На 25.02.2024 г., во Неделата на митарот и фарисејот, Митрополитот Преспанско-Пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Црногорско-приморски г. Јоаникиј, како и свештеници од двете сестрински Цркви, отслужи Света Архиерејска лиртургија во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Цетиње.
На крајот од Светата Литургија, Митрополитот Јоаникиј, поздравувајќи го Митрополитот Петар, му се заблагодари што одговорил на поканата да дојде на свечената прослава на празникот Свети Симеон Мироносец.
„Најпрво во местото на неговото раѓање, Подгорица, каде што вчера соборно го прославивме Свети Симеон, со повеќе архијереи, со многу свештенство и верен народ. Со вашето доаѓање добивме голем благослов од македонските и сесловенските светители Климент и Наум. Ни ја донесовте Вашата љубов и љубовта на Вашето благочестиво паство. Голем благослов е што денес имаме можност да служиме тука, пред кивотот на Свети Петар Цетињски, што се помоливме пред честичката од Чесниот Крст Христов и пред раката на Свети Јован Крстител, во оваа древна светиња, во седиштето на Митрополитите Црногорско-приморски“, рече Митрополитот Јоаникије.
Тој ја изрази својата радост што дојде до помирување и канонско и литургиско општење помеѓу Македонската и Српската православна црква.
„Тоа е голем благослов за сите нас, бидејќи, еве, фала на Бога, откако дојде до помирување, ние архијереите на Српската црква често служиме во светињите на Македонската православна црква. И нашите браќа архијереи од Македонија доаѓаат да служат во нашите светињи. И нашиот верен народ никогаш не ни престана да ги посетува светињите и на едната и на другата страна. Како што браќата од Македонија многу често доаѓаат кај Свети Василиј Острошки, така и нашиот верен народ од Црна Гора оди да се поклони на светињите во Македонија, пред сè на кивотот на Свети Наум Охридски и Свети Климент, и да се помолат на Бога во прекрасните македонски светињи“, рече тој.
„Нашите врски“ – продолжи Митрополитот Јоаникиј – „се уште од Свети Јован Владимир и неговата сопруга Косара, ќерка на царот Самуил“.
„Она што е многу важно е да се потпреме на нашите духовни и културни корени, кои се заеднички. Има многу нешта кои нè поврзуваат. Да гледаме на она што нè поврзуваше, што нè облагородуваше, што нашите предци низ многуте векови на нашата бурна историја го заеднички го чуваа, заеднички се крепеа, во Светиот Дух се радуваа во верата и во љубовта Божја“, рече Митрополитот Јоаникиј, изразувајќи му добредојде на Преспанско-пелагонискиот Митрополит.
Митрополитот Петар, заблагодарувајќи му се на домаќинот Митрополитот Јоаникиј, исто така изрази радост заради канонското и литургиското општење на архијереите, свештенството и свештеномонаштвото на двете цркви.
„Тоа е голема радост. Нема поголема радост од тоа кога браќата се заедно. Како што и ние бевме заедно денес на оваа Света Литургија“, рече тој.
Тој рече дека тоа заедништво во поново време го утврдуваат и неодамна откриените мошти на Света Стефанида Скадарска, по кои своевремено трагаше блаженопочинатиот Митрополит Амфилохие.
„Тоа заедништво овој пат се утврдува преку маченичката смрт на оваа света девојка“, рече тој и предложи заеднички да испратат писма до Синодите на Српската и на Македонската црква за, ако тоа биде Божја волја, оваа светителка да биде канонизирана.