На 26.02.2023 г., во Сиропусната неделата, посветена на Адамовото изгонување од рајот, кога го празнуваме споменот на Преподобниот Симеон Мироточив, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски, Гоце Велјановски и протоѓаконот Ѓорѓи Делев , отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„А вие кога постите, немојте вашите лица да ги правите мрачни за да ве видат луѓето дека постите“ (сп. Мат. 6, 16).
Браќа и сестри, оваа седмица се нарекува сирна, од која понатаму нема да се употребуваат сирни производи, па токму затоа се нарекува сирна седмици, бидејќи понатаму се забрануваат јадења со млечни производи. Од утре почнува Великиот Велигденски пост во нашата Света Црква, а Велигденскиот пост се состои од четириесет дневен пост, плус Страсната седмица или седмицата на страдањата на нашиот Спасител Господ Исус Христос, кој се додава на овој четириесет дневен пост, кој е востановен во нашата Света Православна Црква.
Дека постот е угоден на Бога, било кажано уште во Стариот Завет. Кога Господ ги создал луѓето, односно Адама и Ева, им дал заповед да не јадат од забранетиот плод, а тоа значело да се воздржуваат од храната што им била забранетa, односно на првите луѓе им било кажано дека треба да постат со воздржување. Но нашите прародители Адам и Ева, не се воздржуваа, не постеа и не ја почитуваа единствената Божја заповед, па затоа згрешија и умреа. За да се спасат, единствено решение беше, тие да се покајат за направените гревови и да се ослободат од гревот и смртта и повторно да се вратат во заедница со Бога.
Браќа и сестри, не постеле само нашите прародители Адам и Ева, туку постеле и многу други познати Свети луѓе во Стариот Завет, патријарси и пророци.
Постел, браќа и сестри, и светиот пророк Даниил, кога му било болно детето. Постел четириесет дена и светиот пророк Мојсеј, кога требало да ги прими десетте Божји Заповеди на гората Синај. Четириесет дена постеле и Ниневјаните, заедно со својата стока. Во Стариот Завет, браќа и сестри, постела вдовицата Јудита, која со пост се подготвувала за спасение на еврејскиот народ, со убиството што го направила на освојувачот Олоферн. Постела и Естира, која ја осуетила намерата Аман против Евреите. Постел, браќа и сестри, и Светиот пророк Даниил, од жалост заради тоа што Ерусалим бил разурнат. Целиот свој живот постел и Светиот славен Пророк и Претеча, Јован Крстител, за кого се вели дека никогаш не вкусил, ни вино, ни сикер, односно жестоки пијалаци, а јадел само див мед и скакулци, кога бил во пустината.
Но и Самиот наш Спасител Господ Исус Христос, постел четириесет дена, не затоа што лично Он имал потреба, Најсветиот од Сите Свети, Синот Божји, Кој предвечно од Отецот се раѓа и Кој заради нас како човек, се родил од Света Дева Марија и во сè бил еднаков на нас, освен во гревот.
Немал потреба, Најсветиот и Најчистиот, односно Синот Божји, да пострада заради Себе, бидејќи немал никакви гревови, затоа што бил Бог и човек, односно Богочовек. Но за да ни покаже нам пример дека треба да ги исполнуваме Божјите Заповеди и заради нашето спасение. Самиот Спасител Господ Исус Христос постел и со постот го победил ѓаволот и ни дал прекрасен пример како и ние треба да се бориме против сатаната и неговите ангели (демоните), зашто нашата борба тука на земјата, не е борба против тело и крв, браќа и сестри, туку против поднебесните сили на злобата, а тоа се сатаната со неговите ангели, кои се богоборци и човекоубијци уште од почетокот, од искони, и токму затоа нам ни е даден постот, не како цел во нашиот живот, туку како стредство, преку кое ние треба да се спасуваме.
Постот, браќа и сестри, не е само телесен, како што многумина од нас мислат дека е потребно само да не се јаде мрсна храна и да не се пијат жестоки пијалаци, туку постот е и духовен
Во овој Велигденски пост, треба да постиме, и телесно, и духовно. Телесниот пост се состои од нејадење на телесна мрсна храна и воздржување од жестоки пијалаци, а духовниот пост, се состои од тоа, да се воздржуваме од грешни мисли, грешни помисли, да не фантазираме, да се воздржуваме од грешни чувства, желби, похоти, страсти и грешни дела. Со други зборови кажано, ние треба во овој пост да се чуваме од гозби и пијанство, од сладострастие и блуд, да се чуваме, од озборувања и од омраза. Тоа е духовниот пост. Духовниот пост е поважен од телесниот, зашто Свети Јован Златоуст вели: „Постот е духовна храна. Како што телото има потреба од телесна храна, така и душата има потреба од духовна храна“.
Затоа, браќа и сестри, кога веќе знаеме дека треба да постиме, и духовно, и телесно, тогаш наша должност е да разбереме во што се состои нашата духовна храна. Како што кажавме, во духовна храна спаѓа читањето на Светото Писмо и на богоугодните книги, кои нам ни се дадени во нашата Света Православна Црква, преку кои ние на некој начин, читајќи го Светото Писмо, почнуваме да размислуваме и да мислиме набожно, не за земните и преодните работи, туку за духовните, односно да мислиме и да ги упатуваме нашите мисли и чувства кон Бога, кон Мајката Божја, кон Светите Ангелите и светителите, со цел нив да ги молиме за да се застапуваат за нас грешните и недостојните.
Слушнавме во денешното Свето Евангелие, како ние треба да постиме, односно дека не треба да ги правиме мрачни нашите лица за да се покажеме пред луѓето дека постиме, туку напротив, кога постиме, лицата наши треба да ги измиеме.
Како ние можеме да ги измиеме нашите лица во духовна смисла на зборот? Светиот пророк Исаија вели: „Немојте да правите зло, туку правете добро“. Исто така, кај Светиот пророк Исаија е кажано да не ги наведнуваме вратовите, да ни бидат како срповите и да мислиме сосема поинаку од она што треба да го правиме, односно вистинскиот пост е во тоа, браќа и сестри, гладни да нахраниме, жедни да напоиме, необлечени да облечеме, болни и оние кои се во затвор да ги посетиме, да им помогнеме на сираци, сиромаси и вдовици, односно да им помогнеме на сите оние што имаат потреба. Ете, тоа е вистинскиот пост.
Светиот Климент, патронот на нашата Света Црква вели: „Немој да ми кажуваш дека не јадеш месо, ако го изедуваш братот свој, со озборувања или со клевети“. Ние, со клевети и озборувања, ги јадеме нашите браќа, а пред луѓето се покажуваме како навидум да постиме.
Нема спасение, ако не се заедно споени телесниот и духовниот пост.
Спасителот наш Господ Исус Христос рекол: „Овој зол и прељубодеен род“, се мисли на сатаната и неговите ангели (демоните), „само со пост и молитва може да се истера“ (сп. Марко 9, 29).
Каква треба да биде молитвата? Господ вели: „Кога се молиш, влези во својата келија и таму тајно помоли Му се на Бога“ (сп. Мат. 6, 6). Која е таа келија, каде што треба тајно да се помолиме, браќа и сестри? Таа келија е нашето срце. Ние треба да влеземе во нашето срце со нашите мисли, чувства и желби, но не со телесни и преодни желби, за земните уживања и наслади, туку за прославување на Бога, за постојано да мислиме и да го сакаме Бога; постојано да ги сакаме ближните, зашто нашето спасение зависи од овие две најголеми заповеди, што ги кажал Спасителот Господ Исус Христос, „Возљуби Го Бога со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја помисла, со сиот свој ум, и ближниот како себеси“ (сп. Мат. 22, 37-39). Во овие две заповеди, се содржат сите други заповеди. Кој има љубов кон Бога и кон ближниот, а нам ни е ближен секој човек, тогаш тој човек може да очекува дека ќе се спаси.
Браќа и сестри, кога зборуваме за молитвата, ние треба да се молиме постојано, како што вели Светиот апостол Павле, дека постојано треба да се молиме, (види 1. Сол. 5, 17), а тоа значи постојано да мислиме на Бога, постојано да ги упатуваме нашите, мисли, чувства и желби, кон Бога нашиот Спасител.
Молитвата, кога ние се молиме за нешто, ќе ни се даде, зашто Господ рекол: „Што и да побарате од Отецот во Мое име, ќе ви се даде“ (сп. Јован 16, 23). Секако, браќа и сестри, нам нема да ни се даде она што е штетно за нашето спасение, туку ќе ни се даде само она што е полезно за спасението на нашите души и тела, секако ако ние тоа го молиме и просиме од Бога. Но има работи, кои се богоугодни и кои ние ги бараме, молиме и упорно просиме од Бога, но ете Господ, не ни ги дава веднаш, а ние сакаме веднаш во моментот кога се молиме, да ги добиеме. Господ така постапува, односно ги одлага барањата на нашите молби и прозби, за да не научи на смирение и трпение.
Зар не си спомнуваме за најсветите луѓе, за Светите Захариј и Елисавета, кои многу години се молеле Господ да им даде чедо, па дури на крајот од нивниот живот, во староста, кога престанува можноста да се раѓа, и кај едниот и кај другиот, односно, и кај мажот и кај жената, Господ им ја исполнил желбата и им дал син, односно Светиот Пророк и Претеча Господов, Јован Крстител.
Веднаш се прашуваме, зошто тоа така Господ го направил? Затоа што Господ сакал, тие да покажат трпение, бидејќи со трпение се добива спасение. Оној кој нема трпение, кој не може да истрпи страдања, маки и потешкотии, не може да очекува од Бога спасение.
Ете, нивното трпение, трпението на Свети Јоаким и Ана, за Бог да им даде чедо, Мајката Божја, Пресвета Богородица, било пресудно, Господ да ги исполни на крајот од нивниот живот нивните желби, да им ја даде Пресвета Богородица, мајката на Спасителот наш Господа Исуса Христа.
Браќа и сестри, за сето тоа да го постигнеме, потребно е, покрај молитвата, да имаме и смирение. Кои се луѓето кои покажале смирение? Да си спомнеме на параболата на Спасителот Господа Исуса Христа за митникот (цариникот) и за фарисејот.
Митникот или цариникот, а ние знаеме дека митниците меѓу евреите биле најозлогласените луѓе. Во Светото Евангелие се вели митарот кога влегол во храмот паднал на колена, плачел и се биел во градите и се молел со зборовите: „Прости ми Господи, зашто сум грешен“ (сп. Лука 18, 13). Така се молеле и многу други Свети луѓе, како Свети апостол Петар, кој кога се почуствувал како премногу грешен, му рекол на Господа: „Оди си од мене, Господи, оти сум човек грешен!” (сп. Лука 5, 8).
Голем е бројот на оние што биле многу грешни, но поради вистинското покајание се спасиле, браќа и сестри.
Да си спомнеме и од житијата на Светите, за Света Пелагија, која била голема гешница, односно блудница, но кога епископот Нона, ја посоветувал и поучил, таа го примила Светото Евангелие и поверувала во Бога и се спасила, а потоа станала и светителка. Исто така и Света Евдокија, кој била блудница, но кога слушнала како еден монах ноќе го чита гласно покајниот псалм (50), тоа предизвикало силно покајание во нејзината душа и таа успеала да го прими длабоко во душата и срцето Светото Евангелие и да се спаси. Таква била и Света Таиса, големата грешница, а тука ќе ја спомнеме и Света Марија Египетска, која во нејзината рана младост, на седумнаесет годишна возраст, била јавна блудница, но кога дошла во средба со Мајката Божја, Пресвета Богородица и Крстот Господов, кој не можела да го целива, зашто Господ не и дозволил сè додека не се покае, па откако се покајала, го оставила блудниот живот, преминала преку реката Јордан во Јорданската пустина и таму се молела на Бога, а нејзиното тело повеќе не било она тело, со кое ги соблазнувала мажите, туку било само коски и кожа. Света Марија, за миг поминувала стотици километри, како што говори Светиот Зосим, кој го напишал нејзиното житие и кој се уверил дека кога таа се молела, не стоела на земја, туку била подигната од земјата.
Ете, заради покајанието доаѓа спасението, а покајанието значи да ги признаеме гревовите и да немаме повеќе желба да грешиме, односно наместо да грешиме, да правиме добри дела, спротивни на гревовите,. Токму на овој начин се спасуваат луѓето и го заслужуваат Царството Небесно.
И ние, браќа и сестри, во постот кој што ни предстои, односно Велигденскиот пост, да се храниме, не само телесно со посна храна, туку и со духовната храна, како што предполага и поучува нашата Света Црква, која е наша грижлива мајка за нас грешните и недостојните.
Да ги посетуваме сите богослужби за време на Велигденскиот пост, односно, и часовите, и утринските и вечерните богослужби, и малите и големите повечерија, и акатистите како што е предвидено во Велигденскиот пост, да го прочитаме целото Свето Писмо, и не само да го прочитаме, туку и да го разбереме, а ќе го разбереме, само ако често доаѓаме тука, во храмот на молитва и поклонение , молејќи се на Бога, да ни ги прости нашите гревови, а ќе ни ги прости, ако пролееме многу солзи за прошка на гревовите и за спасение на нашите души. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар