На 03.07.2023 г., кога го празнувавме споменот на Светиот Наум Охридски, Чудотворец, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на ерејот Игор Ризановски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Свети Наум Охридски“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Помнете ги вашите наставници, што ви го проповедаа Словото Божјо, и гледајќи на крајот од нивниот живот, подражавајте ги во верата“ (сп. Евр. 13, 7).
Наши наставници и учители во нашата Света Православна Вера, браќа и сестри, се најнапред Светите Апостоли, кои Христос нашиот Бог и Спасител ги избрал. Светите Апостоли биле прости галилејски рибари, кои имале чисти срца и здрав ум, кои размислувале и расудувале Божествено.
Ете, Бог ги избрал слабите, за да ги посрамат силните, ги избрал неуките, за да ги посрамат учените, ги избрал оние од народот, кои ловеле рибите во езерото, за да ги направи ловци на луѓе. Оние што ги последувале Светите Апостоли, се угледувале на нив, а овие Го последувале и се угледале на Христа нашиот Бог и Спасител, како што вели Светиот апостол Павле, обраќајќи им се на своите верни чеда со зборовите: „Угледајте се на мене, како што и јас се угледав на Христос“ (сп. 1. Кор. 11, 1). Што значи, ние треба да се угледуваме на оние, кои Христа Го последуваат. Па така, ако е таков оној кој ни го проповеда Словото Божјо, ако во сè е исполнител на Божјите Заповеди, ние на таквиот треба да се угледаме.
Еве, денешниот светител, преподобнот наш отец Наум, Охридскиот Чудотворец, се угледал на своите учители, на Светите браќа Кирил и Методиј, кој што се угледале на Апостолите, па затоа и се нарекуваат рамноапостолни.
Апостолите го освоиле целиот свет од Исток до Запад и од Север до Југ. Па така, овие Божји угодници, Свети Климент и Наум, ги придружувале Светите браќа Кирил и Методиј на Исток во нивните мисии во Херсон, потоа во Запад, во Моравија и Панонија, одејќи насекаде, па и во Рим.
Светите браќа Кирил и Методиј, го завршиле своето дело по лежењето во затворите на Свети Методиј во Евангел и на други места, каде што бил гонет од тогашните Римски епископи, а голем број од нивните ученици, биле продавани како стока по пазарите во Венеција и на други места. Оние што биле најблиски до Светите браќа Кирил и Методиј т.е. Свети Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, го минале Дунав, а таму Бугарскиот војсководец, кој што се нарекувал Боритакан, кој бил болјер т.е. еден од четворицата совладетели, на царството на цар Борис, ги испратил најнапред во Плиска, која потоа станала Преслав, во источниот дел на тогашна Мизија, денешна Бугарија, а откако Свети Климент бил испратен во Кутмичевица, кај Охридското езеро, денешна Албанија и цела Македонија, го проповедал Словото Божјо, а копнеел по својот брат Наума, па по седум години учителска дејност на Свети Климента, дошол Свети Наум од Мизија и очигледно премногу со голема желба да биде во мирување, тихување, молитва, пост и подвизи, на брегот на Охридското езеро, подигнал манастир, кој го посветил на Светите Архангели, каде имал мноштво монаси, а според преданието се вели дека имал повеќе од триста монаси на број.
Што ги терало, браќа и сестри, секако голем број од овие млади луѓе, да го остават овој свет и да отидат во манастир и таму да се подвизуваат? Ништо друго, освен нивното сознание дека тука сме гости на овој свет, па порано или подоцна, ќе треба да го напуштиме, а единствено место каде што можеме да го спечалиме Царството Небесно, е овде во овој свет, на оваа планета што се нарекува земја. Ете, тие не сакале да го губат времето во земни и материјални уживање, во желби и наслади од овој свет, туку се одрекле и од татко, и од мајка, и од браќа и сестри, според Христовите зборови: „Кој повеќе милува татко или мајка, жена или деца, браќа или сестри, куќи или ниви, не е достоен за Мене“.
Ете, затоа отишле да Го последуваат, а по седум години учителска дејност, Свети Климента, е избран за епископ, а по тие седум години доаѓа Свети Наум во 893 година и почнува со монашкиот живот на брегот на Охридското езеро, и се смета како еден од родоначалниците на монаштвото во тој период, кој почнува да цути кај нас во Македонија.
Браќа и сестри, што всушност правеле и што треба да прават монасите и монахињите, а што и ние исто така треба да правиме, зашто тие треба да ни бидат нам образец, особено кога се наоѓаме во искушенијата на овој свет, кој што целиот во зло лежи, како што вели Свети Григориј Богослов.
Ете, тие, браќа и сестри, како што ние земните и материјалните луѓе, секој ден откако ќе станеме го земаме огледалото да се огледаме да видиме колку сме бушави по станувањето, колку од спиењето ни се очите и подочниците надуени, колку лицето не ни е убаво, дека треба да се измиеме, треба да ја средиме косата, треба да се дотераме да личиме убаво, а оние кои сакаат да бидат убави, по цел ден се на огледало и гледаат сè што не е добро на лицето нивно да го украсат и дотераат и да направат да бидат многу убави и да им се допаднат на луѓето. И не е тоа големото зло, тоа е одличен пример како треба ние да го земеме нашето духовно огледало и да почнеме од сабајле до вечер да се огледуваме во нашето духовно огледало. А духовното огледало, е да си ја погледнеме нашата душа каква ни е, дали ние откако ќе станеме на сабајле со молитва стануваме правејќи метании, молејќи се за целиот свет, за блиските, за себе, за болните, за страдалниците, за сиромасите, за сираците, за вдовиците и за сите луѓе. Е, тоа духовно огледало преку целиот ден го гледаме, ако гледаме дека многу збороваме, за јазикот нашиот народ вели: коски нема, ама коски крши. Ако многу ни е издолжен јазикот и сè нешто зборуваме, но и само да зборуваме, туку и да озборуваме, како е оној, никаков, а таа каква е никаква, сите се никакви, сите се нечесни и.т.н., смо ние сме најдобрите, најучените, најпаметните, најдостојните. Тоа кога го прават со некои луѓе, кои што живеат во овој свет, па се притиснати од искушенијата, до некаде ќе го разбереме, ама ако тоа го прават луѓе, кои треба да бидат пример на духовен живот, монаси и монахињи, тоа е многу лошо. Кога председатели и премиери и спикери и незнам што, кои го водат овој народ, тие кога ќе почнат да кажуваат приказни и да немаат врска со верата, а се крстени, како што и ние сме крстени и миропазани, ретко кога влегле во црква поинаки, освен да им се додворат на верниците за да гласаат за нив, е тогаш ќе ги видиме, први и на челните места, ама само најповеќе кога е време за избори и за време на изборите, а пред тоа ги нема. Ги повикувам сите, и градоначалниците, во црква да бидат на молитва, на Литургија, особено во неделите, а не да спијат или кафе да пијат таму по кафаните или незнам каде. Тоа е оној проблем, а проблемот сега и во врска со она што реков со монасите и монахињите кои што наместо како оние триста монаси на Свети Наум што коленичеле и дење и ноќе на молитва, пред малку вчера или завчера ми пуштија едно клипче, како една игуманија од еден манастир многу фален, каде што одат претседалели и премиери, каде што ги крштеваат своите деца и се венчаваат министри и други пратеници и незнам што и.т.н., освојувале врвови , браќа и сестри, на Пелистер горе се качувале, да се качуваат треба на Небесното Царство, а не да трошат пари по качување по високите планини, браќа и сестри.
Во манастирите каде што бил Свети Наум, луѓето доаѓале да се лекуваат од своите болести, а не од манастирите да прават панаѓури, како што кај нас веќе тоа се случува.
Ете, погледнете како одат луѓето во некои манастири, кои се големи светилиште, како што е Острошкиот манастир во Црна Гора, каде гледаме и праќаат луѓето по некое клипче и од нив, илјадници завиткани со ќебиња ноќе спијат надвор, за да дочекаат сабајлето да се поклонат на светителите, на светите мошти. А кај нас се јаде и пие во некои манастири, се опива и што ли уште не се прави, ама на цел глас велат: нема подобри од нас. Ете, тоа е најлошата работа, најлошиот пример што го имаме. Оние луѓе таму мрзнат или се потат од горештината за да се помолат на светителот во Острошкиот манастир или оние во Тумане и оние во Романија каде што беше старецот Клеопа. Манастирите биле и треба да бидат место за молитва. Во манастирите не треба да се оди постојано, за да не им го расипувате редот и поредокот на монасите и монахињите, ако постојано таму бидете, оти кога ќе се молат тие, ако таму постојано врват мажи и жени.
Сега во вска со тоа некој ќе рече: „Дедото владика почна политика да зборува“. Па и политички суштества сме. Затоа сме и повикани да укажуваме. Зар на византиските цареви, светителите не им велеле да не бидат со еретиците, како што бил Арие, кого го подржувале многумина од царевите, а дури некои и животите свои, критикувајќи ги за тоа ги положиле. Кај нас сега е многу модерно да се рече дека жената има слобода да стане маж. Иако ќе си останела жена, ама ќе се чувствувала маж и тоа била најголемата заслуга на денешните, па ја видовме и таа нашата, како и беше името, да не и го спомнуваме, не е ни достојна да го носи името што носи, во Бигорскиот манастир, седната со калуѓерки, па сега таа ни проповеда дека жените треба да се чувствуваат мажи, а мажите жени и да си одат едните со другите, мажите со жените, како да се жени, жените како да се мажи, се наопаку. Полуде светот, браќа и сестри! Полуде цел свет. Верувајте поинаку не можеме да го разберам ова, до таа метра да се биде луд. Да не може да се разбере, едно малечко детенце, ќе го прашат што си ти: момче или девојче? Ќе рече, ако е момче, момче сум, сакам маж да бидам, ако е девојче, жена сакам да бидам, мајка сакам да бидам, а овие велат не сакам да бидам мајка, не сакам да бидам жена, сакам маж да бидам. Какви глупости браќа и сестри.
Сега ќе го свртам вниманието на министерка, која мене ме критикуваше за велигденските празници и велеше дека ќе ме предадела во Стразбур на суд, а другите со неа што се бунеа, но помина тоа како народната што вели: секое чудо за три дена. Но кога почнаа да инсистираа по секоја цена да го донесат тој закон, разбраа и видоа дека работата не е така едноставна и дека владиката Петар не зборувал напразно, туку знаел што зборува. Па тоа прашање го разгледа и нашиот Свет Синод, кого претседателот го клевети дека ние од Синодот сме биле русофили и сме ја подржувале војната во Украина. Замислете, имиња не спомнувал, ама знаел тој преку Нато. Не му е нему работата да клевети синодалци, туку работата му е да кажува како ќе ги спасиме младите да не одат од Македонија, а не тој прв рече: „Да не сум претседател, прв ќе си заминам во сранство, во Европа“. Е со таква политика, нема никој да остане овде во нашава Татковина, браќа и сестри. Ако првиот човек во државата вели дека треба да си одат младите, еве го послушаа многу малади, бидејќи овдека не гледаат перспектива за нивниот живот, па си заминаа и ќе си дозаминат. Тие подршката ја добиваат таму од тој манастир, но нив не ги видовме кога протестиравме пред храмот Свети Климент во Скопје, ниту старецот, ниту т.н. вселенските архимандрите и протопрезвитери, (назнам како се нарекуваат), нив не ги видовме таму. Изгледа нешто ќе да е сомнително околу таа работа. Ниту овие што учествуваат на тие протести на гордоста. Каква гордост да не се биде маж и жена, а си создаден да бидеш тоа, тоа не е гордост. Како вели народот: паметните, односно лудите со тоа што се гордеат, од тоа паметните се срамат, овие не се срамат од глупостите, туку се гордеат со глупостите. А ние се срамиме од тоа, браќа и сестири.
Ете, денешниот светител ова сето го гледа и го знае, а ние сме должни да се потсетиме како тие светители, како Свети Наум, дење и ноќе биле на молитва и подвизи, и чекале Господ да ги услиши нивните молитви, да ги излекува болните од сите нивни болести.
Ете, каков пример ни дава Свети Наум, кој е познат како светител и чудотворец, и тоа не само тука кај нас во Македонија и во нашето опкружување на Балканот, туку и во целиот свет. Оние што веруваат во Бога, дека Бог преку светителите може да лекува, денес одат на Свети Наум од целиот свет. Не е заборавен Свети Наум од верниот народ и не треба да заборавиме дека и денес Свети Наум лекува и тука, каде имаме безброј писменца оставени кај иконата на Свети Наум, каде што пишуваат и деца и ученици, кои сакаат да ги положат испитите, а се молат и болни од секакви болести, кои се излекувале преку молитвите и застапништвото на Свети Наум, Охридскиот Чудотворец.
Еве, браќа и сестри, пример како ние треба да живееме, како ние треба да се однесуваме. Овие празници ни се дадени нам во нашата Света Црква, за одвреме навреме да се вратиме на вистинскиот духовен пат, да се потсетиме дека може да се живее и во светот и пак да се спасиме. Но и обратно, може и во манастири да се живее и пак душата да се загуби. Света Гора не ги спасува сите, туку само оние што се молат постојано, искрено и чесно. Читаме од житијата дека и таму имало бесомаченици меѓу калуѓери, а и кај нас ги има, повеќе или помалку. Па затоа, браќа и сестри, не случајно е кажано од устата на Свети апостол Павле: „Угледајте се на мене, како што јас се угледав на Христа“. Така и ние да се угледаме на животот, делата, постапките, молитвите и подвизите на Светиот Наум, Охридскиот Чудотворец, кој се угледал на Христа нашиот Бог и Спасител. Амин!
Честите нека е празникот и за многу години и честито нека е името на оние што го носат името на Свети Наум!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар