Со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар, поради настанатите забуни околу вистинските и лажните духовници, ќе се потрудиме да објавиме во неколку дела за разликите меѓу првите и другите.
Почнувајќи од првиот дел од текстовите што ќе следуваат, ќе ги посочиме разликите помеѓу вистинскиот и лажниот духовник, согласно православното учење и исповедање на верата.
Што е духовник? Кој е вистинскиот, а кој е лажниот, односно волк во овча кожа духовник?
„Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а одвнатре се грбливи волци“. Спасителот вели: „По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка?“ (Мат. 7, 16). Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошото дрво дава лоши плодови; не може добро дрво да дава лоши плодови, ниту лошо дрво да дава добри плодови. Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и фрлаат во оган. И така по нивните плодови ќе ги познаете“ (Мат. 7, 17-20).
За да постанеме вистински православни христијани, треба да се запознаеме со основните поими во православното исповедање на верата и нивното вистинско значење. Дури тогаш ќе можеме правилно да ги доживееме и да се потрудиме да ги прифатиме како наша карактерна црта во животот, која постојано ќе нѐ води во овој живот, на Изворот со Жива Вода, но и која ќе нѐ напои со Живот Вечен, во радоста на нашиот Премилостив Бог.
Многу често во секојдневието се соочуваме со зборот духовник и духовно раководство, но на малкумина им е јасно вистинското значење на тие термини. Треба да се потенцира дека духовникот, како и секој припадник на клирот, има една основна функција, во однос на верниците, а тоа е да ги приведе кон Бога; да им го открие патот кон спасението и обожувањето; да им ги појасни Светите Tајни и христијанските доблести и вистини, како и да им ги предочи опасностите од духовната, па и телесната смрт, која е последица на гревовите. Да ги разјасни врстите на гревовите, како и да им укаже за опасноста од стапиците на непријателот на Бога и човечкиот род. Да го открие вистинскиот непријател на Бога и човечкиот род и зошто непријателот (сатаната) толку многу го мрази Бога и човекот, но и кои се негови приврзаници.
Секој производител на производи, дава упатства за нивна употреба. Ние можеме да се придржуваме до тие упатства, но можеме и да ги запоставиме. Разликата помеѓу првиот и вториот наш избор е: Доколку се придржуваме до упатството, производот ќе го сочуваме и користиме подобро и подолго, а пак, доколку не се придржуваме до упатството, тогаш за жал ние побрзо ќе го расипеме. Така и нашиот Создател, кога нѐ создаде, ни даде упатство за правилна употреба, но и слободна волја, дали ќе го практикуваме или не. Наша е одлуката дали ние ќе се одржиме како вистински, искрени, чесни и доблесни луѓе, онакви какви сме повикани од Севишниот да бидеме, односно да се ослободиме од гревовите, да се очистиме и обожиме, за да го наследиме Царството Небесно, или, пак, ќе се расипеме како солта и ќе бидеме фрлени и изгазени. Укажувајќи им на Апостлите, а преку нив и на епископите и духовниците дека тие се солта и од нив зависи какви ќе бидат верниците, Спасителот нагласува за да се биде вистински верник или син Божји, потребно е да се исполнат само две заповеди: „Прва од сите заповеди е: „Возљуби го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој ум, и со сета своја сила! Тоа е првата заповед. А, втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себе си!“ (Мар.12, 29-31). Друга заповед поголема од овие нема. Тие се двете основни христијански заповеди, кои ни ги подари Христос, според кои треба да живееме и да го стекнеме Царството Небесно.
„Запрашан од фарисеите, кога ќе дојде Царството Божјо, Он им одговори: „Царството Божјо нема да дојде забележливо, ниту ќе кажат „Еве, овде е“ или „Еве, онде е“, зашто Царството Божјо, е внатре во вас“ (Лука 17, 20-21). Тоа означува дека во срцето на човекот може да постои овој или оној свет, зависно од тоа кој свет човекот ќе го избере.
Треба да се напомене и тоа дека човекот е создаден по Божји образ (слика) и подобие, и од тоа зависи дали секој од нас ќе го запазиме Божјиот лик во нас и дали ќе се усовршиме да бидеме подобни на Бога и да го заслужиме Царството Небесно.
Во нашите срца има место за сите драги личности, кои ни се подарени од Бога, како сопатници во овој живот, а особено има место и за сите роднини и пријатели, па дури и непријатели; познати и непознати. Во него има место и за Мајката Божја, Пресвета Богородица, Ангелите и Сите Светители, но треба да се потенцира дека во центарот на срцето, се наоѓа престолот на Бога. На тој престол треба ние да ја поставиме Света Троица; преку љубовта кон нашиот Семилостив Бог да ги љубиме и сите созданија Божји. Поради тоа и Семудриот Бог ни го подари и редоследот на двете Божји Заповеди, преку исполнувањето на првата, да ја исполниме и втората. Значи низ призмата на љубовта кон Бога, да ги љубиме и созданијата Божји. Доколку ја исполнеме втората Заповед, прескокнувајќи ја првата, тогаш нашата љубов кон ближниот, е острастена и сигурно ќе нѐ одведе кон погибел, односна кон страста на човекоугодувањето. Преку љубовта кон Бога и Неговите Заповеди, треба да се љубиме и себе си, за да се избавиме од страстите на себељубието, ексцентричноста и гордоста, која е мајка на сите гревови и страсти. Исто така, доколку на престолот Божји во нашите срца поставиме некој предмет или личност, вклучувајќи се дури и себе си, тогаш ние себеси, тој предмет или личнпст, го обожуваме, односно, го издигнуваме на ниво на божество и создаваме идолопоклонство.
Мора да се нагласи дека дури и Пресвета Богородица, Ангел или било кој светител, доколку го издигнеме и поставиме на местото на Бога, тогаш сме паднале во страшна ерес.
Една од стратегиите, кои што од дамнина ги применува сатаната, кој е татко на лагата и неговите приврзаници (демоните), го ловат човекот со лажно претставување т.е. крадење на идентитетот на Бога, на Пресвета Богородица, Ангелите, Светителите, па дури и претставниците на Црквата Христова (клирот), прикривајќи се под името на духовник, како би можел(е) да ги прелажат повиканите и избраните.
Духовникот на верниците, парохискиот свештеник, а на монасите и искушениците, игуменот, најнапред треба на своето духовно чедо, да му ги каже основните вистини за верата изложени во катехизисот, а при тоа да го усовршува и упатува кон Бога, укажувајќи му на гревовите и страстите и бодрејќи го во борбата против нив, за стекнувањето на духовен живот. Духовникот во ниту еден случај не смее духовното чедо да го приврзува кон себе си, бидејќи тоа е погубно и за двајцата. Тој на своето духовно чедо постојано треба да му појаснува, Кој е Бог – Света Троица, а кој е противникот на Бога и човекот.
Духовните волци, во овчји кожи, криејќи се зад поимот духовник, како верни чеда на таткото на лагата и илузијата, ги прелажуваат верните со тоа што ги држат во незнање за основните христијански вистини, не ги воспитуваат во Бога, не ги упатуваат кон Бога и кон патот на спасението, туку го прават најстрашното т.е. им го крадат престолот Божји во нивните срца и тие седнуваат на него. А тоа значи дека на светото место, седнува „мерзоста на запустувањето“, односно гнасотијата на запустувањето т.е. идолот, ѓаволот, личноста или предметот, кој што е поставен на местото на Бога, во срцето човечко.
Во тој дух можеме да ја препознаеме и појавата на лажниот духовник, на кој „духовните чеда – верниците“ на таканаречениот свој „старец“, му се обраќаат со „Владико на нашите срца“, односно „старецот“ го поставиле на местото на Бога, во нивните срца. Тоа е идолопоклонство, односно ерес над ересите. Владика на нашите срца, е Бог – Света Троица.
Што се случува, пак, доколку Божјиот престол, во нашите срца, го отстапиме на човек, па макар тоа да е и нашиот духовник? Ние тогаш влегуваме во идолопоклонство. Ние сме го погрешиле и изгубиле патот кон спасението. Многу добро знаеме, кој го посака местото на Божјиот Престол, на небесата. Знаеме дека деницата, најсветлиот и првиот до Бога ангел, заборави дека иако беше најчествуваниот и најубавиот од сите созданија, сепак е создание и се опрелести, па го посака Престолот на Создателот, односно Бога. Прелажа третина од ангелите и ги побуни против Бога, па така отпадна(а) од Бога и од небесата и стана(а) противник на Бога и на сето создание, но и понатаму Бог му дозволи да ја задржа својата ангелска природа, иако падната.
Затоа апостолот повикува: „Облечете се во сето оружје Божјо, за де се одржите против ѓаволското лукавство; оти нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата и властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата. Поради тоа примете го сето оружје Божјо, за да можете да се браните во лош ден, та откако ќе победите да се одржите“ (Ефес. 6, 11-12).
Продолжува…