Влегувањето на Спасителот Господ Исус Христос во Ерусалим (Цветници) – Света Архиерејска Литургија во Битола

На 13.04.2025 г., во недела посветена на Влегувањето на Спасителот Господ Исус Христос во Ерусалим, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереи ставрофорите Златко Костовски, Кирил Трајковски, ерејот Александар Маргулевски и ѓаконот Крсте Атанасов, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј, во Битола.

На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, благоволи во свештенички чин да го ракоположи ѓаконот Александар Маргулевски.
Од името на Епархијата, на новоракоположениот свештеник Александар Маргулевски, му го честитаме примениот свештенички чин и се молиме достојно да Му служи на Бога и на верниот народ, принесувајќи многубројни плодови.

Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Благословен е Оној, Кој доаѓа во името Господово!“ Бог Господ ни се јави! (Мат. 23, 39).

Денес, браќа и сестри, е голем и спасоносен празник.

Денес е празникот на влегувањето на Господ Исус Христос во градот Ерусалим — Неговото последно влегување во светиот град, во Јудеја.

Нашиот народ овој празник го нарекува Цветници, затоа што со него се најавува доаѓањето на пролетта — расцутуваат дрвјата и зеленеат полињата и горите.

Празникот е голем, убав и спасоносен.

Овој празник особено го чувствуваат децата, бидејќи тие, како незлобливи суштества, излегувале пред Христа, нашиот Спасител, со палмови и маслинови гранчиња, и Го пречекувале со радосен восклик: „Осана на Синот Давидов, благословен е Оној што доаѓа во името Господово“. Дури и доенчињата, оние што уште цицаат, викале: „Осана на Синот Давидов“.

Христос Спасителот, ден пред тоа, направил големо чудо — Го воскреснал од мртвите четиридневниот Лазар, Неговиот возљубен пријател, брат на сестрите Марта и Марија.

Кога до Христа стигнала веста дека Лазар умрел, Тој бил далеку од Витанија, селото каде што Лазар живеел. Тогаш рекол: „Лазар не умре, туку заспа“, и пролеал солзи.

Христос Спасител никогаш не се насмеал. Зошто? Затоа што дошол како слуга, да тагува заради нас – заради паднатиот човек, заради Адама и Ева, кои ја нарушиле единствената заповед, и заради сите нивни потомци кои постојано паѓаат во грев. Христос не дошол за праведниците, туку за грешниците – да ги избави од гревот и смртта.

Затоа никогаш не се насмеал, ама двапати заплакал. Еднаш – кога слушнал за Лазар, за кого кажа дека не умре, туку заспа. Зашто, браќа и сестри, сите ние што умираме – до Второто Христово доаѓање, кога ќе се случи општото воскресение – не сме умрени, туку заспани. Смртта, што е таа, ако не разделба на душата од телото? А кога душата ќе се соедини со телото, настанува нов живот.

Така се случи и тогаш: Лазар беше четири дена во гробот, и телото почнало да се распаѓа. А кога Христос пристигнал, сестрите му рекле: „Да беше Ти, Учителе, тука, немаше да умре нашиот брат.“ Но Христос им одговорил: „Не плачете, Лазар заспа.“

И кога пристапил до гробот, извикал со силен глас: „Лазаре, излези надвор!“ И Лазар се подигнал од гробот, завиткан како новороденче во пелени, зашто така Евреите ги погребувале своите мртви. Воскреснал – душата му се вратила во телото – и Лазар продолжил да живее. Но не во вечниот, туку во времен живот.

Познато е дека подоцна Лазар станал епископ и е основач на Црквата на Кипар.

Браќа и сестри, Лазаревото воскресение е праобраз и праслика на нашето општо воскресение, кога Христос повторно ќе дојде на земјата за да им суди на живите и мртвите, и секому ќе му се суди според неговите дела.

Христос го воскресна Лазара, и наместо сите да се радуваат на тоа чудо, книжниците, фарисеите и старешините се озлобија. Не само поради тоа што направи чудо, туку и затоа што претскажа дека и ние ќе воскреснеме кога Тој повторно ќе дојде. Тие не можеа да прифатат дека мртвите ќе воскреснат, а живите ќе се променат — за миг ќе умрат и ќе воскреснат.

