На 16.07.2023 г., во Шестата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот Анатолиј, патријарх Цариградски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев и протоѓаконите Константин Сековски и Кире Трајанов, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Великомаченик Георгиј“ во Ресен.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Синко, ти се простуваат гревовите твои! Стани, земи го одарот (постелата) твоја и оди си дома! (сп. Мат. 9, 6).
Во денешното Свето Евангелие, браќа и сестри, слушнавме што му кажал Христос нашиот Бог и Спасител на оној човек, кој бил болен триесет и осум години т.е. парализиран и не можел да оди и зборува, како оној во бањата Витезда.
Ете, кога слушнале неговите пријатели дека Христос доаѓа од другата страна на Галилејското езеро и знаејќи дека многу народ ќе се собере околу Христа нашиот Бог и Спасител, за да ги слушне Неговите проповеди, тие се качиле на кровот и одгоре направиле отвор и го спуштиле болниот пред Христа нашиот Бог и Спасител, за да ги излекува. Кога Христос нашиот Спасител ја видел нивната вера, но и верата на болниот, му рекол на болниот: „Синко, ти се простуваат твоите гревови, зами ја постелата твоја и оди си дома!“ (сп. Мат. 9, 6).
Тогаш старешините Јудејски, книжниците, фарисеите и садукеите, Го обвиниле Господа Исуса Христа, велејќи во своите души и срца: „Кој е овој и гревови да проштева!“ (сп. Мат. 9, 3).
А Христос срцезналецот, Кој ги знае мислите, чувствата и нашите добри и лоши намери, им рекол: „Зошто мислите зло во вашите срца? Што е подобро да кажам: Синко ти се простуваат гревовите твои! Или да кажам: Стани и оди!? (сп. Мат. 9, 5).
Ете, Христос со тоа сакал да им укаже на присутните т.е. на старешините Јудејски, книжниците и фарисеите дека пред сè ние треба повеќе да се грижиме за нашата душа, отколку за нашето тело, зашто Христос нашиот Бог и Спасител рекол дека ние што и да направиме, па и цел свет да успееме да го придобиеме, ако на душата своја и напакостиме, тогаш ништо добро не сме направиле. Што значи, душата е најважното нешто од сè што постои на земјата.
Христос понатаму укажува на тоа дека колку што е позначајно телото од облеклото, толку е побитна душата од телото. Па затоа, нашата грижа за душата треба да биде поголема, отколку за нашето тело, но и телото наше Бог не го презира, зашто преку устата на Светиот апостол Павле е кажано: „Не знаете ли дека телата ваши се храмови на Светиот Дух“ (1. Кор. 6, 19). Што значи, Бог не го создал човекот т.е. човечкото тело и човечката душа за уништување и распаѓање на телото, туку го создал за вечен живот. Душата човечка живее во човечкото тело и човекот е човек само тогаш, кога душата негова е во него, а кога ќе се оддели душата од телото, тогаш телото, кое е од земја, како што пееме во песните на погребението „во земја се враќа, а душата која е од Бога дадена, оди при Бога“.
Во денешното Свето Еванелие имаме две размисли, едната е околу она што го направил присутниот народ, кога го видел чудото, што го направил Господ Исус Христос, кога го излекувал овој триесет и осум години болен човек, од неговата парализа. Ете, слушнавме дека народот Го прославил Бога, бидејќи направил такво чудо, а од друга стана, пак, ги имаме завидливите луѓе т.е. книжниците, фарисеите и старешините Јудејски, кои Му позавиделе на Бога затоа што прави чуда. Тие велеле: „Кој е Он и гревови да простува“, сакајќи да укажат на тоа дека единствено само Бог може да простува гревови. Книжниците, фарисеите, садукеите и старешините Јудејски, браќа и сестри, не Го признавале Христа Спасителот за Син Божји и Син Човечки, односно за Богочовек. Христос нашиот Бог и Спасител, е пред сè Бог Логос, Син Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, но заради нас и заради нашето спасение, слегол од небесата на земјата и доброволно, по благоволението на Отецот, примил човечко тело од Пресвета Богородица, во сè изедначувајќи се со луѓето, освен во гревот.
Па така, Христос е зачнат од Светиот Дух и од Пресвета Богородица, па затоа е безгрешен. Старешините Еврејски, книжниците, фарисеите и садукеите, заборавиле дека дури и Светиот пророк Даниил рекол дека Месијата, Синот Божји, ќе проштева гревови. Еве, тоа и се случило, браќа и сестри.
И веднаш ни се наметнува мислата за тоа, зошто ние луѓето во овој свет поднесуваме повеќе страдања, болести, маки и искушенија, отколку мир, спокојство и радости. Во Светото Писмо се вели дека ние, поднесуваме болести заради нашите гревови и заради нашата гревовна состојба.
Точно е и тоа дека Адам и Ева, сè додека не згрешиле, не само што немале телесни страдања, туку и самата природа била прекрасна и функционирала без никакви проблеми т.е. сè во рајот било совршено, но заради гревот т.е. заради неисполнувањето на единствената Божја Заповед на нашите прародители Адама и Ева да не јадат од забранетиот плод, во светото дојде смртта, како што вели Свети апостол Павле: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние згрешивме и умревме“. Нашите прародители Адам и Ева, најнапред умреа духовно, а духовната смрт е разделбата со Бога, а потоа кога дојде времето умреа и телесно. Од таму, Христос не дојде на овој свет заради нешто друго, туку токму заради тоа да го подигне човечкиот род од гревот и смртта, да ја подигне паднатата човечка природа, да го врати човечкиот род во заедница со Бога Спасителот, Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение, дојде во светот.
Ете, токму затоа Христос доаѓа, но едни од луѓето Го слават и МУ заблагодаруваат за чудото, кое го направил, кога го излекувал овој болен човек од неговата тешка болест, а од друга страна, ги имаме завидливите луѓе, од кои не сме ние подалеку.
Ете, не случајно Свети апостол Јован Богослов вели дека оној што го мрази својот брат, е човекоубиец. Секој човек, кој во себе негува омраза кон некого, треба да знае дека тој поради гневот што го има во себе, поради желбата за одмазда, е далеку од спасението.
Ние сме сведоци дека во нашите семејства имаме омраза т.е. брат се мрази со брат, сестра со сестра, татко со син, мајка со ќерка, и за ситни работи, од медиумите слушаме дека се случуваат убиства, заборавајќи на Христовите зборови дека злото не може да се победи со зло, туку злото може да се победи со добро. И ние, мислејќи дека ќе ставиме ред и поредок во општеството, Црквата и насекаде околу нас, со тоа што ќе востановиме некакви ригорозни правила и закони, заборавајќи дека најголемото зло од сите зла, е гревот, и сè додека не се победи гревот, сè додека не се излекува душата од гревовната состојба, не можеме да направиме мир. Ние не можеме да имаме мир со луѓето, ако на злото со зло возвраќаме, според старозаветната заповед: „Око за око, заб за заб“ (сп. Мат. 5, 38).
Христос спротивно на оваа старозаветна Заповед ни говори: „Не гневете се т.е. немојте навечер да си легнете во гнев, омраза или завист, туку пред зајдисонце, измирете се со сите наши браќа, со кои имаме нешто лошо“.
Затоа, браќа и сестри, омразата е страшна работа. А сведоци сме дека како последица на омразата, денес во светот имаме убиства, почнувајќи од семејните убиства т.е. од абортусите, кога мажот и жената или девојката и момчето, она што се зачнало од љубов, го убиваат, мислејќи дека тоа не е никаков грев, заборавајќи дека тоа е најопасниот грев, бидејќи се убива невино суштество, кое уште не е родено. Затоа, потребно е покајание од длабочината на душата и срцето, за да се опрости тој грев. Зар не сме сведоци дека во секое второ или трето семејство, братот со брат не зборува или таткото и мајката се откажале од децата или децата се откажале од нив, чекајќи што побргу да умрат, за да го поделат нивниот имот.
Ете, сето тоа е последица на гревовната состојба. Господ Исус Христос на денешниот болен човек не му го излекувал прво телото, туку душата, кога му рекол: „Синко, ти се простуваат гревовите твои! Стани, земи го одарот (постелата) твоја и оди си дома! (сп. Мат. 9, 6), а дури потоа бил телесно излекуван т.е. прво му биле простени гревовите. Затоа нашата грижа околу лекувањето на телото, треба да биде второстепена. Првостепена треба да биде грижата за лекување на душата, а душата е болна кога е во гревовна состојба. Нема човек, кој не згрешил на земјата и кој нема грев, ако не свој личен грев, тогаш неследен од неговите предци. Дури и Мајката Божја, Пресвета Богородица, не била лишена од првородниот грев на нашите прародители Адам и Ева, сè додека Архангелот Божји Гаврил, не и ја соопштил радосната вест дека ќе зачне од Светиот Дух, и дека Тоа што ќе го роди, ќе биде Свето и ќе му стават име Емануил, што значи со нас е Бог.
Ако и Мајката Божја, наследила гревови, тогаш кој може да се пофали и да рече дека не е грешен. Лекувањето на душата, браќа и сестри, се состои во следното.
Имено, пред сè ние треба да ги очистиме нашите срца од грешните желби, похоти, страсти, чувства, намери, однесувања и од нашите грешни дела. Откако тоа ќе го направиме, треба да преминеме на вториот степен на духовното растење или усовршување, а тоа е просветлување на умот, кој се помрачил кога Адам и Ева зрешиле, а тоа значи дека во умот не треба да дозволуваме да се вселуваат грешни мисли, помисли, кои потоа стануваат фантазии, и како такви од умот слегуваат во срцето и стануваат грешни желби, чувства, похоти, страсти, кои потоа преминуваат во грешни дела. Ако овие две нешта ги направиме т.е. овие два степена на духовно усовршување ги постигнеме, тогаш можеме да се надеваме дека ќе го наследиме Царството Небесно. Но ние, браќа и сестри, не сме создадени само за усовршување, туку Христос рекол: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец, Кој е на небесата“ (сп. Мат. 5, 48). Што значи, бидете свети, како што е Свет вашиот Отец, а светоста е она совршенство, кон кое сме повикани сите без исклучок, обожувањето. Затоа Светите браќа Кирил и Методиј рекле: „Луѓе и ние сме како вас луѓе, но ние повеќе од вас се грижиме“. Истото тоа го рекол и Свети апостол Павле, кој ги гонел и убивал христијаните. Свети апостол Павле, сè додека не станал христијанин, ја гонел Црквата Божја и не бил достоен да се нарече Христов апостол, ама откако станал Христов ученик, повеќе од сите Апостоли се потрудил и ревнувал за верата, па затоа е наречен Апостол на ревноста, за разлика од Свети апостол Петар, кој е наречен Апостол на Верата.
Ете, браќа и сестри, ние тоа можеме да го постигнеме не по наша заслуга, туку преку нашето длабоко покајание за нашата гревовна состојба и преку благодатта Божја, која нам ни се даваат не по наша заслуга, туку по милост Божја.
По нивните молитви на денешните славеници, преподобната Макрина и Светиот Диј Антиохиски, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар