На 10.07.2022 г., во Четвртата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Свети Сампсон Странопримец и споменот на Света Јоана Мироносица, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Михаил Матвеев, протоѓаконите Драган Ѓеоргиевски и Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Великомаченик Георгиј“, во Ресен.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Навистина ви велам: ни во Израилот не најдов така силна вера (сп. Мат. 8, 10).
Вака Спастелот Господ Исус Христос одговара, браќа и сестри, откако ја слушнал верата на оној стотник или капетан во Кпернаум, кога пристапил кон Спасителот и го замолил да го излекува неговиот болен слуга, кој бил пред умирање. Тој пристапил и му рекол на Господа да го излекува неговиот слуга, а Господ му рекол дека ќе дојде во неговиот дом за да го излекува, на што стотникот му возвратил: „Господи, не сум достоен да влезеш во мојот дом; Ти кажи само еден збор и слугата мој ќе оздрави; зашто и јас сум човек подвластен, кога на војник ќе му речам; Оди! и тој оди; на другиот: Дојди! и тој доаѓа; а на слугата: Направи тоа! и тој прави” (сп. Мат. 8, 8-9).
Кога ги слушнал Господ овие зборови од стотникот, а стотник значи наредник на сто војници, рекол: „Навистина ви велам: ни во Израилот не најдов така силна вера (сп. Мат. 8, 10), како што нашол во овој стотник, браќа и сестри.
Денес ние, кога во оваа Четврта недела по Педесетница или по Духовден, ги слушнавме Литургиските Евангелија за оваа голема тајна, за ова големо чудо, што се случило кога Господ, откако ги слушнал овие зборови и искажаната силна вера во Него, му рекол на стотникот: „Оди си, и нека ти биде според верата твоја“ (сп. Мат. 8, 13), и се вели во тој час оздраве слугата негов.
Денеска, исто така, го слушнавме Евангелието и за денешните славеници, Светите Апостоли Вaртоломеј и Варнава.
Кога веќе зборуваме за ова големо чудо што го направил Господ, кога само со збор, го излекувл слугата на стотникот, се поставува прашањето, во што всушност овој човек, кој бил јазичник, односно незнабожец, а незнабожците не знаеле за вистинскиот Бог, Отецот, и Синот, и Светито Дух, исповедал таква силна вера.
Овој човек, покажал голема вера, голема љубов и голема надеж, но исто така и огромно смирение. Неговата вера се гледа, браќа и сестри, во тоа што тој ни за миг не се посомневал, дека Господ може и ќе го излекува неговиот болен слуга, кого тој многу го сакал.
Се поставува прашањето, каде е денес нашата вера, во споредба со верата на овој стотник, браќа и сестри. Ете, ние христијаните, да не зборуваме за оние што се некрстени и за другите, скоро две илјади години, во нашата библиска замја Македонија, се проповеда Словото Божјо, и ние би требало од ден на ден, од година во година, од деценија во деценија, од век ово век, да бидеме сѐ повозвишени и по ревносни христијани, но наместо тоа, ние паѓаме сѐ подолу и подолу, од нивото што го имале христијаните во првите векови на христијанството. Тогаш тие се нарекувале свети, не само по име, туку и според животот и според делата. Никој од нив не доаѓал во храмот Божји и да престојува цела Литургија, а да не се причести, зашто знаеле дека треба да се подготват со молитви кои ги читале наутро и навечер пред причест. Се што ќе било кажано од „Благословено е Царството“, па до отпустот, настојувале сѐ да слушнат, сѐ да разберат и почувствуваат, и сето тоа да го примат и доживеат во душите и во срцата нивни. На тој начин тие практично, го чувствувале предвкусот на Царството Небесно. А денеска, иако свештеникот или ѓаконот излегува со Путирот и вели: „Со страв Божји, вера и љубов пристапете“,малкумина пристапуваат да го примат Христа нашиот Бог и Спасител. Каде е нашата вера? Нашата вера не е ни приближно до верата на првите христијани.
Денеска, многумина од христјаните, не бараат помош од Бога за своите болни. Во времето на Христа, а и потоа во раните векови на христијанството, кога христијаните имале болен човек во своите домови, тие веднаш доаѓале во храмот и го барале свештеникот да се помоли над болниот, како што вели Светиот апостол Јаков (брат Господов): „Боледува ли некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни, и нека прочитат над него молитви, и ако болниот направил гревови, ќе му се простат“ (сп. Јак. 5, 14-15).
Денес, ние тоа не го правиме! Православните христијани кога имаат болен човек во домот, нека е и во рана болест и во тешка болест, не го викаат свештеникот да се помоли над болниот, односно да направи Големиот маслосвет, да го исповеда болниот и да го причести, и ако е Божја волја да оздрави, а ако не, причестен, односно соединет со Телото и Крвта на Христа нашиот Спасител, да оди на оној свет, оставајќи ги сите (свои) гревовни состојби тука на земјата. Тие велат не, не ни треба свештеник, оти ако им дошол свештеникот, болниот ќе умрел. Кажете ми, кој нема да умре? Има ли такав, денеска или било кога, што е уверен дека нема да умре, освен двајца луѓе во нашата Света Православна Црквата, а тоа се: Свети Илија и Енох, кои и тие ќе умрат кога повторно Христос ќе дојде на земјата, за да им суди а живите и на мртвите, според делата. Сите кои се родиле на земјата, еден ден ќе умрат, дури и Самиот Спасител Господ Исус Христос, како човек умрел заради нас и заради нашето спасение. Затоа нашата вера треба да биде силна и да не бараме утеха за верата каj бајачи и гатачи, и каj оние што не веруват во Бога. Ете, овој човек, не отишол каj бајачи и гатачи, на кои според каноните им следува педесет години забрана да се причестат, ако не се покајат, а ако се покајат, им е дозволено тие да побараат прошка, и според каењето да им се намалува нивната забрана за причесна најмалку до две години, бидејќи и најголемиот покајник, гатач или бајач, не може да се причести, без епитимија.
Понатаму кога зборуваме за искажаната љубов што стотникот ја покажал кон својот слуга, слушнавме како тој доаѓа и го моли Христа нашиот Бог и Спасител, да го излекува неговиот слуга. Дали и ние покажуваме таква љубов кон нашите најблиски роднини и пријатели кога ќе се разболат. Не, бидејќи многумина кога ќе паднат тешко болни, ние се молиме што побрзо да умрат и да се ослободиме, од нивните маки и страдања. Ете, тоа е проблемот со љубовта која ние ја немаме ни кон најблиските по род, а да не зборуваме за најблиските по вера. Тука е целиот проблем. А еве овој човек, за својот слуга повеќе се загрижил да биде излекуван, отколку за неговите најблиски. Овој стотник покажал голема љубов и кон евреите, иако бил многубожец, со тоа што им направил дом за молитва, односно синагога, во која тие се молеле. Еве овој човек покажал вистинска љубов, но најнапред љубовта ја покажал кон Христа нашиот Бог и Спасител, од кого побарал помош да го излекува неговиот слуга.
Овој човек, браќа и сестри, не бил без надеж. Надежта е многу силна работа, надежта се вели дека последна умирала, но тој се надева, бидејќи знаел дека Христос ќе го излекува неговиот слуга, и Христос го излекувал, само со еден збор, велејќи му: „Нека ти биде според верата, и во истиот час оздраве неговиот слуга“ (сп. Мат. 8, 13).
Исто така, браќа и сестри, овој човек, стотникот, покажал огромно смирение. Има ли поголемо смирение, од тоа што го покажал овој слуга? Тој вели: „Господи, не сум достоен да влезеш во мојот дом; затоа Ти речи само еден збор и слугата мој ќе оздрави“ (сп. Мат. 8, 8). Ете, такво смирение покажал стотникот, а ние не го велиме тоа, односно не велиме: Господи кажи само еден збор, и братми, сестрами, таткоми, мајками, пријателот и роднините ќе оздрават од болеста. Ние спротивно од тоа бараме помош кај бајачи и гатачи и кај сите други алтернативни лекари, а кај Лекарот над лекарите, кај Христа нашиот Бог и Спасител, не се обраќаме и не бараме помош од Него.
Ете, тоа е она за кое треба денес сериозно да размислуваме и да го практикуваме, односно да веруваме дека Лекарот над сите лекари е Христос нашиот Бог и Спасител, бидејќи само Он може да не излекува од духовните, душевните и телесните болести.
Смирението е прекрасна работа, и затоа ако ние покажеме силна вера и смирение, како што покажал овој стотник, тогаш оние молитви што ги читаме пред Причесната, особено втората молитва во која се вели: „Не сум достоен Господи, да влезеш под покривот на мојата душа“, а тоа значи: „Не сум достоен Господи да ја примам Причесната, односно да те примам Тебе, Твоето Свето Тело и Твојата Света Крв“. А некој кој тоа ќе го каже и длабоко ќе го почувствува во душата и срцето, дека не е достоен да го прими Христа, односно Светата Причест во себе, нека пристапи и нека се причести, бидејќи покажал смирение. Христос, браќа и сестри, им се дава само на смирените.
Колку и да е грешен човек, кога покажува смирение, тој треба да знае дека Христос, заради смирението ќе се осмели да влезе во смирениот човек, кој се чувствува недостоен да го прими Христа во својот дом, односно во својата душа.
Да си спомнеме, како Свети апостол Петар, му се обратил на Христа, кога Христос направил големо чудо со уловувањето на мноштво риби. Апостол Петар му рекол: „Оди си Господи од мене, оти сум грешен човек“ (Лука, 5, 8), или со други зборови кажано: „Не сум достоен да бидам твој ученик, оти сум грешен човек“. Заради тоа смирение и заради признавањето на неговата грешност, Свети апостол Петар, се удостоил да биде прв, заедно со Свети апостол Павле меѓу апостолите. Ете, тие се меѓу првите апостоли. А Свети апостол Павле вели: „Не сум достоен, да се наречам Христов апостол, оти ја гонев Црквата Божја, пред да станам христијанин“ (сп. 1. Кор. 15, 9). Гледате какви зборови говорат Светите Апостоли Петар и Павле. Едниот вели не е достоен, и го моли Господа да си оди он него, оти е грешен човек, а другиот вели дека не е достоен да се нарече Христов апостол, оти ја гонел Црквата Божја. Тоа е смирението што тие го покажале, браќа и сестри.
Па така, ако ние покажеме такво смирение, ако покажеме таква вера и љубов како стотникот, тогаш Господ ќе ги услиши нашите молитви, молби и прозби, кога ние му се молиме. Христос рекол: „Сè што ќе побарате од Мојот Отец со молитва, ќе добиете“ (сп. Мат. 21, 22). Ние посебно треба да се молиме на Бога на Божествената Литургија, кога на овој Свет Престол се принесува Христовата Жртва,односно благословениот Леб и благословкот Вино, кои после призивот на Светиот Дух постануваат Тело и Крв Христови, и оние кои со вера ги примаат во своите души и тела, го примаат Христа нашиот Бог и Спасител.
Да се помолиме, браќа и сестри, на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Божјите ангели и на Сите Свети, за Господ по нивните свети молитви да нè помилува и спаси нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар