На 06.02.2022 г., во Триесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Преподобна Ксенија Римјанка, Преподобниот Македониј и Преподобниот Дионисиј Олимписки, Чудотоворец, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Благој Стефановски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„О жено, голема е твојата вера, нека ти биде според желбата твоја“ (сп. Мат. 15, 28).
Со овие зборови, браќа и сестри, Господ и се обраќа на жената Хананејка.
Имено, кога се зголемиле непријателите на Господа Исуса Христа, Он одлучил да го напушти Назарет т.е. местото каде што постојано живеел, па затоа се нарекува Назареец, и отишол во земјата Тирска и Сидонска, а земјата Тирска и Сидонска, е како Галилеја, за која се вели дека е незнабожечка.
Ете, Синот Божји, Кој Своите ученици ги советува и им вели да не одат на патот на незжнабошците и јазичниците, сега Он Самиот оди таму, според пророчките зборови на Светиот славен пророк Исаија, кој што вели: „Народот, што седеше во мрак, виде голема светлина, и на оние, што седеа во место на сенка смртна, им изгреа светлина“ (сп. Мат. 4, 16). Во оваа земја, Тиркска и Сидонска, која била незнабожечка земја, живеела една жена Хананејка, на која не и се спомнува името, која кога слушнала дека доаѓа Христос Спасителот, почнала да вика на силен глас: „Исусе, сине Давидов, помилуј ме грешната!“ (сп. Мат. 15, 22). Потоа Апостолите Му се обратиле на Господа Исуса Христа со зборовите: „Отпуштија“ (сп. Мат. 15, 23), односно исполни и ја желбата, зашто и по нас многу вика, а Господ на тоа не одговорил ништо, но повторно на инсистирањето на Апостолите, кога таа повторно почнала да вика по Господа Исуса Христа и рекол: „Јас сум пратен само при загубените овци Израилеви“ (сп. Мат. 15, 24). Но и тогаш таа не престанала да вика и да Го моли Христа да ја исполни нејзината желба т.е. да ја излекува нејзината ќерка, која била измачувана од бес. Ете, кога таа Му се обраќа на Христа и Му вели: „Исусе Сине Божји, Сине Давидов, помилувај ме“(сп. Мат. 15, 22), Господ и одговара: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата“ (сп. Мат. 15, 26). Но таа, браќа и сестри, иако е толку многу понижена и навредена со тоа што се изедначува со кучињата, не престанува да Го моли Христа нашиот Бог и Спасител. Господ Исус Христос ова споредување со кучињата, не го направил со цел да ја навреди оваа жена, туку да покаже дека само упорната, постојана истрајна молитва, може да прави чуда.
Кога жената рекла: „Да Господи, но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на господарите нивни“ (сп. Мат. 15, 27). Кога таа го поднела и ова понижување, само за да и се исполни желбата т.е. да биде излекувана нејзината ќерка, која била измачувана од бес, тогаш Господ пред сите присутни рекол: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја!” (сп. Мат. 15, 28).И во тој час оздраве нејзината ќерка.
Браќа и сестри, молитвата е нешто големо. Молитвата е всушност рамна со верата. Ние знаеме дека има три добродетели, кои се многу битни за спасението на човечкиот род, а тоа се: верата, надежта и љубовта. Еве оваа жена, која по род била многубошкиња, а многубошците не верувале во Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, туку верувала во многу богови т.е. таа им се поклонувала и им служела на измислените од луѓето идоли, кумири и кипови. Еве, таа сега наеднаш собрала голема сила и поверувала дека Христос, нашиот Бог и Спасител, е вистинскиот Бог, Кој предвечно се раѓа од Отецот, во Кој што сите луѓе треба да веруваат.
Па така, кога таа длабоко поверувала, и не само што поверувала, туку покажала истрајност во верата и големо трпение, а трпението, е одраз на силната вера.
Веднаш се поставува прашањето: која е разликата измеѓу верата и молитвата? Многу тенка е таа граница или линија измеѓу верата и молитвата. Всушност оној што верува, тој мора и да се моли, или оној што се моли, мора да има вера. Верата не оди без молитва, ниту молитвата оди без верата. Што значи верата и молитвата, се скоро исто, зашто оној што не се моли, тој, браќа и сестри, нема вера, а и оној што мисли дека верува, а не се моли, и тој нема вера.
Па затоа, вистинската вера, е онаа, која е пропратена со молитва. Што се однесува до љубовта и надежта, надежта е всушност надеж дека она што ние не го гледаме, во него веруваме и се надеваме дека тоа еден ден ќе дојде.
Па така, верата, молитвата и надежта, се многу битни за спасението на луѓето. Имено, Свети апостол Павле вели дека само љубовта останува.Зошто? Затоа што кога ќе дојдеме во Царството Небесно, верата ќе престане, зашто очи во очи ќе Го гледаме Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светот Дух, Мајката Божја и Сите Свети. И надежта ќе престане, затоа што нема повеќе во што да се надеваме, зашто го гледаме тоа во што сме верувале, па така останува само љубовта, зашто љубовта, браќа и сестри, е Самиот Бог, Отецот и Синот, и Светиот Дух.
И затоа кога ние се молиме, треба да се молиме искрено. Имено, молитвата треба да излегува од нашето срце, од нашата душа и од нашите чувства.
Каква треба да биде молитвата? Молитвата треба да биде со вера, зашто без вера нема молитва. Исто така, молитвата треба да биде истрајна, а тоа значи дека ние не треба никогаш да престанеме со молењето, дури и тогаш кога постојано имаме искушенија, страдања и маки во нашиот живот, зашто единствено Оној што може да нè ослободи од страдањата, маките и искушенијата, е Самиот Бог. Кажано е дека ако е со нас Бог, кој може да биде против нас.
Вистинските христијани, браќа и сестри, се вистински победници преку молитвата, кои постојано го воздигнуваат својот ум, срце и дух на небото. Тие духовно се небесни граѓани, а тука на земјата се времени гости т.е. патници, кои патуваат извесно време и нивниот пат ќе заврши.
Па така, знаејќи дека вистинските христијани, се гости и патници во овој свет, тие не се приврзуваат за земните и, материјалните богатства, туку истите им служат само како средство за да го задобијат Царството Небесно.
Затоа, браќа и сестри, ние сме должни да се угледаме на оваа прекрасна жена Хананејка, за која слушнавме од Светото Евангелие како упорно Го моли Господа Исуса Христа да и помогне. Таа не ја зела својата ќерка со себе за да ја види Господ, бидејќи длабоко верувала дека Господ неа може да ја излекува преку нејзината упорна молитва, што и се докажало.
Во Светото Писмо имаме еден друг случај, кога еден човек, го донел својот болен син во подножјето на гората Тавор, да го излекуваат Апостолите, но тие не можеле, па таткото Му се обратил на Христа нашиот Бог и Спасител со зборовите: „Ако можеш излекувај го мојот син, кој страда од бес“ (сп. Марко 9, 22), а Господ му одговара: „Ако можеш да поверуваш?” (сп. Марко 9, 23) Што значи ние, браќа и сестри, можеме да се излекуваме од секаква болест, ако имаме вистинска вера во Бога. Ете, затоа на овие зборови на таткото од ова момче, Господ рекол: „Ако веруваш“ (сп. Мат. 9, 23). Што значи ако имаме вистинска вера во Бога, ќе ни биде исполнета молитвата. Господ Исус Христос вели: „Сè што ќе побарате со вера, ќе ви биде исполнето“, но не и она што не е за спасение на нашите души, туку само она што е за спасение.
Во Светото Писмо имаме многу примери дека треба да имаме силна, истрајна и трпелива вера во Бога. Да си спомнеме за Сара, која била нероткиња, која Го молела Бога да и даде чедо, чија молитва не престанала ни во деновите на нејзината старост. Таа на 90 годишна возраст добила син, бидејќи постојано се молела на Бога, па затоа Господ и во 90-тата година и дал чедо.
Истото тоа се случило и со првосвештеникот Захариј и праведната Елисавета, роднината на Пресвета Богородица, кои во одминати години добиле чедо, бидејќи постојно се молеле на Бога.
Какви треба да бидат нашите молитви? Кога се молиме, ние обично велиме: „Господи сакам тоа и тоа да ми дадеш веднаш, а ако не ми го дадеш веднаш, не верувам во Тебе“. Ете, затоа ништо не добиваме, бидејќи Господ го чека нашето вистинско верување во Него т.е. чека да станеме добри луѓе, кои нема да им прават зло на луѓето, да им завидуваат, да лажат, крадат и.т.н.
Во Царството Небесно, браќа и сестри, не може да се оствари она што го бараме, а не е корисно за нашето спасение. Колку мина барале да имаат деца, па немаат, но ако имаат љубов кон Бога, Господ тогаш ќе им даде, ако не телесни, духовни чеда. Колку мина, пак, не сакаат деца, па се раѓаат, но незнаат да ги воспитаат, па им се случува според народната поговорка: оф за деца, оф од деца.
Ете, тоа е нашиот постојан проблем, зашто кога бараме, не треба да бараме само да ни се родат деца, туку истите треба да ги воспитаме во нашата Света Православна Вера. Не заборавајте дека и оние што ги изгубиле своите деца по раѓањето или додека биле мали, тие не се умрени, тие се живи во Царството Небесно ако се крстени.
Нашата вера треба да биде делотворна, а верата е делотворна, тогаш кога ние упорно настојуваме да веруваме во Бога. Престана ли молитвата, нема повеќе вера, а нема ли вера, нема ни спасение.
Каква треба да биде молитвата и каде треба да се молиме? Ние, браќа и сестри, треба да се молиме секогаш и на секое место. Што значи, ние каде и да се наоѓаме, треба да се молиме, но најсилна е молитвата на заедницата. Молитвата на заедницата, е молитвата на литургијата. Зошто? Затоа што тука на Светиот Престол, се случува најголемото чудо. Имено, за времето на Канонот на Евхаристијата, благословениот Леб, се претвора во Тело Христово, а благословеното Вино, се претвора во Крв Христова. Причесната т.е. Телото и Крвта Христова, ние духовно ги примаме во нашите телата и души. Молитвата на заедницата, е најголемата и најсилна молитва. Таму каде што верниците се собрани околу својот Епископ, заедно со свештениците и ѓаконите, таму е најсилната молитва. Од таа молитва, посилна нема, зашто Господ Исус Христос рекол: „Таму каде што се собрани двајца или тројца во Мое име, таму меѓу нив Сум и Јас“ (сп. Мат. 18, 20). Значи на Божествената Литургија, ако сме се собрале во името на Христа, нашиот Бог и Спасител, таа молитва е најсилна од сите молитви.
Па затоа, браќа и сестри, да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, бидејќи таа е најголемата посредничка за исполнување на нашите молитви и желби, за да се избавиме од искушенијата, маките, страдањата, болестите и од сè што нè измачува.
Еве, како што слушнавме во денешното Свето Евангелие, посредничка за да се излекува болната девојка, која била измачувана од нечист дух, била нејзината мајка. Овој прекрасен пример, е доказ дена ние треба да се молиме и застапуваме за другите, а Оној, Кој може да нè спаси, е Синот Божји, Христос Спасителот наш. Некој друг може да нè спаси, освен Синот Божји, Кој е и наш застапник пред Отецот.
Ете, така треба да се молиме, а не како што денес таканаречените гури духовници ги учат луѓето ним да им се обраќаат за помош, а не на Христа, Мајката Божја, светителите, бидејќи тие се најсвети и најдостојни. Ниту најголемите верници, ниту најголемите ѓакони, ниту најголемите свештеници, ниту најголемите владици, не сме ништо пред Бога Спасителот. Никој не треба да го почитува и сака повеќе неговиот духовник, отколку Бога и светителите. Сите оние што на нивните телефони место Христовата икона, ставаат слики од нивните духовници, без оглед дали се тоа ѓакони, свештеници или владици, намаат вистинска вера во Бога, и истите се слуги на оној (сатаната) што ги мами луѓето. Нас никој не може да нè спаси, освен Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Амин!
По молитвите на Света Ксенија Римјанка, Света Ксенија Петроградска и Светиот Македониј Сириски, на кои денес споменот им го празнуваме, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар