ИМЕТО БОГОРОДИЦА

Црквата ја формулира верата во Дева Марија како «Богородица» на Третиот Вселенски Собор, во Ефес (431), со следната формулација: «Ја исповедаме Дева Марија за Богородица, затоа што Бог Логосот се воплоти и вочовечи од самото зачнување (во неа), за да го соедини со себе од неа земениот храм (се мисли на човечката природа)».

Св. отци на Ефескиот собор, формулирајќи ја христолошката догма, како последица од воплотувањето на Логосот Божји ја формулираа и верата на Црквата во Дева Марија како Богородица. Отците го развиваат нивното толкување за Дева Марија во органска врска со лицето и делото на нејзиниот Син. Следствено, православните отци на Ефескиот собор во ниту еден момент не ја одделија мајката од нејзиниот Син, не ја одделија личноста на Дева Марија од христолошката догма и од тајната на Божјата икономија, за да создадат некаква независна богословска област наречена «Мариологија». Таквата поделба постои во римокатоличката теологија, којашто прибегнува кон создавање на независна област наречена «Мариологија», и тоа на Вториот Ватикански Концил (1962 – 1965).

Името «Богородица» веќе постои во Светото Писмо, штом Дева Марија се нарекува «Мајка Господова» (Лк. 1, 43). Името «Мајка Господова» значи «Богородица». За првпат терминот «Богородица» за Дева Марија се сретнува кај Ориген, во неговото дело “Εἰς τὸ Δευτερονόμιον ἐκλογαί”, PG 12, 813C (сочувано во фрагменти). За тоа како Ориген го разбира терминот «Богородица», ни сведочи неговото исчезнато дело со наслов: ,,Толкување на Посланието до Римјаните на св. ап. Павле”, чие постоење го потврдува црковниот историчар Сократ (Ἐκκλησιαστικὴ Ἱστορία 8, 32 PG 67, 812B).

Дева Марија се нарекува Богородица затоа што го роди Бога Логосот според човечката природа, во тело. Името «Богородица» сведочи за реалноста на воплотувањето на Логосот Божји, и токму затоа Јован Антиохиски го поучува еретикот Несториј пред Ефескиот собор да го прифати светоотечкиот термин «Богородица» (а го поучува бидејќи и двајцата произлегуваат од антиохиското предание). За жал, Несториј не го прифаќа Христос како Воплотен Бог, туку како човек богоносец, и затоа Дева Марија ја нарекува «христородица», со значење на «човекородица». Со ова, Несториј е недоследен на преданието на Антиохиската црква од којашто произлегува, бидејќи во символот на Антиохискиот собор во 324/25, светите отци го употребија терминот «Богородица». За разлика од Несториј, Црквата исто така ја нарекува Дева Марија «Христородица», но со значење на «Богородица», бидејќи го исповеда Христа како Воплотен Бог, а не како човек богоносец.

Дева Марија зазема повисоко место во животот на Црквата од сите создадени битија, бидејќи преку неа се осветува целото создание и таа е посредник (ὑπουργὸς) и соучесник во Божјата икономија. Во истиот момент кога Дева Марија ја прифати пораката на Архангелот Гаврил: Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои (Лк. 1, 38), Синот Божји, во Светиот Дух, си создаде за себе човечка природа во утробата на Дева Марија, и не стана Бог туку човек, заради нас луѓето. Богородица посредува Синот Божји да стане и човек, заради обнова и спасение на човештвото. Согласно православната теологија, Дева Марија беше очистена од Светиот Дух за да стане храм Божји, и «даде» од нејзиното тело за да се воплоти «Новиот Адам», Логосот Божји, Господ Исус Христос (Јн. 1, 14).

Нејзиното посредување не се ограничува само на моментот на Христовото зачнување и раѓање, бидејќи Богородица продолжува вечно да го застапува целиот свет пред Троичниот Бог. Затоа, на Пресветата и упатуваме молитви да се застапува за нас пред Троичниот Бог, како Мајка Божја, а нашето осветување се извршува исклучиво преку Светиот Дух, бидејќи тоа е Неговото дело. Ние луѓето од самото осветување знаеме дека тоа е Духот, а не Отецот или Синот, иако целата Света Троица учествува во нашето осветување, поради единството на енергијата. Осветувањето на луѓето се извршува секогаш во Света Троица, пишува св. Атанасиј до Серапион, односно доаѓа од Отецот преку Синот во Светиот Дух. Важно е да знаеме дека осветувањето не доаѓа преку Богородица, бидејќи и таа е создание како нас, и како создание има потреба од осветување преку Светиот Дух.

Големината на Пресвета Богородица се состои во тоа што таа ја прифати ангелската вест во состојба после гревопадот, за разлика од Ева која погреши во рајска состојба. Ева како «нераспадлива девица» по благодат соработуваше во падот на човештвото и човечката природа, додека Богородица како девица со нејзината доброволна соработка и послушание го отвори патот за спасението на човештвото и обновата на човечката природа во Христа. Затоа св. Јустин Маченик и св. Иринеј Лионски први од св. отци ја нарекуваат Дева Марија «новата Ева». Послушанието и позитивниот одговор на Девата се плод на нејзината постојана вера во Бога.

Асс. Докторанд м-р Борче Грамбозов, Православен Богословски факултет ,,Св. Климент Охридски”, Скопје, УКИМ.