На 12.07.2023 г., кога го празнуваме споменот на Светите Апостоли Петар и Павле, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот-ставрофорите Никола Грамбозов, Трајко Босеовски, протоереите Крсте Тасески, Тони Смутковски, ерејот Метошко Дончовски и протоѓаконот Драган Ѓеорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот посветен на „Светите апостоли Петар и Павле“, во село Смилево.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Угледајте се на мене, како што и јас се угледав на Христа“ (сп. 1. Кор. 11, 1).
Браќа и сестри, денес ги прославуваме врховните Апостоли на Црквата Христова, Светите апостоли Петар и Павле. Првиот е оној, кој Го исповедал Христа за вистински Бог, на прашањето на Христа до Апостолите: „За кого Ме сметаат Мене луѓето?“, тие одговориле: „Едни за Јован Крстител, други за пророкот Илија, а некои за пророк Еремија или за некои од пророците“ (сп. Мат. 16, 14), а кога Господ ги прашал повторно: „Вие за кого Ме сметате?“ (сп. Мат. 16, 15), тогаш во името на сите Апостоли, Свети апостол Петар рекол: „Ти си Христос, Синот на Живот Бог“ (сп. Мат. 16, 16).
При друга прилика, кога Господ Исус Христос забележал дека некои од Неговите ученици Го напуштаат, ги прашал: „И вие ли ќе Ме напуштите и каде ќе одите?“, а Светиот апостол Петар одговорил: „Нема каде да одиме Господи, зашто Ти имаш зборови за вечен живот“. Па така и овој пат Го исповеда Христа нашиот Бог и Спасител за вистински Бог и Човек, односно Богочовек.
Светиот апостол Петар, браќа и сестри, е оној, кој најмногу покажал ревност и љубов кон Христа нашиот Бог и Спасител, а исто така исповедал дека е подготвен за Христа нашиот Бог и Спасител да го даде и својот живот, на што Христос му договорил: „Додека петел не запее, три пати ќе се одречеш од Мене“ (сп. Јован 13, 38), што и се случило, кога Христос нашиот Бог и Спасител бил изведен на суд пред првосвештениците Ана и Кајафа, а Светиот апостол Петар бил во предворејето, каде што луѓето се грееле и очекувале што ќе се случи со Христа.
Ете, тогаш го прашале него, кој е тој и дали е од неговите ученици, на што Светиот апостол Петар, три пати се одрекол, па кога петел запеал, се сетил на Христовите зборови: „Додека петел не запее, три пати ќе се одречеш од Мене“ (сп. Јован 13, 38). Кога Христос излегувал од судницата, само еден поглед бил доволен Свети апостол Петар длабоко да се покае за своето одрекување од Христа, па се потпрел до ѕидот и горко плачел.
Според кажувањето на еден од првите епископи на Римската Црква, Свети апостол Петар, секое утро кога ќе слушнел петел да пее, горко плачел за овој свој грев, кој го окајал по Христовото Воскресение, кога учениците Христови биле собрани на брегот на езерото, каде што Христос Спасителот го прашал: „Ме љубиш ли Петре“ (сп. Јован 21, 15), на што Свети апостол Петар рекол: „Да Господ, Ти знаеш дека Те сакам“ (сп. Јован 21, 15). Потоа на второто прашање: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли“ (сп. Јован 21, 16), Свети апостол Петар рекол: „Да Господи Те љубам“, а Господ му вели: „Паси ги овците Мои“ (сп. Јован 21, 16), и на третото прашање: „Ме љубиш ли Петре“, Свети Петар одговорил: „Да Господи, Те љубам, ти знаеше дека те љубам, Ти сè знаеш Господи“. Тогаш Господ му рекол: „Паси ги јагнињата Мои“ (сп. Јован 21, 17). Тогаш Господ Исус Христос му вели: „Кога беше млад сам се опашуваше, а кога ќе остариш друг ќе те опаше“ (сп. Јован 21, 18), укажувајќи му на тоа со каква смрт ќе го заврши животот Светиот апостол Петар, кој во времето на тогашниот голем гоните на Црквата Христова, Римскиот цар Нерон, посакал да побегне од страдањето, па кога бил на излезот на улицата Via Vekia, Го сретнал Христа, Кој доаѓал во Рим и го прашал, според зборовите на рускиот поет Хенрих Сјенкевич, изговорени на латински: „Quo Vadis Domine?“, „Каде одиш Господ“, на што Христос Спасителот му одговорил: „Одам Петре повторно во Рим да страдам, зашто ти не сакаш за Мене да пострадаш“. Тогаш Свети апостол Петар се покајал, се вратил и пострадал во Рим т.е. бил распнат на Крст, според неговата молба дека не е достоен да биде распнат како неговиот Учител Христос нашиот Бог и Спасител, па со главата бил распнат надолу, а со нозете нагоре.
Што да кажеме за Светиот апостол Павле? Пред да стане христијанин, бил ученик на Гамалил, кој бил познат учител во тоа врем. Свети постол Павле бил роден во Тарс Киликиски и во тоа време завршил највисока школа на Тарскиот универзитет. Потоа според преданието на нивните отци, ги гонел христијаните, а бил присутен на каменувањето на Светиот архиѓакон и првомачени Стефан. При една прилика кога тргнал за Дамаск, за таму да ги гони христијаните, на патот бил турнат од коњот од силна Светлина, во која препознал дека не станува збор за создадена светлина, туку за Личност, за Христа нашиот Бог и Спасител, на Кого Му се обратил и Му рекол: „Кој си ти Господи?“ (сп. Дела 9, 5), а Христос му вели: „Јас Сум Христос, ти кого Го гониш“ (сп. Дела 9, 5), зашто гонејќи ги христијаните, Христос му вели: „Мене Ме гониш“.
Ете, потоа Христос му рекол да оди во Дамаск на улицата Права, кај апостолот Ананиј, кој го исповедал и крстил, па по тригодишното негово подвизување, Светиот апостол Павле, станал еден од најревносните Апостоли на Црквата Христова. Толку бил ревносен, што никогаш од ништо не се плашел, затоа што знаел и чувствувал дека Христос е Вистинскиот Бог.
Светиот апостол Павле, браќа и сестри, иако не бил од Дванаесетте Апостоли, од сите Апостоли најповеќе се потрудил, како што и самиот вели, но објаснува: „Не јас, туку благодатта Божја, која е во мене“ (сп. 1. Кор. 15. 10 ).
Па така, Светиот апостол Павле, како што слушнавме од денешниот апостол, бил многу гонет, страдал, претрпел бродоломи, имал закана да биде убиен и.т.н.. Кога требало да биде суден од Евреите, тој како Римски граѓанин рекол дека не може никој да му суди, освен Императорот. Ете, после оние три негови познати патувања, од кои првото било на Блискиот Исток и во Мала Азија, а второто и третото во Македонија, каде што откако во Троада му се јавил човек Македонец, а според мислењето и толкувањето на Светите Отци, тоа бил Ангелот на Македонскиот народ, кој му рекол: „Дојди кај нас во Македонија да ни помогнеш“. Ете, Свети апостол Павле дошол во Македонија во градот Филипи и проповедал на реката, каде што имало насобрано жени, каде што ги переле своите алишта, а една од нив, која се викала Лидија, прва поверувала и се крстила со целиот нејзин дом, а нејзината куќа, е првата Црква во Македонија и Европа.
Па така, браќа и сестри, при четвртото негово патување, кое било за Рим, за да му суди Имераторот, Светиот апостол Павле, бил убиен со меч т.е. му била пресечена главата. Овие Свети Апостоли, браќа и сестри, се наречени Вселенски Апостоли, зашто ја просветлиле целата вселена од Исток до Запад и од Север до Југ.
Ете, за какви Апостоли се говори, браќа и сестри. Што всушност проповедале Светите апостоли Петар и Павле?
Свети апостол Павле, откако станал христијанин, целосно Му се посветил на Христа нашиот Бог и Спасител и во сè се угледал на Христа. Како што Христос покажал дека ја исполнува волјата на Отецот Небесен, така и Светиот апостол Павле, покажал дека ги исполнува Божјите Заповеди, а тоа го посведочил и со зборовите: „Не живеам јас, туку Христос живее во Мене“. Навистина сиот негов живот, е Христов живот, бидејќи Свети апостол Павле, откако станал христијанин, целосно Му се посветил на Христа нашиот Бог и Спасител и во сè Го последувал Христа. Напишал Четиринаесет Посланија, кои се дел од Светото Писмо на Новиот Завет.
Свети апостол Павле, покажал смирение до таа мера, што почесто нагласувал дека не е достоен да се нарече Христов апостол, оти ја гонел Црквата Божја, но потоа на искажувањето дека се потрудил повеќе од сите апостоли, појаснува дека не тој, туку Божјата благодат, која е во него.
Овие зборови се исполниле и во Светиот апостол Петар, кој уште е наречен Апостол на Верата, зашто кога Христос ги прашал Апостолите за кого Го сметаат Него, Свети апостол Петар во името на сите Апостоли рекол: „Ти си Христос, Синот на Живиот Бог“, на што Господ му рекол: „Блазе на тебе Петре, зашто тоа тело и крв не ти го соопштија тоа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата“.
Па така, Господ Исус Христос му рекол: „Ти си Петар, што значи камен, и на тој камен т.е. на таа цврста вера, ќе ја соѕидам Црквата Своја, која нема да ја надвладее ни вратата пеколна“.
Понатаму, браќа и сестри, Светиот апостол Петар, покажал големо смирение, кога цела ноќ Апостолите ловеле риби со две кајчиња и ништо не уловиле, Христос им рекол: „Отпловете подлабоко во морето“, па откако Апостолите отпловиле и ги фрлиле мрежите, ловот бил толку голем што кајчињата можеле да потонат.
Ете, кога ова чудо го видел Свети апостол Петар рекол: „Оди си од мене Господи, оти јас сум грешен човек“, покажувајќи колку е грешен, слично на она што го рекол Свети апостол Павле, дека не е достоен да се нарече Христов апостол, оти ја гонел Црквата Божја.
Браќа и сестри, угледувањето на Христа, подразбира ние да го уподобиме нашиот живот со Христовиот и истиот да го живееме онака како што Го живеел Господ Исус Христос, Кој рекол: „Угледајте се на Мене, зашто Сум Јас кроток и смирен по дух“.
Еве, токму на Него се угледале Свети апостол Петар и Свети апостол Павле. Ние денеска кога ги прославуваме овие Божји угодници, вистински можеме да ги прославуваме, само ако и ние се угледаме на нив. Вистинскиот живот на христијаните, е да се угледуваат на Христа и да го живеат Христовиот живот, и да имаме Христов ум.
Денеска во Православната Црква имаме свештени лица и епископи, кои за жал не се угледуваат на Христа нашиот Бог и Спасител, на апостолите Петар и Павле, на светителите, мачениците и маченичките, туку си тераат некоја своја политика и погрешно ги учат луѓето. Таквите свештенослужители ќе ги познаете по следното: тие се таканаречени гуру духовници, а гуру духовници, има и меѓу владици, свештеници, па и верници, кои себеси се прогласуваат за најучени, најпаметни, најсвети и најдостојни, па во тој дух на прелестените им солат памет и ги поучуваат луѓето, да бидеме нивни робови, а не Христови последователи.
Вистината мора да се говори секаде и на секое место, зашто и првите луѓе, Адам и Ева, не биле излагани веднаш со лага, туку биле излагани со полувистина. Што значи тоа? Тоа значи дека прво им се кажува вистината, за после лагата да се проткае меѓу вистината. Сатаната т.е. ѓаволот, ги учи и советува луѓето, да не веруваат во Бога, како што ги излагал Адама и Ева, кога и рекол на Ева: „Господ ви рече да не јадете од забранетиот плод“, тоа била вистината, а потоа следувала лагата: „Ако јадете нема да умрете, туку ќе станете богови“.
Еве и овие, кои тоа го прават, дали станува збор за владици, свештеници или верници, кои сакаат да бидат почитувани како богови, но знајте дека истите се соучесници на сатаната, бидејќи Христос не постои за нив, туку тие се поставиле на местото на Христа. Тие, но и јас ако сум таков, и јас сум од ѓаволот. Искрено укажувам и на тоа ве поучувам. Штом ќе видите во Црквата Божја, некој владика или свештеник или верник, да собира луѓе околу себе и да ги врзува за себе, а не за Христа, знајте тој не е од Бога, туку е од ѓаволот.
Господ, браќа и сестри, кажал: „Испитувајте ги духовите дали се од Бога или од ѓаволот“. Штом слушнете некој да вели дека е најпаметен и најучен, истиот не е од Бога.
Какви награди треба да бараме ние владиците? Какви награди треба да бара свештеникот? Ако е свештеник, тој треба да го проповеда Словото Божјо. Секој човек наградата треба да ја бара од Бога, а не од луѓето.
Да се помолиме, браќа и сестри, преку молитвите и застапништвото на Свети апостол Петар, кој искрено се покајал и целиот свој живот плачел за својот грев, и ние по неговиот пример така да постапуваме.
Да се помолиме и на Светиот апостол Павле, кој бил најревносен апостол, кој рекол за себе дека е првиот грешник, па и ние ако така постапуваме, ќе се спасиме. Амин!
Честит нека е празникот и за многу години! Честито нека е името на оние што го носат името на Светите апостоли Петар и Павле!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар