На 26.06.2022 г., во Втората недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светата маченичка Аквилина и споменот на вети Трифилиј, епископот на Леквусија Кипарска, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов, ереите Крсте Тасески, Тони Кузманоски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Никола“, во Крушево.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Појдете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе” (Мат. 4, 18).
Со овие зборови, браќа и сестри, Спасителот наш Господ Исус Христос, им се обратил на Своите ученици и апостоли. Христос нашиот Бог и Спасител, сè до оној момент додека не се крстил на реката Јордан, не го благовестел Своето Свето Евангелие, бидејќи според еврејскиот обичај, пред наполнување на триесет годишна возраст, никој немал право да проповеда. Токму затоа нашиот Спасител, Господ Исус Христос, по Своето Крштение на реката Јордан, дошол на Генисаретското езеро и им се обратил на двајцата рибари Андреј и Петар со зборовите: „Појдете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе” (Мат. 4, 18). Тие веднаш ги оставиле своите мрежи, како што слушнавме од денешното Свето Евангелие и тргнале по Него.
Потоа Спасителот им се обратил и на други двајца рибари Јаков и Јован, кои со својот татко Заведеј ловеле риби. На повикот од Спасителот, тие веднаш ги оставиле мрежите и својот татко, и тргнале по Христа. На ист начин по Христа тргнале, Натанаил и Филип, а и останатите Негови ученици.
Како се случи, по Христа да тргнат луѓе кои беа семејни? Голем број од нив беа женети и имаа свои деца, куќи, ниви, односно имаа свои семејни обврски. Од Светото Евангелие слушнавме дека тие оставија татко и мајка, браќа и сестри, жени и деца, куќи и ниви, и тргнаа по Христа нашиот Бог и Спасител.
Ете, Господ, браќа и сестри, не побара во тоа време, учени луѓе како што биле философите и сите оние кои учеле во најпознатите школи во тоа време во Атина, Александрија, Антиохија, и ги изучувале најпознатите науки. Христос тргна да ги побара најпростите, и затоа со најпростите ги победи мудрите во тоа време. Ги избра слабите, за со нив да ги победи силните.
Ете, Спасителот Господ Исус Христос, во тоа време не бирал најучени луѓе или познати војсководци кои како што биле: Александар Македонски, Навуходоносор, Цезар и многу други личности кои им биле познати на Евреите, бидејќи Господ знаел дека ако избере такви, тогаш ќе заврши со неуспех Неговото Свето учење, како што завршиле империите на овие познати личности, за кои денеска можеме да прочитаме од историјата.
Христос не избра такви војсководци, но исто така не избра ни познати грчки философи, туку ги избра слабите и кротките, и затоа го победи светот.
Познатиот војсководец од Франција, Наполеон Бонапарта, откако завршила неговата Империја и бил протеран на островот Света Елена, бил запрашан од неговиот генерал кој бил заедно со него протеран: Која е разликата помеѓу тебе и Александар Македонски, Навуходоносор, Црзар и сите познати императори? Тој одговорил со следните зборови: „Имено, сите тие и ние, вклучувајќи се и себеси, го освојувавме светот, со сила, со војни, со страв, и затоа не го освоивме. Но Христос го освојуваше светот со љубов, и затоа го освои целиот свет“.
Како Светите Апостоли успеале да ја уловат целата вселена? Ја уловиле, со чиста вера, која ја имале во себе. Овие свети души, браќа и сестри, тоа што го правеле, го правеле од длабочината на душата и срцето, покажувајќи големо смирение, и затоа успеале да го освојат целиот свет. Како тоа се случило? Тоа се случило на оној начин како што пееме во тропарот на Педесетница: „Благословен си, Христе Боже наш, Кој рибарите ги направи премудри ловци, кога им го испрати Светиот Дух, и преку нив ја улови вселената. Човекољупче, слава Ти“.
Не зборувале Светите Апостоли од себе, не мудрувале по човечки, туку Светиот Дух, браќа и сестри, Кој слегол врз нив, во вид на огнени јазици, е Оној што говорел преку нив, како што вели Светиот апостол Петар: Светите Божјите луѓе научени од Светиот Дух говореа (2 Петар 1, 21).
Освојувањето на светот и уловувањето на луѓето со проповедта на Евангелието од страна на Светите Апостоли, значело привлекување на луѓето кон Христа нашиот Бог и Спасител. А за тоа имаме прекрасен пример со Свети апостол Петар, кој веднаш по слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, ја одржал својата боговдахновена проповед, со која ги прекорил Евреите и им рекол дека тие се оние што го убија Христа нашиот Бог и Спасител. Апостол Петар, на својата прва проповед успеа во христијанската вера да приведе три илјади души и да ги крсти, а потоа при друга прлика уште пет илјади души. На тој начин Светите Апостоли успејаа да го уловат целиот свет, од исток до запад, од север до југ, и така Црквата Христова почна да се шири насекаде.
Браќа и сестри, денеска ние си го поставуваме прашањето: што треба ние да направме за да се спасиме? Дале е потребно како апостолите да оставиме татко и мајка, браќа и сестри, жени и деца, куќи, ниви, и сè што имаме, и да тргнеме по Христа.
Спасителот наш Господ Исус Христос рекол: „Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене“ (Мат. 10, 37). Овие зборови на Спасителот не значи дека ние треба да ги продадеме своите имоти и да се откажеме од нив. Спасителот, браќа и сестри, сака да ни каже дека ништо материално не треба да биде наша цел во животот. Материалните работи треба да ни бидат средство, кое ќе ни помогне во спасението на нашите души. Тоа е суштината на овие зборови на Христа нашиот Бог и Спасител.
Ние имаме прекрасен пример и во Стариот Завет, со праведниот Јов, кој бил најбогатиот човек во земјата Уз, и кој не сакал да се откаже од Троичниот Бог, кога бил искушуван од ѓаволот. Токму затоа, откако сите ја виделе неговата силна вера, кога по Божјо допуштање се разболел од најлошата болест лепрата и го изгубил богатство и децата, и кога сите го убедувале, вклучувајќи ги и неговите четворица пријатели: Елдат, Вилдад, Софар, и Елијуј, и неговата (на Јов) жена, да каже некој лош збор против Бога, односно да похули на Бога и да умре спокојно, тој не се откажал од тоа и рекол: „Господ даде, Господ го зеде; како што Му е угодно на Господ, така и станува. Нека е благословено Името Господово!“ (Јов 1, 21).
Праведниот Јов и вели на неговата жена: „Зар доброто го примаме од Бога, а злото да не го поднесуваме?” (Јов. 2, 10).
На ист начин постапувал и најголемиот гостопримец, старозаветниот патријарх Авраам, кој поради неговата преголема љубов кон странците и патниците, ги примил и угостил Тројцата Ангели, Кои ги претставуваат Трите Лица на Света Троица, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и тие му ја соопштиле радосната вест дека неговата неплодна жена Сара ќе му роди син и ќе му стави име Исак.
Ете, ако овие богати луѓе, со сето свое богатство го заслужиле Царството Небесно, тогаш богатите нека не очајуваат дека не ќе можат да го наследат Царството Небесно, бидејќи ако тие богатството го користат за спасение на своите души, тогаш ќе го наследат Царството Небесно. Богатството не е пречка за да се влезе во Царството Небесно, пречката е во нашето приврзување кон богатството, ако на местото на Бога во умот и срцето ни влезе богатството, ете во тоа се состои опасноста.
Треба да знаеме дека и сиромасите нема да се спасат, ако тие на местото од Бога имаат поставено друга цел во својот живот.
Токму затоа, денешното Свето Евангелие вели, дека ние, браќа и сестри, треба да бидеме ловци на луѓе.
Како, браќа и сестри, обичниот човек може да постане ловец на луѓе, односно да ги придобие луѓето и да ги приведе во нашата Света Православна вера? Тоа ќе го направи, ако ревносно се труди да ги одвраќа луѓето од лошите патишта, односно од пијанството, од дрогата, од лошиот начин на живот, и се труди да ги врати по правиот пат, а правиот и вистински пат е Христос нашиот Бог и Спасител, Кој рекол за Себе: „Јас сум патот, вистината и животот“ (Јован 14, 6). Ете, ако такво нешто направите; ако видите дека некоi работат против брачната заедница, со намера брачните другари да се разведат, а вие сте го спречиле разводот, тогаш сте направиле големо дело, бидејќи сте уловиле некој за нашата Света Православна вера. Ако луѓето, браќа и сестри, тргнале по било какви лоши патишта, и вие со залагање и со својот личен пример сте се труделе да ги одвратите од лошиот пат и од лошиот начин на живеење, тогаш сте ги уловиле за Царстовто Небесно, за Светото Евангелие и за нашата Света Православна вера.
Во тој дух да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица и на Светите Апостоли, за по нивните молитви, Спасителот Господ Исус Христос, да нè помилува и да нè спаси нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар