На 01.05. 2024 г., во Средата од Страсната седмица, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерј-ставрофорите Златко Костовски, Кирил Трајковски и протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Литургија на Претходноосветените Дарови во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
По завршувањето на Божествената Литургија, беше отслужена Светата Тајна Елеосвештение.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Браќа и сестри, по прочитувањето на ова прво Свето Евангелие, од денешниот Маслосвет, кој го отслуживме, слушнавме како еден Самарјанин, кој бил сметан од Евреите како непријател на еврејскиот народ, му помогнал на еден ранет човек кој бил нападнат од разбојници. Слушнавме од Светото Евангелие, дека покрај овој тешко ранет човек, поминал еден свештеник и левит, но никој од нив не сакал да му помогне. Кога дошол Самарјанинот, кој Евреите го сметале за непријател, се сожалил над него, и откако пристапил и го качил на своето добиче, го однел во гостилницата, а пред тоа му ги измил раните, полевајќи го со масло и вино, и го предал на гостилничарот во гостилницата велејќи му: „Припази го; а ако потроши нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам“ (Лука 10, 35).
Всушност, овие зборови од ова Свето Евангелие се однесуваат на Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој е милостивиот Самарјанин, Кој е најмилостивиот од сите, бидејќи во овие денови од оваа Страдална Седмица, која е посветена на страдањата на Исуса Христа, а тоа го слушнавме и од црковните текстови кои ги читаме и пееме на богослужението, и до Божествената Литургија на Претходноосветените дарови, дека Спасителот наш Господ Исус Христос доброволно одлучил да дојде во светот, и да страда заради нас и заради нашето спасение.
И еве, ова Евангелие кое пред малку го прочитавме потврдува дека Господ страда заради нас и заради нашето спасение. Самиот Господ е милостивиот Самарјанин за нас ранетите од гревот, како што и овој човек бил ранет од разбојниците. Разбојниците се всушност демоните и ѓаволите, односно слугите на сатаната. И како што Самарјанинот го измил од раните и го излекувал, и го однел во гостилница, која ја прасликува Црквата Божја, Црквата Христова, во која ние се лекуваме најнапред од духовните и душевните рани и болести, а потоа и од телесните, така и Господ нас не подигнува од нашите болести и страдања.
Во овие денови на предавства на Христа нашиот Бог и Спасител, како што слушнавме од денешното Свето Литургиско Евангелие на оваа Претходноосветена Литургија, ние браќа и сестри, да не го следиме Јуда, кој веќе се договара со првосвештениците, со фарисеите и садукеите, да го предаде Христа нашиот Бог и Спасител за триесет сребреници. Ние не треба да одиме по неговиот пат заради земните и материјалнит богатства, и да го предаваме Христа.
Во овие денови на предавство на Христа нашиот Бог и Спасител од страна на Јуда, и од сите нас кои го следиме Јуда со нашето среброљубие, со нашите желби за телесни и материјални уживања и наслади, ние треба да се одвратиме од тој погрешен пат, и да се вратиме на правиот и вистинскиот пат, по патот по кој оделе Светите Апостоли и жените мироносици, кои никогаш не го оставиле Христа, нашиот Бог и Спасител, дури ни тогаш кога бил, распнат на Крст, заради нас и нашето спасение. Да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на која како што претскажал праведниот Симеон, „и тебе меч душата ќе ти ја прободе“ (Лука 2, 35), а тоа значи дека се ближи времето кога Христос ќе биде распнат на Крстот, и прободен со копје во ребрата.
Па така по молитвите на Мајката Божја, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилуј не нaс грешните! Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар