На 07.04.2023 г., на празникот Благовештението на Пресвета Богородица, Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, во сослужение на протоереите Влатко Ристески, Илчо Смилески, Кирил Павлевски, протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски и ѓаконот Александар Петковски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свето Благовештение“ во Прилеп.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Денес е почетокот на нашето спасение, и откривање на вековната тајна: Синот Божји син на Дева станува, а Гавриил благодат благовестува!“ (Тропар на Благовештение).
Браќа и сестри, ете, денешниот празник Благовец, го дочекавме со сонце, кое ја затоплува земјата и ни ја навастува радосната вест за доаѓањето на пролетта. Денес, забележуваме како жуборат потоците и реките, од надојдената вода од снеговите. Денес ги слушаме и птиците како ја пеат пролетната песна. Денес природата почнува да воскреснува и сè се радува, бидејќи се буди природата и се слуша радосната вест за нејзиното доаѓање.
Денес, на денешниот празник Благовец, се случува уште една голема радосна вест за човештвото т.е. за човекот, кој бил создаден од Бога за живот вечен, а не за умирање, кој поради својата гревовна состојба, длабоко потонал во гревовите.
Ете, токму заради тоа бил испратен од Бога Архистратигот Гавриил, за да и ја соопшти радосната вест на Пресвета Богородица, која требало да го напушти храмот Божји поради исполнување на годините, кога според еврејскиот Закон девојките стапувале во брачна заедница, бидејќи во спротивно биле убивани со камења.
Па така, Пресвета Богородица, браќа и сестри, била дадена и доверена на чување кај престарениот Јосиф, кој бил нејзин вереник, во градот Назарет. И ете, кога Пресвета Богородица, го читала Светото Писмо т.е. кога ја читала Книгата на Светиот славен пророк Исаија, каде што се вели: „И ете, девојка ќе зачне и ќе роди син, и ќе му стават име Емануил, што значи со нас е Господ“ (сп. Иса. 7, 14), во тој момент Мајката Божја, Пресвета Богородица, размислувала колку е прекрасна таа девојка, што ќе се удостои да го прими во својата утроба Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос.
И ете, токму во тој град Назарет и во таа провинција Галилеја, која била злогласна како што пишува пророкот дека на патот натаму преку Јордан, Галилеја незнабожачка е. Таму во градот Назарет, кој не бил воопшто ни познат на картата, токму таму ќе се случи оваа радосна вест, а не во Ерусалим, не во големите престолнини како што биле на Рим или Александрија на Римската Империја, туку токму во тој непознат и мал град, кој бил презрен, за кого пророкот Натанаил рекол: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет“ (сп. Јован 1, 46).
Ете, кога Пресвета Богородица се молела и со восхит ја читала Книгата на Светиот пророк Исаија, и пристапил Светиот Архангел Гаврил, и ѝ рекол: „Радувај се благодатна, Господ е со тебе“.
Тогаш Пресвета Богородица, се уплашила од овие зборови, бидејќи Архангелот и рекол: „Благословена си ти меѓу жените“ (сп. Лика 1, 28). Кога Архистратигот Гаврил ја видел збунета и уплашена и вели: „Не бој се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата, и ќе родиш Син, и ќе го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај“ (сп. Лука 1, 30-33).
И ете, тогаш Пресвета Богородица го прашува Архангелот Гаврил: „А како ќе биде тоа, кога јас незнам за маж?“ (сп. Лука 1, 34), зашто во тоа време девојките во Јудеја, Палестина, Ерусалим и во Галилеја, па и на секаде, копнееле и мечтаеле по земните благодети и земните уживања, а Пресвета Богородица, дала завет дека сиот свој живот ќе му Го посвети на Бога, па затоа и прашува како е можно таа да Го роди Синот Божји, кога таа по никоја цена не сака да се одрече од девството, кое го ветила на Бога. А Архангелот и вели: „Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји“ (сп. Лука 1, 35).
Ете, исто како што од Светиот Дух била загревана земјата т.е. живот добиле сите животни, птиците, билките, рибите и сè што постои, така и сега Светиот Дух, слегува врз Пресвета Богородица, кога таа ги слушнала зборовите од Архангелот Гаврил дека силата на Севишниот ќе ја осени. Ете, во тој момент Пресвета Богородица бессемено зачнала од Светиот Дух, Кој дава живот на сè што е создадено на земјата.
Па така, Пресвета Богородица се согласила со зборовите од веста која и ја соопштил Архангелот Гаврил, бидејќи без нејзина согласност, не можело да се случи зачнувањето на Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, во нејзината Света утроба, па затоа и вели: „Еве ја слугинката Божја, нека ми биде според твоите зборови“ (сп. Лука 1, 38).
И ете, возљубени браќа и сестри, Бог Отецот ги отвора Своите прегратки, и од Неговите прегратките, доброволно на земјата доаѓа Логосот, Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој зачнува во утробата на Пресвета Богородица. Истовремено, кога и била соопштувана оваа радосна вест на Пресвета Богородица, се соединиле Божјото и човечкото, вечното и временото, се соединиле Бог и човекот во една личност, заради спасение на човечкиот род. И ете, како што некогаш нашата прамајка Ева, заради непослушноста станала причина целата човечка природа да падне и потоне во грев, сега доаѓа нашата нова прамајка втората Ева т.е. Пресвета Богородица, која преку својата послушност, примајќи ја радосната вест од Бога и согласувајќи се да биде слугинка Божја, како што и самата рекла: „Еве ја слугинката Божја, нека ми биде според твоите зборови“ (сп. Лука 1, 38), нè избавува нас грешните и недостојните од гревот и смртта, примајќи Го во својата Света утроба Синот Божји, Спасителот наш Господа Исуса Христа.
Браќа и сестри, во врска со оваа радосна вест, се поставува прашањето, како е можно толку силна радосна вест да се јави, после толку длабоко потонатото и заглибеното во гревовна состојба човештво? Кога дури и римските песници пишувале дека ништо не може да го спаси човештвото заради гревовната состојба, освен Самиот Бог да слезе на земјата. Ете, токму тоа и се случува, Синот Божји, Логосот Божји, станува човек, Кој ги зема врз себе гревовите на светот. Синот Божји, Кој за Себе вели: „Eве помазан Сум од Светиот Дух, за да ги објавам на затворениците слободата и радоста“, затоа кај славниот пророк Исаија се вели дека „Он ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости; заради нас и нашите безаконија, и преку Неговите рани ние се изцеливме“ (сп. Иса. 53, 3-4).
Ете, она најбитното, e дека Синот Божји станал човек, во сè се изедначил со нас луѓето освен во гревот, за да го избави, од гревот и смртта, човечкиот род.
Ако има војна, браќа и сестри, во која се очекува илјадници или милиони луѓе да погинат, радосна вест за луѓето, è да прекине војна, или ако се појави болест или смртоносен вирус, како што е денешниот вирус Ковид-19, во кој илјадници луѓе умираат и ќе умрат, радосна вест, е да се најде лек и болните да се излекуваат. Исто така, радосна вест, е ако некои луѓе заради своите гревови или некогаш дури и без вина станале затвореници, па бидат помилувани, тоа за нив е голема радост. Радосна вест за некои луѓе кои го загубиле патот и незнаат каде одат, е да најдат човек, кој ќе им го покаже правиот и вистински пат, а вистинскиот Пат е Христос, нашиот Бог и Спасител, Кој рекол: „Јас Сум Патот, Вистината и Животот“ (сп. Јован 14, 6).
Ете, и за многумина луѓе, кои страдаат во животот, радосна вест е ако слушнат дека има спасение за нивното телесно страдање и за нивните телесни болки. Радосна вест, пак, за целото човештво, е оваа радосна вест дека целото човештво е избавено од гревот и смртта преку Мајката Божја, Пресвета Богородица, која се согласила, но и се удостоила, да Го прими во својата Пресвета утроба Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос.
Затоа, браќа и сестри, да се радуваме на овој голем и спасоносен ден, на овој голем и спасоносен празник Благовец, кога радоста е неизмерна, бидејќи преку оваа вест, преку раѓањето во Тело на Христа нашиот Бог и Спасител, доаѓаат и сите други големи и спасоносни празници, заклучно со Празникот над празниците, Славното Христово Воскресение, преку кое Христос нашиот Бог и Спасител, ја уништи смртта и ни даде живот вечен. Амин!
Честит нека е празникот и за многу години!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар