Од Писмата на отец Серафим (Роуз) / Писмо 23-то

Август, 18/31,1965

Драг oтец во Христа, Пантелејмон

Ве молам простете за долгото одложување на мојот одговор. Ги примивме вашите два превода, заедно со писмото од братот Харалампиј. Ви благодарам многу. Со задоволство ќе ги испечатиме и двете статии, според наведените услови во писмото. „Животот на Св. Марко“ ќе излезе во првиот број за наредната година, а „Вселенскиот Патријарх“ најверојатно во 5то или 6то издание од оваа година. Претпоставувам дека ваша желба е преводите да останат анонимни. Ако се согласувате, за вашите останати преводи ќе го користиме примерот од Грчките Теолошки Прегледи  „преведено од еден монах на Света Гора.“

Во врска со Животот на Св. Марко, би сакале да објавиме во истото издание подетален опис на состојбата на душата после смртта (ова ќе биде наше издание за Великиот пост). Постои беседа на Св. Макариј која може да ја препечатиме од Православен Живот, зборува за причините за поменот на мртвите на 3, 9 и 40 дена после смртта, но не спомнува ништо за воздушните митарства. Ако знаете или имате преведено некој добар текст за оваа тема, би биле многу благодарни да чуеме за тоа.

Што се однесува до статијата за Вселенскиот Патријарх, сметам дека би било мудро да се вклучи забелешка во два наврати кога „Словенските православни Цркви оддржаа прекрасна лекција за православното размислување за Мајката на Великата Христова Црква“. Признавам дека не сум запознат во двата наврати: ниту со вклучувањето на Никола од Охрид во 1930, ниту со третата средба на Родос. Исто така, се прашувам дали може да ни дадете точна дата на издавањето на Типосот [Зборникот], каде што е излезена оваа статија.

Многу сме заинтересирани за малечката книга за екуменизмот која што сакате да ја објавите. До сега сè печатевме на мала рачна печатница, но во последно време побаравме поголема електрична машина која ќе ни овозможи да ја прошириме печатарската дејност. Наша прва задача ќе биде да стигнеме со печатење на нашето списание (до сега заостануваме најмалку еден месец), а потоа ќе започнеме со печатење на памфлети и мали книги. Моментално не можеме да ветиме ништо, но мислам дека ќе бидеме спремни да преземеме печатење на таква книга, од почетокот на следната година. Јас сум многу заинтересиран да го прочитам ракописот, ако сте во можност да ни го испратите. А што се однесува до цената, тоа зависи од должината на книгата и колку копии би сакале да направите. Додека постои нашата печатница само за ширење на Православието, сигурно дека ќе наплатиме колку што е можно помалку.

Не се сеќавам дали ви испратив или не, копија од иконата „Радост на сите натажени“. Во секој случај ќе пратам утре. Мислам дека беше доста успешно отпечатена. Верувам дека трошоците беа околу 500 долари за 3.000 копии, но не знам колку наплаќаат за мали икони. Ќе ја побарам адресата на компанијата за вас (во близина е до Сан Франциско), веднаш штом ќе можам.

Ви пративме неколку дополнителни копии од последното издание на нашиот весник, кои може да ги искористите како сакате. Ако сакате да ги продадете, ве молам задржете ги парите за вашиот манастир. Ако имате потреба од повеќе копии, ве молам да ни кажете.

Со нетрпение очекуваме да добиеме други преводи и статии од вас, како и предлози или коментари доколку ги имате за нашиот весник. Со Божја волја, ова да биде почеток на една плодна соработка за доброто на Светото православие! Ќе имаме многу непријатели, не само меѓу модерните православни христијани, но наша должност е да ја говориме вистината. Молете се за мене грешниот, за Глеб, како и за јеромонахот Сава, еден млад српски свештеник кој наскоро ќе ни се придружи во нашето мало мисионерско братство.

 

Со почит во Христос, нашиот Бог.

Превод: Елена Богдановска