оти тој кога дошол сакал тие да се очистат од своите гревови и да живеат чист и достоен живот и да се ослободат од сите земни материјални нешта што ги привлекуваат луѓето повеќе отколку духовните вредности.

Друг пример онаа жена самарјанка на бунарот на која ѝ кажал дека имала петмина мажи и дека ни сегашниот што го имала не ѝ бил маж. И откако разбрала дека станува збор за Месијата наш, Христа Спасителот и им соопштила на Самарјаните дека тој е Месијата нашиот Спасител, тие го повикале и Му рекле „ остани кај нас уште“ и тој останал два дена, иако тие биле презрен народ, непријатели на Евреите и им го проповедал Светото Е,вангелие светата наука на Христа нашиот  Бог и Спасител.

А еве, овде се случило обратното, браќа и сестри. Во врска со овие нешта треба да извлечеме наравоучение, имено, дали нам, од она што го слушнавме од денешното Свето Евангелие, ни е јасно што треба да правиме во животот, дали треба да се определиме за материјалните и земните нешта или да се определиме за вечните вредности, за Царството Небесно, за животот после смртта, за животот по Страшниот Суд, за вечниот живот. Секако дека треба да се определиме за вечниот живот, зашто на земјата ние сме гости и порано или подоцна треба да го напуштиме овој свет и да одиме во оној свет. Но таму ќе бидеме или со Христа нашиот Бог и Спасител или, не дај Боже, во вечниот оган. Затоа Господ Исус Христос, се вели дека нè повикува нас, не присилно да одиме по Него: „кој сака да врви по Мене, Христос рекол, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека врви по Мене“ (Мт. 16, 24), што значи доброволно Христос се нуди, а понатаму кажува, дека Неговиот јарем е лесен и Неговото бреме е лесно. Но од нас зависи, браќа и сестри за што ние ќе се определиме.

Во врска со денешното Светото Евангелие должноста наша е да разбереме и да поставиме граница за тоа, каде се наоѓаме. Дали не сме и ние исто со гадаринците, дали ние не му викаме на Христа нашиот Спасител „оди си од нас Господи“. Да ние навистина со нашите усти му велиме на Господа: дека го следиме, дека го почитуваме, дека го сакаме повеќе од себе, но прашањето е дали со нашето срце, со нашите чувства тоа го правиме? Дали сме повеќе приврзани кон Бога, Христа нашиот Спасител и Троичниот Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух, или сме приврзани кон земните и материјалните богатства.  Дали ние, во овој живот, повеќе се сакаме себеси, односно негуваме себељубие? Дали сме ние горделиви и нè интересира тоа, да бидеме од сите најпознати, најпочитувани, најсакани, дали сме суетни? Дали завидуваме на луѓето па дури и на најблиските браќа и сестри кога нешто повеќе ќе имаат од нас? Дали ние, браќа и сестри, клеветиме, дали лажеме, дали  недостојно и нечесно го заработуваме нашиот леб и богатството што сме го стекнале тука на земјата, кое нема да го однесеме на оној свет, туку ќе остане пак тука? Зашто кажано е: голи сме се родиле и голи ќе влеземе во утробата на мајката земја, треба да извлечеме нараваоучение најнапред дека штетата што била направена на гадаринците и ние не треба таа штета да ја сметаме за штета, ако нешто земно материјално преодно богатство, дали е во пари или имот, или било што изгубиме, па да се прилепиме кон него и да жалиме повеќе од колку за било што, туку богатството да го гледаме како средство за нашето спасение, зашто со богатството, многу богати луѓе од Стариот и Новиот Завет ги спасиле своите души и тела.

Понатаму, да знаеме дека богатството, односно приврзаноста кон богатството води кон тоа дека ние практично сме прифатиле да бидеме обземени од нечистите духови – ѓаволите. А како сме прифатиле? Ако имаме пороци, како што се: горделивоста, суетата, мрзеливоста, среброљубието (како Јуда, кој за 30 сребреници го предал Христа нашиот Спасител), ако ги мразиме, луѓето, ако немаме во овој живот желба да живееме чесно и достојно. Ако заради нешто што сме загубиле, почнеме да очајуваме ние се предаваме на Сатаната, а  ѓаволите сакаат нечисти места, и нашето тело, кое е создадено од Бога да биде храм на светиот Дух, тогаш, наместо да биде живеалиште на Светиот Дух, а каде е Светиот Дух, таму е и Отецот и Синот, ние сме направиле да биде живеалиште на бесовите како на овој гадаринец – место на живеење на сатаната и на ѓаволите. Исто така, треба да знаеме дека ние мораме да се ослободиме од сите грешни мисли, помисли, грешни дела и чувства кои ѝ пакостат на нашата душа.

Да се помолиме на Господа нашиот Исус Христос,  на сите светии, на Мајката Божја, Господ да отстрани од нас секаква нечистотија душевна и телесна и секаков порок. Да се потрудиме, не да ги следиме гадаринците, туку да ги следиме самарјаните кои му рекле на Господа: „Дојди и биди со нас, остани со нас“ (Јн. 4, 40).

Да не бидеме, браќа и сестри, со нашите постапки и дела, како оние кои ќе му речат на Господа: „Оди си од нас Господи!“ туку да Му речеме  „Да, дојди Господи и биди со нас!“

Амин.

 

Според аудио-записот: Емилијан Зелнички