На 24.12.2023 г., во Дваeсет и деветтата недела по Педесетница (Недела на Светите Праотци), кога го празнуваме споменот на Преподобен Данило Столпник, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослушение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Николче Димовски Чонтев и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Дојдете сѐ е приготвено!“ (сп. Лука 14, 17).
Браќа и сестри, денеска е Дваесет и деветта недела по Педесетница. Во денешното Свето Литургиско Евангелие, се говореше за тоа, како Господ кажал една парабола, односно како еден човек домаќин, приготвил вечера и ги пратил своите слуги да ги повикаат поканетите.
Првиот од поканетите, одбил да отиде на вечерата со зборовите, дека купил нива и дека треба да ја ора. Рекол: те молам, извини ме!
Вториот рекол, дека купил пет чифта волови и дека требало да ги проба. Рекол: те молам – извини мe пред господарот!
Третиот рекол, се оженив и заради тоа не можам да дојдам. Кажи му на господарот – те молам извини ме! (види. Лука 14, 16 – 19).
Тогаш господарот испратил други слуги и им рекол: „Одете и сите што се на раскрсниците повикајте ги за да се наполни мојот дом, бидејќи има многу места во мојот дом“ (сп. Лука 14, 21). Потоа господарот го испратил својот слуга, да отиде по патиштата и оградите, велејќи му: „доведете ги, да се наполни мојот дом“ (сп. Лука 14, 23). И така, Господ вели, дека „многумина се повикани, но малкумина се избрани“ (Лука 14, 24).
Оваа парабола, браќа и сестри, говори за тоа дека, во неа Господ Бог е домаќинот. Првите слуги се пророците во Стариот Завет, кои биле просветлени и пратени од Бога, да проповедаат дека ќе дојде Месијата, Спасителот наш Господ Исус Христос. Избраниот Еврејски народ, до доаѓањето на Христа бил верен, но првосвештениците, книжниците и фарисеите, односно оние кои биле најповикани да го исполнат Законот Мојсеев, не го исполниле, бидејќи не го препознале доаѓањето на Месијата, односно на Спасителот наш Господ Исус Христос. Еврејскиот народ очекувал политички цар, кој ќе основа силна држава, кој ќе ги покори сите држави и ќе владее со целиот свет. И денес евреите така мислат за Месијата – Спасителот, не прифаќајќи го Христа нашиот Бог и Спасител за Месија, бидејќи дошол во понижена состојба, се родил во пештера, бил положен во јасли, и на крај пострадал за нас и заради нашето спасение.
Вторите слуги што ги испратил домаќинот, се апостолите, а третиот слуга и останатите слуги, се оние кои отишле и ги повикале оние кои биле по патиштата и оградите. Ете, слугата кој отишол да ги повика е Христос нашиот Бог и Спасител, Кој заради нас и заради нашето спасение слегол од небесата, излегол од прегратките на Отецот и дошол на земјата да поживее со луѓето, да им ја открие верата во Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, во сè да ги поучи луѓето, да биде понижен, биен, шамаран, тепан, да му се стави трнов венец на главата, да му се даде Крстот да го носи на Голгота, на кој потоа ќе биде распнат и со Својата Света Крв, да го избави човечкиот род од гревот и смртта и повторно да го врати во единство со Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Ете, затоа и пееме на празникот Богојавление, дека Синот Божји е слугата, Кој доаѓа во вид на слуга, за да послужи на луѓето.
Но, браќа и сестри, кога зборуваме за повикот Божји т.е. за оние, за кои Господ вели дека сè е приготвено, што всушност е тоа, што е приготвено за луѓето? Подготвено е со повикот Христов, да се наследи Царството Небесно. Во Стариот Завет, кон тоа повикувале Светите Пророци, а и Светиот Јован Претеча и Крстител, ја почнал својата проповед со зборовите „покајте се зашто се приближи Царството Небесно“ (Мат. 3, 2). „Ете, секирата е при коренот на дрвото, и секое дрво што не раѓа добар плод се сече и се фрла во оган“ (сп. Мат. 3, 10). Тоа значи, дека секој човек што не прави добри дела, тој нема да го наследи Царството Небесно, туку ќе биде фрлен го огнената геена, во пеколот. Понатаму и самиот наш Спасител Господ Исус Христос, ја почнува Својата проповед со овие зборови: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (Мат. 4, 17).
Нашето спасение, браќа и сестри, зависи од нашето покајние. Што è всушност покајанието, што денеска луѓето ги извртуваат зборовите на покајанието, односно смислата на зборот покајание? Некои сметаат дека е недостојно и понижувачки е човек да се кае. Покајанието е всушност признавање на нашите гревови, на нашата гревовна состојба, и донесување на олука, дека нема да ги повторуваме гревовите што сме ги направиле, особено оние смртните. Смртни гревови се: гордоста, среброљубието, мрзеливоста, омразата, злобата, клеветата, кавгите и.т.н., а исто така, во смртни гревови спаѓа и гревот кој се нарекува униние или безволност за живот, а денес современо тој грев го нарекуваат депресија. Депресијата не е болест, браќа и сестри, депресијата е грев.
Човек, што си го избрал земниот бог, и кој во својот ум си замислува, дека тоа е богот, на кој треба да му служи, а тоа се случува кога човек ќе рече, моја цел во животот, е љубовта кон таткото, мајката, браќата, сестрите, или љубовта кон професијата, или кон некое дело кое тој си го замислил, сето тоа е идолско мислење кај луѓето, па токму затоa што некој не си ја остварил својата цел, односно својот измислен бог – идолот, и не успеал да го реализира, паѓа во депресија, бидејќи се губи смислата на неговиот живот. Смислата на нашиот живот, e да се веруваме во Бога, Кој не создал. Нашето постоење има смисла само во нашата вера, љубов и надеж во Бога, а исто така, и во љубовта кон своите ближни, зашто Господ рекол, дека двете совршени заповеди се овие: „Возљуби го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја мисла и помисла и со сета своја сила. И возљуби го ближниот свој како себеси“ (сп. Мат. 22, 37 -39). На овие две заповеди се крепи проповедта и учењето на пророците, а исто така, и учењето на Црквата, преку Господа наш Исуса Христа, Свети Јован Крстите, Светите Апостоли и нивните наследници.
Токму заради тоа, браќа и сестри, денеска ние се наоѓаме во таква положба. Кога ќе ги ставиме од една страна нашите желби и определби во животот, треба да се запрашаме која е нашата цел во животот? Слушнавме од Светото Евангелие, дека целта на првиот што бил повикан на гозбата од домаќинот, била нивата што ја купил, и затоа рекол: извини ме кај господарот, а тоа значи, јас се грижам за земните и материјалните богатства, се грижам да спечалам имот, да направам нешто земно и материјално, кое всушност е преодно.
Да си спомнеме на параболата за богатиот, кога Спасителот Господ Исус Христос му вели нему, откако тој рекол „душо моја имаш многу богатства на многу години, јади, пиј и весели се“ (сп Лука 12, 19), а Господ му вели: „ноќеска ќе ти ја земат душата, а тоа што си го приготвил, на кого ќе остане!“ (сп. Лука 12, 20).
Браќа и сестри, никој од нас, тоа што ќе го спечалиме тука на земјата, сето нема да го искористиме, нема да уживаме во него вечно, бидејќи тоа не е вечно, туку времено. Ние по смртта си заминуваме и богатството го оставаме на другите, кои можеби сиот наш труд за еден миг ќе го прокоцкаат, како што денеска го прават сите луѓе што се коцкаат. Луѓето коцкаат сè што имаат, па дури и тоа што со мака го спечалиле, а за тоа што не го спечалиле воопшто не размислуваат.
Затоа, браќа и сестри, треба да знаеме дека оние луѓе, кои заради богатството не сакаат да дојдат на трпезата на господарот, а трпезата на господарот е Божествената Литургија, на која се случува најголемото чудо. На Канонот на Евхаристија, тука на Светиот Престол, на Божествената Литургија, благословениот Леб се претвора во Тело Христово, а благословеното Вино, во Крв Христова. Оние што се подготвиле за примање на Светата Причест, со покајание, пост и молитви, треба да пристапат и да се соединат со Бога.
Ете, на Божествената Литургија, се случува тоа чудо, кога благословениот Леб станува Тело, а благословеното Вино, Крв Христова. Ако ние сме се опростиле со оние на кои сме им згрешиле, тогаш можеме да пристапиме да ја примиме Светата Тајна Причест. Причесната е Телото и Крвта на нашиот Спасител, односно вечерата на која нè повикува домаќинот Спасителот наш Господ Исус Христос.
Кога зборуваме за Царството Небесно, Спасителот Господ Исус Христос рекол: „Најнапред барајте го Царството Небесно и неговата правда, а останатото ќе ви се додаде“ (сп. Лука 12, 31). Тоа значи дека ние треба да се потрудиме да го спечалиме Царството Небесно. Нема друго место каде тоа може да се спечали, освен тука на змејата, за време на нашиот земен живот. Друго место и време не постои! Ако ние не мислиме и не се грижиме за нашето спасение, за простувањето на нашите гревови и прегрешенија, ако не доаѓаме во храмот Божји, ако на празниците се однесуваме како што се однесуваат оние што немаат вера, односно да мислиме само на јадење, пиење и веселба, тогаш тоа празнување нема никаква смисла. Вистинското празнување на празниците се состои во следното: да го прочитаме од Светото Писмо или од житијата на Светите празникот кој што го празнуваме. Да го запознаеме животот на светителот кој се празнува, и не само тоа, туку треба да го проследиме, ако тој бил испосник, и ние да постиме, ако тој бил подвижник, и ние да се подвизуваме, ако тој бил маченик за верата, и ние да поднесеме мачења и страдања, ако не телесни, тогаш барем духовни мачење, навреди и слично.
Кога некој ќе не навреди, да не возвраќаме на навредите, туку тоа да го поднесеме со вера, дека Господ тоа ќе ни го прими како награда во Царството Небесно. Тоа е суштината на празнувањето на празниците. Ако секој од нас го чита житието на празникот кој се празнува, како што денеска го Славиме Светиот Великомаченик Георгиј, односно обновувањето на неговиот храм во Киев, или ако си споменеме за страдањата на Светиот новомаченик Георгиј Хиоски, кој пострадал за нашата Света Православна Вера, или ако си спомнеме за Свети Алимпиј, на кој денеска празникот му го празнуваме, кој бил столпник и живеел на возвишен столп, бивајќи дење и ноќе подложуван на временските непогоди, на снегови, студови, мразови и дожд. Ете, тоа е вистинското празнување на празниците, браќа и сестри.
Па ете, во тој дух, откако и ние денеска разбравме од Светото Евангелие, дека домаќинот е Отецот Небесен, а гозбата што е приготвена, е Царството Небесно, каде што ние конечно се стремиме да отидеме.
Која всушност разликата помеѓу Царството Небесно и Царството Божјо? Царството Божјо можеме тука да го доживееме на земјата, а тоа е, како што вели Спасителот Господ Исус Христос: „Оној што ме љуби Мене, ги исполнува Моите заповеди.“ Ако ние ги исполниме Божјите Заповеди, во нашите души и срца, ќе почувствуваме спокој и духовна радост, а тоа е доживување на Царството Божјо. Ако , пак, сме се подготвиле и сме се причестиле, ние тогаш сме го почуствувале предвкусот на Царстовото Небесно.
Царството Небесно не е тука на земјата, на земјата е Царството Божјо, а тоа значи, ако живееме литургиски живот, ако живееме во согласност со учењето на нашата Света Црква, ако ги посетуваме храмовите, ако сме присутни на Божествените Литургии и ако активно учествуваме во нив, слушајќи сè што говори Архиерејот и свештениците на Светите богослужби, а она што го говорат или одговараат певците, а тоа треба сите вие да го одговарате, бидејќи таму во службеникот не стои дека певците тоа треба да го одговараат, туку народот божји.
Певците тоа го прават, бидејќи вие не сте активни на богослужбата, но и вие можете да се активирате, служајќи ги нив и со нив пеејќи. Кога целата Црква ќе пее, тогаш е постигнат резултатот, дека сме вистинска жива Црква, која исто мисли, слуша и одговара на прозбите на свештеникот. Вие во Црквата на Литургијата имате повеќе време во одговорите со црковните песни и со одговорите на возгласите на ектениите, отколку ние свештенослужителите. Затоа сите комплетно треба да се посветиме, и како што вели Спасителот Господ Исус Христос „да биде еден пастир и едно стадо“ (сп. Јован 10, 16). Да бидеме еднодушни, со една уста да Го славиме Бога, и да бидеме свети, бидејќи во Црквата пееме „Светињата е за светите“. Светите сте вие, а Светињата е Телото и Крвта Христиви, Причесната. Оној што го прима Христа, ако се подготвил и се ослободил од гревовите, и тој станува свет. Затоа во Божествената Литургија ни е кажано: „Светињата е за светите!“
Да се помолиме, браќа и сестри, и ние преку молитвите и застапништвото на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Свети Јован Крстител, на Светите Апостоли, Господ по нивните молитви, сите нас, да не удостои да бидеме наследници на Царството Небесно, а Царството Небесно е всушност продолжена Литургија, славење на Бога, радост, правда, вистина, и сè што е наш идеал во нашата Света Црква, односно исполнување на Божјите Заповеди и живот во заедница со Отецот, и Синот, и Светиот Дух, Мајката Божја, Ангелите и Сите Свети. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар