Велигденско послание

 † ПЕТАР

    ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

      МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ И

         АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКИ И НОВОЗЕЛАНДСКИ,

        НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО И

    ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО

            ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА И АВСТРАЛИСКО-

      НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА,

                ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО

        НАЈТОРЖЕСТВЕНИОТ  ПОЗДРАВ

          ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

„Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“   (Јован 11, 25)

Христос Воскресе, возљубени браќа и сестри!

Христос воскресна од мртвите – и ние да воскреснеме со Него; Христос е во Својата слава – и ние да влеземе во неа; Христос воскресна од гробот, а ние да се ослободиме од ропството на гревот. Се отвораат вратите на адот и смртта се истребува. Стариот Адам е заменет со Новиот, Кој е Христос; и во Него ние сме обновени, односно станавме нова твар.

            Христос Воскресе и сета смртност од земјата ја однесе; сè гнило се најде во бегство, сите гревови, сите демони.

            Навистина Воскресе и сè се исполни со радост; и небесата и земјата.

Ете, во четири зборови искажана е целата тајна и за овој и за оној свет, и за секој човек, за секое битие. Во четири зборови содржана е смислата на нашиот живот. Во четири зборови искажана е суштината на човековото постоење.

Возљубени празникољупци, во Христовата победа!

Велигден, најсветлиот празник на христијанската вера, е таинството кое ја преобразува историјата на човештвото. Велигден не е само сеќавање на некое  историско случување од минатото, туку е живо присуство на Божјата сила која секогаш е со нас, која нè води, која нè облагородува и која нè ослободува. Во таа смисла, ние не сме само сведоци на Христовото Воскресение, туку и Негови учесници.

Велигден е и ден на радост, ден на љубовта која го опкружува секој човек. Таа љубов не познава граници, не познава време, не познава националности, не познава никакви разлики. Таа е чиста и несебична, безусловна и спасоносна.

Христос Воскресе и ја понесе единствената вистинска победа во овој земен свет – победата над смртта. Зашто никој не е посилен од смртта, никој од луѓето, никој од Ангелите, никој од демоните, туку само Он – Воскреснатиот Господ Исус Христос. Затоа Христовата победа е единствена победа на која можат да ѝ се радуваат сите човечки битија, од првородениот до последниот.

И најблагородната човечка победа е слична на сонце, но такво сонце, кое со едната половина пушта светли, а со другата половина темни зраци. Само Христовата победа е како сонце, кое пушта светли зраци на сите оние кои стојат под него. Само Христовата победа ги исполнува сите човечки срца со неподелена радост. Само таа е без злоба, само таа е полна со љубов.

Возљубени сведоци на Христовото Воскресение!

Да не беше Воскреснатиот Христос, да не беше Неговото Воскресение, ни нас немаше да нè има. Христијани немаше да има во светот. А ние сме христијани, затоа што веруваме во Христовото Воскресение, во својата бесмртност и во Живот Вечен.

Човекот веќе не е роб на гревот, веќе не е роб на ѓаволот, не е роб на смртта. Човекот преку Христа Воскреснатиот ослободен е и од гревот, и од ѓаволот, и од смртта. Таа е единствената слобода за човечкиот род, вистинска слобода.

Човекот, всушност, вистински се родил за вечен живот на денот на Христовото Воскресение. Инаку, заради што човекот би се раѓал во овој свет? За да умре; да помине низ овој земен пекол, во маки и страдања и да се спушти во гроб? Не! Бог, човекот не го создаде за тоа. Со Своето Воскресение, Христос покажа дека човекот е создаден за бесмртност и Живот Вечен. И ние христијаните сме сведоци за тоа.

До Христа Господа и Неговото Славно Воскресение, оваа земја беше мрачна ноќ на смртта, беше страшна и грозна зима, зима на гревот и смртта. Во неа се смрзнуваше секоја душа и трепереше во страшни трески, и непрестајно умираше, а не може да умре затоа што е создадена бесмртна.

Оваа страшна и грозна зима дојде тогаш, кога првиот човек – Адам згреши, ја погази заповедта за послушноста кон својот Создател и Бог. Штом Адам згреши против сеспасоносната послушност кон Бога, во него влегоа студот, срамот и стравот; тогаш тој се почувствува бескрајно оддалечен од Бога и почна да предчувствува дека доаѓа зимата во рајската градина, почна да ја предчувствува смртта над него.

Грешниот пат по кој тргнал Адам,  им станал насока и на неговите поколенија, на човечкиот род. Страшниот пат по кој одеше човештвото, беше патот на гревот; и тој застрашувачки пат непогрешливо водел само до еден град, градот на зимата, градот на мртвите и смртта.

И ете, Христос Сонцето засветли од гробот и на душите им донесе пролет. Христос Сонцето засветли од гробот и ја протера темната зима на нашите гревови, ја избрка  зимата на ѓаволот, ја отстрани страшната и грозна зима на смртта. Со Христовото Воскресение, стигна расцутената гранка на пролетта во нашите души.

Христос со Својата сила го уништи адот – тој град на заробените души, со Својата сила го прослави Телото Свое и се издигна од гробот; со Својата сила, која е неразделна од силата на Отецот и Светиот Дух.

Христовото Воскресение навистина е вистински настан, и во исто време пророштво и слика за нашето воскресение – зашто ќе затруби труба и мртвите ќе воскреснат нераспадливи (1 Кор. 15, 52).

Најмили наши чеда, во Христа Воскреснатиот и Воскресителот!

Разликата помеѓу смртта пред Христовото Воскресение, и пo Неговото Воскресение, е како разлика помеѓу огромен и страшен пожар, и пламен на една свеќа.

Во овој серадосен ден, кога ни е даден Живот Вечен, не можеме а да не чувствуваме  и извесна тага и болка заради тоа што ни се случи, заради тагата што ја надви Македонија, заради болката од ужасната трагедија во пожарот што го снајде нашето Кочани.

Жив човек кога погребува мртовец, тој закопува дел од себе со мртовецот; и се враќа дома носејќи во својата душа дел од погребаниот мртовец. Ова е јасно кога роднина погребува роднина и пријател свој пријател; а особено јасно, до ужас јасно, кога мајка погребува свое дете.

Мајката до згрбување ги посетува гробовите на своите деца, додека децата непрестајно живеат во душата на мајката. А во душата на мајката, мајката живее само во еден тесен агол; остатокот од палатата на нејзината душа го завземаат децата. Таков е и Христос, браќа и сестри, мои кочанчани и останати, кои загубивте свои деца. Он беше целиот затворен во гробот, за да можат луѓето, Неговите деца, вашите деца, да се радуваат во бескрајната Рајска палата.

Ранетата и неутешна мајка ги посетува гробовите на своите деца за да ги воскресне во својата душа, да ги измие со своите солзи, да ги помилува во своите мисли. Љубовта на мајката ги спасува мртвите деца од исчезнување и заборав во овој свет. Накажаниот, тепан, плукан, шамарен и исмејуван Христос, распнат на Крст и ставен во гроб, воскресна; и со Својата сила и љубов го воскресна целиот човечки род, и засекогаш  го спаси од исчезнување и заборав. Не прилега да се нарекуваат мртви, туку преминати, оние за кои Христос пострада и умре. Тие се живи во Живиот Господ.

Како што мајката умира, неумирајќи, кога ги посетува гробовите на своите деца, така и Христос умре неумирајќи – преминувајќи, воскреснувајќи, за да ги посети Своите умрени деца. Грижата за мртвите, единствено е Божја грижа; сè останато е Божја радост. Господ постојано се грижи само да ги воскресне луѓето. Затоа и непрестајно ги посетува човечките гробови со Своите Свети Ангели. Сите ние тоа јасно ќе го знаеме тогаш, кога Господ последен пат ќе ги посети земните гробови, кога ќе затрубат трубите од четирите страни.

Лекарот на телата и душите, Христос Воскреснатиот, со Својата милост и љубов да ги посети и настраданите во пожарот; и да им ги исцели раните, како телесните, така  и духовните, та и тие заедно со нас да воскликнат: Христос Воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на оние во гробовите живот им дарува.

Мили браќа и сестри, синови и ќерки на Воскресението!

На овој голем ден, на Велигден, се потврдува дека страдањата и искушенијата во овој живот, иако неизбежни, се привремени, додека славата и радоста во Царството Божјо се вечни. Овој светол празник не само што ја потврдува победата Христова над смртта, туку и поттикнува, секој човек да ја доживее таа победа во своето лично постоење.

На Велигден, нека се обнови не само природата околу нас, туку и срцата наши, Нека се отворат срцата наши за благодатта што Христос Воскреснатиот ја дарува на секој што верува во Него.

Христос воскресна и ние воскреснуваме со Него! Оваа вистина и радост да биде безмерна, нека го осветлува секој наш ден; и да ја носиме со себе во сите денови од нашиот живот, и во вечниот живот, во Царството Небесно! Амин!

Христос Воскресна! Навистина Воскресна!

Ваш постојанен молитвеник пред Христа Воскреснатиот,

Митрополит Преспанско-пелагониски и

  Администратор Австралиски и Новозеландски

  † Петар

          Велигден 2025