Кој е Бог?
Бог постои како Троица на едносуштни лица, се открива и се препознава од човекот како Отец, Син и Свет Дух. Како може Отецот да е Бог, Синот да е Бог и Светиот Дух да е Бог, а истовремено Бог да биде Еден?
Бог е Еден, затоа што божеството на Синот и на Светиот Дух е божеството на Бога Отецот. Синот и Духот го имаат истото потекло, а тоа е од неродениот Отец, Синот по пат на раѓање, а Духот по пат на исходење.
Синот и Светиот Дух не се дел од божеството на Отецот, туку ја имаат полнотата на божеството на Отецот, без притоа Отецот да изгуби нешто од своето божество. Целата божја природа на Отецот е «вродена» во Синот и во Духот, и е заедничка на трите Божји лица.
Па така, Отецот е Вистински Бог, Синот е Вистински Бог и Светиот Дух е Вистински Бог, иако Бог е Еден, поради единството на природата и божеството.
Асс. Докторанд м-р Борче Грамбозов, Православен Богословски факултет ,,Св. Климент Охридски”, Скопје, УКИМ