На 19.03.2023 г., во Третата Недела од Великиот пост (Крстопоклона Недела), кога го празнуваме споменот на Светите Четириесет и двајца маченици од Амореја, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев и протоѓаконите Драган Ѓеоргиевски и Константин Сековски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храмот „Свети Великомаченик Георгиј“ во Ресен.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„На Твојот Крст се поклонуваме Христе и Твоето Воскресение го пееме и славиме!“
Денес, браќа и сестри, е Крстопоклона Недела или средината од Велигденскиот пост, кога Светата Православна Црква, го изнесува најсилното нејзино оружје, Крстот Христов, на средината на храмот, за ние да пристапиме и да му се поклониме, целивајќи го и да побараме душевни, духови и телесни сили, за да го поминеме останатиот дел од Велигденскиот пост т.е. да стигнеме до Страсната Седмица, за и ние по Неговиот пример, едни со други да сострадаме, за после толку големи подвизи, пост, молитви и поминати искушенија, да можеме да го прославиме Неговото Славно Воскресение, преку кое и нас ни ветил дека ќе нè воскресне во последниот ден и секому од нас ќе даде според неговите дела.
Кога некој треба нешто да направи и да постигне, истото не може да го направи без напор, подвиг и вложување на помали или поголеми сили. Колку поголема е целта, толку поголеми треба да бидат подвизите и напорите, и сè она што е потребно за да се постигне целта.
Која е нашата цел, браќа и сестри, во овој Велигденски пост? Целта е подготвени да го дочекаме Христовото Воскресение преку овие подвизи, кои ни се нудат во Велигденскиот пост, најнапред преку духовниот пост, кој е наше воздржување, во нашите умови да не дозволиме да влегуваат грешни мисли, кои потоа стануваат помисли со јавување на слики според грешната мисла. Потоа кога ќе ги прифатиме стануваат наши и ние почнуваме да размислуваме и да разговараме со тие грешни мисли и помисли, кои потоа стануваат фантазии, кои не остануваат во нашиот ум, туку молњевито се спуштаат во нашите срца и стануваат грешни чувства, грешни желби, грешни похоти и страсти, и завршуваат со грешни дела. Од тоа ние треба да се чуваме, браќа и сестри. Кога говориме за духовниот пост, во песните од Триодот т.е. трипеснецот, кој е богослужбена книга, која што ја употребуваме во Велигденскиот пост, се вели: „Постим братие духовно и телесно“, таму не се вели прво телесно да постиме, туку прво духовно. Духовниот пост се состои устата да си ја воздржуваме од грешни и лоши зборови, со рацете да се воздржуваме да не се допираме до грешни дела, грешни постапки и грешни нешта, кои нас не водат во пропаст, со нозете да не одиме по патот на грешните луѓе. Исто така ние устата треба да си ја воздржуваме не само од грешни зборови, туку и од јадења, па дури и да се посни, ако со сласт ги јадеме, не сме постеле. Ако сме се прејале во постот со посна храна, пак, не сме постеле. Вистински постиме ако не сме се донајале т.е. кога ни е најслатко јадењето, да престанеме да јадеме. Ете, тогаш вистински постиме телесно, а за духовното веќе кажавме како треба да постиме.
Меѓу другото ќе кажеме како нас Господ Исус Христос нè повикува за да ја постигнеме целта, а нашата цел во нашиот живот, е нашето спасение. Што значи, ние се наоѓаме во смртна опасност од нашето раѓање, па наваму, почнувајќи од првородниот грев, што го направиле нашите прародители Адам и Ева, а потоа и со нашите лични гревови, од кои треба да се трудиме да се ослободиме. Човекот не можел сам да се спаси, ниту, пак може да го спаси некој од светите, како што биле Светите Пророци, Светите Патријарси, Судиите, заклучно со најголемиот роден од жена, Светиот Славен Пророк и Претеча Јован Крстител, никој од нив не можел нас да нè спаси, дури ни Пресвета Богородица, не нè спасува, бидејќи Христос нашиот Бог, е нашиот Спасител, а Мајката Божја, Пресвета Богородица, ни е посредница во спасението, која во својата утробата го зачнала и родила Синот Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот.
Во Стариот Завет, при создавањето на нашите прародители Адам и Ева, им биле дадени две дрва т.е. дрво на животот, од кое им било кажано дека ако од него јадат, вечно ќе живеат, а другото се нарекувало дрво на познавањето на доброто и злото, за кое Бог им рекол: „Во кој ден ќе вкусите од неговиот плод, ќе умрете“ (сп. 1. Мој. 2, 17). Тие не послушале, туку вкусиле од забранетиот плод и веднаш духовно умреле. Што значи духовното умирање? Тоа значи престанување на општење, разговор и врска со Бога. Понатаму, кога дошло времето, тие умреле и телесно, како што вели Свети апостол Павле: „Човекот еднаш мора да умре, а потоа суд“ (сп. Евер. 9, 27). Суд ни следува, браќа и сестри, по нашата смрт, прво поединечен, а потоа и Страшниот Суд, кога Христос повторно ќе дојде да им суди на живите и мртвите.
Христос дошол, браќа и сестри, за да го подигне паднатиот човек и да го приведе повторно кон Бога, да го земе јагнето на Своите рамења и да го принесе при Бога. Ете, тоа е таа загубената овца, која Христос ја ставил на Своите рамења, за да ја принесе при Отецот Небесен.
Кога Христос дошол на земјата, Он не ветил никакви удопства во овој живот, туку им рекол на Апостолите: „Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат“ (сп. Јован 15, 20). Како Христа што Го распнале, така и седуммина од Дванаесетте Апостоли биле распнати, а другите, пак, биле со камења затрупувани и со меч убивани, како што е убиен Светиот апостол Павле.
И токму заради тоа, кога Христос дошол на земјата, поживеал меѓу луѓето, ги поучил за сè, им ја открил вистината за постоењето на Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, а потоа лекувал од секакви душевни, духовни и телесни болести. Христос Спасителот на луѓето им покажал вистински пример луѓето како треба да живеат.
Свети апостол Павле вели: „Угледајте се на мене, како и јас што се угледав на Христа“ (сп. 1. Кор. 11, 1). Во Црквата имаме двајца прво апостоли т.е. Свети апостол Петар и Свети апостол Павле, од кои едниот прв ја искажал верата во Христа нашиот Бог и Спасител, па затоа Христос му рекол дека е камен и дека врз тој камен, врз таа вера, ќе ја изгради Црквата Своја и вратата на адот нема да ја надвладее. Токму така и се случило, но овој Апостол, при една прилика се одрекол од Христа, а ние не еднаш како Свети апостол Петар се одрекуваме, туку ние со секој наш грев, постојано се одрекуваме од Христа. Но Свети апостол Петар, кога дознал дека направил грев, веднаш се потпрел на ѕидот и ронел солзи, барајќи прошка од Господа, а по Воскресението, Свети апостол Петар три пати Го исповедал Христа, а Христос му рекол: „Паси ги овците Мои, паси ги јагнињата Мои“ (сп. Јован 21, 17), и му кажал со каква смрт ќе заврши, т.е. маченички (распнат на Крст).
Христос нашиот Бог и Спасител, нас нè повикува не со наредба да Го следиме, туку со зборовите: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот Крст и нека врви по Мене“ (сп. Лука 9, 23). Што значи тоа, браќа и сестри, кој сака да врви по Мене? Тоа е доброволен повик. Секој е повикан преку примерот што ни го дава Христос нашиот Бог и Спасител, да го следи Христа. Христос заради нас страдал, бил тепан по плеќите, шамаран по образите, плукан, неправедно бил осуден на најстрашната, во тоа време, смртна казна со распнување на Крст, а потоа Крстот Му го дале да го носи на Голгота, под кој паѓал поради тежината и на самиот Крст бил распнат меѓу двајца разбојници.
Христос бил распнат на Крстот и со Неговото распнување, ја уништил смртта, односно умрел на Крстот, ја доживеал човечката смрт, но како Бог, Воскреснува и нас нè совоскреснува.
Денеска, браќа и сестри, за жал ќе слушнете разни глупости, па дури и од свештени лица, кои изгледа не се добро научени или ептен се возгордеале или станале жртви на нивните гуру духовници: Таквите немојте да ги слушате, па дури и мене, ако тоа што го кажувам, не е во согласност со Светото Писмо, Светото Предание, Светите Канони на Вселенските и Помесните Собори и учењето на Светите Отци. Ако не учам правилно, немојте да ме слушате, туку кажете ми: „Дедо владика, ти учиш погрешно“, или како што некои велат: „На нашиот старец, кој е сега распнат, ние преку неговото распнување, воскреснуваме“. Глупости невидени. Па кој е тој што може да ги земе гревовите на луѓето. Јас не можам да носам гревови на луѓето, ниту отците, ниту монасите и монахињите, ниту татковците и мајките, не можат да носат гревови на другите. Секој си ги носи своите гревови. Оној што ги понел гревовите на сите луѓе од постанокот, па до крајот на светот, е Христос нашиот Бог и Спасител. Никој друг не може да носи гревови на некој друг, туку може да биде одговорен за гревовите на другиот, ако го соблазнил или го предизвикал да прави грешни дела. Тогаш ги носиме гревовите како наша одговорност, а не како ослободување од гревовите на некого, како што овие зборуваат и кажуваат секакви глупости.
Единствениот, кој ги понел гревовите за целото човештво од постанокот до крајот на светот, е Христос нашиот Бог и Спасител. Друг нема. Зошто Христос станал човек? За да ги понесе нашите гревови и да нè ослободи од гревот и смртта, се разбира доколку ние тргнеме по Него. Христос Спасителот вели: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот Крст и нека врви по Мене“ (сп. Лука 9, 23). Кој е Крстот ваш, браќа и сестри? Вашиот Крст, мојот и на сите нас, е нашиот живот тука на земјата, со сите искушенија и страдања. Имаме ли болен во семејството, тоа е нашиот Крст, имаме ли некој починат за кој тагуваме, и тоа е нашиот Крст, имаме ли некој кој се наоѓа во незгода, и тоа е нашиот Крст, имаме ли некој, кој тргнал по лоши патишта и треба да го вратиме, и тоа е нашиот Крст. Многумина велат: Јас не можам да го носам Крстот, бидејќи мојот Крст е многу тежок“. Господ на еден човек му рекол: „Ајде сега влези во оваа голема сала каде што има илјадници Крстови и избери си кој Крст сакаш да го земеш, па тој бирал, бирал и најпосле зел еден Крст, на кој го пишувало неговото име“.
Свети апостол Павле вели: „Никој не може да понесе повеќе страдања и искушенија, отколку што Господ ќе му даде“. Значи ако имаме искушенија и страдања, знајте дека Господ според нашите сили ни ги дава искушенијата, доколку на Него се надеваме. Но ако се откажеме од Христа и го послушаме ѓаволот дека не можеме да ги носиме страдањата, тогаш крајот е самоубиството како на Јуда, кој не барал помош од Христа, па откако се причестил, отишол и се обесил. Тоа се случува и со оние, кои помошта не ја бараат од Христа нашиот Бог и Спасител, Кој вели: „Ништо не можете да направите без Мене“. Ние без Христа, ништо не можеме да правиме, браќа и сестри. Од Него ја добиваме помошта. Понатаму како што рековме, ние треба да се одречеме од нашата волја. Каква е нашата волја? Нашата волја е телесна. За телото се грижиме, за телото сè правиме т.е. шест дена работиме, ама седмиот никако целосно да Му Го посветиме на Бога, туку пак, работиме, неспасоносно.
Затоа, браќа и сестри, погледнете ги децата, кога ќе ги однесете во училиште, тие одма ја покоруваат својата волја на учителот и велат: Што ќе ни каже учителот (тоа е вистинското), ние нема што да мислиме, оти тој за наше добро нè учи и советува. Ете, тие попаметни од нас излегуваат, зашто ја слушаат волјата на својот учител, кој е поставен за тоа да ги воспитува. Војникот, кога ќе го пратите да војува, тој нема своја волја, туку како што ќе му нареди старешината, тој така прави. Имено, за Татковината треба да се даде животот, и тој го дава за Татковината. Гледате како сите овие се покоруваат. Па така, ако сите овие тоа така го прават, секој од нас треба да се одрече од својата волја.
Од денешното Свето Евангелие слушнавме уште и тоа дека: „Кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби, а кој ја загуби ќе ја најде“. Што значи тоа? Ако сакам да ја спасам својата душа, односно да живеам по мојата волја (грижејќи се за телесните и земните работи), тогаш ние душата сме си ја изгубиле. А кој ќе ја изгуби својата душа за Христа и Неговото Евангелие, односно кој ќе се откаже од својата волја, од телесните потреби и за свој образец Го земе Христа Спасителот, тој може со сигурност да очекува дека ќе се спаси.
Христос нашиот Бог и Спасител што ни нуди? Љубов, а Светиот апостол Павле вели: „Никому ништо да не должите освен љубов“. Значи сè друго може да помине вака или така, ама должност ни е на сите да покажеме љубов кон браќата, не само по тело, туку и кон сите браќа, па дури и кон непријателите, како Христос на Крстот се молел за Своите непријатели со зборовите: „Прости им Отче оти незнаат што прават“ (сп. Лука 23, 34).
Па затоа денеска откако го изнесовме Светиот и Животворен Крст тука во средината на храмот, и во сите наши Свети храмови и откако се поклонивме и помоливме пред тоа Свето оружје, од кое ѓаволот бега, ако искрено го посакуваме Крстот Христов и живееме според Христовиот живот и Христовите страдања, тогаш секако дека ќе го наследиме Царството Небесно.
На Твојот Крст се поклонуваме Христе и Воскресението Твое го пееме и славиме. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар