На 26.02.2023 година, во Неделата на простувањето – Прочка, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар во сослужение на свештенствотот од Битолското архиерејско намесништво, отслужи Вечерна богослужба со Чинот на простување, во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
Свештенството и верниот народ побараа прошка едни од други, и испросија благослов од Бога, за со чисти срца да зачекорат во претстојниот Велигденски пост.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Вратите на покајанието отвори ми ги Животодавче“.
Браќа и сестри, се наоѓаме на прагот од Велигденскиот пост. Кога треба да отпочне постот, должноста на секој православен христијанин, е да се подготви за постот, но не со едностран или телесен пост, туку и духовен, кој е позначаен од телесниот пост.
За да се отпочне постот, потребно е во нашите души и срца, да се создаде чувство на смиреност и покајание. Не случајно Светиот славен Пророк, Претеча и Крстител Јован, ја започнал својата проповед со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“ (сп. Мат. 3, 2). Па така, река од народ доаѓаше на Јордан, каде Свети Јован ги крштеваше луѓето со водно крштение, но им велеше дека по него доаѓа Оној што е поголем од него, а тој е Месијата, Спасителот наш Господ Исус Христос, за Кого Свети Јован вели дека „јас не сум достоен да Му ги одврзам ни врвките на обувките; Он ќе ве крсти со Дух Свет и со оган“ (сп. Мат. 3, 11).
Но и Спасителот Господ Исус Христос, Својата проповед ја започнува со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 4, 17).
Зборот покајание, денес меѓу луѓето како да ја изгубил својата смисла. Кога ќе се зборне или употреби зборот покајание, некој се подбиваат и шегуваат, мислејќи дека да се кае некој, е срамно или недостојно за човекот, заборавајќи на тоа дека нема спасение без покајание и трпение. Нашите прародители Адам и Ева, го загубија рајот не само затоа што ја прекршија единствената заповед, што Господ им ја даде во рајот, да не јадат од забранетиот плод, туку уште повеќе затоа што не се покајаа.
Имено, кога Господ го праша Адама: „каде си Адаме“ (сп. 1. Мој. 3, 9), Адам одговори: „се скрив зад едно дрво, оти сум гол“ (сп. 1. Мој. 3, 10). А Господ го прашува: „Кој ти кажа дека не си облечен? Да не си јадел од забранетиот плод“ (сп. 1. Мој. 3, 11). Тогаш Адам наместо да се покае за својот грев што јадел од забранетиот плод, што ја прекршил единствената заповед, почнал да се правда и вината да ја фрла на својата жена, велејќи: „Жената, која ми ја даде Ти, таа ми даде од дрвото, и јас јадев“ (сп. 1. Мој. 3, 12). Адам, браќа и сестри, не само што вината ја фрла на жената, туку ја фрла и врз Господа, бидејќи Он му ја дал жената. А жената, наместо да се покае, се правда на истиот начин како Адама и вели: „Змијата ми рече да јадам“ (сп. 1. Мој, 3, 13).
Змијата, браќа и сестри, всушност беше сатаната што го зеде обликот на најубавото животно во рајот, кој се нарекувал змеј (животно со крилја). Змијата изгледала прекрасно пред да згреши Ева, кога ја излагал сатаната, тогаш следувала казната, и за Адама, на кој му било кажано дека со пот ќе го заработува својот леб, бидејќи земјата се преобразила, односно од онаа што му давала сè без да биде обработувана, му давала само трње и коров, а жената ја добила својата казна и ѝ било кажано дека со маки ќе ги раѓа децата, а змијата ја претворил од прекрасно животно, да биде онаква, каква што е сега змијата, да лази по земјата и да јаде прав.
Нашите прародители Адам и Ева, ако се покаеле, сигурно дека немало да бидат избркани од рајот иако згрешиле. Тие биле избркани од рајот поради непокајанието, а на вратите од рајот бил поставен ангел со меч, за да не можат повторно да влезат во рајот, зашто било опасно нивното дополнително влегување во рајот непокајани, бидејќи ќе јаделе од дрвото на животот, а тогаш гревот ќе оживеел засекогаш во нив. Затоа Господ им забранил да бидат во рајот.
А Адам, браќа и сестри, пееме во црковните песни, после ова што се случило, седнал наспроти рајот и плачел и велел: „О Рају прекрасен, како те изгубив тебе, кој заради мене беше создаден, а заради Ева ни беше одземен“.
Ете, неговите страдања, маки и солзи за рајот не престанале, сè додека не дошло времето на целосно покајание, кое било проповедано од Самиот наш Спасител Господ Исус Христос. Токму затоа, без покајание, не може да се очекува спасение, браќа и сестри.
Па ете, сите оние што се покајале, како во Стариот, така и во Новиот Завет, тие се очистиле од гревовите и пак се присоединиле кон Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Да си спомнеме колку грешници во Стариот Завет, заради тоа што се покајале, станале Божји пријатели и соработници. Колку жени блудници, како Пелагија, Евдокија, Марија Египетска, Таиса и многу други, беа недостојни и грешни, односно секаде беа познати како најголеми грешнички, но нивното покајание ги очисти од гревот, зашто тие ветија дека понатаму никогаш повеќе нема, не само да не ги повторуваат гревовите што ги направиле, туку дека ќе направат такви големи подвизи, што многу силни мажи не можеле да ги направат, затоа што Светиот Дух се вселил во нив, во нивните тела како што вели Свети апостол Павле: „Зар не знаете дека вашите тела не се создадени за друго, туку да бидат храмови на Светиот Дух“ (сп. 1. Кор. 3, 16).
Па ете, и Светиот апостол Петар, кој се одрече од Христа заради љубопитноста кога посака да види што ќе се случи со Господа кога беше на суд кај Ана и Кајафа, па токму заради тоа, тој се откажа од Христа, но кога Христос излегуваше од судницата, само еден поглед како прекор беше доволен да продре длабоко во неговата душа и во неговото срце, па Свети апостол Петар да се навали на ѕидот и горко плаче.
Свети Климент, епископот римски кажува дека Свети апостол Петар, секогаш кога петел ќе запеел наутро, многу солзи ронел, па така овој грев што го направил, со покајанието ја очистил својата душа.
А покајанието, браќа и сестри, е лесна работа, ако човек е искрен, ако совеста негова е таква што ќе признае дека згрешил. Ние обично дури ни пред себеси не сакаме да признаеме дека сме грешни, а треба само да речеме: „да Господи згрешив“, и тоа да го кажеме отворено пред нашиот духовник, пред нашиот исповедник, пред нашиот свештеник, зашто тој е само сведок за она што го говориме. На исповедта ние практично признаваме дека сме направиле гревови какви што сме направиле и бараме прошка од Господа за гревовите, а тој духовникот, ќе ни каже како треба да се ослободиме од гревовите, односно за гревот што сме го направиле, ќе ни каже какво добро дело треба да направиме, т.е. спротивно на гревот. Ако сме лажеле, да ја кажуваме секогаш вистината и секој што ќе лаже да го прекориме и да му речеме: „Јас некогаш лажев и затоа се најдов во лоша состојба, немој и ти да го загубиш Царството Небесно заради тоа што лажеш“. Ако сме краделе, украденото да го вратиме и да дадеме на сираци, сиромаси, болни и на сите оние што имаат потреба, како што постапил Закхеј, кога Господа влегов во неговиот дом, а тој му рекол на Господа: „Господи, еве половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам. “ (сп. Лука 19, 8).
Ете така бива покајанието, браќа и сестри. Неопходно потребно е покајание, а покрај покајание, потребно е исто така да се побара , но и да се даде прошка. Оној што не може да прости, тој не може да се нарече христијанин. Должност на секој од нас христијаните е да простуваме, а простувањето не треба да биде формално, односно само да речеме ти простувам, а во душата и срцето да негуваме омраза и злоба. Тоа не е никакво простување, туку е уште поголем грев, односно лицемерие, кое е осудено во Црквата Христова.
Вистинското проштевање, браќа и сестри, е од длабочината на душата и срцето, за нешто што нам некој ни направил. Ние никогаш повеќе простеното не треба да го споменуваме дека сме простиле. Вистинско проштевање, се познава само по тоа, ако имаме љубов кон оние на кои што им проштеваме. Кој има љубов, тој може и да прости, бидејќи Господ вели дека „ на оној што многу му е простено, кон него и многу голема љубов се има“ (сп. Лука 7, 47). Токму тоа е и целта, на проштевањето да се покаже љубовта. Па затоа нашата Света Црква определила оваа вечер да биде вечер за проштевање, односно едни на други да си простиме.
Кај постарите порано бил обичај, младите да дојдат во домот на постарите и да побараат прошка, а овие да им простат. Но оној што ќе избрза, односно дури и постариот ако побара прошка пред помалиот, тој го претекнал него во Царството Небесно, бидејќи кај него се јавил силен порив за покајание и веднаш бара прошка за тоа.
Да си простиме, значи да го заборавиме она што сме го простиле и повеќе да не го споменуваме. Кога Господ и ги простил на жената блудница нејзините гревови, Он им рекол на оние што сакале да ја каменуваат: „Кој е без грев, прв нека фрли камен на неа!“ (сп. Јован 8, 7), но никој не се осудил, зашто сите биле грешни, а Господ со прстот ги пишувал нивните гревови на земјата.
Господ откако и простил на таа жената ѝ рекол: „Оди си и повеќе не греши“ (сп. Јован 8, 11). Во простувањето, браќа и сестри, се бара нова личност, нова твар, променета личност, а тоа значи да се облечеме во Христа нашиот Бог и Спасител, односно да имаме Христов ум и да живееме според Христовите Заповеди.
Па така, сега ќе почнеме со проштевањето, тука каде што е иконата и Светото Евангелие, кое го претставува Христа нашиот Бог и Спасител. Најнапред ние свештенослужителите, а потоа и вие верниците, ќе направиме длабоки поклони и доаѓаме пред иконата и Евангелието и ги целиваме, а потоа доаѓате да побарате прошка, прво од најстарите свештенослужители, односно почнувајќи од мене со зборовите: „Прости владико или прости отче и благослови“, а ние одговараме „Бог да ти прости брате или сестро и ти прости“. И така еден по еден се редиме на средината на храмот, за да си простиме едни со други, но да не заборавиме дека проштевањето треба да биде вистинско, а не лицемерно. Амин! Нека е благословен Велигденскиот пост што следува, браќа и сестри, и нека ни биде за душевно и телесно здравје и спасение!