Март 16/29, 1970
3-та Недела од Великиот Пост
Драг во Христа, отец Фотис,
Радувај се во Господа! Испраќаме поздрави во името на Господ Исус Христос.
Многу бевме среќни што добивме одговор, и уште посреќни што можеме да ги размениме со тебе нашите идеи. Добро е што слушнавме за твојот печатач (Varytyupe). Ни презентираа и нас пред неколку години, но не можевме да си ја дозволиме цената, а без офсет печат и камeра не можевме да го користиме. Нашиот проблем е малку поразличен од твојот: Твојот проблем се пари, а нашиот време. Се разбира, ако имавме пари, времето ќе се грижеше за себе, но во моментов имаме примитивна опрема која ни одзема премногу време за печатење. Да почнам од новото издание кое го проширивме до 50-60 страници, при што ќе требаат четири недели за да го испечатиме, да го собериме и пратиме секое издание. Се разбира, само ние двајца ја правиме цела работа, но ни повеќе луѓе нема да го решат проблемот. Процесот на рачно поставување бара премногу концентрација и макотрпна работа, а со повеќе луѓе ефикасноста се намалува, барем според нашето скромно искуство. Нашето решениe е линотип и со Божја помош, после Пасха може да имаме еден – кој секако ќе додаде технички компликации на нашите проблеми, бидејќи како што стојат работите, сигурно ќе биде стар.
Да, ние се „бориме“ во планините и ве уверувам дека е многу попријатно, отколку да се „борите“ во градот! Но воопшто не го забележуваме недостатокот на удобноста. Поминуваме подолго време во сечење дрва и тоа ни дава добра вежба – зашто печатењето се одвива во внатрешни услови, со седење (или подобро кажано „неподвижно“).
Недостатокот на вода влијае првенствено на градината, но се обидуваме со „органско градинарство“ со ѓубрење и се надеваме некои култури да успеат со минимум наводнување. Мислам дека доволни се 45 инчи (114,3 см) зимска дождовница и снег во почвата за да пораснат доволно. Судејќи според состојбата во светот и Америка, нашите домашно-произведени култури може да бидат доста корисни за неколку години. Искрено, песимисти сме за иднината и се надеваме да испечатиме колку што можеме повеќе во овие неколку години кои ни преостануваат, претчувствувајќи суша на печатениот збор и тоа можеби во скоро време. Николај најверојатно ти ја опиша нашата немаштија – моментално имаме две кабини, една кабина за лов во која живееме (Николај помогна да се заврши), и втората печатница, која Глеб и јас ја изградивме. Сега имаме капела под отворено небо со крст и престол пред олтар на трупец, каде Архиепископот Антониј служеше литургија минатата есен и отец Пантелејмон осветуваше вода на 1 Ноември. Се надеваме дека ќе започнеме со изградба на вистинска капела оваа година и други градби ако е возможно. Дали некој ќе ни се придружи – не знам, но одиме чекор по чекор, со вера во Господ, ползувајќи го најдобро она што го имаме.
Слободно можеш да ги употребиш материјалите и илустрациите од „Православно слово“ кои ги сакаш. Не сакаме да наплатиме од ниту еден православен кој ги препечатува, во секој случај, не од оние малкуте, кои печатат вистинска православна литература. Нашите авторски права се заштитени за да ги исплашат Католиците, кои бесрамно го преземаат материјалот од Џорданвил и го препраќаат како нивни. Ако преземеш цела статија или превод, сакаме заслугите да бидат на „Православно слово“, за да се запази идентитетот на изворот. Би сакале да преведеме и нешто друго од записите на Св. Марко од руски јазик, но сега немаме можност за тоа, и тие најчесто се долги и потешки за превод од преведувањата што го правевме до сега (за чистилиштето, филиокве итн).
Нека Бог ги унапреди твоите планови за печатење. Житијата на Светиите се очајно потребни во Америка за суштината на вистинското Православие, за да им се вдахне дух на оние кои венеат од дво-димензионалното академско православие на Шмеман и новата глупост на „автокефалисноста“. Еден совет: најдобра надеж за успех е редовноста/, особено периодична. Ако можеш да го поставуваш „Винова лоза“ (Виноградник) редовно, дури еднаш на два месеца, ќе имаш добра основа, за финансиска поткрепа и за придобивање редовни читатели. Исто така ќе ти помогне, ако Житијата на Светиите ги објавуваш серијално со некаков мотив за читателите да се „претплатаат“ или некако да се инспирираат да ги добијат сите житија. Американската православна публика не е толку заситена со печатени изданија така што треба да биде едуцирана што да чита. „Официјалните“ весници – „Млад живот,“ „Подем“, „Грижа“, научните весници – всушност ја трујат православната публика и го заситуваат нивниот апетит, а сега со „автокефалноста“, ќе успеат да ги убедат сите дека ова е тоа што треба да го читаат. Ние сме малцинство и ќе имаме потешкотии да ги убедиме дека треба да јадат вистинска храна, наместо ТВ гозби.
Но, „автокефалноста“ можеби е вистински благослов – сега границите ќе бидат јасно зацртани, а со тоа и изборот ќе биде малку појасен. Особено сега на почетокот на големата поделба треба да се обидеме да направиме колку што е можно повеќе, да достигнеме до оние, кои можеби сè уште имаат сомнежи за големата сè – Американска црква.
Кориците за „Православно слово“ се многу лесно направени – преку печатење на текстот. Печатиме двапати – еднаш со полутон или линија со гравирање во посакуваната боја, и еднаш со црна боја за текстот. Вкупна цена за ваков начин на печатење е околу 2,5 центи за корица во 2000 копии. На почетокот кога имавме мал рачен печат кој не можеше добро да испечати големи слики, ги печатевме сликите во боја со офсет на друго место (тоа не чинише околу 5 центи за корица вклучувајќи ја и хартијата) и потоа самите го печатевме текстот.
Ги просиме твоите молитви за нашата скромна работа, и се надеваме дека ке останеме во контакт. Сигурно ќе соработуваме со тебе на секаков можен начин.
Со љубов во Христа, нашиот Спасител
Евгениј Роуз
П.С. Ги просиме твоите молитви и за епископот Теодосиј и Црквата во Алјаска. Колку и да се мали надежите за нив да се одделат од „официјалната“ Црква и да ни се придружат, со молитвите на преподобен отец Герман сè е возможно. Една монахиња од Ново-Дивеево ни пиша дека целиот скандал за Автокефалноста се должи на фактот што Митрополијата, очигледно, не сака да биде канонизиран отец Герман и можеби таа е во право! Ако Алјаска не ни се придружи, отец Герман ќе направи нешто, убеден сум!
Превод: Елена Богдановска