18 февруари/3 март 1970г.
Драг Oтец Давид (Блек)!
Само што ги примивме првите три изданија на „Православна Алјаска“ и по тој повод би сакале да споделиме неколку размислувања со вас. Toa е добар и добредојден почеток – воздржан во тон и обем, свесен за старата традиција (мудро e што сте ја зачувале корицата на епископ Филип), напишан читко и едноставно, сосредоточен на главното – житијата на Светиите, црковниот календар и празниците, монашкиот живот, без страв да се искажуваат отворени ставови за ересите. Со Божји благослов, тоа може да придонесе многу за Православието во Алјаска.
Сепак, треба да се истакне дека книгата на др. Бенсин е толку неточна и неверодостојна основа дури и за изменет текст. Во статијата за отец Герман тој ја спомнува, Св. Сергеевската Серпуковска Света Троица, зборува за „ игуменот добро познатиот проповедник“, очигледно, измислен или помешан со некој друг, го праќа Св. Серафим во Валаам (каде што тој никогаш не бил) итн., и се чини дека измислува некои детали. Постојат подобри извори!
Но, иако несовршен, весникот „Православна Алјаска“ е добредојден почеток, и да бидам искрен, тонот е далеку посериозен и православен од она што поминува како „православен прес“. Од оваа причина – Ви зборувам од срце – ние сме огорчени од помислата што ќе се случи во Алјаска ако ја прифати „автокефалноста“. Верувам дека веќе сфативте, дека Митрополијата до сега живееше од сржта на старата руска (вистински православна) духовност, со која и до сега има некоја врска, благодарение на присуството на Руската Задгранична Црква во Америка, која ја запазува и живее таа духовност. Повеќето од Митрополијата застранија од оваа духовност, и сега, можеби само неколку поединци ќе го пронајдат патот, пред Митрополијата да го достигне својот крај со „протестантизам од источен обрад“. Зборувам сосема искрено со вас, бидејќи сметам дека гледате подалеку и сфаќате дека не се обидувам да „навредам“ некого, туку да ги опишам нештата такви какви што се, за жал.) Но, иако Алјаска е одделен и запоставен крај, таа има подлабоки корени во Православието. Зарем не може, барем таа да се спаси?
Само што напишавме апел до епископот Теодосиј да застане во одбрана на вистината и да ја постави Алјаска на правиот пат – за кој сум сигурен дека Вие и другите свештеници и цела Алјаска ќе го следите него, доколку го одбере овој пат. Се разбира дека постојат огромни пречки на патот на една ваква тешка одлука, но ако не се случи сега, можеби никогаш нема да биде. Ако се одлучите за „автокефалност“ се определувате да одите по патот на „општиот тренд“ на времето, кој води надвор од Црквата. (Навистина, Москва не ни почека да потпише Митрополијата, кога објави дека ќе отиде во заедница со католиците, дека Унијата е веќе тука и мачеништвото на Св. Петар Алеут, наместо да биде знак и инсипрација за сите православни верници, станува апсурд и залудно дело.) Но да се спротивстави човек на тоа (што во денешно време практично означува да се одбере Руската Задгранична Црква, затоа што и покрај човечките недостатоци, се чини дека е единствена заинтересирана за вистината!) означува да застане на страната на денешните исповедници и оние кое не се срамат од вистинското „тесно“ православие (Православието кое на Алјаска го донесоа отец Герман, епископот Инокентиј, и други) – луѓе од рангот на игумен Пантелејмон и неговите монаси, монасите од манастирот Света Троица, Отец Нектариј Паласис и други.
Ако Епископот Теодосиј се одлучи да го одбере овој пат, тоа ќе биде чудо на отец Герман (Отец Алексеј Јонов, кој се претпоставува дека го напишал житието на отец Герман за Митрополијата, веќе го одбра овој пат со целата своја парохија!). Убеден сум дека одѕивот на луѓето ќе биде огромен.
Иако како братство на преподобниот отец Герман Алјаски нашите срца се со Православна Алјаска, сè досега не беше возможно да воспоставиме соработка со официјалната црква во Алјаска, поради нејзиниот „полу-канонски“ статус (и нашата претпазливост е веќе добро потврдената „автокефалност“, која ќе ја запечати Митрополијата со печатот на московските предавници и гонители на верните); ако Неговото Преосвештенство има храброст да застане и да ги застапи бројните православни верници, ќе ја дадеме сета можна поддршка за Православието во Алјаска и ќе ги охрабриме нашите читатели да го сторат истото. Нашите срца жеднеат да ве прифатат како целосно братство во малото стадо на православните верници кое изгледа дека сега ќе се соочи со омраза, не само во светот туку и од оние „православни“, кои не се грижат многу за нивната вера. Нека Господ и преподобниот отец Герман и светиот новомаченик Петар ве водат на правиот пат Вашето Преосвештенство и сите вас во Алјаска. Се молиме за вас и ги просиме вашите молитви за нас.
Со љубов во Христа нашиот Спасител,
Евгениј Роуз.
П.С. Примете поздрави од братот Глеб. Ви ја испраќаме и штотуку испечатената икона на отец Герман. Одделно ќе добиете (во случај да не го имате веќе) житието на отец Герман од Ф. Голдер. Тоа се подароци од нас.
Превод: Елена Богдановска