На 06.11.2022 г., кога го празнуваме споменот на Светиот апостол Јаков брат Господов, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Кирил Трајковски, протоѓаконот Ѓорѓи Делев и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Заупокоена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј, во Битола.После Божествената Литургијата, беше отслужена Панихида за покој на душите на сите упокоените во верата праотци, отци, мајки, браќа и сестри наши, со надеж на Воскресение и вечен живот.
Бог да си спомне и за сите знајни и незнајни чеда на Светата Православна Црква, кои имаат потреба од нашите молитви.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Живееме ли, умираме ли, Господови сме!“ (сп. Рим, 14, 8)
Денес, браќа и сестри, е ден посветен за нашите најмили покојни, кои се преселиле, од овој, во оној свет.
За тоа дека има живот вечен и дека по смртта има воскресение, нам не ни посведочиле само луѓе, туку ни посведочил Самиот Син Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, Логосот Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот.
Ете, од преголема љубов заради нас луѓето, кои згрешивме преку престапот на нашите прародители Адама и Ева, кои не ја исполнија единствената Божја Заповед, да не јадат од забранетиот плод и умреа, најнапред духовно, а потоа по многу многу години и телесно. Па така, Светиот апостол Павле ќе рече: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние згрешивме и умревме“.
Умираме, браќа и сестри, затоа што во гревови живееме. Душата по природа е смртна, бидејќи е создадена, но по благодатта Божја, по силата Божја, душата е бесмртна, зашто преку благодатта Божја, ние стануваме едно со Господа наш Исуса Христа.
Ете, Господ толку се унижил и осиромашил, за нас да нè подигне и да нè збогати. Господ од совршен Дух посакал да стане човек и да прими нашето тромо тело и во сè да се изедначи со луѓето, освен во гревот. Спасителот Христос поживеал со луѓето, и доброволно пострадал заради нас и заради нашето спасение, бил неправедно осуден на смрт, бил тепан, биен по плеќите, шамаран, трнов венец Му ставиле на главата, на Крст бил распнат и со Својата Света Крв, го осветил Крстот и нè избавил нас од гревот и смртта, и не само што нè избавил, туку ја уништил смртта.
Со Своето Воскресение, Господ покажал дека е господар на животот и смртта. Откако Христос воскреснал од мртвите, ни дал и нам гаранција дека и ние ќе воскреснеме во денот на страшниот Суд, кога ангелите од небесата, од сите четири страни на светот, ќе засвират со своите труби, кога Христос од исток ќе се покаже со голема брзина и светлина, побрза од молњата што светка од исток кон запад и од север кон југ. Ете, тогаш ќе се отворат книгите, кои се всушност нашите животни постапки, нашиот живот, нашето однесување, нашите гревови, нашите добри дела и сè што сме направиле во животот. Оние, кои во текот на овој земен живот, сфатиле дека се грешни, ќе се спасат, бидејќи нема човек кој што не е грешен, како што вели Свети Јован Богослов, „Ако речеме дека нема грев во нас, тогаш самите се лажеме и нема вистина во нас“.
Затоа, браќа и сестри, тогаш кога ќе се отворат книгите, сите луѓе од создавањето на светот, од Адама и Ева, па сè до последниот што се родил, ќе излезат и ќе треба да дадат одговор на Страшниот Суд за својот живот на земјата. Оние што се покајале на земјата и се исповедале кај свештеникот, т.е. побарале прошка за своите гревови и го промениле својот начи на живот, од грешен, кон праведен, од несвет, кон свет, од недостоен кон достоен, од нечесен, кон чесен, ним ќе им се простат гревовите. Но, оние што не се покајале и не ги исповедале гревовите кај свештеникот, и не пролеале солзи за своите гревови, како што Свети апостол Петар леел солзи за тоа што се откажал од Христа, тие, нема да се спасат.
Човекот, браќа и сестри, иако е најразумното суштество, од сè на земјата, сепак, кога станува збор за смртта, воопшто не размислува, или ако некогаш нешто мисли за смртта, мисли како незнабошците. Господ преку устата на Светиот апостол Павле вели: „Немојте да тажите и да жалите како незнабошците што немаат надеж во воскресението на мртвите“. Ако ние така веруваме, тогаш ние сме победни и од животните. Спасителот наш Господ Исус Христос, со Својата смрт и Воскресение, ни дал пример дека и ние ќе воскреснеме од мртвите. Примери за тоа можеме да најдеме во природата и во водата. Во природата секое зрно што ќе падне во земјата, додека не изгние, не може да роди нов плод и да израсне ново растение. Истото е и со водата, која откако ќе испари и ние мислиме дека ја нема, а таа е некаде горе во облаците, потребно е само време и услови, за таа повторно да стане вода. Ете, така е и со нашиот живот, душите се разделуваат од телата и човекот престанува да биде човек, бидејќи телото оди во земјата, од која е создадено, а душата при Бога, Кој ја создал. Но при воскресението, како што кажавме, како што од изгниените зрнца се раѓа нов живот и нов плод, така и нашите распаднати или уништени тела ќе воскреснат, и тогаш ќе треба да дадеме одговор за нашиот живот на земјата.
Жалосно е, браќа и сестри, што ние православните христијани, не водиме доволно грижа за задгробниот живот. Кога треба да се помолиме за покојните, тоа го правиме некако бледо и без доволно вера, а оние кои се удостоиле да бидат во Царството Небесно, жалат за нас што ние не се освестуваме, како што е слушајот со богатиот кој бил во адот, кој кога го видел Лазар во прегратките на Авраама, му рекол на Авраама: „Отче Аврааме, смилуј се на мене и прати го Лазара да го накваси својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, оти многу страдам во овој пламен!“ (сп. Лука 16, 24), а Авраам му рекол: „Меѓу вас и нас има голем амбис, ниту ние можеме да дојдеме кај вас, а ниту вие кај нас“ (сп. Лука 16, 26). Тогаш богатиот му рекол: „Тогаш те молам, оче, прати го во татковата ми куќа, зашто имам петмина браќа, та да им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маките! (сп. Лука 16, 27-28), а Авраам му одговорил: „Тие го имаат Мојсеја и Пророците; нив нека ги слушаат, а ако во нив не веруваат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат“ (сп. Лука 16, 29-31).
Како што Јуда бил Христов ученик, кој ги гледал Неговите чуда и постојано бил со Него, но откако ѓаволот го измамил, станал среброљубец, т.е. мислел само на парите, кои му станале бог, така и нам ни стануваат богови многу нешта, а не Господ. Ете, токму заради тоа Јуда не се спасил, туку станал жртва на сатаната. Но ние, браќа и сестри, не треба да го следиме ниту Јуда, ниту богатиот, туку треба да го следиме Лазара сиромавиот, кој умираше пред портите на богатиот и бараше само малку да се засити од трошките на богатиот, за некако да го задоволи својот глад.
Да се помолиме, на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и на Сите Свети, по нивните молитви, Господ да ги просветли нашите умови, за да нè дозволуваме во нашите умови да влегуваат грешни мисли, помисли и фантазии за нештата од овој свет.
Да ги очистиме нашите души и срца од секакви грешни чувства, желби, похоти и страсти, и да нè правиме грешни дела, туку со просветлени умови и очистени срца и души, да Го помолиме Господа, Спасителот наш Исуса Христа, да ни ги прости сите волни и неволни гревови, а исто така да им ги прости и сите волни и неволни гревови на нашите, од века претставени православни отци, браќа и сестри, и да ги насели нивните души таму каде што се населени душите на праведниците, а нас да нè помилува. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар