На 17.02.2023 г., кога го празнувавме споменот на Преподобниот Исидор Пелусиот, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Кирил Трајковски и протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Заупокоена Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
После Божествената Литургијата, беше отслужена Панихида за упокоените во верата праотци, отци, мајки, браќа и сестри наши, со надеж на Воскресение и вечен живот.
Бог да си спомне и за сите знајни и незнајни чеда на Светата Православна Црква, кои имаат потреба од нашите молитви.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Не се мртви оние што умреле, браќа и сестри. Мртви се оние што се заборавени од Бога и од луѓето.
Денес нашата Света Црква, прави сеопшт помен за сите починати од века отци, браќа и сестри, кои починале со вера и надеж во воскресение и живот вечен.
Оваа задушница, како и секоја задушница е посебен празник кој го посветуваме во спомен на сите починатите во верата, отци, браќа и сестри. Токму на овој празник за починатите, треба да размислиме најсериозно за она што сите нас не очекува, а тоа е дека сите ние, тука на земјата, сме гости и секој што се родил ќе умре, какo што вели Светиот апостол Павле: „на луѓето им е определено да умрат еднаш, а потоа – суд“ (Евр. 9, 27). По смртта, браќа и сестри, душата се разделува од телото, а телото кое од земја е создадено во земја се враќа, како што пееме во црковните песни и стихири на погребение: „од земја си и во земја ќе се вратиш“, а душата која е од Бога дадена, се враќа при Бога.
Затоа во нашата Света Црква ни е дадено да правиме споредба дури и со материјалните нешта од природата, како на пример со семињата, за да разбереме дека она што Господ го создал, никогаш нема да престане да постои. Сè што е создадено, сè ќе постои. Созданието може само да ја менува формата, но не и суштината. Кога сејачот сее семе, тој не се жалости, браќа и сестри, дека семето ќе изгние во земјата, бидејќи знае и длабоко верува дека семињата, односно пченицата и сè она што е посеано во земјата, повторно ќе изрти и ќе даде свој плод.
Господ со Својата Света волја укажал дека ништо нема да пропадне, односно дека Он води грижа за нас грешните и недостојните. Во Светото Евангелие Господ вели: „Погледајте ги птиците небески; тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат; но вашиот Отец ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив?“ (Мат. 6, 26).
Браќа и сестри, ние сме должни да се трудиме и грижиме овде на земјата за нашето спасение, бидејќи овдешниот живот е краток, во споредба со вечноста и вечниот живот.
Дали знаете кога почнува вечноста? Вечност почнува кога ќе завршат сите временски категории за сметање на времето и кога Спасителот наш Господ Исус Христос повторно ќе дојде земјата за да им суди на сите луѓе од почетокот па до крајот на векот.
Какво ќе биде Второто Христово доаѓање? Првото Христово доаѓање било бесшумно и малкумина знаеле за Христовото раѓање, а за Неговото Второ доаѓање ќе биде разгласено со труби од страна на ангелите на сите страни на светот и ќе нема ни една душа од почетокот па до крајот на светот што нема да ги слушне тие труби. Тогаш сите умрени од почетокот па до крајот на светот ќе воскреснат и сите еден по еден ќе дадат одговор пред Христа на Страшниот Христов Суд, за својот живот, дела и постапки овде на земјата.
Затоа, браќа и сестри, ние треба сериозно да размислиме, каков ќе биде нашиот крај, бидејќи нам нема да ни се суди според тоа како сме се снаоѓале тука на земјата, туку нам ќе ни се суди според онаа состојба во која ќе не затекне смрттинот час. Ако ние умреме во гревови, тогаш ние тешко дека ќе го наследиме Царството небесно.
Затоа не заборавајте, кога ќе се разболи некој човек, вие веднаш треба да повикате свештеник, да направи маслосвет за да го подигне болниот од постелата како што вели Светиот апостол Јаков: „Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни, та да се помолат над него, и нека го помажат со елеј во името Господово. И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат“ (Јак. 5, 14-15).
Ако е Божјата волја, болниот да го напушти овој свет, тогаш тој подготвен ќе замине од овој свет, претходно исповедан и причестен и така соединет со Христа ќе го наследи Божјото Царство.
Ние треба да знаеме дека Царството Небесно е прекрасно нешто, за кое во Светото Писмо се вели: „Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат“ (1. Кор. 2, 9). Ете какво блаженство ни нуди нам Господ во Царството небесно.
Условите за да го задобиеме Царството небесно се следните: да нахраниме гладен, да напоиме жеден, да посетиме болен и затвореник во затвор, да облечеме необлечен, да утешиме ожалостени и сè она од кое имаат потреба немоќните луѓе. Овие услови, браќа и сестри, се почетни услови, бидејќи добрите дела што ги правиме се почетокот на нашето спасение. Што друго е важно за нашето спасение? За нашето спасение е исто така важно да си простуваме едни на други, бидејќи оние кои не сакаат да се измират со своите ближни нема да го наследат Царството небесно.
Па така, браќа и сестри, ние да се подготвуваме за тоа и да не забораваме дека и нашите покојни се дел од Црквата.
Во раната Христова Црква, првите христијани ги пишувале имињата на живите и кога некој ќе умрел, неговото име од живите не го бришеле, туку пишувале: „се пресели или премина, Божјото чедо.., од овој свет, од оваа земна воинствена Црква, во онаа небесна и торжествена Црква“. Затоа во многу наши поговорки се говори дека луѓето не умираат, туку дека преминуваат, односно преминуваат од земниот во небесниот свет.
Исто така и Пасхата Христова се именува со премин, а тоа значи премин од овој во оној свет, или воскресение од мртвите. Па така, Христос нашиот Бог и Спасител ни потврдува дека ако ние веруваме во Него ќе имаме живот вечен, бидејќи рекол: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11, 25).
И ние, браќа и сестри, веруваме дека постои вечниот живот и затоа треба да се подготвуваме за негово наследување. Исто така, ако сакаме да бидеме во заедница со нашите покојни, ние треба постојано да се молиме за нив, особено во саботите кои се посветени за нив, а и во сите наши молитви кои ги кажуваме навечер и наутро.
Во овие денови кога правиме сеопшт помен за покојните, вие исто така треба да се подготвувате да се причестите, бидејќи покојните духовно се причестуваат, а ние тука се причестуваме со Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител и на тој начин стапуваме во заедница со нив.
Бог да им ги прости гревовите на сите упокоени и да им подари Царство небесно. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар