На 15.01.2023 г., во Триесет и првата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Свети Силвестер, eпископ Римски и споменот на преподобниот Серафим Саровски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Благој Стефановски, протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Прогледај! Верата твоја те спаси” (Лука 18, 41- 42).
Браќа и сестри, на сите нам ни е даден дар од Бога, а дарот што ни го дал Господ е нашето тело, со сите органи што ги има телото. За да го чувствуваме и доживуваме овој свет што го созал Господ, Он ни дал очи, па така, чевекот со телесните очи, ја гледа сета убавина што ја создал Господ, го гледa материјалниот свет создаден од Бога, го гледа сонцето, месечината, ѕвездите, планетите, ги гледа планините, реките, потоците, езерата, морињата и океаните, ги гледа полињата, цвеќињата и сè што е создадено од нашиот Спасител Господ Исус Христос, преку силата и дејството на Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Ете, пак, оние луѓе кои го загубиле видот или се родиле без да имаат телесен вид, односно очи, тие луѓе се чувствуваат многу несреќно; се чувствуваат многу тажно и болно, но исто така, и ние луѓето гледајќи ги нив како тие страдаат, гледајќи дека тие неможат да ги видат своите најблиски: родителите, пријателите и роднините, да се видат и самите себе во огледало, ние кон нив покажуваме сожалување и велиме дека навистина се многу тажни, несреќни и ожалостени. Токму заради тоа, Господ дошол во овој свет да ги просвети сите луѓе што се родиле во овој свет и да ги излекува од секакви болести, како што и самиот Господ Исус Христос вели: „Дојдов во светот, за да прогледаат слепите, а оние што гледаат, да станат слепи“ (сп. Јован 9, 39).
Ете, Спасителот наш Госпд Исус Христос, како што слушнавме од денешното Свето Евангелие го излекувал слепиот Вартимеј, што значи синот на Тимеј. Овој слеп човек седел на учицата и просел, а кога Спасителот Христос се приближил до градот Ерихон, а одел за Ерусалим, ете, се слушнал голем жагор од луѓето кои биле насобрани околу Него и очекувале да ги излекува од секакви болести. Овој слеп човек, слушајќи за Спасителот наш Исуса Христа, чекал момент и се надевал, дека еден ден ќе помине покрај него и ќе го излекува, односно ќе му даде вид. Па така, кога слушнал дека луѓето зборуваат и дека околу него има големо движење на луѓето, прашал што се случува, а тие му кажале дека Христос минува тука, и тогаш тој наеднаш со силен глас извикал: „Исусе, Сине Давидов, помилуј ме!“ (Лука 18, 38). А оние што биле покрај него му велеле: „тивко, немој да викаш“, но тој уште шосилно викал: „Исусе, Сине Давидов, помилуј ме!“ (Лука 18, 38). И ете, кога Христос пристапил близу до Него рекол: „Доведете ми го!“, а потоа го прашал: „Што сакаш да ти направам?“, а тој му одговорил: „Да прогледам!“ Тогаш Господ му рекол: „Веруваш ли?“ Слепиот одговорил: „Да Господи“, а Господ му рекол: „Прогледај, верата твоја те спаси“. (види Лука 18, 40-42). Во тој момент, браќа и сестри, овој слеп човек прогледал, а оние што биле присутни на ова големо и спасоносно чудо, сите го прославиле Бога, затоа што Бог направил вакво големо чудо, односно го излекувал од своето слепило, овој слеп човек.
Браќа и сестри, еве слушнавме колку е тажно и болно, кога луѓето се телесно слепи, кога имаат оштетен вид и неможат да гледаат, односно да ги видат овие убавини што постојат во овој свет, да ги видат роднините, родителите, блиските, пријателите, па дури и самите себеси.
Но, браќа и сестри, има едно друго, многу поголемо слепило од ова, кое е многу страшно и опасно, а тоа е духовното слепило. Не случајно Спасителот наш Господ Исус Христос го направил ова чудо, пред да дојде во Ерусалим, каде што во синагогите биле присутни, старешините, првосвештениците, книжниците и фарисеите, за кои Господ велел дека се лицемери, односно дека тие Законот Божји формално го извршуваат, а истиот длабоко не влегол во нивните души и срца.
Спасителот наш Господ Исус Христос, преку ова чудо, со кое го излекувал човекот од телесно слепило, сакал да им покаже на фарисеите, садукеите и старешините јудејски на нивното духовното слепило. Вие што имате телесни очи, што имате можност да ги гледате сонцето, месечината, ѕвездите, планетите, реките, езерата, морињата, цвеќињата, полињата и сета убавина, а никако вашиот ум и вашето срце не успеваат да прогледаат дека ова што го гледате Некој го создал, а Тој што го создал е самиот Троичен Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Тие формално верувале во Бога, но во нивните срца, умови и души, никако не допрела верата во Троичниот Бог, затоа и барале не секој начин, Храста нашиот Бог и Спасител да го убијат, бидејќи евреите не очекувале таков Бог, односно Бог во понижена состојба, да се роди во пештера, да биде положен во јасли и да го слават пастирите. Христа секако го славеле и ангелите, кои пееле: „Слава на Бога во висините, на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“.
Еврејскиот народ очекувал политички цар, кој ќе дојде не да јава на магаре, како што јавал Спасителот наш Господ Исус Христос на осле, кое не било самарисано, тие очекувале царот јудејски да се роди во палата, да биде богат, го очекувале на силен коњ, да создаде силна еврејска држава, на која ќе треба да и се поклонуваат, да ја почитуваат и да се плашат од неа сите. И ден денеска така мислат Евреите, односно оние што не го примиле Христа нашиот Спасител, бидејќи тие не очекувале таков цар.
А Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој излегол од прегратките на Отецот, се понижил Себеси да прими човечко Тело во сè подобно на нашето тело освен во гревот. Ете, Христос, Синот Божји, Кој бил совршен дух, сакал да постане човек, заради нас и заради нашето спасение, бидејќи нашите прародители Адам и Ева, не го исполниле ветувањето, не ја исполниле единствената Божја Заповед, дека тие не треба да јадат од дрвото на познавањето на доброто и злото. Токму затоа, тие умреле како што вели Светиот апостол Павле: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние згрешивме и умревме!“ Но еве доаѓа новиот Адам, а новиот Адам е Христос нашиот Бог и Спасител, Синот Божји, Кој од небесата слезе на земјата, да стане човек и да проповеда и да ги лекува луѓето од секаква болест. И еве, го излекувал Вартимеј, синот на Тимеј, а со тоа ни покажал и нам, дека и ние со своите очи треба да го видиме нашиот Спасител Господ Исус Христос, Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Како, браќа и сестри, можеме да го видиме Бога? Бога можеме да го видиме со нашите духовни очи, а духовните очи се всушност нашата вера, која ја покажал и самиот Вартимеј, кој на прашањето Христово, „веруваш ли“, тој одговорил: „да Господи, верувам!“
И ние ако веруваме, дека постои Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и не само тоа, туку како што рекол Спасителот Господ Исус Христос: „Не оние што велат Господи, Господи, ќе се спасат, туку оние што ги исполнуваат Моите Заповеди“ (сп. Мат. 7, 21).
Ако ги исполнуваме Божјите Десет старозаветни и другите новозаветни Заповеди, меѓу кои и двете најголеми Заповеди што ги кажал Спасителот наш Господ Исус Христос: „Возљуби го Господа својот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја мисла, со сиот свој ум, со сета своја сила и ближниот свој како себеси“ (види Мат. 22, 37). Ете, Спасителот вели, дека во овие две Заповеди, се содржат сите пророштва што ги пророкувале пророците.
Што пророкувале пророците? Пророците пророкувале, дека ќе дојде Месијата, Спасителот наш Господ Исус Христос, дека ќе дојде да го спаси човечкиот род од гревот и смртта, и дека ќе го врати во единство со Бога. Ете тоа, браќа и сестри, пророкувале пророците, но и сето она другото што го кажал Господ, во овие две Заповеди, кои се најголеми и најсовршени, се содржи сета наша вера и нашато спасение.
Ние, браќа и сестри, треба постојано да го имаме Бога во себе, бидејќи нашето постоење надвор од Бога е непостоење. Нашето живеење надвор од Бога не е живеење. Затоа Господ преку устата на Светиот апостол Павле вели: „јадеме ли, пиеме ли, живееме ли, умираме ли, Господови сме, Хрстови сме“. Сè што правиме ако правиме со љубов и вера во Бога Троичниот, во Отецот, и Синот, и Светот Дух, тогаш ние сме Божји слуги, браќа и сестри, и никој од христијание не се плаши од смртта. Зошто? Заштоа што Спасителот наш Господ Исус Христос ја победил смртта со својата смрт. Он доброволно дошол да страда, не само да биде биен по плеќите, да биде шамаран, да биде плукан, да биде унижуван, да му стават трнов венец на главата, да го носи Крстот на Голгота, на кој е распнат и преку распнувањето и пролевањето на Својата Света Крв, не избави нас од гревот и смртта. Затоа ние можеме да се спасиме и да прогледаме духовно само преку благодатта.
Што е благодатта? Благодата Божја се Божествените енергии и сили, кои различно се именувани во Светото Писмо. Божествената благодат е таа несоздадена сила која ни се дава од Бога преку Светите Тајни, почнувајќи од Крштението, Миропомазанието, Светата Тајна Исповед и Покајание, преку Светата Тајна Венчание, односно за оние кои се венчаваат или за монасите кои се замонашуваат т.е се венчават за Хростос нашиот Бог и Спасител, преку Светата Тајна Елеосвештенство или Големиот Маслосвет, преку Светата Тајна Свештенство, за оние кои примаат свештени чинови и преку Тајната нас сите тајни, а тоа е Светата Евхаристија – Причесната. Светата Тајна Причест е најсветото нешто што го имаме во Црквата Христова, а тоа е Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител. Токму преку нив ние можеме да ја добиеме таа Божја благодат, тие Божји енергии, преку кои ние се просветлуваме и спасуваме. Преку нив, нашиот ум се очистува од помраченоста, мракот и темнината, кои нашите прародители Адам и Ева ги добиле преку гревот.
Преку Божјата благодат, ние од гревовни луѓе стануваме Свети, односно се просветлуваме и очистуваме. Безброј луѓе од големи грешници станале свети, почнувајќи од Светиот апостол Павле, кој ја гонел Црквата Христова и велел дека не е достоен да се нарече Христов апостол, бидејќи ја гонел Црквата Божја. Но откако станал христијанин, од сите Апостоли најмногу се потрудил, односно најмногу подвизи направил. Ете, токму заради трудот што го направил Свети апостол Павле, Господ му дал благодат, Божествена сила, небесни енергии, да се справи со сите искушенија и потешкотии. Токму затоа Свети апостол Павле ќе рече: „Не живеам јас, туку Христос живее во мене“ (сп. Гал. 2, 20). Ако така го следиме Свети Апостол Павле, кој бил најголем грешник, пред да стане христијанин, тогаш сме должни и ние да ги промениме нашите животи, односно од грешни да станеме свети.
Не случајно Светите Кирил и Методиј ќе речат, браќа и сестри, „и ние сме луѓе како вас, но ние нешто повеќе од вас се потрудивме“, што значи, дека не е невозможно нашето усовршување, за кое Спасителот наш Господ Исус Христос вели, „бидете совршени како што е совршен вашиот Отец Кој е на небесата“ (сп. Мат 5, 48). Тоа е можно само тогаш, кога ние нема да мислиме дека сами можеме тоа до го постигнеме, туку ако мислиме, како што рекол Спасителот Господ Исус Христос: „Без Мене ништо не можете да правите“ (сп. Јован 15, 5). Ако секогаш веруваме, дека сè што можеме да правиме, сè што успеваме и сè што постигнуваме добро, го постигнуваме со Бога, односно со Неговата сила и благодат.
Па ете, преку милитвите на Светиот апостол Павле, преку молитвите на сите Свети Апостоли и Сите Свети, по молитвите и застапништвото на Мајката Божја, Пресвета Богородица, по молитвите на денешните светители, Светиот пророк Даниил заедно со трите отроци Ананиј, Азариј и Мисаил, врз кои Бог во Вавилон направил чудо, во огнената печка, да не изгорат. Божјата благодат во огнената печка врз нив слегла во вид на небесна роса и тие останале неповредени, а на ова чудо се восхитил и царот, браќа и сестри.
По нивните молитви, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар