На 08.08.2023 г, кога го празнуваме споменот на Светата маченичка Параскева (Петка) Римјанка, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Влатко Ристески, Љупче Петрески, Јове Тренчевски, протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски и ѓаконот Кирил Донев, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Света Петка“, во населбата Точила, Прилеп.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Господи Исусе Христе Сине Боже помилуј нè грешните!“
Оваа песна, која овие млади луѓе т.е. дечињата и повозрасните од мојата десна страна ја пееја досега, со неа ја погодија целта на денешната богослужба, на денешната Божествената Архиерејска Литургија, посветена на заштитничката или патронот на овој Свет храм, посветен на Светата Великомаченица Параскева (Петка).
Имено, браќа и сестри, станува збор за светителка која живеела некаде во средината на вториот век, по Христовото раѓање, која се родила во Рим од благочестиви и богати родители. Света Параскева (Петка), уште од детството, од нејзините набожни родители, била задоена со учењето на нашата Света Православна Вера, задоена со изучување на Светото Писмо, кое во тоа време не било само лектира за читање или украс во библиотеките на институциите и семејствата, туку жив збор, вистинска Божја порака, која била не само читана, туку во живот преточена. Така раните христијани ја доживувале нашата Света Православна Вера, т.е. сè што ќе прочитале од Светото Писмо, сè што ќе слушнеле како Свето Предание, во животот го применувале.
Света Петка, возљубени во Господа, секогаш за пример ја имала Пресвета Богородица, која секој збор што ќе го слушнела за Бога, го ставала во Своето срце и го живеела. Таа токму затоа што немала (свои лични) гревови, освен првородниот грев, наследен од нашите прародители Адам и Ева, сè до моментот кога од архангелот Гаврил и била соопштена радосната вест, за раѓањето на Христа Богомладенецот.
Па еве, на оваа светителка, за која денес зборуваме, на која денес споменот и го празнуваме, Пресветата Мајка Богородица и дала прекрасен пример, зашто времето кога живеела Света Петка, е непосредно блиско време и од животот на Пресвета Богородица. Значи немало поминато дури ниту еден век, откако Пресвета Богородица се преселила од овој во оној свет. Па така, таа жива реч, тој жив збор, кој бил проповедан од Апостолите и од Мајката Божја, од Господа наш Исуса Христа, од Апостолските мажи, длабоко бил присутен во душите и срцата на тогашните христијани. Затоа и Света Петка, откако пораснала, откако се упокоиле нејзините родители, таа сиот имот што го наследила, на сиромаси го подарила, зашто се подготвила целосно да Му служи на Бога, Спасителот наш Господа Исуса Христа и отишла во манастир, односно станала калуѓерка (монахиња).
Во тоа време, возљубени, имало потреба насекаде во светот да се проповеда Словото Божјо, зашто времето на првите векови на христијанството, се векови кога се пролевала крвта на христијаните во потоци и реки, па токму затоа еден богослов од тоа време не случајно ќе рече: „Крвта на христијаните, е семе за нови христијани“.
Па така, и Света Петка тргнала да го проповеда Светото Писмо, Светото Предание и Светото Евангелие, најнапред во Рим, каде што била родена и каде што одраснала, но и по другите градови и места.
Кога живеела Света Петка, со Римската империја управувал царот Антонин, кој бил многубожец, а тогашното римско општество не верувало во Бога Троичниот, Отецот, и Синот и Светиот Дух, бидејќи биле многубошци, т.е. верувале во многу Богови, а исто така луѓето биле оддадени на секакви пороци, односно на неморал, на прељубодејствие, на блуд и на нечесни работи и.т.н. Тие не можеле да го прифатат Христа нашиот Бог и Спасител, зашто Христос ги жигосувал сите нечесни и недостојни работи, а пред Христа ги жигосувал и Неговиот претеча, Свети Јован Крстител, кој велел: „Покајте се оти се приближи Царството Небесно!“ (сп. Мат. 3, 2). „Ете и секирата стои кај коренот на дрвото, и секое дрво што не раѓа добар плод се сече и во оган се фрла“(сп. Мат. 3, 7-10). Овие зборови на Свети Јован претеча значат дека секој човек што не прави добри дела и не живее чесно и достојно, ќе биде како дрвата што не даваат добар плод, пресечен и фрлен во огнената геена, т.е. во огнот што ја гори совеста на луѓето, односно во пеколот.
Света Параскева (Петка), откако била наклеветена, била изведена пред царот и подложена на најтешки страдања и маки, а меѓу другото и ставиле и усвитен шлем на главата, но Светиот Дух не дозволил да изгори нејзината глава, туку го разладил тој шлем што бил ставен врз нејзината глава. Потоа била ставена во еден огромен бакрен котел со масло и смола, во кој требало да изгори, но повторно Светиот Дух, благодатта Божја не дозволила таа да биде изгорена. Гледајќи го сето ова царот, мислел дека се работи за некое волшепство, односно мислел дека маслото и смолата не се жешки, па затоа и рекол на Света Петка: „Ако навистина тие се така жешки, фрли малку од маслото и смолата кај мене!“
Света Петка фрлила кон него од маслото и смолата, и тие му ги изгореле очите. Тогаш царот почнал да ја моли да го излекува. Па така, Света Петка, се помолила и го излекувала царот. Па затоа, возљубени, кога ќе видите на чинија ставени две очи, каде што е насликана Света Петка, знајте дека тоа се однесува, токму на тие очи на царот, што биле ослепени, кога Света Петка фрлила кон него од смолата и од врелото масло.
Потоа, Света Петка била подложена и на други страдања, но царот се покајал за својот грев и ја ослободил Света Петка, а таа продолжила понатаму да го проповеда Евангелието. Но, по некое време, повторно била обвинувана од некој си Аслипиј, кој ја подложил на други страшни измачувања, па затоа и се нарекува великомаченичка, а подоцна и тој се уверил дека чудата што таа ги прави, ги прави со силата Божја, со силата на Христа нашиот Бог и Спасител, Отецот и Светиот Дух. Па така и тој поверувал во Христа нашиот Бог и Спасител и станал христијанин, како и оние што биле со него. Потоа, некој си цар Тарасиј, ја подложил Света Петка на многу страдања, бидејќи таа не сакала да ги исполни неговите барања т.е. да се одрече од Христа нашиот Бог и Спасител и да се поклони на кумирите, односно на нивните измислени богови. Поради тоа тој наредил да и биде пресечена нејзината главата со меч. Ете, на таков начин Света Петка го завршува својот живот.
Браќа и сестри, се прашуваме која била силата што ја имала Света Петка? Силата што ја имала таа, е силата Божја, која ја имале и сите маченици на Црквата Христова, сите исповедници, сите страдалници. Таа сила ја имал и Свети Јован Крстител, старозаветни пророци, патријарси, судиите и сите праведници, како во Стариот, така и во Новиот Завет. Силата што ја имале светителите е силата Божја, силата на Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Таа сила нам ни се дава преку Спасителот наш Господа Исуса Христа, зашто Христос Синот Божји, заради нас и заради нашето спасение, слегол од небесата, примил човечко тело во сè еднакво на нас грешните и недостојните луѓе, освен во гревот, па затоа е свет и непорочен, зашто Христос по мајка е Син на Пресвета Богородица, а Неговиот татко е Отецот небесен.
Свети Климент Охридскиот Чудотворец вели: „На Христа не барајте Му мајка на небесата, ниту татко на земјата“. Мајката негова е на земјата. Таа е Пресвета Богородица, која го родила и од која примил вистинско човечко тело, а неговиот татко е Отецот Небесен, браќа и сестри.
Силата Божја што ја имала Света Петка, ја имал и Светиот свештеномаченик Ермолај, кому исто така денеска споменот му го чествуваме, заедно и со неговите придружници, кои исто така ја добиле силата на Троичниот Бог, бидејќи се откажале од земните и материјалните наслади, заради Царството Небесно. Но тоа не значи дека тие не се труделе за лебот, храната и облеклото, но предност и давале на духовната храна. Постојано си спомнувале за зборовите на Спасителот Господ Исус Христос, Кој вели: „Погледајте ги птиците небески; тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат; но ги храни вашиот Отец. Зар не сте вие многу поскапи од нив?“ (сп. Мат. 6, 26). Што значи сè што е материјално, нам Господ ни го дава без да се грижиме за тоа, но укажал дека духовното е поважно од материјалното и затоа рекол: „ Најнапред барајте го Царството на Бога и Неговата правда, и се ова ќе ви се придаде“ (сп. Мат. 6, 33).
Што е потребо човекот да има? Човекот е поребно да ги има основните услови за живот, т.е. да има храна, да има облекло, да има здравје и да се грижи за него. Ете тоа е она основното што треба да го имаме. Но ние луѓето не сме задоволни со основните потреби. Ако имаме малку, секогаш сакаме нешто повеќе, а кога ќе го добиеме тоа, не сме задоволни со тоа и бараме уште повеќе. Малку ни е една куќа, сакаме уште пет или десет куќи, сакаме високи облакодери, сакаме острови, океани, мориња, реки и.т.н., па токму затоа се и сите војни, браќа и сестри, заради интересите на поедини луѓе, на организации, на здруженија, на заедници, на народи, држави и.т.н. Војните се исклучиво како последица на земни, материјални и преодни интереси.
Ете, токму во тој дух сакам да нагласам дека молитвата „Господи Исусе Христе Сине Божји помилувај нè грешните“, која ја слушнавме, е молитва на умот и на срцето, која се именувана умносрдечна молитва. Со таа молитва се служеле и Светите Апостоли, а по нив апостолските мажи и раните христијани, какои монасите во манастирите.
Што значи умносрдечната молитва? Таа значи да не дозволиме во нашите умови да влегуваат грешни мисли и помисли, односно мисли со слики за земни и материјални работи, богатства, уживања, наслади и фантазии.
Фантазијата, не постоела кај нашите прародители Адама и Ева пред да згрешат. Христос, пак, нашиот Бог и Спасител, целосно бил лишен т.е. немал фантазии.
Па така, ние треба да знаеме дека токму умносрдечната молитва не дозволува во умот да влегуваат грешни мисли, помисли и секакви фантазии, што ги правиме ние. Таа исто така не дозволува тие да се симнат, т.е. да слезат во срцето и да станат грешни чувства, грешни похоти и грешни страсти. Тоа е всушност суштината на умносрдечната молитва, на кој ние треба исклучиво да се сконцетрираме, повикувајќи Го тивко во себе името на Спасителот наш Господа Исуса Христа. Оваа умносрдечна молитва ја говореле и Светите Апостоли, а и сите христијани после нив, повторувајќи ги тивко во себе со отчукувањето на срцето зборовите: „Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај ме грешниот“. Кога ја изговараме оваа молитва, нашиот ум постојано треба да биде насочен кон Бога и постојано да мислиме на Бога.
Можеби погрешно ќе кажам, но кога ние возиме, тогаш ние не мислиме во која брзина ќе ја ставиме колата или кога ќе прикочиме, бидејќи тоа станува веќе механичка работа, но тоа не е битно, битно е да не направиме некоја грешка во возењето, односно да не нè удри некој или ние некого да удриме. Така е и во молитвата, битно е кон Бога да ги насочиме чувствата, срцата и душите, а сè друго останато само по себе ќе си дојде, без да мислиме многу на него и без да посветуваме премногу внимание. Денеска од многу луѓе, па и од младите, ќе слушнете: „Јас имам голема самодоверба во себе!“. „Јас сум Господ!“ Тоа е идолопоклонство. Ние не треба да се надеваме на луѓето и на себеси, зашто псалмопевецот рекол: „Не надейтеся на князи, на сыны человеческия, в нихже несть спасения“ (Псал 145, 3). „Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение“. Најголемите и најблиските ваши пријатели, утре или уште денеска ќе ве предадат. И тоа се случува. Значи нема надеж во луѓето. Затоа ние не треба да се надеваме во луѓето, туку нашата надеж треба да биде во Господа, Кој го создал небото и земјата. Ако на Него се надеваме, тогаш сè ќе си дојде на свое место.
Значи постојано на Бога да мислиме, постојано Бога во душата и срцето да Го чувствуваме и постојано да Го спомнуваме Неговото Свето име. Ако постојано Го споменуваме Неговото Свето име, тогаш тоа постојано ќе биде во нашиот умот, во нашето срцето и нашата душата. Тогаш ќе исчезнат сите наши грешните мисли, помисли, фантазии, чувства, желби. похоти, страсти и дела.
Така се постанува вистински христијанин, а на тој начин станала вистинска маченичка на нашата Света Параскева (Петка), на која денеска споменот и го празнуваме.
Еве ни прекрасен пример како треба да се живее. Денеска младите не треба да бараат пример во некој ѕвезди од естрадата (пејачи или пејачки), кои ќе ги повикаат на концерти и ќе ги потикнуваат на блудно живеење. Ние треба да се угледаме на денешната светителка, и да го следиме нејзиниот живот.
Сите ние сме повикани да бидеме свети. Спасителот наш Господ Исус Христос вели: „Бидете свети, како што е свет вашиот Отец, Кој е на небесата“ (сп. Мат. 5, 48). Никој не е повикан во Црквата да биде грешник. Грешниците во Црквата не се осудени и Црквата со нив комуницира. Црквата е болница за грешниците, ама не за да останат грешни, туку да се покајат за гревовите, да се излекуваат и да се вратат на правиот и вистински пат. Сите ние сме повикани кон таква светост, како што била повикана и станала светителка денешната славеничка Света Параскева (Петка).
По нејзините молитви, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар