Важно е да знаеме дека терминот «καθεζόμενον» во членот на Символот на верата «И Кој се вознесе на небесата и седна оддесно на Отецот», го преведуваме со терминот «седна» а не «седи». Зошто? Најпрвин треба да знаеме за кого се извршува планот Божји, односно Божјата икономија, која е спасителна. За кого «седна» Христос од десната страна на Отецот? Заради себе или заради нас?
Христос «седна» засекогаш заради нас со Неговата човечката природа од десната страна на Отецот, и истата ја воведе во животот на Света Троица, ја обнови и спаси. Треба да знаеме дека целокупната Божја икономија: и воплотувањето, и крсната смрт, и воскресението и вознесението, се изврши заради нас луѓето и заради нашето спасение, како што исповеда членот од Символот на Верата.
Не постои никаков проблем околу тоа дали Христос отсекогаш седи од десната страна на Отецот, штом во претходните членови на Символот исповедаме дека Христос е отсекогаш Бог, Светлина од Светлина, Вистински Бог, како и Отецот, Син Божји и рожба на природата на Отецот, но во членовите кои следат, почнувајќи од членот: Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение… веќе се говори за воплотената икономија на Синот, Господ Исус Христос, којашто Христос ја изврши заради нас, и со Неговото вознесение и «седнување» од десната страна на Отецот, нашето човештво веќе учествува по благодат во животот на Света Троица.
Асс. Докторанд м-р Борче Грамбозов, Православен Богословски факултет ,,Св. Климент Охридски,, Скопје, УКИМ