Тогаш ќе се случи тоа за кое говори Христос: Ангелите од сите четири страни на светот ќе затрубат со силни труби, ќе се отворат Небесата, и од Адама до последниот човек што ќе се роди пред Христовото Второ доаѓање — сите ќе излезат на Суд. И секому ќе му се суди лично за неговите дела.

Но, оние што се исповедале и се покајале за своите гревови, кои се исповедале пред својот духовник, парохискиот свештеник — тие нема да бидат осудени, зашто нивните гревови се простени.

Некои погрешно мислат дека треба да се оди кај разни старци, но ваш духовник е вашиот парохиски свештеник. Тој е тој кому сте му доверени.

На сите ќе им се суди, но кај тие што се исповедале и се покајале, Христос нема да ги прикаже нивните гревови на Судот. Тоа е како кога некој режисер снима филм, но дел од снимката не му се допаѓа — тој дел го отсекува од лентата, и повеќе не постои.

Исто така, кога ќе дојде Христос да му суди на светот, ќе се случи последниот, страшен, голем Суд. А Христос, браќа и сестри, го воскресна Лазара за да ни даде пример — дека и ние ќе воскреснеме во последниот ден.

Кога Христос дошол да влезе во Ерусалим, се искачил на Маслиновата (Елеонската) гора и го видел градот. Наместо да се радува на убавината на градот, Тој заплакал и пролил многу солзи. И рекол: „Ерусалиме, над многу градови си поставен, но од тебе нема да остане камен на камен.“ Зошто?

Затоа што Христос знаел дека истиот тој народ што сега Го пречекува со „Осана на Синот Давидов, благословен е Оној што доаѓа во името Господово“, по неколку дена ќе се откаже од Него и ќе вика: „Распни го! Распни го!“

Затоа Христос заплакал — не за себе, туку за тие што денес Го слават, а утре Го отфрлаат.

А зар не сме и ние, браќа и сестри, дел од тие луѓе? Секој од нас што греши — што прави големи, тешки, смртни гревови — исто така Го распнува Христа.

Ако лажеме — Го распнуваме Христа.
Ако крадеме — Го распнуваме.
Ако клеветиме, ако понижуваме, ако се одмаздуваме, ако им завидуваме на луѓето, ако се гневиме…

Зашто, вели Свети Јован Богослов: „Кој се гневи на братот свој — тој е убиец”.

Секој човек што се лути и гневи на братот свој — е убиец. Зашто, прво доаѓа лутината и гневот, а потоа убиството. Ете, затоа, браќа и сестри, кога сме исполнети со такви гревови, и ние Го распнуваме Христа, нашиот Бог и Спасител, исто како што Го распнаа и Евреите — од чиј род по Мајка потекнува Христос.

Затоа Христос повторно плаче. Прво плачел за Неговиот пријател Лазар, а потоа и за Ерусалим — градот што формално Го прима, што Го нарекува Цар Јудејски и Го поздравува со „Осана на Синот Давидов, благословен е Оној што доаѓа во името Господово“, а подоцна ќе викне: „Распни го! Распни го!“

Браќа и сестри, кога говориме за влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим, природно е да се запрашаме: не доаѓа ли Христос и меѓу нас?

Денес, на Цветници, Христос влегува во сите православни храмови, а особено во срцата и душите на оние што се отвораат за Него. Денес, Христос влегува во нас преку Светата Причест – преку Неговото Свето Тело и Крв. Тоа е вистинското значење на Христовото влегување во Ерусалим: како што сакал да влезе во тој град, така и денес сака да влезе во нашите срца.

Но Христос не сака да влезе само во ракотворените храмови, туку и во нашите тела, кои, како што вели Светиот апостол Павле, се храмови на Светиот Дух. Не знаете ли дека телата ваши се создадени да бидат храмови на Светиот Дух?

А ако не ги отвориме срцата и душите наши за Христос, тогаш нашите тела ќе станат храмови на нечистиот, на сатаната и неговите демони.

Затоа, браќа и сестри, да се потрудиме да Го примиме Христа, Кој сака да дојде кај нас. А кога Христос доаѓа кај нас? Кога сме на Божествената Литургија, кога сме во храмовите, кога заедно се молиме на Литургијата  — тогаш благословениот Леб се претвора во Телото Христово, а благословеното Вино во Крв Христова. Тогаш Христос влегува во нас, како вистински Бог и Спасител, преку Светото Причастие.

Но, за да го примиме Христа, потребна е и средба со Него. А каде и кога се среќаваме со Христа, ако не на исповедта — пред нашиот духовник, парохискиот свештеник? Кога со коленичење пред Христовата икона ги исповедаме нашите гревови што сме ги сториле, свештеникот е должен со внимание да ги сослуша.

Но тој не смее да навлегува во интимни детали — не треба да прашува каде и со кого е направен гревот. Некои старци тоа го прават за потоа да ги уценуваат своите духовни чеда и да ги условуваат. Тоа е спротивно на духот на исповедта.

Ниту еден свештеник нема право да прашува со кого и како е направен гревот. Гревот треба само да се именува: ако некој лажел — не е важно кого, каде и како; ако крадел — не е важно од каде и како; ако направил прељуба или друго зло — не е важно со кого и како, туку важно е дека гревот е направен. Свештеникот треба тоа да го сослуша и да даде совет — како да се ослободиме од тој грев.

За да се ослободиме од гревот, треба да правиме добри дела спротивни на сторениот грев. Ако сме лажеле — секогаш да ја говориме вистината; ако сме краделе — да го вратиме украденото, да правиме добри дела кон оние што имаат потреба: сиромаси, сирачиња, вдовици, болни и сите страдалници.

Во тој дух Господ доаѓа, и со Него се среќаваме во Светата Тајна на Покајание и Исповед. Ако искрено се каеме, Христос ќе се сретне со нас и ќе нè воведе во вечниот живот.

Се среќаваме со Христа и кога имаме големи страдања и искушенија — кога ќе се разболиме ние или некој наш ближен: родител, дете, пријател. Христос доаѓа во пресрет и кога има војни, несигурност, кога не знаеме што ќе донесе иднината на нашата Татковина или на нашите животи.

Се среќаваме со Христа и во времиња на болести, како што беше и со вирусот Ковид-19. Рековме дека ќе се поправиме, дека ќе живееме побожно, но изгледа уште повеќе грешиме.

Гледаме што ни се случува: трагедијата во Кочани, пожарот во модуларната болница во Тетово, несреќата во Ласкарци, несреќата во Бугарија — многу луѓе загинаа, но ние не извлековме поука. Не се покајавме. Наместо да се обвинуваат други — да почнеме од себе!

Да тргнеме од себе!

И да почувствуваме, како што денес во овој свет храм сме собрани, дека Христос, нашиот Спасител, доаѓа да Го примиме — да влезе не само во нашите домови, туку и во нашите работни места, во институциите, во Собранието, во општествените организации, во претпријатијата, во бизнисите, во семејствата, и во сите православни храмови.

Но секој од нас е должен да се откаже од своите грешни желби, мисли, помисли и дела. Да ги отвориме срцата и душите наши, за да Го примиме Христа, нашиот Бог и Спасител.

Да не бидеме како Евреите кои, кога Христос влезе во Ерусалим, велеа: „Осана на Синот Давидов! Благословен е Оној што доаѓа во името Господово!“, а потоа, само по неколку дена, извикаа: „Распни го!“

Да не Го распнуваме Христа со нашите гревови! Да се молиме на Пресвета Богородица и на Сите Свети, нашиот Спасител Исус Христос да ги исполни срцата и душите наши, да се всели во нашите мисли, во нашите умови, во нашите чувства, и во нашите тела.

Честито нека е, браќа и сестри, и ракополагањето во свештенички  чин на нашиот брат Александар,
зашто на оваа Божествена Литургија се исполни и ова големо дело.
Благословот на Светиот Дух нека се всели во него, и во сите нас што сме присутни на оваа света Литургија. Амин!

(Аудио) «Празнична аудио проповед на Митрополитот Петар»