На 20.01.2022 г., кога го празнувавме Соборот на Свети Јован Крстител, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев и протоѓаконот Драган Георгиевски, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Ресен.
После Божествената Литургијата, според локалната традиција се изврши поделувањето на чесните крстови, кои како благослов се чуваат во текот на годината што доаѓа во домовите на верните, а идната година ги предаваат на други.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“ (сп. Мат. 3, 3), „и направете плодови достојни за покајание!“ (сп. Мат. 3, 7)
Возљубени браќа и сестри, Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител на Спасителот наш Господ Исус Христос, е најголемиот човек роден од жена, како што вели Самиот Спасител.
Свети Јован Кристител, бил испросен од Бога со горешти молитви од неговите родители: Светиот Захариј и Света Елисавета, која била неплодна.
Молитвите, се најсилното оружје кое ни е дадено од Бога, со кое ние умилно и од длабочината на срцето и душата бараме од Него она што е потребно за нашето спасение. Господ ја исполнува секоја молитва, која е спасоносна и полезна за нашето спасение.
Па така, биле исполнети и молитвите на Светиот пророк Захараиј и Света Елисавета, родителите на Свети Јован Крстител. Но според Божјата волја, требало да се исполни се она што било пророкувано за овој голем Пророк и Претеча на Спасителот. Веднаш по неговото раѓање, бил убиен неговиот татко пророкот Захариј, чија крв се згрутчила во тремот на храмот, а потоа починала и неговата мајка.
Свети Јован бил чуван од ангелот Божји во една пештера во пустината, каде растел и се подвизувал, хранејќи се со див мед и скалулци, како што пишува во Светото Писмо. Кога дошло времето да проповеда, Свети Јован излегол на реката Јордан и со силен глас викал и ги укорувал книжниците, фарисеите, садукеите, старешините јудејски и првосвештениците, кои формално го извршувале Божјиот Закон, со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“ (сп. Мат. 3, 3). Ете, и секирата веќе лежи при коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган (сп. Мат. 3, 10).
Така им се обраќал и ги укорувал овој славен пророк, браќа и сестри.
Ете, после тоа доаѓа времето кога нему му е кажано дека треба да Го крсти Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос.
Свети Јован крстител, ништо не знаел за Спасителот наш Господ Исус Христос, бидејќи неговата единствена средба со Спасителот е онаа, кога неговата мајка Света Елисавета се сретнала со Пресвета Богородица, кога во нивните утроби заиграле младенците. Ете, сè до овој момент, Свети Јован Крстител Го немал видено Господа Исуса Христа, но му беше кажано: „Кога ќе Го видиш Оној ма кого што слегува Светиот Дух во вид на гулаб, Он е, Него треба да Го крстиш“, а Јован одрекувал да Го крсти Христа нашиот Бог и Спасител со зборовите: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли – доаѓаш?” (сп. Мат. 3, 14) „Како може слугата да ја положи раката врз својот господар“. А Господ му вели на Свети Јована: „Остави го сега тоа Јоване, бидејќи треба да ја исполниме секоја правда“ (сп. Мат. 3, 15).
Па така, Господ Исус Христос бил крстен од Свети Јована Крстител, а Свети Јован за Него рекол: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зема врз Себе гревовите на светот!“ (сп. Јован 1, 29).
Возљубени браќа и сестри, после сите овие нешта, познато е дека за Свети Јован Крстител, и старозаветниот пророк Малахиј говори: „ Ќе го испратам ангелот Свој, и тој ќе го приготви патот пред Мене“ (сп. Малах, 3, 1), односно дека ќе го испрати Ангелот Свој, пред Христа нашиот Бог и Спасител, односно Претечата, Светиот Славен Пророк Јован Крстител, за да ги порамни патиштата на Оној што треба да дојде.
Исто така, Спасителот Господ Исус Христос, за него кажал дека е најголемиот човек роден од жена, а при една прилика пред народот рекол: „Што сте излегле да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветрот?“ (сп. Мат. 11, 7). За Спасителот Христос, Свети Јована Крстител е пророк над сите пророци, поточно повеќе од пророк.
По крштение на Спасителот наш на реката Јордан, Својата проповед ја започнува со истите зборови на Свети Јован: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 4, 17).
И нашиот живот тука на земјата, браќа и сестри, зависи најмногу од овие зборови: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 4, 17), упатени од Свети Јован Крстител и од Господа Исуса Христа, од кои зависи дали ние ќе го наследиме Царстовто Небесно, и дали ќе бидеме заедно со Троичниот Бог, со Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Заради непослушноста и гордоста на нашите прародители Адам и Ева, дојде гревот, а преку гревот дојде и смртта, како вели што вели Светиот апостол Павле. Човекот не може да се спаси од гревот и смртта, ако не принесе достојни плодови на покајание. Преку Адама и Ева дојде гревот и смртта, па затоа дојде и Новиот Адам, Спасителот наш Господ Исус Христа, за преку Неговата послушност и смирение, да се спасиме. Спасителот Христос дојде во понижена состојба, т.е. благоволи да се роди во пештера, да биде положен во јасли, да биде понижуван од луѓето, да биде тепан, биен и плукан, неправедно да биде осуден и да биде распнат на Крст, заради нас и заради нашето спасение.
Ете, токму со тоа, Спасителот, ни покажал пример дека само преку смирение и послушност, ние можеме да се спасиме.
Зборот покајание, денеска е премногу обезличен. Денес оној што се кае, го сметаат за прост и едноставен човек. Обезличен е овој збор, а покајанието, пак, е света работа. Покајанието е свето, бидејќи тоа нè води во Царството Небесно.
За што ние треба да се каеме, браќа и сестри? Ние треба да се каеме за нашите гревови! Има ли човек, кој не е грешен?! Ако го читаме Светото Писмо, ќе видиме дека нема човек, кој се родил на земјата, а да не згрешил, освен Мајката Божја, Пресвета Богородица, која немала свои лични гревови, но го носела првородниот грев, т.е. гревот на нашите прародители Адама и Ева, сè до соопштувањето на радосната вест од Архангелот Гаврил, за раѓањето на Господа Исуса Христа.
Кога говориме за гревот, да се запрашаме, каде сме ние? Ние за жал, секогаш се споредуваме со таканаречените погрешни од нас. Секогаш кога така ќе помислиме дека нашиот брат, нашата сестра, нашиот ближен и било кој, е многу грешен, а ние сме подобри од него, знајте дека гордоста влегла во нас, а гордоста е причината за тоа што и самиот ангел Божји, ѕвездата деница, сатаната, отпаднал од Бога. Потоа на исти начин и нашиот прататко Адама и прамајката Ева, сатаната ги измамил со гордоста што во нив се јавила, сакајќи да станат богови без Бога. Свети апостол Павле вели: „Така Адам згреши и по гревот на Адама, дојде и смртта“.
А ние ако размислиме добро и ако погледнеме во нашите души и срца, откако сме се родиле, од нашето најрано детство, па до овој момент, ќе видиме дека пливаме во гревови. Ние денес за жал, не ги препознаваме гревовите, не размислуваме за гревовите, не живееме во согласност со Светото Писмо, Светото Предание, и учењето на Светите Отци, и на таков начин, полека но сигурно, тонеме, сè повеќе и повеќе во гревови. За тоа имаме голем број примери, и во Светото Писмо, и во животот на нашата Света Црква. А оние, пак, кои мислат дека ќе се покаат малку подоцна, односно дека барем уште малку ќе грешат, се во голема заблуда, бидејќи немаат никаква гаранција за тоа до кога ќе живеат.
Знаеме дека многу деца го завршиле својот живот, уште во утробите на своите мајки, убиени од мајките и татковците. Знаеме дека многу деца умреле при пораѓајот, а некои откако се родиле. Некои умираат како момчиња и девојчиња, а некои како средовечни или во длабока старост. И така, никој нема гаранција дека ќе доживее длабока старост. А оние што така мислат дека има време да се покаат, тие најмногу грешат, зашто тоа е мисла и идеја на сатаната, на ѓаволот, кој сака да нè одлачи од Бога и да умреме во гревови. Затоа е потребно веднаш да размислиме за себе и одма да побараме прошка за своите гревови. А прошка за гревовите ќе добиеме, кога длабоко ќе се покаеме за направениот грев и ќе го исповедаме кај својот духовник, од кого ќе добиеме совет како треба да се ослободиме од гревот, правејќи спротивни на направениот грев добри дела.
Во Светото Предание на Црквата, го имаме примерот на Блажениот Августин, кој сметал дека има време да се покае, за уште малку да поживее грешно, но кога разбрал дека близу ќе биде смртта, веднаш поитал и по молитвите на неговата мајка, се покајал за своите гревови, и тргнал по правиот и вистински пат, кој е Христос нашиот Бог и Спасител. Друг вистински пат, браќа и сестри, освен Христос нашиот Бог и Спасител нема!
Познатиот поет Шилер, во една драма говори за некој си Францис Мор, кој живеел грешен живот, но сметал дека за своите гревови ќе се покае во неговата старост, но толку многу гревови направил, што кога се разболел и го притиснала болеста, не можел ни да се моли, ни да бара прошка, па така непокајан умрел.
А за тоа дадени се и други примери, како оној со орлите, кои во скандинавските земји биле држани во кафези, за да не можат да летаат, но еднаш кога биле носени со некој брод, еден од тие орли сакал да полета и полетал, но бидејќи немал кондиција и искуство во летањето, паднал и се удавил во морето. Ете, така е со грешните луѓе, кои мислат дека можат да се покајат за гревовите во староста, но ако навреме не се покајат и не почнат да живеат достоен живот, во согласност со Светото писмо, Светото Предание, и учењето на Светите Отци, не ќе можат да се спасат.
Затоа, да се поучиме од Свети Јована, Пророк, Претеча и Крстител, кој ни покажал вистински пример, како треба да живееме. Свети Јован од никого не се плашел, па дури ни од царот, кого го изобличувал за тоа што ја зел жената на својот брат, за да ја покаже и посведочи вистината, бранејќи го достоинството и честа на бракот, заради што му била пресечена и неговата глава.
Овој прекрасен карактер, кој го имал Свети Јован Крстител, кој што се хранел со див мед и скакулци, нека ни биде нам пример, како треба да ги постиме постите, а не да се прејадуваме и опиваме.
Свети Јован бил облечен во влакна од камилска кожа и имал појас околу половината, а ние се облакуваме во скапоцени алишта. Господ Исус Христос, за Свети Јована рекол: „ „Што сте излегле да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветрот?“ (сп. Мат. 11, 7), или човек во меки алишта, или пророк, да и повеќе од пророк.
Ако така живеел Свети Јован Крстител, ние барем скромно да се облекуваме и да не ги трошиме парите на луксузи во облекувањето и јадењето, туку да постапуваме според примерот на Свети Јован Крстител т.е. да живееме скромно, чесно и достојно, за да ги спасиме нашите души и тела. Амин!
Честит нека е празникот и за многу години!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар