На 01.05.2022 г, во Неделата на Антипасха – Томина недела, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Влатко Ристески и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирската црквата „Св. Илија“, во село Дрен.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Дури не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам” (Јован 20, 25).
Вака, браќа и сестри, одговорил Светиот апостол Тома, кому е посветена оваа недела по Воскресението Христово, на кажувањето на другите Свети Апостоли, дека го виделе Господа Воскреснат. Во моментот кога тие биле собрани во една соба со заклучена врата, заради страв од Јудеите, тогаш Спасителот Господ Исус Христос, влегол низ заклучената врата, и му се обратил на Тома со зборовите: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверен, но верен!” (Јован 20, 27). А Светиот апостол Тома, кога се уверил дека тоа е вистинското тело на Спасителот наш Господ Исус Христос, извикал со силен глас: „Господ мој и Бог мој!” (Јован 20, 28).
Зошто се случил овој настан, браќа и сестри, во првата недела по Велигден? Овој настан се случил, бидејќи имало еден од апостолите кој сакал да се увери во Христовото Воскресение со допирот на своите раце, да го слушне Неговиот глас, и да го види. Ние велиме дека тоа е таканаречениот емпириски начин на суштествување (постоење) на нештата, на предметите, на земјата, и на сè она што е материјално. Тука станува збор за тоа, дали навистина Христос Воскреснал со Неговото материјално Тело, а не со некое духовно, измислено тело. И затоа, не само Тома, туку и сите оние што мислат дека не се случило Христовото Воскресение, еве им прекрасен пример, со Светиот апостол Тома, кој се уверил во Христовото Воскресение, кога Спасителот Христос влегол низ заклучена врата во собата каде што апостолите биле собрани поради страв од Јудеите.
Но Господ Исус Христос, Кој му рекол на Светиот апостол Тома „дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверен, но верен!” (Јован 20, 27), не застанал тука, туку го продолжува дијалогот со него и му вели: „Тома, ти поверува, оти Ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале!” (Јован 20, 29).
Во што е разликата, браќа и сестри, помеѓу Томиното гледање и слушање на Христа, и допирот што го направил? Допирот, слухот и погледот, не се вера, туку тоа се докази, со кои се докажува дека нешто постои. А верата, браќа и сестри, според зборовите на апостол Павле – е жива претстава за она, на кое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа. (Евер. 11, 1). Вистинската вера е исповедање на сè она што е напишано во Светото Писмо, во Стариот и Новиот Завет, и она што е раскажано од Апостолите и Светите Отци на Вселенските и Помесните Собори.
Спасителот наш Господ Исус Христос, веднаш по Воскресението, почнал да се јавува, за да потврди и докажи дека Неговото Воскресение од мртвите не е лажно, туку вистинито.
Првите сведоци на Неговото Воскресение, биле Неговите непријатели, односно војниците кои чувале стража околу гробот, и виделе како каменот од гробот се одвалил, и како печатите кои биле на гробот пукнале, и како од гробот Господ Исус Христос се кренал, воскреснал, и се вознел, и веднаш потоа како што пееме во една од црковните песни, и се јавил на Неговата Света Мајка, Пресвета Богородица. Прва, според Светото Предание, која го видела Христа Воскреснатиот е Пресвета Богородица.
Потоа од Светото Евангелие дознаваме дека Марија Магдалина која, со другите жени мироносици, тргнала да го помаже Христовото Тело, бидејќи Евреите имале обичај да ги помажуваат мртвите со мириси, за да не мирисаат, и кога таа и другите жени дошлe до гробот, и влегле во него, ангел Божји кој седел на гробната плоча им се јавил и им рекол: „Не бојте се; знам дека Го барате Исуса распнатиот; не е овде, воскресна, како што беше рекол; дојдете и видете го местото, каде што лежел Господ, па отидете бргу и кажете им на учениците Негови, дека Он воскресна од мртвите (Мат. 28, 6-7).
По средбата со ангелот, откако Марија излегла од гробот, и Христос и се јавил, но таа не го препознала, бидејќи мислела дека Он е градинарот што ги чува гробовите и ги украсува со цвеќиња. Но кога Марија Магдалина го слушнала Неговиот глас, извикала: „Равуни” – што значи „Учителе!” (Jован 20, 16), и сакала да се допре до Него, и да му ги целива нозете, но Господ и рекол: „Не допирај се до Мене, оти уште не сум се вратил при Мојот Отец“ (Јован 20 17). Потоа Марија им кажала на другите жени мироносици, а овие жени мироносици, заедно со Марија Магдалина, оваа радосна вест за Воскресението Христово, им ја соопштиле на апостолите.
Апостолите, браќа и сестри, веднаш штом ја слушнале оваа радосна вест, потрчале кон гробот за да се уверат, а Свети апостол Петар, кој трипати се одрекол од Христа, при средбата со Него по Воскресението три пати ќе го исповеда за вистински Бог.
Потоа Христос им се јавува на апостолите во Галилеја, и на петстотини браќа, потоа им се јавува кога апостолите биле собрани заедно без Тома, а еве на денешен ден, Христос им се јавува на апостолите кога со нив бил и апостол Тома.
Спасителот Христос, исто така им се јавил и на двајцата патници, односно на апостолите Лука и Клеопа, кои паувале за селото Емаус. Господ ним им се придружил кога патувале, но тие не го препознале. Кога започнале да разговараат, Христос почнал да им ги објаснува Писмата, односно, им зборувал за сè она што е кажано за Него во целото Писмо. Кога се приближиле до селото Емаус, Господ Исус Христос, сакал да продолжи, но тие му рекле: „Остани со нас, оти денот превали и наскоро ќе се стемни!” (Mат. 24, 29).
Потоа тие влегле во селото во една куќа, каде имало поставено трпеза, на која имало леб и вино, а Христос кога го зел лебот, заблагодарил на Отецот, и го благословил заедно со виното, а тоа значи дека направил, Литургија, како што и ние денес, овде на оваа Света Трпеза отслуживме Света Литургија. На Светата Литургија, браќа и сестри, благословениот леб се претвора во Тело Христово, а благословеното вино, во Крв Христова. Па така, Причесната не е ништо друго, освен Телото и Крвта на Господа наш Исуса Христа.
А оние браќа, кои сега јадат надвор, и не учествуваат во Светата Литургија, прават голем грев, бидејќи му се противат на Бога, и му угодуваат на ѓаволот. Ние секогаш треба предност да му даваме, прво на духовното, па после на телесното. Прво треба да се причестиме, па потоа да јадеме и да пиеме. Значи треба да се подготвиме и да се причестиме, ако сакаме да се спасиме, а ако тоа не го посакуваме, тогаш ќе јадеме и пиеме, како оној богатиот што рекол: „Душо моја, јади, пиј и весели се, бидејќи имаш многу добрини за многу години“. Но ноќта истиот тој богаташ умрел, и ѓаволот ја зел неговата душа, и не се спасил. Така и ние треба да внимаваме.
Во празничните и неделните денови, ние прво треба да одиме во Црква и да земеме учество во Светата Литургија. А денеска, многумина наши верници, дојдоа не за да присуствуваат на Литургијата и да се причестат, туку да јадат и да пијат надвор, и да се веселат. Ваквите верници, неможат да го наследат Царството Несесно, бидејќи формално доаѓаат во Црква, не почитувајќи ги правилата на Црквата. Господ рекол: Не секој што Ми вели, ‘Господи, Господи, ќе влезе во Царството небесно, туку само оној кој што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен“ (Maт. 7, 21). Па така, браќа и сестри, кога овие нешта ги знаеме, треба секогаш да бидеме одговорни во нашите постапки и однесувања.
Нема поголема радост, од Велигденската радост! Ние токму затоа, од Велигден до Спасовден, не се поздравуваме со никаков друг поздрав, освен со поздравот: Христос Воскресна! Навистина Воскресна! Ете, тоа е вистинското поздравување, особено во овие денови, од Воскресението Христово, до Вознесението Христово.
Ние, браќа и сестри, треба да знаеме дека во овие Велигденските денови, треба да ги исполнуваме Божјите Заповеди, односно да правиме она што е најдобро.
Во првата седмица од Велигден, која се вика Светла Седмица, ние сите служби што ги служиме, се исти како Велигденската служба. Овие денови се сметаат како еден ден. А денешниот ден, кој уште се нарекува и Антипасха, е всушност таканаречениот осми ден. Што значи осмиот ден? Осмиот ден, не е материјален ден, не е ден поврзан со сонцето, месечината, ѕвездите, со стемнување или разденување. Осмиот ден – е денот во Царството Небесно. Осмиот ден – е рајот, браќа и сестри! И токму затоа овој осми ден, ни укажува на тоа, дека кога ќе завршат сите други денови на земјата, по Второто Христово доаѓање, тогаш ќе влеземе во вечниот и непреоден живот. Во тој живот како што вели Господ: „кои правеле добро – ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување“ (Јован 5, 28). Затоа, во овој голем и спасоносен ден на нашата Света Црква, да го запомниме, и да го праославуваме како вистински спасоносен ден. Затоа ни е дадена оваа недела, која е именувана како Томина недела, за да не бидеме неверни, туку да бидеме верни, и сè она што ни е проповедано и пренесено во Светото Писмо и Светото Предание, треба да го исполнуваме ако сакаме да се спасиме. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар