На 02.06.2022 г., кога го празнуваме Вознесението Христово, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Златко Костовски, Николче Неделковски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот посветен на овој празник во село Брусник, Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Како што ви ветив нема да ве оставам сираци, туку ќе бидам со вас до крајот на светот!“
Браќа и сестри, Спасителот наш Господ Исус Христос, откако ја завршил Својата мисија како човек, односно како Богочовек на земјата, бидејќи Он излегол од прегратките на Отецот и дошол на земјата, им проповедал на луѓето за создавањето на светот, за постоењето на Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, за назначувањето на човекот на земјата, односно за тоа, зошто е создаден човекот и која е неговата цел на неговото живеење во светот. Ако ние, браќа и сестри, не знаеме зошто сме создадени од Бога, од нас посреќни ќе бидат животните, зашто тие работат и делуваат во согласност со инстиктот според кој се создадени, а ние луѓето, кои сме создадени од Бога, за да бидеме секогаш заедно со Бога, и на овој и на оној свет и век, всушност најмалку размислуваме за своето постоење, за своето назначување, за целта зошто сме создадени, од каде сме, каде сме и каде одиме.
Светиот апостол Павле вели: „Ако Христос не воскреснал, залудна е нашата проповед“ (1. Кор. 15, 14), залуден е и нашиот живот, браќа и сестри, зашто тогаш ние сме понесреќни и од животните. Но Христос воскресна и на четириесеттиот ден по воскресението, се вознесе на небесата, т.е. денеска кога ние го празнуваме Неговото славно вознесение на небесата.
Спасителот наш Господ Исус Христос по воскресението од мртвите, им се јавувал на Своите ученици во повеќе наврати, а пред вознесението, Он им се јавил на Апостолите и на Неговата Мајка, пресвета богородица, и сите од Горницата, тргнале кон Маслиновата Гора, од каде имале можноста да ги видат сите места, каде што Христос нашиот Бог и Спасител, проповедал во Ерусалим, каде што бил мачен, тепан, шамаран, каде што бил неправедно осуден и.т.н.
Апостолите со Мајката Божја, ја виделе и Голгота, каде што Христос бил распнат, а таму бил и гробот од кој воскреснал. Ете, откако се искачиле на Маслиновата Гора, Господ ги поучил Своите ученици и апостоли и им рекол:: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и да пазат сè што сум ви заповедал“ (сп. Мат. 28, 19-20).
Откако Спасителот Господ Исус Христос ги поучил Светите Апостоли им кажал дека е дојдено времето да се врати при Својот Отец Небесен т.е. во прегратките на Отецот, од каде излегол и станал човек и во сè се изедначил со нас луѓето, освен во гревот.
Па ете, кога Спасителот наш Господ Исус Христос се вознесувал, Неговите ученици го молеле да не ги остава, т.е. да не се одделува од нив, а Господ им рекол: „Ако Јас не отидам при Отецот, за вас ќе биде полошо, зашто нема да можам да ви Го испратам Утешителот, Духот на вистината, Кој од Отецот излегува, затоа одам да ви приготвам место“. И Господ, кога се вознесувал, ги благословувал Своите ученици.
Во Светото Писмо не се вели ги благословил, туку ги благослувувал, а тоа значи дека Спасителот наш Исус Христос, кога се вознесувал на небесата, се уште нив и нас нè благословува.
При вознесението, Спасителот Христос, како што им ветил, им рекол на апостолите: „Сега одете во Ерусалим и не излегувајте од Ерусалим и молете се“, и тие се молеле во Горницата, каде што го очекувале ветувањето т.е. слегувањето на Светиот Дух врз нив.
Зошто Спасителот Христос се вознесол на небесата? Се вознесол за да ја вознесе, т.е. за да ја издигне преку Неговото Свето Тело и нашата падната човечка природа, зашто Бог го создал човекот не за умирање, туку за живот вечен. Поради првородниот грев на нашите прародители Адам и Ева, човекот станал смртен, односно заради тоа што нашите прародители не ја исполниле единствената Божја заповед да не јадат од забранетиот плод, т.е. од дрвото на познавањето на доброто и злото, зашто Господ им беше рекол: „Во кој ден ќе вкусите, ќе умрете“ (сп. 1. Мој, 3, 3).
Свети апостол Павле вели: „Адам и Ева јадеа и умреа“, па затоа беше потребно да дојде новиот Адам, Самиот Син Божји, Спасителот Господ Исус Христос, да се воплоти, да стане човек и да Го избави со Своите страдања на Крстот паднатиот човек, да воскресне од мртвите и со воскресението да ја победи смртта и да му каже на човечкиот род дека, иако згрешил човекот, ако се покае може да се избави од гревот, ако побара прошка за гревовите, ако плаче за своите гревови, како што го имаме примерот на Свети апостол Петар, кој кога згрешил, кога се одрекол од Христа, само еден поглед бил доволен од Христа, Свети Петар да заплаче за својот грев, а плачел секое утро кога ќе слушнел петел да пее. Ете ни прекрасен пример за покајание на нашите гревови.
Свети апостол Петар не згрешил за тоа што сакал да згреши, туку сакал само да види што ќе се случи со Господа Исуса Христа кога бил на суд, кај Ана и Кајафа, но тој својот грев го окајал, со тоа што плачел за својот грев.
И ние, браќа и сестри, нема да се ослободиме од нашите гревови, ако не признаеме дека сме згрешиле. Нашата должност е да размислиме, од нашето раѓање па сè до последниот миг од нашиот живот, за сè што сме им згрешиле на нашите браќа и сестри, на татка си и мајка си, на нашите дедовци и баби и на сите луѓе, а исто така да размислиме и за сите наши гревови што сме ги направиле кон Бога нашиот Спасител Исуса Христа, што не сме ги исполниле Неговите Заповеди, зашто Господ рекол: „Кој ги исполнува Моите Заповеди, тој е Моја мајка, тој е Мој брат, тој е Моја сестра“ (сп. Мат. 12, 48), значи Бога Го љубиме, само кога ги исполнуваме Неговите Заповеди.
Ете, Христос на денешниот ден, се вознесува на небото и седнува од десно на Отецот, како што им беше кажал на Апостолите дека оди да им приготви место за почивка.
Ние, браќа и сестри, треба да знаеме дека сите ќе умреме. Ако и Христос нашиот Спасител како Бог постанал човек и како човек умрел и воскреснал од мртвите, со тоа ни кажал дека и ние ќе умреме, но и ние ќе воскреснеме за живот вечен, бидејќи ангелите, кои го придружувале Господ Исус Христа при Вознесението, им велеле на присутните: „Луѓе Галилејци што гледате, овој Христос што сега се вознесува на небесата, на истиот начин ќе дојде“ (сп. Дела 1, 11).
Какво ќе биде повторното доаѓање на Господа наш Исуса Христа, браќа и сестри? Првиот пат Христос дошол за да проповеда и да го поучи човечкиот род, т.е. да го избави од гревот и смртта, но Второто Негово доаѓање ќе биде поинакво.
Во Светото Писмо се вели дела Христос ќе дојде во Неговата Слава, односно заедно со Ангелите, кои од сите четири страни на светот со силни труби ќе затрубат, и тогаш небесата и нашите животни книги ќе се отворат, во кои е запишано сè што сме направиле од денот кога сме се родиле, па сè до денот кога ќе умреме, t.e. сè ќе биде јавно прикажано, освен исповеданите и опростени гревови.
Ако денеска можат да се забележат многу работи со камерите, за кои дури не сме ни свесни дека сме ги направиле, како тогаш да не веруваме дека Божјото севечно око, може да види и да знае сè што се случува со нас.
Господ сè знае, бидејќи Неговото севидечко око, сè гледа. Господ сè слуша, сè знае, т.е. ги знае нашите мисли, помисли и фантазии, ги знае чувствата, желбите, похотите и страстите и сите наши дела. Господ сè знае и ние не можеме да побегнеме од јавното кажување пред целиот свет, пред сите луѓе од почетокот до крајот на светот за сè што сме направиле на земјата. Затоа е потребно да се покаеме за гревовите, односно да признаеме какви гревови сме направиле и да пролееме солзи за гревовите, а потоа да отидеме кај нашиот свештеник, духовникот, и да се исповедаме за гревовите, односно да побараме од Бога прошка, а свештеникот потоа ќе ни даде совет како да живееме според Светото Писмо, Светото Предание, и Светите Отци.
Треба да знаеме дека местото за молитва е секаде, но најсилна молитвата е тука во храмот, на Божествената Литургија, кога се случува најголемото чудо. На Божествената Литургија, Благословениот Леб се претвора во духовно Тело Христово, а благословеното Вино, во духовна Крв Христова. Кога ние ги примаме нив, ако претходно достојно сме се подготвиле, односно ако сме се покајале, ако сме се исповедале, ако сме им простиле на, браќата и сестрите, за тоа што ни згрешиле и ако сме побарале прошка од нив да ни простат и тие нам, за она што ние сме им згрешиле, тогаш, браќа и сестри, треба да пристапиме кон Телото и Крвта Христови, и Христос ќе направи порив во нас и ќе нè преобрази, т.е. од лоши ќе нè направи добри, од нечесни, чесни, од несвети, свети, од недостојни, достојни.
Христос преку Неговата Света благодат што ни се дава преку Светите Тајни, преку покајанието, преку послушноста, преку исполнувањето на Заповедите Божји, преку Светата Тајна Покајание и Исповед, преку Причесната, ќе ни ги прости нашите гревови.
Па така, браќа и сестри, знаејќи го тоа, треба да знаеме дека ние не припаѓаме вечно на земјата, туку сме времени и тоа време брзо лета. Некој ќе живее сосема малку, односно само што ќе излезе од утробата на мајката, а има многу такви случаеви, кои така го завршуваат животот, некој ќе живее и сто години, но и сто години да живее, ако не разбрал зошто дошол на земјата, ако не разбрал од каде дошол и каде оди, тој е понесреќен од животните, бидејќи ние сме создадени од Бога како разумни битија според Божјиот Лик, а тоа значи дека имаме триедина душа, која има ум, разум или логос, и дух. Ете, преку тие енергии што ги има душата, ние можеме да се спасуваме.
Па затоа, сите оние што ја разбрале пораката на Христовото доаѓање и она што им го рекол Спасителот на апостолите дека оди да им приготви ним, а и нам да ни приготви место за почивка по нашето умирање, а особено по нашето сеопшто воскресение на Страшниот Суд, кога сите ние ќе бидеме, ако се удостоиме вечно со Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух во Царството небесно.
Сè што создал Господ има почеток и крај, но нема крај душата човечка, која ја примила благодатта Божја и со Божјата благодат ќе се насели во Царството Небесни, а оние души што не ја примиле благодатта Божја, или што ја примиле па ја загубиле, ќе бидат со сатаната, и таму се вели тие ќе бидат мртви, зашто животот без Бога и смрт.
Мртва душа е онаа која не е заедно со Бога, бидејќи таа постои, но постои за суд и за осудување и за вечно страдање, а душата која ги исполнила Божјите Заповеди, живее со Бога во вечноста и се радува со Бога и го слави во Царството Небесно.
Па и ние, браќа и сестри, како и светителите и сите оние што се обожиле, треба да се подготвуваме за Осмиот ден, а Осмиот ден е Царството Небесно. Амин!
Честит нека е празникот и за многу години!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар