На 09.04.2023 г., во недела посветена на Влегувањето на Спасителот Господ Исус Христос во Ерусалим, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Благословен е Оној Кој доаѓа во името на Господа! Бог е Господ и ни се јави!“ (Псал. 117, 26-27).
Браќа и сестри, денес е голем и спасоносен празник, односно го празнуваме влегувањето на Спасителот Господа Исуса Христа во градот Ерусалим.
Овој празник, кај нашиот народ е познат уште како Цветници, затоа што народот и дечињата, кога Спасителот Христос влегувал во Ерусалим, фрлале пред Него цвеќиња и палмови гранчиња, па затоа и ние на денешен ден осветуваме врбови гранчиња, зашто врбата кај нас е првото растение, кое расцутова и кое го најавува големото празнување на празниците, односно Велигденското празнување.
Врбата е и симбол на пролетта, која всушност е годишно време коe дава живот, кога сè цути и се разлистува, кога расте тревата, а сите растенијата и животните добиваат нов живот, а во тој круг и луѓето.
Спасителот Господ Исус Христос на вчерашен ден го воскреснал четиридневниот Лазар, кој бил во гробот четири дена и како што читаме во Светото Писмо, веќе почнал да мириса, зашто неговото тело почнало да се распаѓа, а неговите сестри, Марта и Марија, Му рекле на Господа: „Ако беше Ти тука Господи, нашиот брат немаше да умре! (сп. Јован 11, 21)“ .
Господ, браќа и сестри, ги утешил со тоа што отишол на гробот и го воскреснал Лазара од мртвите, како што пееме во тропарот на вчерашниот празник, односно на Лазарева сабота. Со тоа Господ ја утврдил верата во општото воскресение од мртвите, бидејќи го воскреснал Лазара од мртвите, а исто така ни го навестува и Своето Свето и Славно Воскресение, Празникот над празниците, Торжеството над торжествата – Велигден.
И ете, кога Спасителот Господ Исус Христос, се искачил на Маслиновата или Елеонската Гора, од таму го видел Ерусалим и пролеал големи солзи.
Кога цел народ се радува, заедно со децата и со оние што цицале, кои дотогаш ниту еден збор не проговориле, ете сега и тие со народот почнале да викаат: „Осана на Синот Давидов, благословен е Оној што доаѓа во името на Господа“ (сп. Јован 12, 13).
Кога сето ова се случува, односно кога Спасителот со Апостолите доаѓа од селото или од Витанија, гратчето на Лазара во Ерусалим, против Него се здружуваат противниците Негови, книжниците, фарисеите и садукеите, кои со намуртени лица и со чкртање на забите, сакаат што побргу да Го нема Господа Исуса Христа, а исто така сакаат да го убијат и Лазара, зашто Господ го воскресна од мртвите. Поради ова големо чудо (воскреснувањето на Лазара), многумина од Евреите почнаа да ги напуштаа нив и да веруваат во Господа Исуса Христа.
Браќа и сестри, кога сите се радуваат на Господа, од Неговото Лице ќе потечат огромни солзи.
Зошто тоа Спасителот Христос го прави? Тоа Го прави, затоа што Он како Бог знае дека овој народ, кој сега доаѓа да го прослави празникот Пасха, и на цел глас вика: „Осана на Синот Давидов, благословен е Оној кој доаѓа во името на Господа“ (сп. Јован 12, 13), само по неколку дена, истиот тој народ на сиот глас ќе почне да вика: „Распни Го, распни Го!” (Јован 19, 6). Преку ова се исполнува пророштвото на старозаветниот пророк кое гласи: „Вашиот дом, и вашиот храм, ќе опустоши и вашите усти ќе бидат пусти!“
Тоа, и се случило во седумдесеттите години од Христовото раѓање, за времето на царот Веспасијан, кога неговиот син Тит влегол во Ерусалим и го разурнал целиот град, така што камен на камен не останал од Ерусалим.
Ерусалим опустел, а сите евреи биле скоро убиени, освен оние што го напуштиле Ерусалим и што побегнале и оние другите што биле во Палестина. Сите Евреи биле расеани по целиот свет.
Ете, само заради тоа, се вели дека низ некоја капија, сто и петнаесет илјади тела на убиени Евреи биле изнесени, а еден милион и сто илјади евреи, биле убиени.
Тоа бил огромен прогон на Евреите, односно тоа било исполнување на она што тие самите го пророкувале за себе, кога одлучиле, Царот над царевите, Христа нашиот Бог и Спасител да биде распнат, кога на прашањето на Пилата, кого да ви го пуштам, Варава, кој бил најголемиот разбојник, кого тогаш Пилат можел да го помилува, или Господа Исуса Христа. Но целиот народ, кој на овој ден (Цветници) викал: „Осана на Синот Давидов“ (сп. Јован 12, 13), по три дена вели: „Распни Го, распни Го!” (Јован 19, 6).
Затоа Христос бил тажен, бидејќи ја знаел расипаноста на овој народ, кој еднаш Го слави Христа, а само по неколку дена, бара Негово распнување.
И ние веднаш си поставуваме прашање, каде се наоѓаме ние во овие настани? Дали и ние не го распнуваме Христа нашиот Бог и Спасител, кога правиме лоши дела? Не, браќа и сестри, бидејќи токму и ние сме соучесници со Евреите, кога и ние ги клеветиме своите браќа, кога ќе го понижиме нашиот брат, како што бил понижен нашиот Спасител Господ Исус Христос, чие понижување дошло до таму, што сите Му се потсмевале. Спасителот Христос бил тепан, бил мачен, бил шамаран, плукан, на главата Му ставиле трнов венец и на крај на плеќите Му Го дале Крстот да го носи до Голгота, каде што на Него бил распнат.
И ете, сето тоа Господ доброволно прифатил да Го поднесе заради нас грешните и недостојните. А ние со што му возвраќаме за оваа голема љубов кон нас, браќа и сестри? Ние постапуваме онака како што пееме во црковните песни, особено на Велики Четврток, каде се вели дека за тоа што Господ нè љубел, ние на Крст сме Го распнале. Тогаш Евреите, а сега ние, со тоа што секој еден кој е негово чедо Го понижуваме, со тоа што клеветиме, лажеме и ги измамуваме браќата, односно кон сите имаме голема омраза, со тоа што им завидуваме и ги озборуваме.. Сето лошо што го правиме на својот брат, токму затоа Христос нашиот Бог и Спасител рекол дека Нему Му Го правиме. Ако гладен не нахраниме, жеден не напоиме, во болница и во затвор не посетиме, ако необлечен не облечеме, тогаш ние тоа не Христа не Му го правиме, браќа и сестри.
Но ете, после сето ова, откако и децата викале „Осана на синот Давидов“(сп. Јован 12, 13), се случува ова големо чудо, односно Христос Спасителот влегува во Ерусалим и бива прославен.
Веднаш се поставува прашањето што значат овие нешта, кога народот ги постила своите алишта, пред Христа нашиот Бог и Спасител, за да врви по нив? Тоа значи дека и ние треба да ги соблечеме од нас лошите нешта, нашите гревови, да го соблечеме нашиот гревовен човек т.е. стариот човек и истиот да го фрлиме, а Христос, како што ги зел нивните гревови, ќе ги земе и нашите гревови, но ние треба да се определиме за чист и достоинствен живот, браќа и сестри.
Како што се прекрасни овие врбови гранчиња, кои ја претставуваат пролета и животот, така и ние треба да се облечеме во добри дела, за да родиме добри плодови и да направиме добри дела, бидејќи Господ рекол: „Ете, и секирата е при коренот на дрвото, и секое дрво кое не дава добар плод се сече и во оган се фрла“ (сп. Мат.3, 10). За тоа е потребна, браќа и сестри, одлучност и решителност, а ние во животот секогаш имаме моменти кога треба да одлучиме или нешто значајно да направиме.
Знаеме дека кога има големи војни, и тие се добиваат само со одлучност, бидејќи не може некој да добие војна, а да седи со скрстени раце, туку тој треба да се наоружа и да се бори со непријателот. А ние го имаме непријателот над сите непријатели, односно сатаната со неговите ангели (демоните), и во таа борба со нив, помошта ни ја дава Самиот Син Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, преку застапништвото на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и Сите Свети.
И ете, кога ги знаеме сите овие нешта, кога, како што пророкувал старозаветниот пророк велејќи: „ Радувај се, ќерко Сионова, весели се и радувај се од сè срце, ќерко Ерусалимска, зашто кон тебе доаѓа Синот Божји, (се мисли на Христа нашиот Бог и Спасител), Кој е кроток и смирен и Кој јава на осле“ (Соф. 3, 14).
Ете, ако Христос беше така кроток и смирен, Он со тоа пораката ни ја испраќа и нам, и ние да бидеме кротки и смирени.
Како што децата извикуваа „Осана на синот Давидов!“(сп. Јован 12, 13), кои беа незлобиви, така и ние на цел глас треба да викаме „Осана на синот Давидов!“.
Како што Лазаровото воскресение ја навести, покажа и утврди верата во општото воскресение од мртвите, така и ние треба да веруваме во општото воскресение на сите нас, бидејќи конечно сите ние ќе умреме, односно секој што се родил ќе умре. Дури и Синот Божји, Кој дошол од прегратките на Отецот во овој свет, заради нас и заради нашето спасение, ете и Он доброволно прифатил да прими смрт, за со смртта да ја уништи смртта и нас повторно да нè издигне од нашата падната природа и да нè соедини со Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Затоа, браќа и сестри, денеска на овој голем и спасоносен празник – Цветници, должноста на сите нас е да се потрудиме силно да веруваме во воскресението на мртвите, а за тоа имаме прекрасен пример кој ни го дал Христос, воскреснивајќи го Лазара од мртвите, како пример на општото воскресение. Исто така, треба да се угледаме на децата, кои не знаеја да зборуваат, но толку многу го фалеа Христа и Му пееја песни со зборовите: „Осана на Синот Давидов“ (сп. Јован 12, 13). Ангелите исто така го прославуваа Бога, а и ние да Го прославиме Бога на овој голем и спасоносен празник
Влагувањето на Господа Исуса Христа во Ерусалим, ни говори за тоа дека треба да се откажеме од сите наши гревови, односно од сите наши грешни дела, постапки и грешни однесувања.
Па така, во тој дух, и ние да запееме како што пееле децата: „Осана на Синот Давидов, благословен е Оној што доаѓа во името на Господа“ (сп. Јован 12, 13). Амин!
Честит нека е празникот и за многу години.
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар