На 23.07.2023 г., во Седмата недела по Педесетница, кога го празнувавме споменот на Светите четириесет и петмина маченици: Леонтиј, Маврикиј, Александар, Сисиниј и другите и споменот на Преподобниот Антониј, Киево-печерски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Николче Неделковски и протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Никола“, во Боримечка.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Браќа и сестри, го слушнавме денешното Свето литургиско Евангелие, во кое се говореше како Господ наш Исус Христос излекувал двајца луѓе, кои што биле со телесно слепило, а пред да ги излекува ги прашал: „Верувате ли дека можам тоа да го направам“ (сп. Мат. 9, 28), тие рекле: „Да Господи веруваме“, и веднаш ги излекувал и тие прогледале.
Браќа и сестри, има две вида на слепило, првиот вид на слепило, е телесно слепило, кога ние поради проблеми со очниот вид, не можеме добро да гледаме и поради тоа се ожалостуваме за тоа што не можеме да ги гледаме убавините од овој свет т.е. небото, ѕвездите, сонцето, месечината, океаните, морињата, езера, реки, потоци, планини и сè што создал Господ и му дал на човекот како цар да управува и господари со нив.
Покрај телесниот вид, ние треба да имаме и духовен вид или духовни очи. Што се всушност духовните очи? Духовните очи, браќа и сестри, се нашето сознание дека постои Бог како најсовршено суштество во светот, Кој што го создал небото и земјата и сè што е на неа. Ние треба да имаме вера во Троичниот Бог Троичен, во Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и таа верата, ние не треба да ја изразуваме само со зборови или формално, туку и со своите чувства, постапки и живот, а најсилно нашата Света Православна Вера, ја изразиле светите маченици, кои заради Христа нашиот Бог и Спасител, Кој дошол во светот да го избави човечкиот род од гревот и смртта и го врати повторно во заедница со Бога, го положиле својот живот.
Ете, ние ако сме подготвени да го дадеме животот за Христа, Кој го дал Својот живот за нас грешните и недостојните. Христос Спасителот не заборавил на своето создание, туку бара различни начини и средства како да го спаси, како што тоа го прават и вистинските родители, кои кога ќе видат дека нивните децата тргнале по лоши патишта, тие бараат различни начини да ги одвратат од тие лоши патишта и да ги вратат на правиот и вистинскиот пат.
Кој е тој вистински пат, браќа и сестри, ако не Самиот Христос, Кој рекол: „Јас Сум, Патот, Вистината и Животот“ (сп. Јован 14, 6). Вистинскиот пат и вистинскиот Живот, е Христос нашиот Бог и Спасител. Тоа всушност е искажано во Светото Писмо во Стариот и Новиот Завет, Светите Канони, Светото Предание и учењето на Светите Отци, и од тој пат ние никогаш не треба да се одделиме.
Денес е многумина тешко болни, кои побарале помош од Бога преку Светата Тајна Маслосвет, да бидат подигнати од болничката постела, како што вели Светиот апостол Јаков: „Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика презвитерите црквовни, та да се помолат и да извршат помазание над него со елеј во името Господово. И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат“ (сп. Јаков 5, 14-15). Па така, после оваа Света Тајна, ние знаеме дека постои Тајната над сите Свети Тајни, а тоа е Светата Тајна Евхаристија, Приносот или Причесната, која е Самото Тело и Крв на Христа нашиот Бог и Спасител. Христос Спасителот вели: „Кој го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв, ќе има живот вечен“. Што значи, оние што никогаш не се покајале за своите гревови, не се исповедале, не се подготвиле да ги примат Телото и Крвта Христови, тие не можат да се спасат, зашто спасението се добива најнапред преку Светата Тајна Крштение, а понатаму и преку сите други Свети Тајни. На друго место Христос Спасителот вели: „Оние што Мене Ме љубат, тие ги исполнуваат Моите Заповеди“. Ако ние ги исполнуваме Христовите Заповеди, тогаш можеме да се надеваме дека ќе го наследиме Царството Небесно.
Христос како што слушнавме од денешното Свето Евангелие, лекувал од секакви болести. Ете, пред да ги излекува овие двајца слепи луѓе, ја излекувал онаа жена, која дванаесет години страдала од крвотечение и сиот свој имот го потрошила на лекари. Таа, браќа и сестри, си велела во себе: „Само ако се допрам до алиштата Негови, ќе оздравам“, па така и направила, во онаа турканица, за која Христос Спасителот вели: „Кој се допре до Мене“, а Апостолите му рекле: „Зар не гледаш дека целиот народ Те опколил и Те притиска, а Ти прашуваш кој се допре до Мене“. Христос им вели: „Некој се допре до Мене, зашто сила излезе од Мене“, а таа сила која што излезе од Него, е Божјата благодат, која ја излекува оваа дванаесет години болна жена, само со нејзиниот допир до Неговите алишта.
Ете, каква силна вера имала оваа жена, а и многу други луѓе, кои се излекувале преку застапништвото на Светите Апостоли и божјите угодници. Ние треба да знаеме дека никој не ги лекува луѓето, освен Самиот Бог и никој не опростува гревови, освен Самиот Бог. Посредниците, кои се затапуваат за нас, тие нас не нè лекуваат, туку нè лекува Самиот Бог, зашто Господ им рекол на Апостолите да одат и да прават чуда во Неговото име. Ниту еден апостол, светител или светителка, не направиле никакво чудо и не излекувале некого со својата сила, туку исклучиво со Божјата сила, со силата на Христа нашиот Бог и Спасител.
Па ете, откако се случило ова чудо, оние кои биле присутни на истото т.е. книжниците и фарисеите, кои биле завидливи луѓе, веднаш почнале да Го клеветат Христа. Што е клеветата? Клеветата е кога ние измислуваме нешто за луѓето, кое не е вистинито и тоа го кажуваме на другите и шириме лажни вести за тоа. Од клеветата ние немаме никаква полза, туку само штета. Оној што е наклеветен, тој претрпува штета, а ние треба да знаеме дека за секоја нашата постапка, ќе треба да дадеме одговор на Страшниот Христов Суд, а на Божествената Литургијата во ектениитe ние просиме: „Да дадеме добар одговор на Страшниот Христов Суд“.
Христос Спасителот, Кој ги излекувал овие двајца слепи луѓе, на книжниците и фарисеите, кои Го клеветеле им вели: „Зошто зло мислите во вашите души“. Тогаш тие почнале да се оправдуваат, бидејќи не верувале во Него како во Бог, па рекле дека Тој со помош на Велзевула, односно на сатаната, прави чуда и лекува болни, на што Христос им рекол: „Ако едно царство се подели и двете страни и тие почнат да војуваат една против друга, тогаш тоа царство ќе се распадне. Не може сатаната да војува против себе“. Христос лекувал со Својата Божја сила од секакви болести.
Нашето спасение, браќа и сестри, најнапред доаѓа преку нашата вера. Каква вера имаме, така и ќе ни биде. Христос рекол: „Нека ви биде според вашата вера“. Светиот апостол Јаков вели: „Верата без добри дела е мртва“ (сп. Јаков, 2, 17), а тоа значи дека нашата вера ние треба да ја сведочиме со дела, па дури и со нашиот живот.
Наша вера, ,е онаа што нас нè спасува, а ако ние веруваме во Христа нашиот Бог и Спасител и Го љубиме, тогаш ќе се спасиме, зашто Христос рекол: „Оној што ги исполнува Моите Заповеди, тој Ме љуби мене“ (сп. Јован 14, 21).
Ете, ние ако ние ги исполнуваме Божјите Заповеди т.е. Десетте Старозаветни и Новозаветни Заповеди, тогаш на дело покажуваме дека Го љубиме Христа. Ако ние ги исполнуваме Божјите Заповеди и живееме во согласност со Светото Евангелие, Светото Предание, Светите Канони и учењето на Светите Отци, кои што ни ги објасниле Светото Писмо и Светите Канони, тогаш ние, браќа и сестри, можеме да се надеваме дека ќе го заслужиме Царството Небесно.
Да се помолиме, браќа и сестри, Господ по молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Светите Ангели и на Сите Свети, да ни вдахне и нам дух животен, да нè просветли и да нè освети, за да можеме и ние како денешните двајца слепи, кои Му рекле на Христа нашиот Бог и Спасител, дека веруваат дека Тој може да ги излекува од нивното слепило, и нас да нè излекува од нашето духовно слепило, а и од телесното слепило ако го имаме. Амин!
Честите нека е празникот и за многу години.
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар