На 28.08.2022 г., кога го празнуваме Успението на Мајката Божја, Пресвета Богородица, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на игуменот Спиридон (Поповски), ѓаконот Константин Сековски и јероѓаконот Игнатиј (Костовски), отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, во Јанковец.
На Светата Божествена Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Во раѓањето си го сочувала девството, а по своето Успение не си го оставила светот… и со твоите молитви ги избавуваш од смрт душите наши!“ (Тропар на Успение на Пресвета Богородица)
Овие почетни зборови од тропарот на Успението на Пресвета Богородица, браќа и сестри, ни говорат за тоа дека Мајката Божја, Пресвета Богородица, е онаа која е најсвета, најчиста, најблагословена, пречиста и сеопеана, која ги има сите епитети што и следуваат на една девојка, која го соединила небото со земјата.
Времето кога живеела Мајката Божја, Пресвета Богородица, а и пред тоа, во времето на Римската империја и многубожечките религии, односот кон жената бил различен. Имено, Буда сметал дека жената, е најголемото зло што може да постои. Конфучие рекол дека таа е извор на согрешенија, на гревовна состојба и.т.н. Таков однос имале и другите религии.
Во исламот, жената се смета дека е слугинка и робинка на мажот, и дека во оној свет ќе биде предмет на уживање и наслади. А римскиот философ Сенека, пак, говори дека жената е едно неразумно животно, кое никако не може да ги скроти своите страсти, велејќи дека таа наутро е алчна и исполнета со скржавост, преку денот, е завидлива, а навечер сластољубива. Така тој меѓу другото вели дека жената, е онаа која не може да ги заузди своите страсти. Сличен таков однос во тоа време имале и општествата кон жената, кои ја сметале како и обичната стока, која се продава на пазарите. Во времето кога се родила Пресвета Богородица, жената била на најниското рамниште, без никаква почит и достоинството.
Причината за тоа некои ја гледаат во нашата прамајка Ева, која била измамена од сатаната да згреши т.е. заедно со Адама да ја прекршат Божјата Заповед, да не јадат од забранетиот плод. Па така, згрешија и Адама и Ева, јадејќи од забранетиот плод.
Светиот апостол Павле вели: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние згрешивме и умревме“ (сп. Рим. 5, 12). Така, преку непослушност на нашите прародители Адама и Ева, дојде гревот во светот, а последицата од гревот, е смртта, прво духовната смрт т.е. разделбата или отстапувањето од Бога, а потоа и телесната смрт.
Браќа и сестри, во една таква состојба, во тогашното Израилско Царство, жената немала многу почит, па честопати била понижувана. Си споменуваме како фарисеите и садукеите, кога барале некоја блудница да биде убиена со камења, Спасителот Господ Исус Христос застанал зад достоинството на жената и рекол: „Кој од вас е без грев, прв нека фрли камен на неа!” (сп. Јован 8, 7), истовремено пишувајќи ги (на песокот со прст) гревовите на оние што ја обвинувале. Но откако потоа грешницата се покајала, Христос и рекол: „Ќерко ти се простуваат гревовите, оди и повеќе не греши“ (сп. Јован 8, 11). Така Господ ги лекувал сите грешници од нивните духовни, душевни и телесни болести.
Браќа и сестри, односот на човечкиот род во времето пред доаѓањето на Христа нашиот Бог и Спасител, бил таков што целиот свет бил во грев, како што вели Светиот Јован Богослов: „Целиот свет во грев лежи“. Тогаш се мислело дека нема спасение за човечкиот род. Многубожечкиот философ Сенека велел: „Нема спасение за човечкиот род, освен ако самиот Бог не го спаси“. И токму тоа е и суштината на денешниот празник, бидејќи спасението на човечкиот род, не можело да дојде поинаку, освен Самиот Бог, Синот Божји, Логосот Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, по благоволението на Отецот, доброволно од преголема љубов, да посака да дојде во светот, како што било кажано и во првото Протоевангелие дека Господ воспоставува непријателство измеѓу жената и змијата т.е. сатаната, и понатаму кажува дека тоа непријателство, е поставено меѓу змијата и жената, меѓу семето на змијата, односно сатаната и семето на жената, односно се мисли на Пресвета Богородица.
Гревот на народот, браќа и сестри, завладеал до таа мера со луѓето, во времето кога живеела Пресвета Богородица, скоро како што некогаш бил во времето на праведниот патријарх Ное, кога единствено тој со неговото семејство бил праведен и укажувал на гревовната состојба на луѓето, кои не сакале да се покајат, па затоа Господ допуштил сеопштиот потоп и го уништил целиот свет, а го спасил Ное и неговото семејство. И така, по сеопштиот потоп, продолжува животот во светот, преку праведниот патријарх Ное. Но луѓето и понатаму по сеопштиот потоп продолжуваа да грешат. Па ете, во времето на Пресвета Богородица, тешко можеше да се очекува спасение за човечкиот род.
Но имаше една девојка, по име Марија, која не беше родена од похот телесна и од телесни наслади, туку испросена со многу горешти солзи и молитви од нејзините бездетни родители Јоаким и Ана. Пресвета Богородица, е всушност рожба, испросена од Бога со многу солзи. Светите праведни Јоаким и Ана, не биле грешни луѓе, туку преку нив требало да се покаже чудото Божјо т.е. во нивните поодминати години, да се роди Пресвета Богородица, не од телесна похот, како што кажавме, туку преку горешти молитви и многу пролеани солзи. Ете, откако се роди Пресвета Богородица, во третата година по нејзиното раѓање, Му ја посветија на Бога. Па така, Пресвета Богородица, беше предадена во храмот кај првосвештеникот Захариј, кој ја прими и ја внесе не само во храмот, каде што стојат верните на молитва, и не само во олтарот, каде што свештениците служат, туку во Светињата на Светињите, каде што само еднаш годишно имал право да влегува првосвештеникот, каде бил Ковчегот на Заветот, кој е праслика на Пресвета Богородица, во кого се чувале таблиците од Мојсеевиот Закон. Во Светињата на Светињите, исто така била и стомната со мана и Ароновиот жезол, кои се праслка Пресвета Богородица.
Таму Пресвета Богородица, го поминала својот живот, хранета со небесна храна од ангелите. Пресвета Богородица, браќа и сестри, немало ниту еден миг од нејзиниот живот, а да не мислела на Бога. Во целиот нејзин живот, и во нејзиниот ум, и во нејзината совест, и во нејзиното срце, бил присутен Троичниот Бог, па токму заради тоа, таа не направила никаков грев. Од таму таа, постојано мислејќи на Бога и постојано спомнувајќи Го Неговото име, се удостоила да не направи никаков грев, па затоа била избрана да биде ризница на богатство. Таа била избрана да биде поширока од небесата, зашто во нејзината Света утроба се вселил несместливиот Бог, Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој предвечно се раѓа од Отецот, Кој доброволно посакал да се изедначи со луѓето и да прими наше тромо човечко тело т.е. да стане во сè еднаков на луѓето, освен во гревот.
Синот Божји, Кој е Бог по природа, еднаков на Отецот и Светиот Дух, браќа и сестри, заради нас и заради нашето спасение, благоволил да се понижи себеси и да стане човек т.е. да се роди од Пресвета Богородица и да поживее со луѓето, за да им ја открие нашата Света Православна Вера и да ги поучи за постоењето на Бога, и за сè што е создадено на небото и на земјата.
И ете, како што слушнавме од денешниот Апостол, Синот Божји се понижил до таа мера, заради нас и заради нашето спасение да биде распнат на Крст, на кој биле распнувани најголемите злосторници. Ете, такво е понижувањето на Господа наш Исуса Христа. Но и Мајката Божја, Пресвета Богородица, се понижила пред Бога, бидејќи се сметала за најнедостојното суштество. Токму затоа Господ избрал да се роди од неа, но ако Пресвета Богородица, не кажала „да“ за Неговото вселување во нејзината Света утроба, Христос немало да се всели, а немало да дојде ни спасението на човечкиот род.
Преку смирението и понизноста на Пресвета Богородица, дојде спасението на човечкиот род, а преку непослушноста на Ева, дојде смртта во светот. Пресвета Богородица, браќа и сестри, претрела многу страдања во нејзиниот живот, бидејќи ги гледала сите страдања на Спасителот наш Господа Исуса Христа.
Пресвета Богородица, беше под Крстот Христов и стана Мајка на нас сите, заради тоа што Христос од Крстот и рече нејзе дека ја предава на Неговиот сакан и возљубен ученик Јован, кому му рече: „Синко, еве ти Мајка“ (сп. Јовн 19, 27), а нејзе и вели: „Мајко, еве ти син“ (сп. Јован 19, 26). И од тој момент сите ние луѓето стануваме, браќа и сестри, односно чеда на Мајката Божја, Пресвета Богородица, а таа станува наша Мајка. Па токму затоа е највоспеана од сите суштества во светот. Нејзините епитети се неизброиви. Се вели дека Пресвета Богородица, е пофалба на Апостолите; радост на подвижниците; светлина на оние што живеат во темнина во пустините и во пештерите; пристаниште на оние што се во животни бури; утеха на ожалостените; надеж на безнадежните; заштитница на сираците; венец и украс на девојките и.т.н.
Пресвета Богородица, браќа и сестри, се споменува во Стариот Завет, како скала и мост, од земјата кон небото, зашто од небото Го симнала Бога на земјата, а нас, пак, од земјата, не вознесла на небесата, преку раѓањето на најзиниот Син и наш Спасител, Господ Исус Христос.
И така, Пресвета Богородица, станала образец на највисоките добродетели што постојат. И токму затоа, таа е нашата најголема застапничка пред престолот на Севишниот.
Денешниот празник, е всушност празник на Мајката Божја и празник на сите христијани, кои го празнуваат нејзиниот спомен, онака како што доликува, а тоа значи дека ние треба да ги усогласуваме нашите животи, со животите на светителите, кои ги празнуваме. Ние ако го празнуваме празникот на Пресвета Богородица, тогаш нашиот живот, треба да го усогласиме со нејзиниот живот.
Денешниот ден, е Успение на Пресвета Богородица. Тоа е ден кога таа преминала од овој во оној свет. Зборот успение значи заспивање. Овој празник на Мајката Божја, Пресвета Богородица, иако ни напоменува за смртта, сепак е радосен празник. Ние на овој празник, не тажиме и не тагуваме, туку се радуваме. Зошто? Затоа што таа ни го донесе спасението на нас грешните и недостојните. Затоа, браќа и сестри, не треба да се празнуваат родендените, туку денот на нашето крштение т.е. духовниот роденден, зашто праведниот Јов рекол: „Проклет да е денот, во кој се родив, и ноќта во која рекоа – се роди дете!“ (сп. Јов 3, 3). “. Ние празниците на светителите треба да ги празнуваме како што доликува, а не со веселби, свирки, тапани и сето она што е второстепено.
Имајќи го сето ова како сознание, да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, таа како застапничка на нас грешните и недостојните, да се мили и застапува пред Престолот на Севишниот и да испроси од Бога мир и спасение за душите наши.
По нејзините молитви, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар