На 20.01.2023 г., кога го празнувавме Соборот на Свети Јован Крстител, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев и протоѓаконите Драган Ѓеоргиевски и Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Ресен.
После Божествената Литургијата, според локалната традиција се изврши поделувањето на чесните крстови, кои како благослов се чуваат во текот на годината што доаѓа во домовите на верните, а идната година ги предаваат на други.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 3, 2). „Ете, секирата лежи при коренот на дрвото, и секое дрво, кое не дава добар плод, се сече и во оган се фрла“ (сп. Мат. 3, 10).
Денес, браќа и сестри, го славиме Светиот Пророк и Претеча Господов Јован Крстител, кој е испросен со горешти молитви од неговите бездетни родители, од првосвештеникот и пророк Захариј и Елисавета, роднината на Пресвета Богородица, за кои читаме во Светото Писмо. Кога Пресвета Богородица, ја посетила Елисавета, тогаш во утробите на мајките, заиграле младенците.
Свети Јован бил шест месеци постар од Господа наш Исуса Христа. По неговото раѓање, од Светото Писмо знаеме дека неговиот татко бил убиен по заповед на царот Ирод и неговата крв се згрутчила во припратата на храмот, за сведоштво, дека бил убиен праведниот првосвештеник и пророк Захариј.
Во тоа време, цар Ирод сакал да го погуби и Господа Исуса Христа, па затоа наредил да се убијат четиринаесет илјади деца во Витлеем и околината, меѓу кои сметал, дека како новороденче ќе го убие и Свети Јован Крстител. Но Света Елисавета, неговата мајка, го спасила со тоа што побегнала и се сокрила во планината и една карпа, која на чудесен начин се отворила ги заштитила.
Неговите родители многу рано починале, а детето, осносно, Свети Јован растел во пустуната. Свети Јован Златоуст вели: „Не прашувај, како тоа дете го минуваше животот во студените зими, на мразот, снеговите и пеколните лета“. Неговата облека, браќа и сестри, се состоела од наметка од камилска кожа, а околу појасот имал колан и одел босоног. Свети Јован се хранел со див мед и скакулци, како што читаме во Светото Писмо. На тој начин се челичеле карактерот и волјата на овој Свет пророк, за кој старозаветниот пророк вели, дека е ангел во тело.
И ете, браќа и сестри, кога се исполнило времето, за кое старозаветниот пророк вели, дека ќе дојде тој ангел во тело, односно „гласот на оној што вика во пустината, подгответе ги и израмнете ги патиштата“. За кого? За оној што треба да дојде, а тоа е Спасителот наш Господ Исус Христос. И ете, од Јорданската пустина, Свети Јован, Пророкот, Претечата и Крстителот, доаѓа на реката Јордан и со силен глас повикува на покајание. Свети Јован со својата прекрасна висока човечка фигура, која била бледа од строгиот пост во пустината, кога со своите вдлабнати очи ќе погледнел во луѓето, длабоко проѕирал во нивните душите и срцата. Луѓето не можеле да бидат мирни и спокојни, бидејќи раната била голема, односно еврејскиот народ во тоа време се наоѓал во многу длабока гревовна состојба. Токму затоа, Свети Јован со остар и силен глас викал на реката Јордан: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 3, 2).
И ете, луѓето, кои имале совест, иако биле во гревовна состојба, масовно доаѓале на реката Јордан, за да се крстат од Јована, а Свети Јован ги крштевал со покајно крштение и им велел: „По мене, доаѓа Оној, Кој е поголем од мене на кого не сум достоен да му ги одврзам ремењата од нековите обувки. Тој ќе ве крсти со Дух Свет и со оган“ (види Јован 1, 27), мислејќи и говорејќи за Спасителот наш Господа Исуса Христа.
А Спасителот Господ Исус Христос за Светиот Јован Пророк, Претеча и Крстител ќе рече: „Што сте излегле да гледате во пустината? Трска ли што ветер ја лула или пророк“. (Јован 11, 7) „Да, ви велам, дека е повеќе од пророк“ (Јован 11, 9). Спасителот Господ Исус Христос рекол: „Нема поголем човек роден од жена, од Јована Крстител“ (види Јован 11, 11). И ете, со таков силен и громогласен глас, Свети Јован дојде од пустината и силно викал, за сите да се покајат. При него доаѓал не само простиот народ, туку и најучените луѓе во тоа време, односно фарисеите и садукеите, кон кои Свети Јован упатувал строги зборови велејќи им: „Породи змиини, кој ви кажа да бегате од гневот што доаѓа на вас?“ (сп. Мат. 3, 7).
Кои биле фарисеите и садукеите? Фарисеите биле учените луѓе во Старозаветната Црква, кои сметале дека, кога ќе се проповеда Словото Божјо, доволно е да се исполнуваат само обичаите, како што за жал и кај нас во нашата Света Црква, луѓето мислат дека доволно е да се прават само обичаите, а не да се научи и знае суштината на нашата Света Православна Вера. За да живееме вистински христијански живот, ние треба постојано да бидеме присутни на Божествените Литургии, да внимаваме на сè она што се чита и се пее, и активно да земеме учестово на Божествената Литургија, како централно богослужение, во нашата Света Црква. Тие, фарисеите мислеле дека се доволни само обичаите, како што за жал и многумина од нас го мислат истото, дека само обичајот е битен и дека истиот е доволен за нашето спасение.
Спасителот Господ Исус Христос рекол: „Не оние што велат, Господи, Господи, ќе се спасат, туку оние кои ја исполнуваат Мојата волја“ (сп. Мат. 7, 21). Ќе се спасат само оние кои ја исполнуваат Божјата волја, Законот Божји, Светото Писмо и Светото Предание.
Кои биле садукеите? Садукеите биле горделиви луѓе, кои ги барале првите места во синагогите. Тие немале никаква желба да им помогнат на сиромасите, сираците, вдовиците, болните и на оние кои имале потреба. Тие сметале, дека треба да се ужива во овој свет. Задоволствата од светот, била нивната преокупација и нивниот живот.
Ете, Свети Јован Крстител, нив ги нарекува породи аспидини или змиини, велејќи им, „кој ви кажа да бегате од гневот што доаѓа на вас“ (сп. Мат. 3, 7).
Се поставува прашањето, не сме ли ние слични на фарисеите и садукеите, кои практично не верувале во воскресението на мртвите. Има и меѓу нас православните христијани, кои се крстени и миропомазани, кои доаѓаат во храмовите и кои можеби постат и се причестуваат, но не веруваат во воскресението на мртвите, а тоа е страшен грев. Тие, браќа и сестри, нема да го наследат Царството Небесно, ако не веруваат во воскресението на мртвите и во Страшниот Суд, како што не верувале садукеите. Ова треба добро да го запаметиме и да се потрудиме да си ја научиме верата.
Свети Климент Охридскиот Чудотворец вели: „Човек што има очи, а нема нозе, но сака да стигне до некоја цел, нема да стигне, заради тоа што нема нозе, односно ја знае верата, но не живее според верата. И обратно, човек што не ја знае верата, е човек, а живее набожно, човек кој всушност има нозе, но нема очи и не може да стигне до целта“. Затоа треба, да си ја научиме нашата Света Православна Вера, која е изложена во Светото Писмо, во Светото Предание и во учењето на Светите Отци, но и да ја практикуваме.
Не е потребно само да ја научиме верата, туку тоа што ќе го научиме за верата, истото треба да го преточиме во живот. Не треба само да знаеме, туку тоа што ќе го научиме, треба да го практикуваме, односно да живееме според него. Токму тоа и се бара од нас и заради тоа Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител, ги жигосувал сите оние кои не живееле според учењето на тогашната Старозаветна Црква.
Браќа и сестри, од доаѓањето на Спасителот Господа Исуса Христа па понатаму, е Новиот Завет, односно одтогаш почнува Новозаветната Црква.
Покрај фарисеите и садукеите, кои ги спомнавме, доаѓале и едноставните и прости луѓе, кои прашувале што треба да прават, а Свети Јован им велел: „Кој има две кошули, една нека даде на оној што нема. Оние што имаат јадења и изобилство, да дадат на тие што немаат“ (види Лука 3, 11).
Ние постојано од телевизиите и другите медиуми слушаме, дека во нашата Татковина Македонија, се готви премногу храна и истата за празниците се фрла во контењерите, а има луѓе кои немаат доволно храна за да преживеат. Меѓу нас има и бездомници и сиромаси.
Зошто, она што го имаме во изобилство, да не се погрижиме да го дадеме на оној што нема, односно на оној што е сиромав да му однесеме еден оброк, за и тој да го доживее и прослави празникот, како што и ние го доживуваме, кои имаме храна во изобилство и истата потоа ја фрлиме во контењерите.
Ете, на тоа укажувал Свети Јован Крстител, поучувајќи ги луѓето, меѓусебно да си помагаат.
При Свети Јован Кристител доаѓале и војниците и го прашувале што да прават. Свети Јован им велел, бидете задоволни со платите што ги имате. Немојте да ги малтретирате луѓето, а тоа важи и за нашите полицајци и војници, а и за сите луѓе. Им велел, дека луѓето треба да бидат скромни во јадењето, пиењето, облекувањето и однесувањето и.т.н.
Ете таков бил Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител, остар на јазикот, не плашејќи се од никого. Свети Јован не се плашел ни од царот, а ние во нашето општество, одма ги наведнуваме главите, ако некое директорче, почне да не навредува и да прави со нас што сака. Ако е во право, ќе ги наведнеме, но ако не е во право, треба во очи да му кажеме, не можеш да ги малтретираш луѓето, кога за тоа не се виновни.
Денеска, браќа и сестри, ние знаеме, како Свети Јован ја камшикувал секоја невистина и за правдата го положил својот живот. За што всушност го положил животот? Свети Јован, кога слушнал дека Ирод ја зел за жена, жената на својот брат Филип, веднаш почнал да вика на цел глас: „Немаш право да ја имаш за жена, Иродијада, жената на твојот брат“ (види Мат. 11, 4). Иродијада многу се озлобила на Свети Јован Крстител и сакала да го убие. Кога Ирод направил веселба, по повод неговиот роденден, со неговите војводи и старешини, тогаш Саломија, ќерката на Иродијада и Филипа, им угодила на гостите, играјќи на масите, а Ирод во пијана состојба и рекол, што ќе посакаш ќе ти дадам, дури и половината од царството. Саломија набрзина отишла кај мајка си да се посоветува што да побара, а таа и рекла, ништо друго не барај, освен главата на Јована Крстител. И токму заради тоа, таа набрзина отишла кај царот и му рекла: „на табла ја барам главата на Јована Крстител“ (види мат. 14, 8), а царот заради дадениот збор, иако го почитувал и се плашел од Јована, наредил џелат да отиде во подрумот и да му ја пресече главата, која потоа била ставена на табла и однесена на нејзината мајка Иродијада.
Иродијада, се вели, дека зела игла и го боцкала неговиот јазик велејќи: „Овој јазик зборуваше против мене“. Каков грев правиме, браќа и сестри, со таков и ќе завршиме, а така завршиле и Ирод, и Иродијада, и Саломија,
Кога царот Арета, со многубројна војската, се кренал против Ирода, заради тоа што ја отпуштил неговата ќерка, односно неговата прва жена, тогаш Ирод, Иродијада и Саломија, биле протерани во Шпанија. Кај реката Сикорис, едан зима, како што е оваа зима, кога реката била замрзната, Саломија си играла на мразот од реката, кој наеднаш се скршил и две санти мраз ја притиснале нејзината глава околу вратот, и како што некогаш играла на масите, така и сега играла и се обидувала да го дофати дното на реката, но не можела, па двете санти мраз и ја пресекле главата. Покрај реката поминал некој човек, кој се сожалил на главата на оваа млада девојка, па затоа ја ставил на табла и ја однесол на нејзината мајка, која како што некогаш ја примила главата на Свети Јован Кристител, така и сега ја примила главата на нејзината ќерка.
Така, браќа и сестри, и ние ќе завршиме за секој направен грев, кој го правиме тука на земјата, ако не се покаеме и исповедаме.
Ете, таков бил Свети Јован Крстител, кој се борел за правдата, а за светињата на бракот, практично ја загубил главата. Ние денеска сме сведоци дека многу бракови се растурени, заради неумеењето правилно да ги советуваме брачните другари, да не се оставаат. Татко и мајка, одат еден против друг и неправилно ги советуваат своите деца.
Имаме многу разводи, браќа и сестри, а за тоа ќе прочитате во нашите службени весници. Една третина од браковите се разведуваат. За жал, ние констатираме дека браковите се раведуваат не заради прељуба и блуд, односно заради неверство во бракот, туку заради тоа што брачните другари немале слични карактери. Кој денеска има слични карактери? Токму тоа е суштината на бракот, ако немаме слични карактери, ние треба да се разбереме преку трпението. Ако жената не може да трпи, тогаш нека потрпи малку мажот. Ако не може мажот, тогаш жената нека потрпи и до зајдисонце да се измират и да бидат помили едниот на другиот.
Така нашите стари живееле и никој не се разведувал. Денеска браковите се разведуваат за разни ситници, односно дури и за тоа како невестата ја сечела тортата. Тоа е срамота и недостојно, браќа и сестри, а тоа значи, дека Царството Небесно, нема да се наследи, ако се живее на таков начин.
Затоа, укажуваме за сето ова што се случува, со желба, Свети Јован Крстител, кого денеска го славиме, да ни биде образец, како ние денеска треба да живееме, како треба да се однесуваме, како треба да се бориме за правдата и за вистината? Ако е потребно и животот да го положиме, како што тој го положил.
По неговите молитви, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин! Нека е честито името на оние што го носат името на Свети Јован!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар