На 19.08.2022 г., кога го празнуваме Преобразувањето на Спасителот наш Господ Исус Христос на гората Тавор, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на Неговото Преосвештенство, свештено-игуменот на манастирот, Епископот Хераклејски г. Климент, протоереј-ставрофорот Никола Грамбозов, јеромонахот Јов, протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски и јероѓаконот Никита, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот посветен на „Преображението Господово“ во село Зрзе, Прилеп.
На Светата Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни, а по завршувањето на Литургијата беше осветен новиот лозов плод.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„И нам грешните да ни засветли Твојата вечна светлина“. Вака ние, браќа и сестри, пееме во тропарот на Светото Преображение.
Од денешното Свето Евангелие, слушавме дека Христос нашиот Бог и Спасител, по шест дена, а на друго место по осум дена, откако Светиот апостол Петар Го исповедал Христа за Бог и Спасител, ги зел со Себе тројцата апостоли Петар, Јаков и Јован, со кои се искачил на гората Тавор, каде потоа пред нив се Преобразил во Својата слава. Кога се преобразил, од Неговото Лице зрачела неисцрпна несоздадена светлина посилна од сончевата светлина, и од Него зрачела силна светлина, а Неговите алишта биле побели од снег. Со него биле и двајцата големи пророци, претставници од Стариот Завет, Мојсеј и Илија.
Свети апостол Петар тогаш извикал: „Господи, добро ни е да бидеме овде, ако сакаш да направиме три палатки, една за Тебе, една за Мојсеја, и една за Илија“ (сп. Мат. 17, 4). Тогаш одеднаш ги засенил облак од небото, од кој се слушнал глас т.е. гласот на Отецот: „Ова е Мојот Возљубен Син, Кој е по Мојата волја, Него послушајте Го“ (сп. Мат. 17, 5). Апостолите, не можејќи да ја поднесат таа светлина, паднале ничкум на земјата.
Во врска со овој голем настан на нашата Света Православна Црква т.е. Преображението на Христа нашиот Бог и Спасител на гората Тавор, нам ни се поставуваат неколку прашања: Зошто Христос се преобразил на гората Тавор?
Христос се Преобразил, браќа и сестри, затоа што Неговите Свети Ученици и Апостоли, кога ќе Го видат распнат на Крстот, да разберат дека Он дошол доброволно да страда заради нас и заради нашето спасение. Исто така, како што Христос се Преобразил на гората Тавор и ја покажал Својата слава како Единороден од Отецот, и ние во Царството Небесно ќе Го славиме Бога преобразени.
Светото Преображение, доаѓа од грчкиот збор Μεταμόρφωσης, што значи промена на видот и ликот т.е. промена од една состојба во друга, затоа што Христос нашиот Бог и Спасител, иако Бог по природа, по благоволението на Отецот, доброволно посакал да се понижи Себеси и да прими вид на слуга, за повторно да ја подигне паднатата наша човечка природа, која заради непослушноста на нашите прародители Адама и Ева, отпаднала од Бога и никој не можел да ја подигне, освен Синот Божји, Кој заради нас и заради нашето спасение, стана човек во сè еднаков со нас луѓето освен во гревот.
Ете, тоа е суштината на овој празник, а разговорот, кој го воделе Светите пророци Мојсеј и Илија, е уште еден доказ за книжниците, фарисеите и садукеите, кои не Го препознале Христа како вистински Бог и Спасител, туку Го очекувале Месијата како земен цар, кој требало да создаде политичка држава, која што ќе управува со целиот свет на земјата. Христос нашиот Спасител рекол: „Царството Мое, не е од овој свет“ (сп. Јован 18, 36), бидејќи Царството на Христа нашиот Бог и Спасител, е Царството Небесно.
Кога Христос нашиот Бог и Спасител, се преобразува на гората Тавор, рековме дека со Него биле двајцата големи пророци од Стариот Завет Мојсеј и Илија, едниот претставник на Законот Божји, а другиот на пророците. Мојсеј е писателот на Тората т.е. Мојсеевото Петокнижие, кој имал видение од Бога т.е. Архангелот Божји му го соопштил создавањето на светот и сè она што се однесувало на старозаветниот Еврејски избран народ, кој имал можност да Го види Бога на гората Синај, зашто Му било речено дека Господ ќе помине низ процепот на карпата и таму Мојсеј Го видел Бога од зад грбот, односно ја видел несоздадената Божја светлина, а тоа е благодатта Божја, од која се осенил, па кога слегол од гората со двете таблици на кои биле испишани Десетте Божји Заповеди, од Неговото Лице светела силна светлина, која луѓето не можеле да ја гледаат, па затоа морал да си направи покривало на лицето.
На тој начин се потврдило дека Мојсеј боговидецот, го примил Божјиот дар, божествената светлина т.е. истата онаа светлина, која ја виделе Светите апостоли Петар, Јаков и Јован на гората Тавор.
Другиот пророк, е Светиот пророк Илија, кому исто така Господ му се јавил т.е. најнапред слушнал силен ветар и бура, но Господ не бил во ветрот и бурата; потоа имало земјотрес, но и во земјотресот не бил Господ; потоа имало силен огин, но и во огинот не бил Господ, туку во едно тивко ветерче, кое почнало да дува, ете во него бил Господ. Ете, затоа на Светото Преображение, сведоци се старозаветните пророци Мојсеј и Илија, боговидците.
Браќа и сестри, овој голем и спасоносен празник, Христовото Преображение, нам ни говори за тоа дека и ние треба да се преобразиме, а нашата преобразба, е да бидеме нова твар.
Свети апостол Павле вели дека на сите им бил сè, за да придобие некого за Христа. Он вели дека треба да имаме ум Христов, а тоа значи дека ние заради нашата гревовна состојба, треба да ги очистиме нашите срца од грешните желби, похоти, страсти, чувства и дела, а потоа и да ги просветлиме нашите умови, зашто човечкиот ум потемнел, тогаш кога нашите прародители Адам и Ева ја прекршиле единствената Божја Заповед да не јадат од забранетиот плод. Па така, ние не треба да дозволуваме во нашите умови да се вселуваат греши мисли, помисли и фантазии, зашто ние тогаш правиме грев. Од устата на Спасителот наш Господа Исуса Христа е кажано дека оној, кој ќе погледне на жена со желба да ја има, тој направил прељуба во својата душа и срце.
Па така, ние од тие нешта треба да се ослободиме. А светлината, која Светите Апостоли ја виделе на гората Тавор, е всушност несоздадената светлина, која ја признава само Православната Црква, а Римокатолиците, кои се најблиску до Православието, не веруваат дека постои несоздадена светлина, која е всушност Божјата благодат, која делива во нас преку Светите Тајни, почнувајќи од Светата Тајна Крштение, потоа Миропомазание, Покајание со Исповед, Светата Тајна Маслосвет, Светата Тајна Венчание, Светата Тајна Свештенство, која ја примаат свештените лица, ѓаконите, свештениците и епископите, и конечно преку Тајната над сите Свети Тајни, Светата Тајна Евхаристија – Причесната, која ако ја примаме подготвени, тогаш во нас се вселува Самиот Син Божји, Спасителот Господ Исус Христос, Кој рекол: „Живи ќе бидат само оние, Кои го јадат Моето Тело и ја пијат Мојата Крв“.
Па така, браќа и сестри, за да го наследиме Царството Небесно, ние треба се преобразиме, а тоа значи да го промениме нашиот живот т.е. од недостојни да станеме достојни, од нечесни, чесни, од несвети, свети, а тоа го прави Божјата благодат, за која денес говориме, која се покажала при јавувањето на Троичниот Бог на гората Тавор т.е. кога Отецот од зад Облакот, Кој Го претставува Светиот Дух, рекол: „Oвој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја, Него послушајте Го“ (сп. Мат. 17, 5), а кога Христос, Синот Божји, се Преобразил, од Неговата облека заблескала силна светлина. Ете, Христос се понижил Себеси заради нас, а ние, пак, не сакаме да се понижиме за своето спасение.
Возљубени, ние наместо да се понижиме, како што вели Спасителот Христос, кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга, ние тоа не го правиме. Ние исто така не сакаме да Го љубиме Бога со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој ум, со сета своја помисла и ближниот како себеси.
Ете, тоа ни е потребно за преобразба, браќа и сестри. Ако погледнеме на другите народи, кои достоинствено си ја почитуваат својата припадност т.е. на Србите, Албанците, Бугарите, Грците, Русите, Романците и.т.н., ќе видиме дека тие си ја почитуваат својата национална припадност. А ние Македонците до каде се доведовме, бидејќи се срамиме од нашето Македонско име, кое е запишано во Свето Писмо, во Книгата над книгите, Библијата. Се доведовме да си го менуваме името, а тоа значи да се откажуваме од себе, исто како што се откажал од Бога Јуда. И Свети апостол Петар се откажал од Христа, ама се покајал, но ние не се каеме.
Во тој дух ние се срамиме од нашиот јазик, како некогаш на Бугарите што им велел нивниот преродбеник Пајсиј: „Овој народ не си го пази јазикот“. Но тие денес и нашиот јазик ни го земаа. Гледате како тие се освестиле, не само што нивниот го штитат, туку посегаат и по нашиот. Ете, од тоа треба да се ослободиме. Сè што ни припаѓа, треба да си го чуваме и пазиме, зашто секој што се откажува од својата вера, од својот јазик, од својата народност, не заслужува да биде почитуван и сигурно нема да влезе во Царството Небесно.
Па затоа, ние денеска да си спомнеме за сето она што се случило на денешниот ден т.е. на преобразбата на Христа нашиот Бог и Спасител, а тоа е Божјото Преображение, кое ние на некој начин треба да го доживееме и тука, а особено во Царството Небесно.
Ете, браќа и сестри, само така ние можеме да постигнеме вистинска преобразба, ако се откажеме од гршните желби, мисли, похоти, страсти и од сè она што е грешно и недостојно, просветлувајќи ги нашите умови со одбивање на грешните мисли, помисли и фантазии, и стремејќи се да станеме свети (обожени) како што е нашиот Отец небесен.
Возљубени браќа и сестри, Христос нашиот Бог и Спасите, да нè просветли со Неговата светлина, како што пееме во тропарот на денешниот празник, која е светлина на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
По молитвите на Сите Свети и Мајката Божја, Светата Троица, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, Господ да ни подари вистинска светлина и да нè преобрази, за и ние да станеме учесници на славата на Христа нашиот Бог и Спасител во Царството Небесно. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар