На 24.04.2022 г., во Светлата ноќ на Воскресението Христово, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски, ерејот Игор Ризановски, протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
„Секоја твар нека го празнува Христовото Воскресение, зашто сега сè се исполни со светлина, и небото, и земјата, и адот. Адам нека ликува! Смртта е уништена со Христовото Воскресение!“
(Пасхална песна)
Мили наши духовни чеда во Христа Воскреснатиот!
Денес, сета твар се радува и весели. Оваа ноќ, навистина, колку што е свештена, толку е сепразнична, спасителна и светозарна – како што пееме денес во црковните песни, бидејќи е предвесник на светлоносниот ден на Воскресението. Во неа, од гробот, телесно, на сите им засветли вечната Светлина.
Великиот и препрославен Бог, со животворната смрт и Воскресение на Својот Христос, нас нѐ пресели од смрт во живот, од адското мртвило во вечниот живот. Затоа Нему Единствениот Богочовек Му се поклонуваме и Воскресението Негово го воспеваме и славиме.
Му се поклонуваме на Твојот Крст Христе, зашто преку него нам ни се откри вечната мера на Божјата љубов и човекољубие. Вистинската љубов не бара ништо свое, туку таа целосно се жртвува. Таква е Христовата љубов, бидејќи таа му дава вечен живот на целиот свет. Крстот Христов, со својата хоризонтала и вертикала ги отстранува сите препреки меѓу луѓето и созданијата, а притоа го собира целото човештво во една заедница, повикано за вечен живот во Царството Небесно.
Велигденскиот Пост, ја содржи во себе скоро целата година, зашто во него се собрани сите настани од почетокот, па до крајот на светот; од создавањето на човекот, до неговата преселба во вечноста.
Возљубени во Христа Најнадежниот на безнадежните!
Адам и Ева кога згрешиле, прекршувајќи ја единствената дадена од Бога заповед, да не јадат од забранетиот плод, тогаш целата природа се вознемирила и обезличила, сакајќи да го казни човечкиот род. Заради гревот на нашите прародители, се побуниле ветровите, морињата, растенијата, па дури и животните почнале да не го гледаат Адама како свој господар, туку како свој непријател. Но кога се побунила целата природа против Адама и Ева, Господ им забранил на созданијата, што му биле потчинети на Адама, да му се одмаздуваат, затоа го оставил човештвото, после Адама, да жеднее надвор од рајот, изгубената Татковина.
Спасението на човечкиот род, не можеше на поинаков начин да се случи, освен Самиот Син Божји, од преголемата љубов кон човекот, Своето создание, по благоволението на Отецот, да излезе од прегратките на Отецот и да се вочовечи, во содејство на Светиот Дух, примајќи тело од Пресвета Богородица. Со тоа, всушност се врати надежта на човечкиот род, за повторно враќање во Рајот, загубената Татковина.
Со Воскресението Христово, Рајот не останал да биде само колективна именка во свеста на човекот, туку станал реално достапен за сите луѓе, од постанокот, па до крајот на светот.
Христос, Кој ја зеде нашата природа, ги уништи сите препреки што беа поставени во долината на плачот, слезе во Адот и го прекрати плачот на прататкото и прамајката Адам и Ева.
Возљубени во Христа Воскреснатиот, постојат три нешта, кои имаат огромна симболика за верните, а тоа се: земниот, поднебесниот и небесниот свет, или: земјата – каде што живееме, која уште е наречена долина на плачот; адот – кој е состојба, каде што сите оние што се во него постојано плачат; и рајот – во кој што оние што се во него никогаш не плачат, т.е. потајно се радуваат.
Наши се, изборот и одлуката каде ќе се најдеме во вечноста, во вечниот плач или во вечната радост.
Возљубени во Христа Животодавецот!
Колку ли време требаше да помине, за да му се подари нов живот на човекот? На тоа прашање, можеме да одговориме само доколку ја имаме верата во Воскресението. Одговорот е лесен и едноставен: Христовата смрт беше предуслов, за да се купи и спечали вечниот живот на човекот.
Да не забораваме на Мајката Божја, која прва Го видела Христа Воскреснатиот и на која и подарил живот. Потоа Марија Магдалина, која мислејќи дека е градинарот, извикала со неизмерна радост: „Равуни“ што значи Учителе“ (Јован 20,16).
Да не забораваме и на апостолите Лука и Клеопа, кои патувале за Емаус, кога им се придружил Христос Воскреснатиот и Го поканиле на трпеза да јаде со нив, Он откако го прекршил Лебот и го благословил Виното, исчезнал. Потоа, со голема и неизмерна радост тие си рекле: „Зар не гореа срцата наши, кога ни зборуваше по патот и ни го објаснуваше Писмото?“ (Лука 24,32).
Особено пак, никогаш не смееме да заборавиме на близнакот Тома, апостолот, кој бил удостоен дури и да ги допре раните од клинците и да ја стави раката во ребрата Христови, Кои биле прободени со копјето на еден од војниците на Голгота. Неговиот извик бил толку силен, што и денес одекнува во ушите на сите правоверни: „Господ Мој и Бог Мој“ (Јован 20,28).
Возљубени сведоци на Христа Воскреснатиот од мртвите!
Браќа и сестри, поздравот што од памтивек Црквата го востановила „Христос Воскресна“ и отпоздравот „Навистина Воскресна“ не се обичен поздрав и отпоздрав и без значење, туку тој поздрав е суштината на нашата Вера, како што вели Светиот апостол Павле: „Ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш е празна нашата проповед, празна е и вашата Вера“ (1. Кор. 15, 14).
По Воскресението, поради измамата што ја ширеле јудејските првосвештеници, фарисеите и старешините, некои од луѓето не поверувале во Христовото Воскресение, па дури и го оспорувале. Познато е дека од моментот кога Христос Воскреснал, Евреите ги потплатувале стражарите на гробот, кои биле сведоци на Христовото Воскресение, па дури и го виделе светлиот Ангел и од страв трепереле и како мртви пред Него паднале (види: Матеј 28,4) – но и покрај тоа, за пари лажеле и пренесувале лажна вест дека учениците Го украле Телото Исусово (Матеј 28,13). Такви оспорувања и негирања, на Христовото Воскресение, имало, има и ќе има – зашто како што стои во Евангелието „Тој глас се пренесува меѓу Јудејците до денес“ (Матеј 28,15).
Но спротивно на оспорувањата и негирањата на Христовото Воскресение, се сведоштвата на Единаесетте јавувања на Христа Спасителот по Воскресението Негово, како оние што ги споменавме на Мајката Негова, на Жените Мироносици, на Марија Магдалина, на апостолите Петар и Јован, на Лука и Клеопа, на десетте без и на единаесетте со Тома, на петстотините браќа во Галилеја и.т.н.
Сите оние што Го виделе Христа, ги поздравувале своите, браќа и сестри, со поздравот: „Христос Воскресе“, а отпоздравот бил „Навистина Воскресе“, и така се пронесе во Целата Црква Христова, овој поздрав „Христос Воскресе“, за да се уништат сите лаги на светот, за нашата вера да не остане празна (1. Кор.15,14), нашата надеж да не биде залудна, а нашата љубов да биде поцврста и посилна од било кога – а пак, отпоздравот „Навистина Воскресна“, ја дава потврдата во сето тоа дека иако нашиот помрачен ум не може да го сфати сето тоа, срцето се бунтува и вели: „Навистина Воскресe“, Христос нашиот Пат, Вистина и Живот (види Јован 14, 6). Затоа, нашата Вера е полна со надеж во Воскресението, а пак, нашата љубов се умножува и преумножува, заради силата на Воскресението, кое треба да го доживееме и ние, како што вели апостол Павле: „Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите стана преку човек. И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат; но, секој по својот ред: прв е Христос; потоа, при Неговото доаѓање, ќе воскреснат сите што се Христови (1. Кор. 15, 21-23).
Возљубени во Воскреснатиот Победител!
Христос со Својата Крсна смрт и Воскресение, го спаси човекот, Своето создание од гревот и смртта. Он доброволно се распна на Крст, не сакајќи да биде поштеден и на тој начин ги зеде врз Себе гревовите на целото човештво од постанокот, до крајот на светот. Со неизмерна љубов и доброволна смрт, со цел да го врати човечкиот род во Царството Небесно, Христос ги излечи нашите рани од прегрешенијата, ја уништи смртта со Својата смрт и Воскресение, за да може човекот да извика кон Воскреснатиот Спасител: Господи јас сум Образ на твојата неискажлива слава, направи ме одново жител на рајот (Непорочни тропари на погребение).
Ако не беше Крстот, немаше да има Воскресение. Ако не умреше Христос, немаше да Воскресне. Ако немаше страдање, немаше да има победа. Кој не се радува на Христовата победа над смртта? Браќа и сестри, Христос не победи заради Себеси, туку заради нас. Христовата победа е единствената победа, ослободена од злоба, зашто во овоземните победи, победениот плаче, а победникот се радува и злобата пак останува.
Возљубени во Христа вечниот Мир!
Светот ретко знае да воспостави мир. Речиси како да не чул за мир. Немало времиња и моменти, ниту пак места, каде што немало војни и немири, стравови и ужаси, бегалци, напуштени и запустени домови, бездомници и што ли уште не. Никогаш светот не сфати и не разбра дека единствениот вечен мир, е во Христа Воскреснатиот, а секаков друг облик на мир е променлив, краток и преоден.
Уште од почеток на Велигденскиот Пост, кога секоја твар се измирува, па дури и дрвјата со гранките се поклонуваат едни кон други, правејќи слика на покајание и прошка, ние слушнавме за немири и судири меѓу Русија и Украина, односно воени операции врз Украина од страна на Русија.
Веднаш се поставува прашањето: „Кој прв почна?“ или поточно кој ги предизвика тие судири и немири. Секако, дека ниту мирољубивиот и благочестивиот Руски и Украински народ, туку оние што сакаат да имаат воена светска моќ во оваа светска глобализација. Обично, секогаш се обвинуваат не оние што ги создале судирите и немирите, туку оние што се учесници во судирите и немирите, а сите немири се заради покажување моќ и приграбување на материјални богатства и ресурси. Најголемата трагедија е во тоа што, предизвикувачите на овие судири и немири, ништо не прават за тие да престанат, туку напротив, уште повеќе ги поттикнуваат со помагање, да продолжат тие судири во кои страдаат невини луѓе, а тие, пак, предизвикувачите на тие судири и понатаму остануваат неми сеирџии на страдањата на немоќниот народ, старците, мажите, жените и децата.
Кој е најповикан да ги прекине овие судири и војувања на браќа против браќа? Доколку не можат или не сакаат тоа да го направат политичките управители, не само на Украина и Русија, туку и на сите инволвирани страни во овие судири. Очигледно, претставниците на светските организации за мир и безбедност, дека не само што се немоќни, туку за жал подлегнуваат на глобалистичките интереси и воени профитерства, па затоа сметаме дека не ќе можат тие пред Бога да се оправдаат, па дури и претставниците на Црквите и верските заедници, ако не седнат пред Празникот над празниците, Велигден на заедничка маса и не се договорат да изнајдат начин како да ги сопрат судирите. Ако ништо друго, нека се поучат од примерот на Свети Климент Охридски Чудотворец, кој кога царот Симеон одлучил да започне воени дејствија во Македонија, во длабока старост Светителот од Охрид во Плиска или Преслав, отишол кај царот и му рекол дека, ако отпочнат воените дејствија во мојата јуриздикција (Македонија – епархијата на Свети Климент), јас си давам неотповиклива оставка, па така, ги спречил воените дејствија во Македонија.
Со други зборови кажано, ако не се спречат овие воени судири, одговорноста покрај на светските управители на мирот и безбедноста на светот и Обединетите Нации, ќе падне и на сите претставници на Црквите и верските заедници, инволвирани во овие судири. Нам ништо друго не ни останува, освен да се молиме на Христа Бога Воскреснатиот, да престане оваа братоубиствена трагедија на овие два, во најголема мера еднородни и едноверни народи.
Возљубени славеници на Воскресението!
Христос, Кој што беше распнат, страдаше и беше погребан – Воскресна!
Денес треба да торжествуваме и празнуваме со најголемо веселие, зашто без силата и помошта на Христа Воскреснатиот, ние не можеме да опстоиме како Народ и Црква, односно како држава Македонија и МПЦ-ОА.
Никогаш не смееме да ја загубиме верата во Христа Воскреснатиот и постојано треба да се молиме, зашто преку устата на апостолот Павле, Спасителот ни рекол: „Живејте само достојно за Христовото Евангелие“ (Филип. 1,27); „Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се!“
Нашиот Македонски Православен народ претрпел и претрпува многу неволји. Господ на многу начини и во многу случаеви нѐ укорувал за нашето неверие и жестокосрдечност, нѐ укорувал и нѐ карал за многу работи, кои свесно сме ги правеле без да се покаеме. Но, не заборавајте дека тој што е каран, тој е и сакан. Македонскиот народ, е многу каран, но и премногу сакан од Бога. Запаметете, нема воскресение без распнување и страдање, нема ниту Рај без Голгота.
Возљубени наши духовни чеда во Преспанско-пелагониската Епархија, Ви го честитаме вам Воскресението Христово од Галичица до Даутица, од Пелистер до Кајмакчалан и од Крушево до Мариово, како и вам во Австралиско Новозеландската Епархија, од Перт до Нов Зеланд и од Аделаид до Порт Кембла.
Да се радувате на Воскресението и да живеете достојно за Евангелието, да бидете творци на мирот и да се веселите постојано во Воскресението.
Христос Воскресе!
Навистина Воскресе!
И нам ни дарува живот вечен!
Ваш постојанен молитвеник пред Христа Воскреснатиот,
Митрополит Преспанско-пелагониски и
Администратор Австралиски и Новозеландски
+ Петар
Велигден 2022 год.