На 20.07.2023 г., кога го празниваме споменот на Светата Великомаченичка Киријакија (Недела), Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Пенчо Пусовски, Љупчо Атанасов, протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски и ѓаконот Александар Маргулевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченица Недела, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Не бојте се од oној, кој што може да го убие телото, а на душата не може да и напакости, но бојте се од оној, кој може и телото и душата да ги фрли во пеколот“ (сп. Мат. 10, 28).
Денес, браќа и сестри, ја прославуваме Светата Великомаченица Недела, на која и е посветен овој свет храм.
Света Недела е светителка, која живеела во втората половина од третиот век, а тоа е време на силните гонења на христијаните, за време на злогласниот гонител царот Диоклицијан и неговиот зет Максимијан. Токму во тоа време, се родила оваа Божја угодничка, од нејзините родители Доротеј и Евсевија, кои биле благочестиви, но немале деца, па преку нивните горешти молитви, испросиле од Бога да им даде дете, кое ветиле дека ќе Му го посветат Нему. Света недела се родила во неделен ден, па затоа и е ставено името Недела т.е. според Неделата го добила името, а не како што некои мислат дека според Света Недела, е името на неделата.
Браќа и сестри, Света Недела била воспитана во духот на нашата Света Православна Вера. Ете, кога дознал царот за оваа девојка, која била прекрасна со нејзината надворешна убавина, а уште попрекрасна со нејзината внатрешна убавина, нејзе ја посакувале многумина, па тој сакал да ја убеди да ја омажи за својот син, но таа го одбила. Секој што ја просел неа за жена, таа му велела дека е верена за Синот Божји, Спасителот наш Господа Исуса Христа и дека само Нему Му припаѓа, бидејќи нејзината душа Му ја подарила на Бога.
Па така, заради тоа што не прифатила да принесе жртви на Римските богови и поради тоа што не сакала да се откаже од христијанската вера, била подложена на големи страдања, а нејзините родители биле испратени во заточеништво. Света најнапред била измачувана од Максимијан, кој потоа ја предал на Иларион, кој исто така ја измачувал, па овој кога видел дека не може никако да ја предомисли, ја предал на друг мачител по име Аполониј, но и тој не успеал да ја предомисли.
Па така, во 289-тата година, Света Недела го завршила својот земен живот, откако го замолила мачителот да и дозволи да Му се помоли на Бога, па така во молитва го завршила својот живот.
Ете, кога сега ја прославуваме оваа светителка, како и многу други светители, должноста ни наложува, браќа и сестри, да се запрашаме како правилно да ги прославуваме светителите? Ние мислиме честопати дека е доволно да се молиме пред нивните иконите, пренесувајќи се мисловно и духовно пред самите оригинали, пред вистинските светители, како што мајката кога го гледа својот син на сликата, се пренесува кон него и обратно. Ние мислиме дека ако запалиме свеќи пред иконите и кандило на светителите, дека сме ја извршиле нашата должност и со тоа правилно сме ги прославиле.
Не, браќа и сестри, тоа не е нашето вистинско прославување на светителите. Зошто? Кога ние ги прославуваме светителите, нашиот живот треба да го усогласиме или уподобиме на нивниот живот. Еве, кога е во прашање Света Недела, тоа значи дека ние треба да ги имаме истите мисли, какви што ги имала Света Недела. Света Недела, браќа и сестри, постојано мислела на нејзиниот возљубен и наш Спасител Господ Исус Христос. Таа други мисли немала, освен мислите кон Бога, кон Христа нашиот Спасител. Понатаму таа немала друг ум, освен Христовиот ум, како што вели Светиот апостол Павле дека сите христијани треба да имаат Христов ум. Она што Христос со Својот ум како Богочовек го мислел, треба и ние истото тоа да го мислиме, а тоа значи дека треба да мислиме и да живееме чесен и достоинствен живот, во согласност со Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светиот Отци на нашата Света Православна Црква.
Понатаму, браќа и сестри, Света Недела, постојано сочувствувала и сострадувала со болните, натажените, напатените, со оние кои биле во искушенија и страдања. И ние треба така да сочувствуваме со оние што страдаат, со оние кои имаат болен дома, со оние кои се во тешки пороци, како што се пијанството, нечесниот и неморалниот живот, со оние кои стануваат зависници и се дрогираат, со оние што жалат, затоа што некој од најблиските им починал и.т.н. Само тогаш ние го усогласуваме или уподобуваме нашиот живот, нашите чувства, нашите желби, нашите страдања, но и нашите радости со денешната славеничка Светата Великомаченица Недела.
Браќа и сестри, Светиот апостол Павле вели дека не живеел тој, туку дека Христос живеел во него. Сите страдалници, маченици, исповедници и подвижници, кои пострадале за Христа нашиот Бог и Спасител, не живееле тие, туку Христос живеел во нив. Се поставува прашањето: како Христос живеел во Свети апостол Павле и во сите светители? Живеел преку Светата благодат, зашто самиот Светиот апостол Павле вели: „Не знаете ли дека телата ваши се храмови на Светиот Дух“. Ако ние им дозволиме на нашите тела да уживаат во телесните наслади, во јадењето, прејадувањето, опивањето, тогаш очигледно дека ние не дозволуваме нашите тела да станат храмови на Светиот Дух, но ако од сето тоа се ослободиме и постојано Го повикуваме Светиот Дух да се всели во нашите души и тела преку благодатта, која нам ни се дава преку Светите Тајни, подвизите и молитвите, тогаш, браќа и сестри, ние иако телесни и материјални, стануваме храмови на Светот Дух, храмови на Божјата благодат и стануваме нова твар т.е. се преобразуваме, од грешни, стануваме свети, од нечесни, чесни, од недостојни, достојни.
Сите светители, како што е денешната славеничка, Света Великомаченица Недела, живееле свет живот и постојано мислеле само на Бога, па така, се удостоиле да бидат она што се. Ако така, браќа и сестри, ние ги прославуваме светителите, како што е денешната славеничка, Светата Великомаченица Недела, тогаш нашиот живот ние го уподобуваме со нивниот. Па така, оној што ги слави светителите, треба да го знае и нивниот живот, но не само да го знае, туку треба и да го живее, зашто ние не треба само со зборови да ги прославуваме, туку и со нашиот живот да ги посведочиме и подражаваме
Па ете, оваа прекрасна славеничка, Света Недела, која имала околу дваесетина години, го презрела овој свет и сите земни и материјалните богатства, насладите и уживањата. Го презрела и земниот град и земната своја Татковина, заради Небесниот Ерусалим, Царството Небесно.
Затоа нашата Света Црква, веќе илјада и осумстотини години, ја прославува ова светителка и нејзе и гради храмови, како што е и овој свет храм, за да се молиме и да ја подражаваме, како што вели Светот апостол Павле: „Помнете ги и вашите наставници, кои ви го проповедаа Словото Божјо и, имајки го во предвид крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна“ (сп. Евр. 13, 7).
Вистинското славење на светителите, е да ги паметиме како оние, кои ни го проповедале Словото Божјо и да гледаме на крајот од нивниот живот. Амин!
Честит нека е празникот и за многу години!
Честито нека е и името на оние што го носат името на Светата Великомаченица Недела!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар