На 18.06.2023 г., во Втората недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот свештеномаченик Доротеј, епископ Тирски и споменот на блажениот Игор, кнез Черниговски и Киевски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереи ставрофорите Никола Грамбозов, Илија Донев, Трајко Босеовски, ерејот Игор Ризановски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Појдете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе” (Мат. 4, 18).
Браќа и сестри, од денешното Свето литургиско Евангелие слушнавме како Господ Исус Христос ги повикал Своите Дванаесет Ученици и Апостоли да врват по Него, откако најнапред ги видел како ловат риби на Генисаретското езеро. Први ги повикал Андреј Првоповиканиот и неговиот брат Петар од Витсаида, а потоа кога преминал на другата страна, ги видел Јаков и Јован, како со нивниот татко ги крпат мрежите, на кои им рекoл: „Појдете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе” (Мат. 4, 18). На таков начин продолжил околу Себе да ги собира и со останатите Свои Свети Ученици. Господ Исус Христос не избрал учени луѓе, освен Светиот апостол Павле, кој не е меѓу Дванаесетте Апостоли, туку отпосле е вброен со Свети апостол Петар како врховни апостоли.
Господ Исус Христос на Своите Ученици кои ги повикал да врват по Него, им заповедал да го проповедаат Словото Божјо насекаде во светот, како што и Самиот Он го проповедал Словото Божјо.
Па така, Спасителот Христос не избрал многу учени луѓе или многу познати во тоа време, туку прости галилејски рибар, за да се исполнат Неговите зборови дека ги избрал слабите, за да ги пострами и победи силните, ги избрал простите, за да ги победи и посрами учените и мудрите од овој свет т.е. ги избрал оние, кои имале чисти срца и вистанска вера и љубов кон луѓето. Па така, Светите Апостоли не Го избрале Христа нашиот Бог и Спасител, туку Он ги избрал нив и им рекол: „По тоа ќе ве познаат луѓето дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (сп. Јован 13, 34-35).
Вистината за тоа дека ние сме вистински христијани, е само тогаш доколку ние имаме љубов помеѓу себе и љубов кон ближните, но исто така и љубов кон нашите непријатели, зашто никој не може да се нарече христијанин, ако не ги сака сите луѓе, ако не ги сака и непријателите свои, а за тоа пример ни дал нашиот Спасител, кога бил распнат на Крстот и од Крстот се молел со зборовите: „Прости им Отче, зашто незнаат што пават“ (сп. Лука 23, 34).
Па така, браќа и сестри, и нај силните во овој свет не успеале да го освојат светот. Има една интересна случка кога Наполеон, кој во тоа време ја освоил скоро цела Европа, освен Русија и Црна Гора, бидејќи таму тогаш владееле свети и чесни управители (цареви). Ете, , кога тој го завршил својот живот како војсководец и бил ставен во заробеништво на островот Света Елена со неговиот генерал, овој го прашал: „Која е разликата измеѓу тебе и силните цареви на светот како Александар Македонски, Новуходоносор?“, Напалеон рекол: „Ние светот го освојувавме со сила и меч, затоа не го освоивме, а Христос го освојуваше светот со љубов, затоа го освои“.
Па така, и учениците Христови биле испратени да го освојат светот и да станат ловци на луѓе по Педесетница, кога Светиот Дух слегол на нив и тие примиле сила одозгора и биле испратени насекаде да го проповедаат Словото Божјо и успеале да го освојат светот. Се поставува прашањето: кај нас во нашата земја Македонија, како се случи да бидат освоени македонците? Во Светото Писмо читаме дека кога Светиот апостол Павле од Мизија слегол во Троада, град на брегот на Мала Азија, му се јавил човек Македонец и му рекол: „Премини кај нас во Македонија и помогни ни“. Според толкувањето на некои од Светите Отци на Светото Писмо, тоа всушност бил Ангелот на Македонскиот народ, кој го повикал Светот апостол Павле да го проповеда Словото Божјо во Македонија, зашто тогаш Македонците биле многубошци и верувале во многу богови, какви што ги имале Римјаните и Грците. Свети апостол Павле обично своите патувања ги планирал, но овој пат патувањето за Македонија не било планирано, туку требало да оди на друго место, но како што самиот вели: „Не ни даде Светиот Дух да одиме таму каде што планиравме“. Ете, Свети апостол Павле дошол во Македонија за да го проповеда Евангелието Христово. Прва во Македонија која поверувала во Христа, е Света Лидија, која побарала да биде крстена со целиот нејзин дом, а нејзината куќа станала првата Црква во Македонија, па и во Европа. Таа е нашата прва светителка од градот Татар, која што продавала црвени пурпурни ткаенини.
Ете, Светиот апостол Павле, кој дошол во Македонија да го проповеда Словото Божјо ќе рече: „Во Македонија најнапред се заврза Словото Божјо“, а Коринтјаните ќе ги укорува за тоа што не биле грижливи да соберат подароци за Црквата, која страдала во Ерусалим, а Македониците пред нив тоа го направиле.
Во нашата земја во Македонија заедно со Свети апостол Павле проповедале и апостолите Гај и Аристарх, кои по род биле Македонци, за кои Свети апостол Павле вели дека биле негови придружници, а исто така и епископот Урбан Македонски.
Во Македонија Словото Божјо го проповедале многу свети луѓе, кои учествувале на Вселенските и Помесните Собори, како што е Свети Ахил, кој учествувал на Првиот Вселенски Собор, кој заради неговата светотст и заради култот што кон него го имал народот во Македонија, царот Самуил неговите Свети мошти ги зел од Лариса и ги донел на островот во Мала Преспа, Егејска Македонија, кој го носи името Свети Ахил. И други светители се познати од ранохристијанскиот париод, меѓи кој е и Светиот цар Јустинијан, кој ја основал црквата Јустинијана Прва или Прима, кој бил родум од скопското село Таор или Таврисион.
Покрај овие светители, кои ги спомнавме, има многу и многу други светители, кои Црквата не успеала да ги идентификува и да ги потврди како светители, но тоа незначи дека Господ нив не ги примил како Свои Светители, кои ја вршеле својата улога т.е. ловеле луѓе за Христа нашиот Бог и Спасител, по примерот на Светиот апостол Павле, кој вели: „На сите им бев сè, за да ги придобијам за Христа“.
Така, овие светители и светителки проповедале со својот личен пример, со својот живот и привлекувале кон себе безброј луѓе во наша Света Православна Црква. Во подоцнежно време, поточно во деветтиот век, имаме двајца наши Македонски и Сесловенски светители, Кирил и Методиј, кои се именуваат рамноапостолни, кои успеале да ги освојат и придобијат за Христа словенските народи со нивните мисии, почнувајќи од онаа мисија меѓу Сарацените, кои биле исламско племе на Исток, а потоа и кај Хазарите, кај Херсон. Ете, кога Светите браќа Кирил и Методиј биле испратени од царот Михаил да го проповедаат Словото Божјо во Моравија и Панонија и да ја одбранат нашата Света Православна Вера, дека Словото Божјо треба да се проповеда секому според неговиот јазик, како што вели Светиот апостол Павле: „Повеќе сакам пет збора да кажам на разбирлив јазик во домот Божји, отколку илјада зборови на туѓ непознат јазик, зашто кога се молам на туѓ јазик, мојот ум се моли, а браќата од тоа немаат полза, но кога говорам, проповедам и се молам на разбирлив јазик, тогаш умот мој се моли и браќата имаат од тоа полза“.
Браќа и сестри, не помало е делото и на Светите Климент и Наум, Охридските Чудотворци, кои што ја продолжиле мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј, со основањето на Охридската школа, преку која поминале повеќе од 3500 ученици и биле испратени во сите словенски земји во тоа време од Исто до Запад, од Север до Југ.
Ете, така продолжиле мисијата на Светите Апостоли, преку избраните епископи и светители, кои ја вршеле таа мисија, а исто така и други свети луѓе во нашата Црква, го проповедале Словото Божјо исповедувајќи ја верата во Христа нашиот Бог и Спасител, од кои едни биле испосници и подвижници, како што се нашите познати подвижници од средниот век, Светите Јоаким Осоговски, Јован Рилски, Прохор Пчински и Гаврил Лесновски.
Исто така во времето на Турското, Отоманско или Агарјанско ропство, во нашата земја се појавиле свети луѓе, кои ја пазеле и чувале нашата Света Православна Вера, како што се именуваните новомаченици Свети Георгиј Кратовски, Свети Атанасиј Радовишки, Давид и Александар Солунски, Јаков и пак Јаков Костурски, Светите Нектариј и Агатангел Битолски, Светиот Ѓорѓи Јанински, Светата Злата Мегленска, Светата Акалина, на која денес споменот и го празнуваме и.т.н.
Браќа и сестри, да се помолиме на Господ Исус Христос Спасителот наш, да испрати на нивата Господова во денешно време нови ученици и апостоли, зашто жетвата е готова, жетварите се малку, а жетварите, се оние кои го проповедаат Словото Божјо и ги ловат луѓето за Христа нашиот Бог и Спасител. Амин!
Честите нека е празникот и за многу години!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар