На 03.07.2022 г., во Третата недела по Педесетница, кога го празнувавме споменот на Светиот Наум Охридски, Чудотворец, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Атанас Лажовски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Свети Наум Охридски“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Блажени се бедните по дух, зашто нивно е Царството Небесно“ (сп. Мат. 5, 3).
Еден од оние, браќа и сестри, кој е блажен поради бедност на духот, кој сè што имал и постигнал, сметал дека Му припаѓа на Бога, е денешниот славеник, Светиот Наум, Охридскиот Чудотворец, кој е од нашиот Македонски род, без оглед како тогаш луѓето се нарекувале т.е. дали Словени, Македонци или Мизијци, важно тој е од нашиот род.
Свети Наум, заедно со Свети Климента, е еден од најдаровитите ученици на Светите браќа Кирил и Методиј, кои во втората половина на деветтиот век, ги просветлиле сите Словенски народи, па ако денес погледнеме колкав е бројот на православни христијани од словенските народи, ќе констатираме дека најголем е бројот на христијаните од словенскиот род, а тоа е дело на Светите браќа Кирил и Методиј и на нивните Свети ученици, Свети Климент и денешниот славеник Свети Наум, Охридскиот Чудотворец, (Сава Горазд и Ангелариј).
Сети Наум, заедно со Свети Климент, бил придружник на Светите браќа Кирил и Методиј, во нивните славни мисии што ги извршувале, како што е онаа на Исток меѓу Сарацените, на североисток кај Херсон, меѓу Хазарите, и онаа најславната мисија во Моравија и Панонија, која ја извршиле по покана на Моравскиот цар Ростислав.
Свети Наум и Свети Климент, како најблиски ученици на Светите браќа Кирил и Методиј, се покажале како нивни достојни последователи, не заборавајќи го нивниот аманет да го продолжат нивното Свето дело.
Па така, под притисокот на тогашните латини, Свети Климент, со Свети Наум, Сава и Ангелариј, преку Дунав, од Боритакан, тогашниот бугарски болјар и совладетел на цар Борис, биле испратени во Плиска, во престолнината на Бугарското царство, каде што веднаш по пристигнувањето, не можејќи да се помири со тоа дека почнува да се урива делото на Светите браќа Кирил и Методиј, односно да се упростува глаголицата, а можеби и поради тоа што не можел да ги поднесе многубожечките обичаи на Бугарите во Плиска, Свети Климент бил испратен во Кутмичевица, која зафаќа област околу Охридското езеро, јужна Албанија до Авлона, и најверојатно цела Македонија. Ете, затоа Свети Климент од нашата Света црква е земен како патрон на Македонската Православна Црква, зашто во тоа време јуриздикцијата на неговата епархија се протегала низ цела Македонија, каде ја извршувал мисијата на нивата Господова, како апостол Христов меѓу Словените на Балканот, особено во Македонија. Не случајно, Свети Климент, од Теофилакт, Охридскиот Архиепископ, авторот на опширното житие на Свети Климент, е наречен „втор Павле“, зашто делото кое го направил Свети апостол Павле во Македонија т.е. во Филипи, Солун, Бер и во другите места во Македонија, основајќи ги првите црковни општини и проповедувајќи го словото Божјо, најнапред во Македонија, а потоа и во цела Европа, ете, тоа дело сега меѓу Словените го продолжува Свети Климент.
Свети Климент, после Свети Методиј, е првиот словенски епископ на Балканот, кој го завршува своето дело во 893 година како учител и проповедник во Македонија, односно во Кутмичевица.
Понатаму, Свети Наум, во 893 година, доаѓа во Кутмичевица, за да го продолжи учителското дело на Свети Климента. Но Свети Наум, браќа и сестри, е оној, кој повеќе го сакал тихувањето и манастирот т.е. сакал целосно да Му се посвети на Бога, одвојувајќи се од народот, не заради тоа што не сакал да е со него, туку можеби подеднакво уште повеќе да е со него, зашто постојано се молел на Бога за народот Божји. Монасите и подвижниците, не се подалеку од народот, туку се многу поблиски до народот, зашто тие постојано го имаат народот во своите молитви, во своите мисли и во своите чувства.
Па така, Свети Наум основал и манастир на брегот на Охридското езеро, посветен на Светите Архангели, каде се собрало мноштво на монаси, каде монашката заедница почнала да цути.
Во тој период на Православната Црква, таа монашка заедница која ја основал Свети Наум, е една од најголемите монашки заедници, не само во Македонија, туку и на Балканот, а можеби и пошироко.
Ете, делото на Свети Наум, вродило со плод. Свети Наум, уште за време на својот живот на земјата, се покажал како голем светител и подвижник. Нема да ги набројуваме неговите чуда што ги направил, доволно е само да се спомне дека и животните му се покорувале, како што е она чудо со мечката, која го изела манастирскиот вол, на која Свети Наум и наредил да биде впрегната во јаремот со другиот вол и да ора.
Но не само тоа, Свети Наум лекувал од секакви разни болести, како што слушнавме од денешното Свето Евангелие дека Господ Исус Христос кога бил на едно рамно место, каде имало собрано многу народ, се сожалил на нив и ги лекувал од сите болести.
Откако Господ Исус Христос излекувал многумина од секакви разни болести, ги кажал блаженствата.
Првото блаженствато гласи: „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е Царството Небесно“ (сп. Мат. 5, 3). Кои се бедни по дух, браќа и сестри? Бедни по дух се оние што се смирени, кои не мислат за себе дека се тие некои и нешто и кои се сметаат себеси за најголеми грешници.
Ни нема спасение, браќа и сестри, доколку не се сметаме себеси за најголеми грешници, како што рекол Светиот апостол Павле: „Јас сум најголемиот грешник во свето, првиот меѓу грешниците“. Само тие луѓе, кои себеси ќе се почувстуваат дека се најголеми грешници, први меѓу грешниците, како Свети апостол Павле, ќе се спасат. Само преку покајание и признавање на нашите гревовите, преку правење на добри дела, спротивни на нашите гревови, можеме да очекуваме спасение, браќа и сестри.
Таков бил и Свети Наум, денешниот славеник. И ете, оние што се понижиле, како што вели Светото Писмо, дека Господ Исус Христос ги избрал слабите, за да ги понижи силните, ги избрал простите, за да ги понижи таканаречените учени, како што и денес многумина интелектуалци во нашиот православен народ, па и во Црквата, кои за себе мислат многу високо, ама за верата многу малку или ништо не знаат, но и тоа што го знаат во живот не го спроведуваат.
Затоа, возљубени во Христа, Свети Климент вели дека ние треба да имаме очи, а тоа значи да си ја знаеме верата, но да имаме и нозе, а тоа значи верата да ја преточиме во живот. Свети Климент вели дека ако некој има очи и ја гледа целта каде што треба да стигне, а нема нозе, односно не живее според верата, не може да стигне до целта, и обратно, ако некој мисли дека со тоа што ќе живее набожно, а ништо не знае за верата, и тој не може да стигне до целта т.е. до Царството Небесно, зашто попусто се нозете, ако немаме очи да видиме каде одиме, бидејќи е кажано во познатата поговорка: „Слеп ако слеп води, двајцата во дупка ќе паднат“.
Ете, браќа и сестри, Свети Наум е таа личност од нашиот Македонски род, кој и тој како и Свети Климента извршил рамноапостолно дело.
Па така, Свети Наум, како што кажавме на почетокот, за време на својот живот станал светител почитуван од народот.
Свети Наум, како што слушнавме од денешното Свето Евангелие, не заборавил дека она што кажал Христос во денешното Свето Евангелие, дека „блажени се гладните, зашто ќе се наситат“ (сп. Мат. 5, 6). А кои се тие што гладуваат? Тие се оние што гладуваат за правда Божја и за еднаквост меѓу луѓето.
Еве ни прекрасен пример во денешниот славеник Свети Наум, Охридскиот Чудотворец, кои ги исполнил сите Божји Заповеди, па затоа се преославил, браќа и сестри.
Тој своето тело го уподобил на телата на многу други подвижници и светители на Црквата Божја, како Свети Марија Египетска, која повеќе личела на скелет отколку на жена со тело. Такви подвизи правел и Свети Наум. Па така, неговото тело, станало храм на Светиот Дух, како што вели Свети апостол Павле: „Зар не знаете дека телата ваши, се создадени да бидат храмови на Светиот Дух!“ (сп. 1. Кор. 3, 16).
Еве го денешниот славеник, кој ни покажал на дело дека неговото тело е храм на Светиот Дух, бидејќи благодатта Божја, светлината Божја, несоздадените Божји енергии, се вселиле во неговото тело, очистувајќи го неговото срце, неговата душа и неговиот ум. Преку благодатта Божја, неговто срце било очистено од секаква телесна и душевна нечистотија, од секакви телесни желби, телесни чувства, телесни похоти, страсти и грешни дела. Неговиот ум бил просветлен преку несоздадени Божествени енергии, кои се нарекуваа благодат Божја, за во него да не влегуваат никакви грешни мисли, грешни помисли и фантазии.
Од таму, оваа голема светиња, благодатта Божја, го осветила неговото тело и го обожила, како што е обожено телото на сите светители, маченици и исповедници на Црквата Христова.
Обожувањето, браќа и сестри, доаѓа преку Христа, Кој благоволил да ја земе нашата човечка природа и врз Себе да ги земе гревови на сите луѓе од постанокот, па до крајот на светот, и да пострада за нас на Крстот, а потоа по Воскресението, да се вознесе на небесата во четириесеттиот ден, за да ја прослави нашата човечката природа преку Своето тело, седнувајќи од десната страна на Бога Отецот.
Христос беше потполно еднаков човек на нас грешните во сè освен во гревот. Синот Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, излезе од прегратките на Отецот, дојде во светот, се всели во Пресветата утроба на Мајката Божја, Пресвета Богородица, се роди на Божик, кој за два дена треба да го прославуваме, растеше како што растеа сите деца, а кога наполни триесет годишна возраст, стана Учител за да може да проповеда, според Еврејскиот Закон. Спасителот Христос, три ипол години го проповедаше Своето Слово, Својата Божествена Наука, а потоа како што беше претскажал во третиот ден по Неговото распнување на Крст, Воскресна, а во четириесеттиот ден се Вознесе на небесата.
Ете, браќа и сестри, тоа е нашата наука, тоа е учењето на нашата Света Православна Црква, која доследно ја исполнил таа наука, ги извршил сите тие заповеди, денешниот славеник Свети Наум, Охридскиот Чудотворец, на кого нека му е слава во веки веков. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар