ИЗЈАВА

Ваше Високопреосвештенство, со оглед на тоа што се случуваше изминатиов период, сметам дека е добро да Ви испратам изјава од моја страна и да објаснам точно за сите дејствија од моја страна, а поврзани со настанатата ситуација после панихидата за Иван Михајлов и отворањето на истоимениот таканаречен културен центар во Битола, а ведно да побарам и прошка од Вас, како мој архиереј.

Пред околу две години, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Битола, беше закажана панихида за Иван Михајлов од страна на бугарскиот конзулат, во период кога бев дежурен свештеник во нашиот храм и од таа причина беше извршена споменатата панихида, притоа без било какви други активности од моја страна.

Оваа година, исто така, бев замолен од истите тие луѓе, при отворањето на бугарскиот културен центар во Битола, да извршам верски чин на режење на леб без да ми биде кажано дека на тој настан ќе присуствуваат и други лица од Бугарија. Подоцна, кога разбрав дека тој ќе биде јавен настан замолив верскиот чин да го направиме во најтесен круг – без медиуми и голема помпезност, но се случи поради смрт на моја блиска личност да бидам спречен во тоа, па го замолив протоерејот Оливер Ивановски да го направи тоа за што искрено му се извинувам.

Водејќи се од Христовите зборови за совршената христијанска љубов, да имаме љубов кон сите луѓе, па дури и кон оние кои нè навредуваат и нè мразат, ги извршив овие активности, под никаква директива или влијание од било кој, не мислејќи дека тоа ќе предизвика толку многу негативни последици. Искрено жалам за тие мои дејствија кои секако, после сето ова, нема да се повторат во иднина и се надевам дека ќе го примите моето големо покајание и извинување.

Моите дејствија ја докажуваат мојата искрена љубов кон мојата Татковина Македонија, кон мојот народ и мојата Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, а овие мои две непромислени и брзоплетни дејствија беа само една моја црна дамка за која жалам и посакувам да се заборави, бидејќи во иднина нема да се повтори.

Уште за време на моето студирање во Софија многупати од колеги – националисти сум имал напади, негирајќи го мојот народ, за што сум им се спротивставувал. Исто така, во 2017 год. кога на власт дојде владата на Зоран Заев и веќе се виде дека се подготвуваат договори со Бугарија и Грција за македонската историја и име, испратив изјава за мое несогласување со тие работи до собранието, владата и претседателот на Р. Македонија, кои се надевам и сега можат да се најдат во нивни архиви. Сакам тука да го споменам и моето присуство на сèмакедонскиот протест пред собранието на Р. Македонија, каде бевте присутни и Вие со Митрополитот г. Агатангел. Ова го пишувам само како еден мал доказ за моите патриотизам и љубов кон мојата Татковина Македонија, мојот македонски народ и мојата Македонска Црква.

Просејќи простување ја целивам Вашата света десница и барам Ваш архипастирски благослов.

Протоереј Зоран Димовски