На 20.07.2022 г., кога го празниваме споменот на Светата Великомаченичка Киријакија (Недела), Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Пенчо Пусоски, Љупчо Атанасов, протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски и ѓаконот Александар Маргулевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченица Недела, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Мојот живот, е да умирам за Христа мојот Бог и Спасител“.
Браќа и сестри, вака говорела Светата Великомаченица Недела, на која денес споменот и го празнуваме и на која е посветен овој свет храм.
Света Недела, е светителка, која е измолена од Бога со горешти молитви од нејзините родители Доротеј и Евсевија. Родена е во Никомидија, и уште како дете била воспитана во нашата Света Православна Вера. Живеела во втората половина на III век т.е. во 285 година, и уште од малечка целосно Му се посветила на Христа нашиот Бог и Спасител. Била прекрасна по својата телесна убавина, а уште поубава со нејзината духовна убавина. Света Недела растела и се воздигнала на светителски степен. Ете, оваа млада и прекрасна девојка, по која копнееле многу момчиња, кои сакале да ја земат за жена, рекла дека има само еден жених, а тоа е Христос нашиот Бог и Спасител, за Кого вели дека нејзиниот живот, е да умре за Него, за Христа нашиот Бог и Спасител.
Кога царот Диоклицијан дознал дека има таква прекрасна девојка, се распрашал кои се нејзините родители, па кога дознал дека се христијани, ги испратил во градот Милитини, каде биле измачувани на разни мачења и пострадале за нашата Света Православна Вера. Царот Диоклицијан, потоа и се додворувал на Света Недела, велејќи и дека ако принесе жртва на римските измислени богови, на кои им се поклонувале, од кои честопати проговорувале нечистите духови (демоните), ќе стане жена на синот на царот. Света Недела рекла: „Јас сум невеста на Царот на сите цареви што постојат, на Христа нашиот Бог и Спасител“. Тогаш го опоменала царот и му рекла дека треба да се откаже од тие многубожечки и измислени, од луѓето, богови и да му се поклони на Христа нашиот Бог и Спасител.
Царот не можејќи да ги поднесе ваквите кажувања на Света Недела, ја предал на својот совладетел Максимијан, кој исто така ја измачувал и барал начини таа да се убеди да стане жена на неговиот син, но кога и тоа не се случило, тој тогаш ја предал на Иларион, кој исто така бил еден од царските заповедници. Па така, откако и овој не успеал да ја убеди со различни мачења т.е. тепање со воловски жили, ставање на железни шипки во нејзините уши, тогаш била предадена на Улусијан, кој продолжил да ја измачува. Но и тој не можејќи да ја убеди да се откаже од правата и вистинска наша Православна Вера, била погубена кон крајот на III век, и пострадала за Христа нашиот Бог и Спасител.
Денеска ние, кога ја прославуваме оваа Божја угодничка, Светата Великомаченица Недела, се поставува прашањето како треба да ја прославуваме, не само неа, туку и сите маченици за нашата Света Православна Вера?
Браќа и сестри, јасно е дека Света Недела единствено што постојано го имала во своите мисли, чувства и желби, била мислата за Христа нашиот Бог и Спасител. Нејзините желби, биле желби постојано да Му угоди на Христа нашиот Бог и Спасител, Кој заради нас пострадал на Крст и ја пролеал Својата Света Крв. Токму затоа Света Недела вели: „Мојот живот, е да умирам (заради) него, не заради нешто друго, туку заради тоа што и тој умрел за мене“, заради тоа што Тој умрел за нас христијаните, браќа и сестри, за да не избави од гревот и смртта и да нè врати повторно во единство со Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Ете, така Света Недела се молела и живеела. Ако таа така мислела, правилно ќе ја прославуваме и ние ако така мислиме. Таа постојано своите желби ги упатувала кон Бога и копнеела по Бога. А и ние правилно ќе ја прославуваме, ако и ние копнееме по Христа нашиот Бог и Спасител. Света Недела постојано Му се молела на Бога, и ние ако постојано Му се молиме на Бога, правилно и вистински ќе ја прославиме Светата Великомаченица Недела, бидејќи таа правела и многу добри дела, па и ние правејќи добри дела, не во наше или друго име, туку само во името на Христа нашиот Бог и Спасител, така правилно ќе ја прославиме Светата Великомаченица Недела.
Таков треба да биде нашиот живот, ако сакаме правилно да ја прославуваме, не со прејадувања, како што тоа го правиме на славите и празниците, кои ги празнуваме. Луѓето мислат дека празникот се состои од тоа, како што рекол оној богат човек: „Душо моја, јади пиј и весели се, бидејќи имаш многу богатства за многу години„ (сп. Лука 12, 19). Господ му вели: „Уште ноќеска, (сатаната и демоните), ќе ти ја земат душата твоја, и тоа што си го подготвил, на кого ќе остане?“ (сп. Лука 19. 20).
И ние, браќа и сестри, да не мислиме така, оти сè што ќе спечалиме тука, истото не можеме да го однесеме во гробот. Тоа ќе остане на некој, кој можеби на коцка ќе го потроши. Затоа немојте да ги богатите вашите деца со земни, материјални и преодни богатства, кои немаат ништо заедничко со Царството Небесно.
Нашето богатство, е ние да го задобиеме Светиот Дух и Царството Небесно. А што е Царството Небесно? Царството Небесно, е живот во идниот век, а животот во идниот век, се печали не по нашата телесна смрт, туку тука на земјата, во овој краток наш живот, кој за некого е сосема краток т.е. само што се родил од утробата на својата мајка, го завршил животот. Други, пак, како деца умираат, некои како момчиња и девојчиња, а некои како старци и престарени луѓе, но не е битно во која возраст ќе умреме, битно е како ќе умреме, како што вели Свети апостол Павле: „На човекот му претстои еднаш да умре, а потоа суд“ (сп. Евер, 9, 27).
Што значи, секој крај на земниот живот, е суд, браќа и сестри. На крајот од нашиот земен живот, е времениот Суд, пред кој ќе треба да дадеме одговор на Бога, откако ќе умреме во четириесеттиот ден по смртта. Затоа и се прават тие четириесет дневни парастоси и помени, за да се смилостиви Бог на душата на починатиот, кој преминал од овој во оној свет, минувајќи низ митарствата. По телесната смрт, која е всушност разделување на душата од телото, човекот, е како во сон и спиење.
Не случајно Господ Исус Христос, кога Му рекле дека Неговиот пријател Лазар умре, Тој рекол: „Лазар не умре, туку заспа“ (сп. Јован 11, 11). Што значи, на крајот од нашиот живот, кога душата ќе се раздели од телото, тоа е сон или спиење, бидејќи тогаш во тој период до Христовото повторно доаѓање на земјата и големиот Страшен Суд, човекот ништо не може да направи, бидејќи не е човек, затоа што кога душата ќе се раздели од телото, човекот не е човек, туку разделени суштества, бидејќи душата е на едно, а телото е на друго место.
Човекот е човек, само тогаш кога душата е заедно со телото. Затоа на крајот на светот, кога ќе биде Страшниот Христов Суд, ќе се соединат душата и телото, и нам како на луѓе со душа и тело, ќе ни биде судено, како што читаме во Светото Писмо. Тогаш оние кои правеле добро, Господ ќе ги постави од Неговата десна страна, како овчарот што ги одделува овците од козите, кои ги поставува од неговата лева страна. На оние што се од десната страна ќе им рече: „Дојдете благословени од Мојот Отец и наследете го царството, кое ви е приготвено од почетокот на светот“ (сп. Мат. 25, 34), а на тие од левата т.е. на грешните и недостојните ќе им рече: „Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели“ (сп. Мат. 25, 41).
Ете, имајќи го предвид сето ова, а и животот на Светата Великомаченици Недела, кажувајќи ви како ние треба да го минуваме вашиот живот, тука на земјата, браќа и сестри, не можеме поинаку да ги прославуваме светителите, освен онака како што тие живееле. Што значи да го усогласиме нашиот живот со нивниот живот т.е. ако биле подвижници, и ние да се подвизуваме, ако постеле, и ние да постиме, ако постојано се молеле, и ние да се молиме, ако постојано на Бога мислеле, и ние постојано на Бога да мислиме, ако постојано ги сакале сите луѓе, и ние да ги сакаме сите луѓе, односно да ги исполнуваме Божјите Заповеди, како што е кажано како одговор на прашањето на оној богат млад човек, кој Му се обратил на Христа и Го прашал: „Која е најголема Заповед?“, а Христос му рекол: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сиот свој ум, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!“ (сп. Лука 10, 27).
Ете токму така постапувала Светата Великомаченица Недела, па ние ако сакаме вистински да ја прославиме, нашиот живот треба да го уподобиме на нејзиниот. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар