На 11.12.2022 г., во Дваесет и шестата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светите Петнаесет Тиверополски свештеномаченици и споменот на Преподобниот маченик Стефан Нови, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Благој Стефановски, протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Безумнику, ноќеска ќе ти ја земат душата, а тоа што си го спечалил, на кого ќе остане?“ (сп. Лука 12, 20).
Возљубени, денес го слушнавме Светото Литургиско Евангелие, во кое Господ наш Исус Христос, говори за еден богат човек, кому нивата му родила многу жито, па затоа си рекол во себе: „Што да направам со житото, бидејќи амбарите ми се мали. Ќе ги растурам и ќе направам нови и поголеми, па во нив ќе го сместа сето жито и сите свои добра, и тогаш ќе и речам на душата моја: Душо моја, јади, пиј и весели се, зашто имаш многу добра за многу години“. А Господ на тоа му одговорил: „Безумнику, ноќеска ќе ти ја земат душата твоја, а тоа што си го спечалил, на кого ќе остане?“ (сп. Лука 12, 20).
Со оваа парабола, Господ Исус Христос сака да укаже дека ние луѓето не треба да се трудиме и да собираме богатства на земјата, каде што молецот ги гризе и рѓата ги разјадува, туку да собираме богатства на небесата, бидејќи човечката душа нема потреба од материјални богатства. Ете, овој богат човек, толку многу ја приземјил својата душа, така што посакал да има земни богатства и да натрупува што е можно повеќе богатство за себе, мислејќи дека само тука на земјата е вечниот живот, и дека тука треба да ги задоволи телесните потреби: со уживања, јадења, пиења, опивања, веселби и прослави, заборавајќи на Бога,
Постојат три нешта што го одвлекуваат нашето мислење за духовниот живот и за спасението на нашите души и тела, а тоа се: земните богатства, насладите и уживањата од овој свет.
Второто нешто што го одвлекува нашето внимание од спасението на душата, е човечкото тело, на кое доколку ние му ги удоволуваме желбите, похотите, чувствата и страстите, тогаш секако дека нема да се спасиме, и трето нешто кое нè одвлекува од духовниот живот, е кога целосно ќе се оддадеме на сатаната и неговите ангели (демоните).
Па така, човекот на некој начин станува заробеник на сладостраститето и страстното уживање во телесните похотии, желби, страсти и уживања. Исто така, човекот станува заробеник и на земното и материјално богатство, па затоа честопати на недостоен начин прибегнува кон приграбување на богатството, „зашто користољубивиот човек, како што вели Свети Јован Златоуст, ништо не сака т.е. не го сака ни небото, оти тоа не му дава злато, не го сака ни сонцето, оти зраците кои му ги испраќа не се златни. Користољубивиот човек, ништо друго не сака, освен парите, па затоа нема да ја спаси душата своја“, како што и Јуда, кој бил среброљубец, не ја спасил душата, туку заради пари т.е. триесет сребреници Го предал Христа нашиот Бог и Спасител.
Од таму и скржавоста, која е присутна кај луѓето, е страшна и опасна работа. Човекот пред сè и над сè, треба да води грижа за душата, зашто душата е поважна од телото.
Затоа и Господ во едно од блаженствата рекол: „Блажени се гладните и жедните за правда, оти тие ќе се наситат“ (сп. Мат. 5, 6). Ние треба да гладуваме и да жеднееме за правдата Божја, зашто без правдата Божја, и нашата постојана желба и глад за правдата Божја, не може со ништо да се надомести. Секако, душата нема потреба од телесна храна и телесни задоволства т.е. нема потреба од ништо што е материјално и преодно, па затоа кога веќе зборуваме за гладот што го чувствува душата, Самиот наш Спасител, Господ Исус Христос, рекол: „Кој не го јаде Моето Тело и не ја пие Мојата Крв, нема да има живот вечен“ (сп. Јован 6, 53). Што значи, жедта за Крвта Христова и гладот за Неговото Тело, се вистинската жед и вистинската глад, без кои нема спасение.
Да си спомнеме возлубени, за патувањето на Еврејскиот народ од Египет, од Мисирското ропството до Ветената Земја Палестина, во која тече мед и млеко, дека Господ не го остави Еврејскиот народ во тие четириесет години во пустината, иако во пустината немаше услови за боло каква храна. Но ете Господ, Кој го пратеше Својот народ во вид на облак, од кого слегуше небесна храна, која се именуваше со мана. Маната всушност беше Небесниот Леб, а Господ исто така им прати и препелици, со кои го хранеше Еврејскиот народ во тие четириесет години додека скитаа во пустината за да дојдат во Ветената земја Палестина, во која тече мед и млеко. Затоа и се вели дека Синот Божји, Господ Исус Христос, Кој предвечено се раѓа од Отецот, заради нас и заради нашето спасение, слезе од небесата. Небесниот Леб, слезе од небесата и се воплоти во утробата на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и стана човек, во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот, и Неговото Тело стана наша храна, а Неговата Света Крв пролеана на Крстот, наше пиење.
Па така, вистинската храна, вистинското пиење и вистинската наша наслада, е Христос нашиот Бог и Спасител.
Возљубени, да се помолиме на Господа, за Господ секогаш да биде со нас, зашто Он е нашиот Пат, Вистина и Живот (види Јован 14, 6).
По молитивите на денешните славеници, Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар