На 14.04.2024 г., во Четвртата Недела од Великиот Пост (Недела на Свети Јован Лествичник), кога го празнувавме споменот на Света Марија Египетска, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев, протоѓаконите Драган Георгиевски и Константин Сековски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храмот „Свети Великмаченик Георгиј“, во Ресен.
На Божествената Лирургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Тој род си ништо не може да се истера, освен со молитва и пост” (Марко 9, 29).
Браќа и сестри, слушнавме од денешното литургиско свето Евангелие, како учениците Христови, Апостолите, не можеле да излекуваат едно момче кое било обземено од нечист дух. Во меѓувреме Господ наш Исус Христос слегувал од гората Тавор, заедно со тројцата свои ученици Петар, Јаков и Јован, од Светото Преображение, каде Христос се покажал во својата слава, а учениците не можеле целосно да го гледаат Неговото Преображение, бидејќи од Него излегувала голема светлина, посветла и од сонцето, кое се изобрзува на иконата на Преображение како затемнето во однос на зраците кои излегуваат од Христа нашиот Спасител, Кој е Сонцето на Правдата.
Кога Господ стигнал долу, слушнал како се расправаат луѓето, фарисеите и садукеите, затоа што учениците Христови не можеле да го излекуваат тоа момче, иако биле замолени од таткото на момчето. Веднаш таткото на момчето пристапил кон Господ наш Исус Христос и му рекол: „ако можеш, смили се над нас и помогни ни“ (Марко 9, 22), бидејќи нему му била последната надеж, дека само Господ Исус Христос може да го излекува, и никој друг, бидејќи сите кои дотогаш се обиделе, не успеале да го излекуваат.
Но срцевидецот, оној што ги знае нашите срца, нашите мисли и помисли, веднаш ми се обратил на таткото и му рекол: „Ако можеш да поверуваш? Сè е можно за оној што верува!“ (Марко 9, 23). Таткото на момчето на тоа рекол: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!” (Марко 9, 24). Господ веднаш ја утврдил дијагнозата на болеста на момчето, а дијагнозата или причината за болеста била маловерноста на неговиот татко, сомнежот дека може да биде излекуван неговиот син, и затоа кога Господ го запрашал: „Веруваш ли?“, тој тогаш во себе почнал сериозно да размислува. Помеѓу неговата желба да биде излекуван неговиот син, и вистинската негова вера, тој во своето срце и душа, утврдил дека не му е толку силна и голема верата, колку што ми е голема желбата, да биде излекуван неговиот син.
Тогаш Господ му рекол на нечистиот дух да излезе од момчето, и тој наеднаш го стресол и го фрлил на земјата, и тоа почнало да се пени, и нечистиот дух излегол од него, и Господ излекувано го предал момчето на неговиот татко.
После овој настан апостолите му рекле насамо на Господа: „Зошто ние не можевме да го истераме?” (Марко 9, 28). А Господ тогаш им одговорил: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост” (Марко 9, 29), а тоа значи дека постот и молитвата, се најдобрите сретства, најсигурното оружје против нечистите духови, против гревовната состојба на луѓето, браќа и сестри. Откако се случило ова чудо, ние во овие денови од Велигденскиот пост треба сериозно да размислиме каде стигнавме, и како постиме.
Ќе поговориме малку и за постот, покрај она што го кажавме за верата, односно, дека верата треба да биде, браќа и сестри, цврста, непоколеблива, силна, бидејќи само таква силна вера може чуда да прави, како што рекол Господ Исус Христос: „Ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете ли на оваа планина: Премести се одовде таму? и таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно“ (Мат. 17, 20). Прашањето е дали ние имаме таква силна и цврста вера, дури и како синапово зрно?
Кога е во прашање постот, еве сите ние меѓу себе разменуваме мисли како сме постеле и колку сме постеле. Но најповеќе мислиме само на телесниот пост, дали семе јаделе некоја појака или послаба храна, дали во храната имало нешто мрсно, без да знаеме и.т.н. Всушност сите наши мисле се упатени тука, наместо кон поважниот и позначаен пост, односно духовниот пост. Во духовните песни што ги пееме, браќа и сестри, во овој Велигденски пост се вели: „да постиме браќа, духовно и телесно!“ Прво е кажано духовно, а потоа е и телесно.
Што е, и каков е духовниот пост? Духовниот пост се состои, браќа и сестри, во нашето постојано набљудување на нашето однесување, односно на нашата гревовна состојба. Духовното постење е покајанието. А што е покајанието? Покајанието е свртување на целото внимание, кон нашата гревовна состојба, кон нашите гревови што сме ги направиле и ги правиме. Затоа откако ќе се провериме дека сме направиле многу гревови од нашето раѓање до последниот миг, мораме сериозно да размислиме, како тие гревови да ги очистиме, и како од нив да се ослободиме. Браќа и сестри, нема друг лек за ослободување од гревовите, освен покајанието, а покајанието е признавање на гревот дека сме згрешиле, и донесување на цврста одлука дека нема да ги повторуваме гревовите, особено смртните, а смртни гревови се: гордоста и ќерката на гордоста, суетата. Истот така смртни гревови се мрзеливоста, бидејќи луѓето кои ништо не работат, ортаци се со ѓаволот, потоа среброљубието, кога ќе се отдадеме и мислиме само на богатстствата, на парите, и на разните богатства, куќи, возила, и сè друго, кое не дека не треба да не интересира, туку треба да биде второстепено или последно. Прво треба да биде духовното богатство, а духовното богатство е да го спечалиме Светиот Дух, да бидеме наследници на Царството Небесно, браќа и сестри.
Други смртните гревови, од кои треба да се ослободиме, се исто така: омразата, зависта, клеветата, а исто така и постојаното наше разочарување, односно немањето желба за живот, кое се вика униние. А луѓето кои денеска велат дека паднале во депресија, треба да знаат дека депресијата не е болест, депресијата е грев. Некој е толку многу горделив и сака нешто да има, и не успевајќи тоа да го постигне, паѓа во депресија, од неговата гордост. Господ рекол: „Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и останатото ќе ви се придаде“ (Матеј 6, 33). Ете тоа не турка во депресија, кога ние сакаме да постигнеме било што без Бога, со нашата сила и смелост.
Депресијата е гревовна состојба пред очајанието, а очајанието е всушност, гревовна состојба кај луѓето, кога тие откако ништо не успеале да постигнат во животот, не сакаат да му се препуштат на Бога, и да разбрерат дека за човекот е доволно да има облека и храна, односно да ги има основните услови за живот. Но луѓето со тоа никогаш не се задоволни, бидејќи сакаат да натрупуваат богатство врз богатство, слава врз слава, положба врз уште поголема положба и.т.н. Токму поради овие нешта треба да се ослободиме од гревовите, за да не паднеме во очајание, кое што е всушност предавање на нашата душа на ѓаволот, а кога ќе влезе ѓаволот во човекот, како што влегол во Јуда, кој го предал Христа за триесет сребреници, тогаш, не управуваме ние со нас, туку управува ѓаволот, како што управувал со Јуда, и му рекол да оди и да направи на една врба бесилка и да се обеси. Така завршуваат сите што паѓаат во очајание, доколку не се отрезнат од таа состојба, како блудниот син, кој рекл: „Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад. Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници“ (Лука 15, 18-19).
А молитвата, браќа и сестри, е исто така, едно од крилјата што Господ ни ги дава според зборовите на Свети Јован Златоуст: „Првото крило е постот, а второто е молитвата, која не вознесува на небесата“. Што е молитвата? Молитвата е разговор на човекот со Бога.
Ние имаме голема привилегија, бидејќи Господ не рекол дека не смееме директно да му се обраќаме. Молитвата „Оче наш“, говори дека директно можеме да му се обратиме на Отецот и Синот и Светиот Дух. Но исто така, браќа и сестри, е пожелно и индиректно да му се обраќаме, преку Божјите застапници да се молиме на Бога, бидејќи тие имаат пред Него голема смелост, особено Мајката Божја, Пресвета Богородица, која има голема милост пред нашиот Бог и Спасител Христос.
Браќа и сестри, се знае дека кога Свети Андреј Јуродиви, бил вознесен на небесата, и кога бил воден од еден ангел, тој таму ги видел сите ангели и светители, но Мајката Божја не ја видел. Кога прашал каде е мајката Божја, како одговор му било речено, дека таа е на земјата, молејќи се постојано за оние кои ги пролеваат своите солзи, за да ја испросат Божјата милост.
Молитвата е силно средство за да се изгони ѓаволот. Многу често слушаме, од некои луѓе при исповедите, дека кога одат кај бајачите и гатачите, што претставува најголем грев, бидејќи порано казните кон нив биле најголеми, односно им било забранувано и до педесет години да не смеат да се причестуваат. Подоцна светителите казните ги намалувале до две години, зависно од степенот на каењето. Бидејќи гатачите се демонски слуги, и истите тие им кажувале на оние што оделе кај нив, дека во пост не гледале. Не можат да гледаат браќа и сестри, бидејќи со постот и молитвата се изгонува ѓаволот, и токму затоа тие кажуваат дека не гледаат, а тоа е доказ дека тие се ѓаволски слуги!
Во врска со молитвата, ќе кажам дека таа треба да биде јасна и конкретна во она што го бараме. Господ рекол: „Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и се ова ќе ви се придаде“ (Матеј 6, 33). Ние често во молитвите не бараме, ни Царство Божјо, ни Правда Божја, туку бараме, како што спомнав, имот, слава, богатство и.т.н. Но, она што Господ го рекол, тоа не го бараме, и токму затоа и не добиваме. Светиот апостол Јаков вели: „Барате и не добивате, зашто зло барате“ (Јаков 4, 3)“. Да не даде Господ, да ни го даде тоа што го бараме, кое не е полезно за спасение на душата, а ние мислиме дека е добро.
Кога се молиме, браќа и сестри, ние честопати мислиме дека правилно се молиме, а правилно молење, е кога молиме да биде волјата Божја. Има една случка со една жена, која се молела на Светиот Ор, да се застапува за нејзиниот син, и од Бога да го измоли најдоброто. Додека се молела, нејзиниот син умрел, а таа се озлобила на Светиот Ор, и го запрашала зошто тоа и го направил. Тој и одговорил: „Еве погледни сега се шетам со твојот син во рајските предели, а ако сакаш земи си го синот!“ Синот и одговорил: „Не мајко, никогаш да не се вратам во тој свет на зло и прељубодејание“. Тогаш оваа жена, која се викала Клеопатра, ја разбрала вистината дека, и кога умираме, Христови сме, и кога живееме Христови сме. Тогаш зошто некој порано или подоцна умира? Тоа е Божја волја и само Господ знае. Он честопати порано не зема, за ние да не грешиме повеќе, отколку што сме грешеле до тогаш.
Затоа, браќа и сестри, да научиме и тоа дека, најсилната молитва, е молитвата на заедницата. Се поставува прашањето која е молитвата на заедницата? Молитвата на заедницата е молитвата на Божествената Литургија, како што е и оваа денешната, и на оваа молитва се исполнуваат сите молби и прозби што ги упатуваме до Бога, и само тие треба да ги бараме, бидејќи се полезни за нашето спасение. Затоа нашите Цркви во неделите и во празниците треба да бидат полни, а не празни или полупразни. Што правиме ние во неделите, ако Битола е град од 60 или 70 илјади, а во храмовите не има околу илјада, а можеби и помалку. Тоа значи дека ни еден на сто не сме присутни во храмовите на Божествените Литургии. Ако бидеме постојано присутни во храмовите и се молиме на Бога, за да ни ги исполни нашите молитви и молби за спасение на нашите души, тогаш сме на правиот пат.
Меѓу другото, Свети Климент, Охридскиот Чудотворец, вели дека покрај постот и молитвата, многу битна за спасение на душите е и милостината. А што е милостината? Милостината е да покажеме милост кон луѓето. Каква? Се разбира телесна милост, гладен да нахраниме, жеден да напоиме, необлечен да облечеме, затвореници и болни да посетиме. Но има и друг начин на милостина, односно неук да го научиме, оној кој не доаѓа во Црква, да го убедиме и да го упатиме на правиот пат, и да го донесеме во храмот. Ако е пијаница да го одвратиме од пијанството, ако тргнал по дрогата, да го вратиме, ако е некој оддаден на други пороци, на неморален живот, да го одвратиме од него, укажувајќи му дека крајот нема да биде добар. Ако една таква душа спасиме, верувајте дека и својата ќе ја спасиме. Тоа е вистинската милостина, кога се молиме за нив, и кога ќе спасиме некој човек кој тргнал по лошиот пат. Да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Светиот Јован Лествичник, кој е вистински подвижник на Црквата наша света православна, и кому му е посветена оваа недела, во која не поучува дека како по скала треба духовно да се искачуваме до духовната височина, со нашите молитви и подвизи, пред престолот на Севишниот Бог. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар