Архиерејска Божествена Литургија и востоличување на митрополитот Крушевско-демирхисарски г. Јован во Крушево

На 03.09.2023 година,  во Тринаесеттата Недела по Педесетница, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Крушевски и Демирхисарски г. Јован, отслужи Света Архиерејска Литургија во соборниот храм „Свети Никола“, во Крушево. На Митрополитот Јован му сослужуваа Високопреосвештените Митрополити: Преспанско-пелагонски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, Црногорско-приморски г. Јоаникиј и Кумановско-осоговски г. Григориј; Високопреосветените епископи: Врањски г. Пахомиј, Дељадровско-илинденски г. Јоаким, Делчевско-каменички г. Марко, Дремвитски г. Давид, Хераклејски г. Климент и Стобиски г. Јаков.

 На крајот од Светата Литургија, Митрополитот Преспанско-пелагонски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар го изврши чинот на востоличување на Митрополитот Крушевско-демирхисарски г. Јован. На Светата Литургија и на чинот на востоличување присуствуваа голем број верен народ, меѓу кои беше и амбасадорката на Република Србија во Република Северна Македонија, Невена Јовановиќ. Пред собраните верници со беседа се обрати Високопреосветениот Митрополит г. Петар.

Со беседа, исто така, се обрати и Високопреосветениот Митрополит Крушевски и Демирхисарски г. Јован.

ОМИЛИЈА

на денот на интронизацијата во епархијата крушевско – демирхисарска

Ваше Високопреосвештенство, Митрополите преспанско-пелагониски и администраторе австралиско – новозеландски г. Петар,

Ваши Високопреосвештенства и Преосвештенства,

Ваша Екселенцијо, Амбасадорке на Р. Србија во Р. Северна Македонија г-ѓо

почитуван градоначалник на Крушево г-дине Христовски

браќа презвитери и ѓакони

верни народе Божји,

пред полни 25 години, во омилијата на нашата хиротонија во архијерејски чин, рековме: „Го молам и овој народ Божји, собран денес да го покаже токму тоа единство во верата, во Литургијата, и во Епископот, да ми биде секогаш совест, за ваквата определба, до последен здив да работам на единството како на помесната така и на Црквата во целата вселена.”[1] За ова првово, единството на нашата помесна Црква, со другите помесни Цркви, излезе дека Господ благослови да се воспостави пред нашиот последен здив, сега ни останува овој вториов дел од ветувањето дадено пред дваесет и пет години, да работиме на единство на Црквата во цела вселена.

            Си споменуваме дека кога го пишувавме ова пред дваесет и пет години, ова првово сега веќе остварено единство ни изгледаше претешко за остварување, како што денес, пак, ни гледа претешко да се оствари единство на Црквата во цела вселена, но токму тоа единство за Бога е најважното, а за нас створените битија, најпотребното. Господ да ни помогне да не западнеме во самодоволност, ниту како поединци, ниту како Црква во целина, зашто со самодоволност, ниту Црква ќе можеме да се наречеме.

            Нема нешто што посуштествено ја изразува природата на Црквата од нејзиното единство. Ако е Бог еден во Троица, а Тој постои токму така, ако има многу помесни Цркви, а сепак Црквата е една, токму затоа што еден е Бог и едно е Неговото Тело кое е Црква, тогаш неопходно би било да се надминат сите поделби, кои не се ниту мали ниту безначајни.

            Црквата е Црква Божја зашто секогаш е отворена за другиот. Така нѐ научи самиот Господ, Кој е нестворен по природа, заради нашето спасение прими на себе создадено човечко тело, да се покаже во сѐ сличен на нас луѓето, та со слично сличното да го обожи. Стана наш сотелесник, за нам на луѓето да ни го отвори патот кон вечноста.

            А животот во вечноста што е друго освен заедничарење без прекин, без поделби, без расколи, без самодоволност. Другиот, ближниот е нашето јас и заедно со него моето јас преминува во нашето ние. Ако почесто си го спомнуваме ова, ако често се присетуваме дека без другиот кој е во телото Христово во кое се стремам да бидам и јас, телото ќе биде нецелосно, а тоа значи несовршено, тогаш не ни преостанува друг заклучок освен тој дека нашето спасение условено е од нашиот ближен.

            Некои од современите философи велат дека „Мојот ближен е мојот пекол.” За жал, за многумина, веројатно и за повеќето луѓе во светот во кој живееме, соживотот со другиот може да се претвори во врата кон пеколот. За христијаните, пак, другиот е икона Божја, исто онаква каква што сме и ние, та без другиот ниту за нас нема рај.

            Ова го велиме, зашто во нашава современост господари индивидуализмот, кој настојува другиот да го третира како предмет за задоволување на ниските страсти. Да се доживува другиот како врата кон рајот е христијанска полнота, живот на подвиг во овој век, но живот на блаженство во векот кој ни е ветен од Христа дека ќе ни биде подарен.

            Денес, на денот на нашата интронизација, како Митрополит на Крушево и Демир Хисар, особено се осврнуваме и ја обележуваме нагласената индивидуализација и во нашево општество во кое најчесто ги делиме со другите само заедничките страдања. Многу малку се оние кои со другиот ги делат радостите, зашто другите најчесто завидуваат на нечија радост, а ние пак најчесто кога сме радосни надмени сме кон другиот, што е погибелно и за оној кој завидува и за оној кој се надима.

            Црквата е нашето борилиште каде се учиме на сопостоење со другите во вечноста. Во тоа борилиште се бориме со другите, но се бориме и со самите себе. И позначајна е победата над самите себе отколку победата над другите.

            На таков вид на борба и благословена од Бога победа над самите себе ги повикуваме сите епархиоти во денес доверената ни света Митрополија. Некој ќе приговори како може оваа Митрополија да биде света кога во неа живеат грешни луѓе? Но, тие грешници, од кои првиот сум јас, не сакаат да останат одвоени од Бога во вечноста. Затоа се собравме денес, а ќе се собираме уште многу пати за да му принесуваме на Бога благодарност за сѐ низ кое поминуваме во животот, добро или лошо, како што нѐ научи големиот Златоуст. „Фала му на Бога за сѐ”. Ова често ќе го слушате од мојата уста, но многу ќе ме радува, ако тоа и јас го слушам од Вашата.

            Тие се зборови на христијанска зрелост, на оние кои научиле дека воскресението има само еден пат, патот на крстот. Ете тој пат кој всушност е еднопатие го одбрале Вашите претходници од овој славен град, не само самите тие да стигнат до воскресението, туку со настроение кон воскресението да нѐ задолжат и нас, нивните наследници. Во толку мал град да постојат 4 преубави градски цркви, а во неговата околина неколку големи манастири кои се украс за целиот регион, својствено е на луѓе кои ја знаат вредноста на крстот и преку него воскресението кое доаѓа.

            Сите луѓе кои ја сочинуваат оваа епархија, демирхисарскиот регион, особено кривогаштанскиот, се нагласено работливи. Но, она што мене особено ме радува, се луѓе што ја сакаат Црквата. Само веднаш, уште денес, да потенцирам дека тоа не е доволно. Не е доволно само да  немаш ништо против верата и Црквата, туку во Црквата да научиш да живееш и да постоиш за Црквата, а тоа заради себе, заради семејството, заради ближните. Никој друг не нуди живот вечен, живеејќи во овој свет се сродуваме со болката, жалоста, воздишката, но заради мене и тебе дојде Христос на земјата, за да ни вети дека луѓето треба да ја наследат вечноста која им дава смисла на сите бесмисли што ги проживуваме во овој свет.

            Умилението ги води луѓето до покајание, а како што е познато, покајанието е главната врата на Црквата. Преку покајанието влегуваме во Црквата, а таа е заедница со Бога, но и заедница на луѓето меѓусебно. Во Црквата не сме сами, туку со сите со кои заедно се причестуваме од едниот Христос, Кој е ист и вчера и денес и утре. Со Него се причестувале Вашите претходници, со Него истиот се причестуваме и ние денес, со Него ќе се причестуваат и идните генерации. Тој нѐ прави да бидеме едно, со тие вчерашните, но и со тие утрешните, особено со тие денешните со кои го делиме залакот во денот што изминува. Затоа кога се причестуваме со Христа ние престануваме животот да го живееме како единки, туку во нас е целата заедница на Црквата и ние сме таа заедница.

            Ете ова примете го уште од првиот ден на интронизацијата на Вашиот Епископ, зашто тоа ќе биде омега и алфа на нашето епископување во оваа од Бога спасувана Митрополија. Не велиме алфа и омега, туку омега и алфа, зашто во Црквата крајот го осмислува почетокот, а нашиот благословен и ветен крај е Христос Господ. Затоа Него го славиме, Нему Му се молиме, со Него се причестуваме.

            Би сакале во овој свечен момент, кој е воедно претставување на програма за работа на Вашиот Епископ, со смирен, но обврзувачки тон да се обратиме до младите луѓе, да им се извиниме за грешките на нас повозрасните, да им кажеме дека ако ние имавме правилен пристап кон нив тие со сигурност немаше да ја напуштат својата татковина и своите сродници. Заради нив, но и заради нас се распна Христос, затоа сите млади и оние кои живеејќи во верата се чувствуваат вечно млади да живееме полн црковен живот во светите тајни и да го пееме и славиме името на Отца и Сина и Светиот Дух.

            Да не помине недела или празник, а ние да бидеме отсутни од црковната заедница, освен, секако, кога тоа е оправдано. Не дека без нас Црквата не може да се собере на Литургија, туку затоа што ние без Литургија сме како трева која непрекинато се суши додека целосно не се исуши.

            Учеството во Литургијата нѐ вградува во народот Божји и затоа Св. Максим Исповедник ќе рече дека „дел сме од Бога”. Постоиме само тогаш кога сме дел од Бога, поинаку ние не постоиме дури и ако нашиот земен живот е подолг од 100 години. Ако нашето постоење е пократко од вечноста, тогаш истото би било бесмислено.

            А, единствено Бог може да ни даде постоење во вечноста, зашто единствено Тој е вечен. Нас на луѓето животот ни е подарен, но вечноста треба да ја измолиме. Затоа е потребно, подобро речено неопходно е да се црквуваме. Не само за да ни биде добро на земјата, на земјата колку сме поблизу до Бога повеќе проби ќе имаме, туку за да се вчлениме во вечното постоење кое со нескриено очекување како христијани треба да го посакуваме.

            Од сето погоре кажано сигурно веќе се насетува резимето на пораката за која ќе се држиме во службата која денес ја примаме. Ќе се држиме, ќе ја разгласуваме, луѓето во оваа епархија ќе ги поттикнуваме уште во сегашново време да преминуваат кон живот во вечноста, кон живот во есхатонот и да не го одвојуваат есхатонот од времето во земниот живот.

            За нас, христијаните, вечноста почнува во времето, таа не е крај на времето, туку потполно е испреплетена со времето, кое пак, како што сите знаете, е релативно. Со други зборови, времето не постои, а постои само вечноста.

            Ете, кон таа вечност ќе Ве повикува Вашиот Епископ, ако случајно задремете на патот, ќе има смелост која му ја дава Вашата слобода да Ве пробуди, за да не го напуштате патот кој за сигурно води кон единство со Бога.

            Ваше Високопреосвештенство, Митрополите преспанско-пелагониски и администраторе австралиско – новозеландски г. Петар, браќа архиереи, браќа свештенослужители, во овој момент на објава на обврски што ни претстојат, Ве замолувам  да ги контролирате како исправноста на нашата вера, така и исправноста на нашите постапки. Епископот треба да биде пример, како во правата вера, така и во делата. Не се поставува Епископ за да соблазнува, туку се поставува за да првенствува во добродетелите, со други зборови речено, не се поставува Епископ само за да управува, туку и за да поучува, да ги буди задремани, да упатува кон есхатонот. Е за тоа Ве замолувам браќа архиереи да ни помагате, зашто преку нашето единство ќе ја види и почувствува народот Божји смислата на единството, како со Бога, така и единството меѓу себе.

            Благословот Господов и милоста Негова да го прати народот низ целава оваа од Бога спасувана Света Митрополија, но и во целиот од Бога створен свет, во сите дни на Вашиот живот, сега и секогаш и во вековите на вековите.

03 Септември 2023 г.                                                    М И Т Р О П О Л И Т

Крушево – храм Св. Никола                          +Крушевски и Демирхисарски Јован